Author: Balkon3

  • Супер оброк за супер почеток на денот на вашите деца

    Една од утринските недоумици на секој родител е што да им послужи за појадок на своите деца, а да биде здраво и хранливо. За тоа време, оние ранобудните, трчкаат од соба во соба, ги фрлаат играчките на сите страни и подговуваат нови мали пакости. За сите овие активности со кои почнуваат рано наутро потребно им е големо количество на енергија. Поради тоа за децата е многу важен квалитетниот оброк на самиот почеток на денот – еден од најважните предуслови за раст и развој на секое дете.

    Super start na sekoj den

    Појадокот обезбедува енергија за нормално функционирање на организмот, како и значителен дел на нутриенти кои е потребно да се внесат во текот на денот. Без оглед на тоа дали сакаме „традиционален појадок“ кој содржи сирење, јајца и месо или појадок кој се заснова на житарки, важно е во овој оброк да се вклучат разни продукти, посебно житарки и овошје. Житарките станаа популарни за појадок и тоа не без причина. Многу нутриционисти и научници по бројните студии им дадоа предност на житарките наспроти „традиционалниот појадок“. Според истражувањето кое 2013. година го објави Американското друштво за исхрана, децата кои конзумираат житарки за појадок имаат поголем внес на сложени јаглени хидрати, влакна и микронутриенти, како и на млеко и млечни производи, што води кон поголем внес на калциум и на пробиотици.

    Како добар избор за детскиот појадок се препорачува избор на разни житарки со цело зрно, како што се Nesquik житарките. Moдерната технолошка обработка на житарките се води со најновите научни сознанија и медицински препораки. Со цел обезбедување на комплексен оброк, посебно за децата, житарките за појадок честопати се збогатуваат со витамини и минерали како што се железо, витамини од Б комплексот, фолна киселина, витамин Д, како и калциум, цинк, магнезиум и други. Бидејќи недостатокот на наведените минерали и витамини може да влијае на развојот на детето, појадокјот што содржи збогатени житарки е добар избор за дополнување на исхраната на децата и адолесцентите.

    Super obrok za super start dana

    Nestlé житарките за СУПЕР појадок имаат многу богат асортиман на производи, како што се NESQUIK® COOKIE CRISP®, CHOCAPIC®, HONEY CHEERIOS®, кои се збогатени со витамин Д, калциум и железо. Тие се добар начин за придонес кон исполнувањето на дневните потреби на детето за   витамини и минерали. Сите детски Nestlé житарки за појадок содржат цело зрно како главна состојка (минимум 8g по порција од 30g). Порцијата од 30g Nestlé житарки за појадок, содржи важни хранливи материи, вклучувајќи и витамин Д и задоволува 18% од дневниот внес. Тие се прават со цело зрно од житарки како главна состојка, збогатени се со калциум и имаат прекрасен вкус.

  • Лалињата – Пролетната магија на Истанбул

    Лалињата – Пролетната магија на Истанбул

    Истанбул e град на легенда и историја. Не залудно велат, кој еднаш отишол ќе сака повторно да се врати.

    И тоа е така, затоа што Истанбул не е само Капали чаршија, Сината џамија, Аја Софија, Топкапи, Босфор. Истанбул има се и затоа измамува воздишки. Има душа за топло добредојде за странците. Ваше е да појдете, а за останатото препуштете му се на градот, тој нека ве води, бидејќи знае што да направи, знае што да ви даде, знае што да ви покаже, но пред се има што да ви понуди.

    Ако сакате да го посетите Истанбул топло ви препорачувам тоа да го сторите во месец април кога се случува Фестивалот на лалињата. Верувајте дека тогаш во вистинско светло ќе ја почувствувате пролетната магија.

    100_4282

    Првата асоцијација за лалињата е Холандија, каде денес постои најголема комерцијална култивација на лалињата. Но, нивното потекло и име се поврзува со Отоманската империја или поточно со турбаните (на турски тулбенд, муслин, газа). Турскиот збор газа, со која се мотаат турбаните, се чини дека се користел за ова цвеќе, бидејќи целосно отвореното лале потсетувало на турбан.

    Picture 077

    Најшироко прифатената сторија е таа на Огиер Гислен де Бусбек, Амбасадор на кралот Фердинанд Први во империјата на Сулејман Величенствениот во 1554 година. Тој во едно писмо истакнал дека насекаде има изобилство од цвеќиња како зумбули, нарциси и оние што на турски се викаат лале. Не е коинциденција што овој период – најраскошниот во Отоманската ера е наречен Ера на лалињата (Lale Devri).

    Picture 038

    Меѓународниот фестивал на лалето во Истанбул се одржува од 1 до 30 април. Ако во овој период се најдете во Истанбул Вие сте среќни. Во тој период сите авении, паркови, градини, кружни текови се обоени и украсени со овие пролетни цвеќиња. Посетете го Емигран паркот, еден од најголемите јавни паркови во Истанбул. Сместен на Босфорот во областа Саријер, после вториот мост на Босфорот. Овој парк поседува неколку градини со лалиња. Паркот е отворен секој ден од 7 до 22.30 часот. Посетете го паркот сместен во Топкапи сарајот, навистина има што да видите.

    Picture 085

    Нема зборови кои и најдобриот патеписец или поет може да ги искористи за да ве примами да појдете. А, впрочем и не чекајте да читате нечии туѓи зброви, посетете го Истанбул и напишете ја сами својата приказна. До тогаш уживајте во нашата фото галерија.

    [nggallery id=5]

    Текст и фото: Кристина Ангелеска

  • Здрава река носи здрав живот – Време е за акција против поплавите!

    Здрава река носи здрав живот – Време е за акција против поплавите!

    УНДП почна проект за обновување на сливот на реката Струмица – Време е да се делува сега за да се намали ризикот од поплавите и загадувањето!

    Проектот за управување на сливот со реката Струмица ќе помогне да се заштити населението од поплави и загадување.

    Екосистемот на сливот на река Струмица има клучна улога во одржувањето на социо-економската стабилност и квалитетот на живот на околу 125,000 жители од регионот. Тој обезбедува вода за населението и земјоделството и овозможува остварување на приходи за поголемиот дел од населението.

    Во изминативе две децении урбанизацијата доведе до поинтензивно земјоделство и индустриски развој. Неодржливите земјоделски практики како што се неконтролираната употреба на ѓубрива и пестициди и неефикасно наводнување на земјоделските култури, негативно влијаат врз квалитетот на водите.

    Се очекува и дека климатските промени да доведат до пораст на температурите и екстремните временски услови, со што поплавите и сушите ќе станат уште поголема закана за регионот.

    Време е да се делува сега за да се намали ризикот од поплавите и загадувањето, за целиот овој регион да стане поотпорен на заканите од климатските промени. Благодарение на финансиската поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка, ние го почнавме проектот за обновување на сливот на реката Струмица“, изјави постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Луиза Винтон.

    Со овој проект, кој се спроведува во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и со општините Радовиш, Конче, Струмица, Ново Село, Василево и Босилово, се поддржуваат првите напори на Македонија да ги воведе принципите на Европската Унија за интегрирано управување со ризикот од поплави.

    Проектот ќе работи со локалните власти на јакнење на капацитетите  за воведување на принципите на интегрално спречување и контрола на загадувањето од индустријата, како и на воведување на најмодерните принципи, технологии и инфраструктура за управување со речниот слив.

    Во рамките на проектот веќе отпочна програмата за воведување на агроеколошки мерки во земјоделското производство. По спроведување на програмата на обуки, ќе бидат избрани пилот фарми чиишто сопственици ќе бидат поддржани да спроведуваат модерни земјоделски практики. На тој начин тие ќе послужат како модел за тоа како преку контрола на употребата на агрохемикалии и вода за наводнување, може да се постигне поголем и поквалитетен принос и подобра заштита на средината.

  • Чуваат и заштитуваат: Ренџерите на паркот Езерани

    Чуваат и заштитуваат: Ренџерите на паркот Езерани

    Додека ние главно работиме преку недела и чекаме малку слободно време за да излеземе во природа, некои биле доволно среќни токму природата да им биде работното место. Во својата „канцеларија“ од 1.917 хектари, позната како парк на природата Езерани, работат Борче Лазаровски и Тони Џеповски, двајца од вкупно тројцата ренџери (заедно со Горан Стојановски) што го чуваат и го заштитуваат. Ова е приказна за нив.

    Паркот Езерани е едно од најзначајните места за птиците во Европа. На тоа мало парче земја може да се сретнат дури 42 отсто од европските видови птици. Како и секое водно живеалиште, тоа е портата меѓу копнениот и водениот свет, место каде што можат да се сретнат сите видови, и оние што пливаат, и тие што одат, а особено тие што летаат. Долги години Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) заедно со Швајцарската агенција за развој и соработка, со државните органи и со локалната самоуправа вложуваат големи напори да го заштитат ова парче. Ренџерската служба функционира веќе три години. Ренџерите се тие што ќе го застанат секој случаен минувач, не за да го избркаат, туку за да му помогнат. Ќе му укажат каде смее, а каде не смее да се движи заради заштитата на кревките екосистеми и ќе му помогнат да се снајде…

    Автори: Дарко Чекеровски и Гоце Трпковски
    Снимател: Огнен Ацевски
    Монтажа: Миле Манев
    Продукција: Балкон3

  • Што треба за еден Хостел да биде одличен? Балкон3 во Skopje Capitol City Hostel

    Што треба за еден Хостел да биде одличен? Балкон3 во Skopje Capitol City Hostel

    Што е она што прави еден Хостел да се смета за одличен? Речиси сите патници ќе речат да е добро позициониран во градот што го посетувате и секако, да е евтин.

    Но, да речеме дека ќе најдете многу хостели во Скопје што се добро позиционирани и евтини. Кои се другите критериуми кои го прават хостелот привлечен за гости? Тоа е она што не спаѓа во географија и не се купува со пари.

    skopje2 Capitol City Hostel

    Да има пријателска атмосфера, топло добредојде, љубезност на домаќинот. Патниците кои престојуваат во хостелите обично пристигнуваат изморени од долгиот пат, не го зборуваат вашиот јазик, се имаат изгубено неколку пати за да ве најдат и навистина им е драго што конечно стигнале. Затоа, ако вашиот бизнис е да обезбедите место за спиење, тогаш правете го тоа добро.

    Насмевнете се, посакајте им добредојде, немојте да го уништите нивното убаво чувство дека пристигнале, вели Горан Јанев, домаќин и сопственик на Skopje Capitol City Hostel. Нов хостел, во скопската хаселба Аеродром, само на неколку километри од центарот на градот.

    skopje1 Capitol City Hostel

    „Како човек, вљубеник во патувањата решив да отворам туристичка агенција „Года Травел“. Идејата ни е да носиме странски туристи во Македонија и на свој начин да им ја презентираме нашата земја. Стапивме во контакт со повеке странски тур оператори а отворени сме и за сите заинтересирани за соработка со туристички агенции од цел свет, вели Горан.

    Агенцијата нуди повеке тури: Nature & Rural , Visit Skopje, Emotion tour, Essences tour, Adrenalin tour… исто така организира и тури по желба на нивните гости.

    Хостелот Skopje Capitol City Hostel го отворивме со цел да бидеме постојано на располагање на нашите гости за време на нивниот престој. Хостелот нуди ноќевање со појадок. Сите соби се со прозорци и со клима. Секако има бесплатен wi-fi.

    skopje Capitol City Hostel

    „Бесплатен интернет треба да е стандард.  Педантното и брзо одговарање на мејловите е многу важно. Бидејќи патниците кои ви се јавуваат секогаш се борат за добра интернет конекција по можност бесплатна од некое кафуле, или во спротивно за краток разговор по телефон плаќаат голема сума“, вели Горан.

    Хостелот има и кабелска телевизија, бесплатен паркинг, одлична локација во центарот на општина Аеродром, на 10 метри од Капитол Мол. Пешки се стигнува за 15 минути до центарот на Скопје. Но ако не сте расположени за пешадија, пред самиот хостел има автобуска станица па можете да користите јавен транспорт.

    Посебно доживување е појадокот. „Се трудиме,  да биде нешто наше традиционално за да нашите гости запознаат и една друга димензија на Македонија“.

    Skopje Capitol City Hostel е отворен и за сите посетители кои имаат потреба да преноќат во Скопје. На безбедно место е, добро обележан, има знак на главната улица, лесно ќе го најдете.

    И.. да знаете, проверивме се што напишавме. Скопје Сити Хостел нема да ги разочара патниците. http://www.skopjecapitolcityhostel.mk/

    Дарко Чекеровски

  • ЖЕЖОК БРАН, БАРАЈТЕ СЕНКИ

    Граѓаните се снаоѓаат криејќи се од директно изложување на сонце, но сепак има и такви кои неможат да ги користат благодетите на денските сенки. Оние пак кои заминаа на одмор, дали во Грција, Турција, во Охрид или подалеку, се надеваат дека жештините нема да потраат додека се вратат. Објективот на Балкон3 ве води низ интересни ситуации на надмудрување на човекот и животните со пеколното сонце:)

    скапоценост во летните горештини
    најсвежо е околу фонтаната
    силни вентилатори ги разладуваат ретките гости во кафулињата
    детето и моќната машина заедно против жештината
    изморени и изгорени лица
    сепак, мора да се заработи нешто за денес
    демонстрација дека производот што се продава е сепак корисен
    некои сметаат подобро со помалку облека
    малото маче се крие под сенка, исплашено не погледна, го оставивме да ужива
    мирни дење, силата се чува за после зајдисонце
    не се оди ниту пак се лета по жештина
    да разладиме нозе
    да се напиеме вода
    без капа не се излегува
    за жал повеќе работа и за амбулантните коли
    во Вардар не се плива ама може на плажа под туш
    со чадор против сонцето
    никако да избегам од сонцето, пече ли пече
    и колите најдоа засолниште под сенка,само од кога овде е дозволено паркирање?
    плоштадот е празен
    новата фонтана единствен регулатор на пеколната жештина во центарот
    ги нема пензионерите кои уживаат на овие клупи во вечерните часови
    дуќанџиите на турската чаршија се разладуваат со црево
    на плус 40 инаку добропосетените кафулиња се празни

    Текст: Д.Ч.

    Фото: Х.Г.

  • Парче демократија за сите – DOCPIE

    Здружението Граѓански Центар за Оддржлив Развој ЕГРИ од Крива Паланка е едно од ретките граѓански асоцијации од руралните македонски општини, кои активно се вклучени во интернационални активности – вмрежувања, партнерства и во имплементација на проекти финансирани од различни европски фондации.

    evropa za gragjanite2

    Во рамките на ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија-Бугарија, во партнерство со Фондацијата СТРАТОС од Белица го имплементираше проектот „Интегриран развој на човечките ресурси во прекуграничниот регион Македонија и Бугарија“ (12.2013- 12.2014), во кој беше извршено истражување на образовните прилики во регионот, можностите и условите за студирање во регионот, мобилност на населението за образование и барање на работа, итн. Проектот резултираше со креирање на Стратегија за развој на човечките ресурси во прекуграничниот регион и промоција на е-платформа за активните баратели на работа.

    Во Програмата Млади во акција (12.2013 – 07.2014) беше имплементиран проектот „Руралните млади ја обединуваат Европа“, во рамките на кој Здружението ЕГРИ и Крива Паланка беа успешни домаќини на тренинг сесијата, на која учествуваа преку 30 претставници од 15 различни европски држави.

    Во рамките на програмата Европа за граѓаните. Здружението ЕГРИ е партнер на мрежата од 14 различни субјекти од европски држави во имплементација на проектот „Democratic ownership and Civil Participation in Europe„ .

    evropa za gragjanite3

    Проектот се финансира во рамките на програмата Европа за граѓаните. Носител на проектот е словенечкото здружение Друштво за рурален развој ЛАЗ од Шмартно при Литија, а партнери се – Здружение за развој на спорт, туризам и култура – ASCT Turia Bálványos од Романија, Општина Кистарча/Унгарија, Унгарско културно уметничко друштво „Arany János” од Копачево/Хрватска, Gmina Radomyśl nad Sanem/ Полска, Институт за регионален развој Новохрад/Словачка, Jugend- & Kulturprojekt e.V. / Дрезден, Германија , Општина Бачка Топола/Србија, Оmilos Unesco Serron Ellados Serres/ Серес, Грција, Општина Серес/Грција, Општина Велико Трново/Бугарија, Општина Верона/Италија, СRDLS/Албанија, Универзитет за економија и технологија Будимпешта/ Унгарија и Здружението Граѓански Центар за Оддржлив Развој ЕГРИ од Крива Паланка.

    Првиот настан “ВОЛОНТЕРСКА АКАДЕМИЈА” на DOCPIE проектот се оддржа во Дрезден, Германија во периодот од 8 до 10 мај организиран од германскиот партнер Jugend-& Kulturprojekt e.V. “ВОЛОНТЕРСКАТА АКАДЕМИЈА” – состанокот кој коинцидираше со неделата на Европската Унија 2015 и претставниците на останатите 14 партнери од проектот DOCPIE project имаше презентации, работилници и дискусии на тема на волонтеризмот како иницијатива на ЕУ што поттикнува активено Европско граѓанство ицивилен ангажман.

    На почетокот на настанот, се оддржа состанок на проектниот управувачки комитет на кој се дискутираше за прогресот на проектот DOCPIE, и задачите на секој од партнерите. Централен момент на настанот беше и саемот во Дрезден насловен како “СЛЕДЕН ЧЕКОР”, каде локалните жители, особено младите луѓе од Дрезден и поширокиот Саксонски регион беа поканети да бидат информирани за волонтерството во локалните, регионалните и националните организации што нудат младинска партиципација и граѓански ангажман.

  • Патување со велосипед од Македонија до Истанбул

    И без автомобил или авион, патот Македонија – Турција не е пречка

    goce5_balkon3

    Тој е страствен вљубеник во спортот на две тркала. За Гоце Шутевски од с.Русиново, Беровско (Република Македонија) не е важно каква марка е велосипедот. Само му треба идеја и слободно време за да тргне на своето наредно патување. Речиси секогаш сам вози велосипед, без разлика дали се тоа стотина или неколку илјадници километри. Нема планина, езерце во Македонија што не го свртел.

    Неодамна си оствари една од своите поголеми желби – мерак му беше со велосипед да стигне до Истанбул! Помина околу 750 км од родното место, па преку Бугарија стигна во турската културна престолнина.

    goce1_balkon3

    -Стигнав во голема метропола, многу голема во моите очи. Многу одамна сакав да го видам Истанбул оти слушав дека е убав и шарен и сега ми се укажа шанса. Не беше лесно, ама вредеше. Можев да одам и со автобус, ама јас не се двојам од мојот велосипед. Имам другарка што живее таму и одамна сакав да ја посетам. Патешествието ми беше напорно, на моменти и опасно кога ја поминував планината Рила во Бугарија. Два пати ја искачив Рила, стигнав до Рилскиот манастир каде што преспав. Луѓето таму ме пречекаа , ме бодреа, велејќи дека сум заминал на храбро патување – вели Гоце.

    goce_balkon3

    Велосипедот за Гоце е најдоброто превозно средство. Својата мисија ја оствари за 19 дена. Временските прилики не биле цело време наклонети, возел и на дожд, а од цела маршрута поради силниот дожд, поминал некои 50-ина километри и со воз.

    – Кога стигнав во Турција, беше многу топло, а јас морав да се движам. Низ цела Турција немаше дрво по патот, ниту пак чешма – раскажува Гоце, кој патувањето го реализираше во август, кога сонцето силно пече, а замислете плус да возите и велосипед.

    goce2_balkon3

    Но, сета мака ја заборавил кога влегол во Истанбул.

    -Не се опишува возбудата што ја доживеав кога влегов во градот. жал ми е што пред да тргнам ми се расипа фотоапаратот и не можев да направам убави фотографии со телефонот. Но, спомените си ги носам со себе.Турски јазик не знам, англиски едвај, но се снајдов некако. Ако е градот голем, јас се чувствував поголем од него што сум успеал да стигнам – вели Шутевски, кој ни објасни дека за ниедно патување со велосипед не се подготвува специјално.

    Во Истанбул останал четири дена. Импресиониран е од добрата организација на градот, кој иако е метропола со 13 милиони жители, му се видел многу едноставен за снаоѓање и движење низ него. Се разбира дека со својот велосипед го прошетал, а многу му се бендисала и храната, која му била многу слична со македонската.

    galata3_balkon3

    -Истанбул е буден 24 часа. Можеш се да си купиш дури и велосипед во 3 часот наутро – вели Шутевски.

    Го бендисала и турската кујна, но повеќе се фокусирал на чорби и јадења без месо. Убаво го прошетал градот и со тури на брод, одејќи и во европскиот и во азискиот дел на Истанбул.

    Освен договорениот престој во Истанбул, Гоце немал никаде организирано сместување по пат, главно спиел во шатор. Вели, нареден таков велосипедски предизвик ќе му биде посета на земјите на поранешна Југославија и тоа подетаљно да ги види секоја од нив.

    Патувањето до Истанбул не му е прво поголемо велосиспедско патување на Шутевски. Во 2012 година, тој реализира голема турнеја низ централна Европа кога за 50 дена помина дури 6000 километри.

    Сребра Ѓорѓиевска

  • Големите мајстори на пивото открија галерија на големите сликарски мајстори

    „Уметност и пиво“ – Уникатна изложба на Пивара Скопје Pivara Skopje_Umetsnost & pivo_balkon3_FOTO 6

    Исто како и прапочетоците на сликарството, првите пештерски цртежи, уметноста на правење на пиво е еден од најстарите напори на човекот. Пивото се прави од четири состојки: вода, јачмен, хмељ и квасец. И одовде натаму се е уметност. Седум илјади години се прават обиди тие основни состојки да се претворат, да му дадат живот на нешто што има уникатен вкус, мирис, боја и е достапно до секого. А тајната на доброто пиво, и покрај едноставноста на состојките,  зависи од оригиналниот рецепт и од уметничките вештини на пивските мајстори. Исто како и во сликарската уметност, од неколку основни бои да се насликаат живи и оригинални уметнички дела  кои будат емоции, ве оставаат без здив. Тука лежи оригиналниот спој на уметноста на правењето пиво и сликарството.

    PS_Umetnost & Pivo_balkon3_FOTO 8

    За првпат во јавноста деновиве е презентирана дел од колекцијата на Пивара Скопје на ликовни дела од најреномираните македонски сликари од XX век, дополнета со уметнички приказ на автентичната и возбудлива приказна за правење пиво и онаа на Пивара Скопје, длабоко врежана во животот на нашата заедница . Како сведоштво на 90-годишното наследство, Пивара Скопје направи оригинален спој помеѓу најпознатите претставници на современата ликовната уметност од Македонија и уметноста на правење пиво.  Поставката содржи 30-тина оригинални уметнички дела потпишани од автори како Личеноски, Мартиноски, Мазев, Наумовски, Чемерски, Корубин и други. Истата претставува само дел од една од најголемите приватни уметнички колекции во земјава, која брои 116 слики.

    Pivara Skopje_Umetnost & pivo_balkon3_FOTO

    „Задоволни сме и горди што имаме можност со јавноста да ја споделиме страста на луѓето во Пивара Скопје кон уметноста. Таа јасно се гледа преку желбата да се собере можеби највредната колекција на уметнички дела од еминентни македонски сликари, како и во секојдневната посветност да се произведе и да се понуди совршено освежување со најдобрите пива. Покажуваме дека Пивара Скопје поседува чувство и работи на зачувување на вистинските вредности значајни за заедницата на која ú припаѓа“, реле на отворањето на галеријата генералниот директор на Пивара Скопје, Александар Ружевиќ, на отворањето на овој оригинален проект наречен „Уметност и пиво“.

    првата гајба „скопско“ 1924 година
    првата гајба „скопско“ 1924 година

    „Се работи за навистина импозантен приказ на творештвото на втемелувачите на современата македонска ликовна уметност, како и на најреномираните претставници на средната генерација академски сликари од Македонија. Овие дела имаат бесценета уметничка вредност и огромно значење за нашето културно наследство, што дава посебна тежина на грижата на една компанија, како Пивара Скопје, и на нејзиниот напор да ја препознае оваа вредност и  да вложи во нејзиното зачувување и афирмација“, рече Мирјана Талеска, кустос советник во Националната галерија на Македонија.

    Во изложбата од препознатливи македонски пејзажи и богати колорити на делата од големите мајстори, совршено се вклопени и артефактите кои сведочат за деветдецениската историја на Пивара Скопје, како и иновативен приказ на правењето пиво како оригинална уметност и култура на живеење.

    Umetnost & Pivo_balkon3_FOTO_Hmelj

    „Пивара Скопје исто така креира уметност. Уметноста на правење пиво е во срцето на нашето постоење“, вели Кирчо Стојанов – менаџер за производство на пиво во Пивара Скопје. „Исто како и големите сликарски мајстори, суштината на уметноста на правење пиво лежи во начинот на кој ќе ја ставиме во функција природата и нејзините убавини, употребувајќи го целокупното наше знаење и вештини. Во нашиот занает тоа значи да се пронајде совршената комбинација на четирите природни состојки кои му даваат живот на најдоброто пиво – водата, јачменот, хмељот и квасецот“, додава Стојанов, еден од најискусните пивски мајстори не само во земјава, туку и пошироко.

    сите пива на „скопско“
    сите пива на „скопско“

    „Порта Македонија“ ќе биде домаќин на изложбата „Уметност и пиво“ на Пивара Скопје за сите заинтересирани посетители во перидот од 10-ти јуни до 10-ти јули оваа година.

    Д.Ч.

  • Интервју со Боубакар Траоре – Свирам блуз за своја душа

    Бубакар Траоре е еден од најпознатите блуз музичари ветерани од Мали чија кариера осцилирала од издигнување во најпопуларниот музичар во земјата па се до негова целосна опскурност и заборав.

    boubacar_traore_balkon3

    Познат како „Кар Кар“ или „дриблерот“, неговата кариера повторно се издигнала од заборав за во последните 30 години да направи силна интернационална кариера со својот автентичен африкански блуз. За него се карактеристични повторливите, мелодични фрази карактеристични за руралната музика во Мали, кои го носат неговиот глас обоени со карактеристичните фразирања на американските блузери. Придружен од усна хармоника (а понекогаш и од хармоника) и перкусии кои даваат деликатен пулс на музиката, Бубакар раскажува свои приказни со својот карактеристичен глас. На неговиот емотивен настап на фестивалот ОФФест во Скопје му претходеше документарниот филм за овој легендарен музичар, „Ќе пеам за тебе“, кој ја раскажа неговата животна приказна.

    Во Мали има голем број музичари и бендови, а многумина од нив направија и големи кариери на западот. Што е тоа што ја прави музиката од Мали толку популарна во светот?

    Мене ми е многу драго што луѓето ширум светот ја слушаат музиката од Мали. Сите ние ја свириме и опејуваме нашата реалност. Тоа е вкоренето во нашата традиција и е дел од сегашноста. Луѓето ја слушаат нашата реалност во нашите песни и реагираат на тоа.

     

    Музиката во Мали е многу разновидна и богата. Навистина, земјата изобилува со музичари кои се многу популарни и признати во западниот свет. На што се должи таа разновидност?

    Во Мали има неколку региони и многу племиња. Секое племе или народ си има свој јазик и обичаи кои се сосема различни едни од други. Тоа што ги поврзува овие луѓе е музиката и таа ги спојува сите. Мојата музика е лесно препознатлива и сакам кога ќе ја чујат луѓето да им стане јасно чија e. На северот таа е лесно препознатлива.

    Што е тоа што ја прави вашата музика поинаква од останатите во Мали?

    Во Мали многу се води сметка за уметноста. Таму има многу музичари и музика.

    Меѓутоа јас сум поинаков и мојата музика е поинаква. Јас свирам блуз, чисто за себе и своја душа. Се пронаоѓам себеси во оваа музика. Голема инспирација наоѓам во музиката од ’70 и ’80, каде што доминира гитарата. Една од главните инспирации е и инструментот кора (африканска харфа) која има 21 жица. За разлика од неа, гитарата има 4 жици. Толку многу емоции внесувам во свирењето гитара што потсетува на тоа како четворица истовремено да свират на гитара. По тоа сум познат во Мали, како човекот кој свири на гитара како на харфа.

    boubacar_traore2_balkon3Како го добивте прекарот Кар Кар?

    Во моето село имаше фудбалер кој опасно дриблаше и го викаа Кар Кар. Кога почнав да играм и јас фудбал, и мене ми го дадоа тој прекар: Кар Кар или дриблер. Меѓутоа, ја повредив десната нога и морав да престанам. Денеска дриблањето лесно можете да го најдете во мојата музика, кога дриблам со мелодиите.

    Додека настапувате со бендот вашето играње и движење потсетуваше на фудбалското дриблање.

    Така е, јас на истиот начин и свирам и играм.

    Каква е ситуацијата во Мали во однос на периодот кога милитантите на Ал Каеда ја нападнаа оваа држаа пред некоја година? Милитантите посебно таргетирале музичари и музички инструменти.

    Сега ситуацијата таму е мирна. Меѓутоа, тоа што се случи во Мали се случува секаде. На новото издание имам песна на оваа тема. Ваков немир и хаос не се случува само во Мали туку ширум светот. Насекаде има проблеми и лоши работи. Насекаде има војни и состојбата е ужасна.

    Во една ваша песна од пред 30 години пеете „светот не се променил туку луѓето се промениле“. Дали нешто се променило од тогаш?

    Ден-денес верувам во тоа дека светот не се сменил туку дека луѓето станале полоши. Луѓето меѓусебно многу лошо се разбираат. Ние се менуваме, но на лошо. Сонцето секогаш ќе изгрева на исток и ќе заоѓа на запад, но ние и понатаму ќе се менуваме. Лично за мене работите не се промениле многу. Тогаш правев музика и сега го правам истото. Тогаш музичарите правеа музика, а денес прават пари. Тоа што сум познат во Европа е поради тоа што тогаш правев музика.

    Неодамна го издадовте албумот Mbalimaou. Какви се реакциите?

    Добив многу пофални пораки од сите страни на светот, особено од Канада и Америка, со позитивни реакции и кон крајот на годинава ќе одам на турнеја таму. Во овој период настапувам во Англија и Италија, каде што свирам песни од овој албум. Тој излезе многу скоро – пред 4 месеци и реакциите се многу добри.

    boubacar_traore1_balkon3

    На новото издание гостува и музичарот на кора Балаке Сисоко.

    Сисоко го познавам многу одамна но дури пред една година се одлучивме да работиме заедно. На ова издание сакав да имам кора и го одбрав него.

    Како гледате на вашето прво издание Мариам?

    Тоа издание беше тоа што ме лансираше повторно меѓу ѕвездите. Албумот беше откриен во Англија и благодарение на него сега имам интернационална кариера. Таа песна се уште ја изведувам на концертите и се уште многу и се допаѓа на луѓето.

    Според вас, каква е сличноста помеѓу американскиот блуз и вашиот блуз од Мали?

    Блузот е блуз, а џезот си е џез. Ритмите се можеби различни, но музиката и емоциите се исти.

    Ненад Георгиевски

    Фото: Татјана Ранташа