Author: Balkon3

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: Корупција на мало

    ДА ТИ НАЦРТАМ: Корупција на мало

    Братучетката успеала да се вработи преку партијата, а нема поим од работата што треба да ја врши. Браво, секоја чест! Ама – кога следниот пат ќе загубите цел ден, две третини од нервите, а и некоја пара на шалтерите и низ ходниците на државните служби, тоа е зашто зад вратите седат нејзините колеги, вработени на ист начин.

    Имам една пријателка што постојано се вози со службеното возило, од работа си носи хартија за печатење и се што може да искористи. Браво, секоја чест! Ама – ако нема ќебе во болницата, парите отишле за бензинот и на пријателката.

    Школскиот другар го исчистил целиот подрум. Но не ги чекал комуналните служби. Се снашол и најмил некој со камионче да му го исфрли ѓубрето во реката, за неколку стотки. Браво, секоја чест! Но следната есен, купи си вреќи со песок или кофи за црпење вода, ако затрупаната река се излее.

    Ситната корупција не е проблем само поради директните штети што ги нанесува. Многу поголем проблем е што таа ја поттикнува културата на корупција. Поттикнува општество во кое не е важно дали се почитуваат правилата што се добри за сите, туку секој се обидува да искористи колку што може. Со таквата свест, борбата против крупната корупција е речиси невозможна, а државниот систем се повеќе ќе тоне.

     

  • Градење на акциска мрежа за урбана отпорност во Југоисточна Европа

    Хрватски експерти за унапредување на соработката на ниво на градови и општини за да се зајакне знаењето за урбаните ризици им помагаат на македонските колеги во запознавање и справување со ризикот од природни катастрофи.

    Проектот се спроведува во рамки на „Градење на акциска мрежа за урбана отпорност во Југоисточна Европа“, кој е заеднички проект на ЕУ и Програмата за развој на ОН (УНДП), финансиран од Програмата за цивилна заштита и хуманитарна помош (DG ECHO) во земјите на Југоисточна Европа.

    -Хрватскиот модел може да биде од големо значење. Ние одржавме десетина консултативни конференции и заклучивме дека овој начин на соработка е најдобар. Пристапивме кон институционализирање на локалните Координативни совети кои од неформални станаа формални тела и се мост меѓу државните институции и локалната средина, објасни хрватскиот експерт Маријан Вунтаќ.

    Додаде дека на овој начин освен што се поорганизирани и многу поефикасни во координација на локалното население во случај на некаква природна непогода или катастрофа, истовремено може ефикасно да ги користат финансиските средства од инструментите кои ги нуди Европската унија.

    Тоа беше и целта на првиот состанок, што се одржа во Струмица, запознавање со проектот и искуството од Хрватска во намалување на ризикот од природни катастрофи преку Платформата на хрватските жупании и градови.

    Од Центарот за развој на југоситочниот плански регион велат дека оваа акциска мрежа, освен во Македонија, се спроведува и во Србија, Косово, БИХ, Црна Гора, Хрватска и Албанија.

    -Проектот ќе се реализира во наредните 24 месеци за кој се обезбедени 577 илјади евра. Акциската мрежа треба да создаде ефикасен систем за заштита од катастрофи за да се заштитат луѓето, животната средина и имотот на населението, рече Жулиета Ѓуркова, директорка на Центарот.

    Освен хрватските експерти, на овој настан присуствуваа и претставниците од националните агенции од системот за управување со намалувањето на ризици од катастрофи, нивните локални центри, како и претставници на единиците на локалните самоуправи од регионот, и тела кои работат на намалување на ризикот од катасрофи.

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: ПАРТИЈАТА

    ДА ТИ НАЦРТАМ: ПАРТИЈАТА

    Партијата не е верска заедница. Партијата не е агенција за вработување. Партијата не е државата. Поимот политичка партија во Македонија е синоним за многу нешта, но не и за демократија. Не смее лепењето партиски плакати да е единствениот критериум за добивање работно место и привилегии во државните институции. Не случајно, партиите во Македонија се организации во кои граѓаните имаат најмалку доверба. Еве накратко што значи Партијата за сите што заборавиле дека таа е доброволна организација, а контрапротести и водење списоци за учество на протести не е дозволиво.

    Партијата треба да биде организација каде што се разменуваат и спротивставуваат идеи, со цел да се дојде до најдобрите политики за најголемиот дел од граѓаните.

    Ова е верска заедница, ова е агенција за вработување, а ова е политичка партија. Тие не се исти. Во современото демократско општество секоја од нив си ја извршува својата улога. Но ниту една не може да се меша со другите.

    По 26 години плурализам, поимот политичка партија во Македонија е синоним за многу нешта. Но не и за демократија. Партиите се организации во кои граѓаните имаат најмалку доверба*.

    Каде грешиме со партиите? Постои Закон за политички партии, кој уште во членот 2 дава дефиниција што е тоа политичка партија. Тоа е доброволна организација на граѓани, формирана за остварување и заштита на политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања и заради учество во процесот на донесување на политички одлуки при учество во власта.

    Но да одиме по ред. Прво, тоа е доброволна организација. Ова значи дека се што еден член прави во партијата мора да биде доброволно. Чувањето членови на закачалка што можат во секој момент да бидат употребени за митинг или за контрапротест – не е дозволиво. Водењето списоци за присуство на спонтани настани – не е дозволиво. Чекањето упатство за да се напише „свое мислење“ на интернет  – не е дозволиво.  И не, не се важи ако некој рече дека исполнува наредби, ама доброволно.

    Друга особина на партијата е дека таа служи за остварување економски и социјални права. Ова не треба да се сфати премногу лично. Добивањето работно место како „награда“ или „надомест“ за служењето во партијата не е остварување економско и социјално право. Тоа е стекнување нефер привилегија, или злоупотреба. Како што веќе заклучивме, лепењето плакати и веењето знамиња на митинзи е доброволно. Не следува ништо за возврат. Освен, можеби, економски и социјални права што партијата ги застапува, но кои би важеле еднакво за сите.

    И најважно, партијата служи за донесување политички одлуки. Таа не си служи самата на себе, и не постои заради себе.Особено не служи за обожување. Ниту партијата е религија, ниту лидерот е светец, ниту партискиот амблем е икона или свето писмо. Затоа, нема потреба од нив да се прават олтари во домовите, да се носат на себе како накит, особено кога нема изборна кампања, или да се учат напамет светите партиски зборови.

    Кога кон партијата ќе се развие култ, таа веќе не е политичка организација и повеќе личи на верска. Членот 19 од македонскиот Устав вели – за таквите нема место во политиката и во државните работи.

    Политичките партии се непрофитни организации. Така вели членот 9 од Законот. Кога партијата служи за преку неа да се добие незаслужена корист од државните институции, таа се претвора од политичка во измамничка организација. На таквите им се посветени повеќе членови од Кривичниот законик, а не од Законот за политички партии.

    А кога партиската припадност значи дека човекот и припаѓа на партијата, како нејзина приватна сопственост, и зависи од неа за да се прехрани себеси и семејството, тоа е сериозно прекршување на човековите права. Би можело да се толкува и каковоспоставување ропски однос. Што е кривично дело, за кое споредчленот 418 од Кривичниот законик се предвидува затвор до 10 години.

    Партиите се многу важни организации во демократското општество. Затоа секогаш треба да останат тоа што се по дефиниција: групи на слободни граѓани со слични или со исти политички убедувања, што доброволно влегуваат во натпревар со други партии, во обид да добијат што поголема поддршка за остварување на своите идеи и планови за државата.

     

    *анкета на МЦМС: Доверба во луѓето и институциите (2013)

  • Nestlé житарки: Секој ден подобар појадок

    Nestlé житарките го подобруваат појадокот со секој нов ден. Затоа, целото зрно е состојка број 1 за Nestlé житарките, во секоја Fitness снегулка, во секое Honey Cheerios кругче и во секое Nesquik топче, а гаранцијата за цело зрно е штиклираната ознака на врвот на секое пакување.

    Cereal-Story-slika1-MK-a

    Не само што имаат прекрасен вкус, туку сите Nestlé житарки за појадок се направени со додаток на витамини и минерали, па затоа се идеален избор за појадок како дел од избалансираната исхрана.

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: Кога власта почнува да ја губи легитимноста?

    ДА ТИ НАЦРТАМ: Кога власта почнува да ја губи легитимноста?

    Кога власта почнува да ја губи легитимноста? Тогаш кога самата веќе не игра според правилата на системот. Кога партијата на власт почнува да мами и да не води сметка за интересите на поголем број граѓани. Кога кон една група луѓе се однесува на еден начин, а кон друга на поинаков. Тоа однесување на крајот создава длабока криза во општеството предизвикана од разнишаните правни, економски и морални темели, а национализмот станува последното упориште на власта…

  • Турски чај

    Турски чај

    Два чајника, еден врз друг, два грста цејлонски чај, црн, од жолта кутија – со канаринец – и барем еден-двајца пријатели. Доволно елементи за пријатен муабет и дружење! Другото ќе го направи чајот!

    Турски, руски, цејлонски, црн.. Наречете го како што сакате! Сигурно се разбираме.. Чајот во мали стаклени чавчиња, црвенкасто-кафена боја – јакиот – како што го нарекуваат некои, велејќи дека треба да внимаваме кога го пиеме, зашто, ако испиеш повеќе од два-три – отиде притисокот над 140. Но, и тоа се митови, како што ќе ви објасни секој што имал подолгорочно искуство со чајот од два чајника. Ако не сте го пробале досега, срам да ви е! Веднаш појдете во најблиската чајџилница или –  побарате ги пријателите Турци, Албанци, Бошњаци.. и, замолете ги да ви објаснат што сте пропуштиле да пробате!

    ПРЕТКАФЕ

    Независно кој како го нарекува, дали за Албанците е – руски, за Турците само – чај, за Македонците – турски – неколку работи се заеднички за чајот од два чајника, независно кој каде го приготвува и од каде потекнува мастрафот. И Турците и Албанците и Бошњаците го подготвуваат од растението тхеа синенсис или цамеллиа синенсис, а  различен од другите чаеви го прави начинот на подготвување. “Тоа е дел од нашата култура, од нашата традиција.. си пиеме чај дома.. во чајџилница, пред куќа, на излет – секое место е згодоно место за чај. Чајот е дружење, дел од секојдневниот живот”, ќе ви рече секој што ќе го прашате, како што ни рекоа првите луѓе што ги сретнавме во една од чајџилниците во скопската Стара чаршија.

    Сакајќи да откриеме колку што можеме повеќе за турскиот чај, се договоривме во нашата обиколка на чаршијата да ги повикаме колегите Бесник Шуки и Хусамедин Гина, сакајќи преку нив и преку нивните пријатели од чаршијата да откриеме колку што можеме повеќе за традицијата на пиење чај кај Албанците и кај Турците и кај муслиманското население во Македонија воопшто.

    Разговорот го почнавме со еден од другарите на Бесник од детството, кој израснал во чаршијата и испил илјадници чашки чај во животот.

    “Денес има многу чајџилници, па еве и јас отворив од неодамна чајџилница. Порано, во време на бивша Југославија, ја имавме само некогашна Слога, кај влезот Чифте амам. Луѓето одеа таму, се пиеше чај и се играше томбола. Приватните чајџилници почнаа да се отвараат од 1987-88 година. Времето се менува, ама не се менува навиката да се се пие чај”, ни рече првиот соговорник.

    Како што научивме од нашите пријатели, секоја турска или албанска фамилија најмалку два пати во денот си прави чај дома и за нив е речиси незамисливо да почне денот без чај. “Чајот е задолжителен дел од појадокот во секоја турска куќа. Денот не може да почне без чај”, ни рече Хусамедин, потсетувајќи дека на тоа упатува и турскиот збор за појадок, кахвалтı, кој значи преткафе – нешто што треба да направи подлога за утринското кафе.

    Сакајќи да го провериме тоа, направивме мала анкета. Сите што беа околу, без исклучок, рекоа дека во нивните семејства, секојдневно се прави чај. “Има куќи во кои чајот врие 24 часа на ден”, ни рече Бесник.

    ЗАВИСНИ ОД ЧАЈ

    Разговорот со Бесник го свртевме на темата колку чајот што го пиевме е добар или лош за здравјето, како што сме слушале како почетници, кога поискусните сакале да не воведат во непознатото задоволство, велејќи дека треба да внимаваме, да не ни се слоши од многу чај.

    “Ако се пие со мерка – добар е! Но, ако претераш, ова е исто како дрога! Јас знам луѓе, имам другари, што се зависни од чај. Тој ако не испие 10 – 15 – 20 чаја дневно, се тресе цел ден! Ако немаш мерка, ова е полошо од дрога! Да пиеш два-три е друго! Има луѓе, прават чај во 8 наутро, кога ќе почнат, пијат до 10 – 11 навечер”, ни раскажа.

    Решивме да продолжиме во некоја друга чајџилница, накај турските, над улицата на јорганџиите. Веднаш зад аголот не чекаше пријатно изненадување, како нарачано за добра фото-илустрација за тоа колку е чајот дел од животот на муслиманското население. Пред нас беа три-четворица дуќанџии, кои застанале да се напијат чај пред дуќаните, на сред улица, далдисани во срдечен муабет. Решивме да им се обратиме, да го споделат со нас нивното искуство.

    “Ако се пие со мерка, чајот е добар!  Ако пиете како нас, што претеруваме, не чини. Има разни чајџии. Некој пие по 10-12 во денот, некој помалку, некој повеќе.. некој пие виски, ние пиеме чај! Убаво е со чај. Со чај секогаш паѓа убав муабет. Ќе размениш нешто”, ни рекоа најкомуникативните од нив, велејќи дека пиењето чај пред дуќан е честа ситуација во чаршијата.

    ЛЕК ЗА ГЛАВОБОЛКА Во следната чајџилница, во близина на Куршумли ан, научивме дека иако чајот е дел од животот на Турците, Албанците, Бошњаците.. во сите делови на Македонија, сепак, чајџилници најмногу има во Скопје, во Куманово, и во Тетово, а добар чај може да се најде само кај добрите мајстори. 

    “И ова си има мајсторија! Не се прави чај туку-така”, ни рече следниот домаќин. Од него го побаравме рецептот за правење чај во два чајника. “Најпрвин во долниот чајник ставаш вода, а во горниот ставаш само чај, сув. Ги ставаш на шпорет и ги оставаш додека да зоврие водата. Откако ќе зоврие водата, дел од водата од долниот чајник претураш во горниот, за да се попари чајот. Долниот чајник се дополнува со вода и повторно ги ставаш чајниците на шпорет, и се оставаат 10-15 минути на потивок оган. По 15-20 минути, чајот е подготвен за пиење”, ни рече.

    Прашувајќи за квалитетот, дознавме и нешто за табиетите на муштериите. Домаќините ни рекоа дека чајот е подобар кога се пие свеж и дека не чини да се остава да стои повеќе од два-три часа. Ако стоел многу, веќе го губи шмекот и станува потежок за желудникот. “Има луѓе што не пијат чај во чајџилница. Дома можеби пијат и по 15, ама во чајџилница – не пијат! Други, не сакаат оладен чај. Тие сакаат да го пијат и – да им гори душата. Некои се навикнати да пијат тежок чај – не прашуваат ни за здравје, ни за висок притисок. Имам другар – тој е навикнат да пие темен, катран! Овој чај, што го пиеме, за него е вода! Ќе ми се налути да му дадам ваков!”, ни рече Бесник.

    Муабетот за крвниот притисок и за главоболките не потсети дека е време да привршуваме со нашата екскурзија низ чајџилниците. Зад нас веќе имавме по 5-6 чаја, па не сакавме повеќе да ризикуваме – немавме тренинг. Но, искусните чајџии што беа со нас ни рекоа да не се грижиме многу-многу.

    “Ако имаш низок притисок, да пиеш појак чај, без шеќер – ќе ти се нормализира! А, помага и за главоболка. Еднаш ми се случи – патував цел ден од Скопје за Турција – главата ме скина од болка. Кога стигнав во Истанбул, испив два чаја кај тетка ми, главата веднаш ми помина! Нема штета во чајот, само треба да си ја знаете мерката и да имате тренинг. Ние немаме гајле”, ни рекоа пријателите на нашите пријатели. За крај уште ни остана да прошетаме и да ги видиме некогаш култните чајџилници, од времето кога чаршијата беше полна со млади, кога беше собиралиште на рокери и уметници. Се потсетивме каде беа некогашна Аксарај, се’ уште активната Галерија 7.., чајџилницата Румели каде што и ден денес постарите Турци одат да гледаат фудбалски натпревари од турското првенство, или Ат-Ал, омиленото место на дружините што играат домино.

    Пишува: Васко МАРКОВСКИ

    Фото: Милан СТРЕЗОВСКИ

     

  • Боза и Салеп: Нaјдобри пијалоци за студените зимски вечери

    Боза и салеп се традиционални пијалоци со специфични и надалеку познати вкусови. Тие немаат потреба од скапи реклами, маркетинг агенции. Нивните клиенти се редовни, и едвај чекаат да дојде зимскиот период. Особено во балканските земји.

    Голем број на љубители на традиционалните вкусови со големо нетрпение чекаат да се појави зимата за да можат да уживаат во вкусовите на сезонските пијалоци како што се бозата и салепот. Иако тие за жал, полека им го отстапуваат и последното место на новите, популарни пијалоци, сепак на балканските простори традицијата за носталгичните производи продолжува. Во Истанбул `Вефа`, во Анкара `Акман`, во Скопје `Апче` и `Шехерезада`, во Атина во областа “Paleo Faliro”  се местата каде што можете слободно да навратите и да уживате во неодоливиот, но и хранлив вкус на бозата и салепот. Балкон3 ве запознава поблиску со овие стари пијалоци, стари вкусови кои паметат дамнешни времиња.

    БОЗА ЛЕК ЗА НЕРВОЗА

    За почетоците на бозата се верува дека датираат од пред неколку илјади години. Според некои истражувања со помош на номадите од Централна Азија е пренесено во Анадолија и околината. Сегашното име боза потекнува од персискиот збор `бузе`, кое значи пијалок произведен од просо и ориз.

    Во Турција традицијата за боза започнува многу одамна, поточно во 1876 година, со специјалните продавници `Вефа` отворени од страна на Хаџи Садик. За кратко време станува препознатлива марка низ цела Турција. Се наоѓа во општината Еминону, во населбата Вефа. Ако разговарате со постарите истанбулчани, сигурно ќе ви раскажат многу ориказни за мобилните бозаџии од сокаците на метрополата.

    Мобилните бозаџии, до пред 15-20 години во студените ноќи, шетајќи низ улиците пеејќи различни, од нога составени песни извикуваа `боза`, `бозааа`. Но, постепено, со смената на старите дрвени куќи со високи згради, се поголемата врева на улиците предизвикана од производите на модерната технологија, граѓаните повеќе не можеа да го слушнат повикот на мобилните бозаџии. И затоа тие исчезнаа.

    Познатата марка Акман, пак е карактеристична за нас. Сопственици се скопските иселеници од албанско потекло, браќата Мухарем и Вахап Акман. Првиот дуќан за боза го отвараат во далечната 1936 година.

    Во Македонија со децении добрата боза се поврзува со слаткарницата „Апче“ во Дебар Маало, Скопје блиску до Универзална Сала. Отворена е во 1934. година од Исман Кадри. Поради добрата боза за која луѓето често велеле дека е лек за сите болести тој во 1940 година ја прекрстил слаткарницата во Апче, и така се вика и ден денес.

    Во Грција, можеби ќе се изненадите, бозата всушност и не е многу позната. Во Атина може да се најде само во специјализирани локали и традиционално во областа “Paleo Faliro” која претставува всушност предградие на југот од Атина. Во оваа област живее поголема заедница која почнала да се доселува од Истанбул постепено од 1960-тите години па наваму. Таму се наоѓаат овие специјализирани продавници и локали. Иако, мора да кажеме дека бозата не е изрекламирана доволно, па ако сакате да најдете да се напиете треба да побарате, да прашате. Но, барем локалното население овде знае и ужива во пиење боза. Во северна Грција исто така, но овде постои исклучок. Во Солун има специјализирана слаткарница која се вика “Hatzis“, основана во 1908 година, кога нејзиниот сопственик дошол од Косово и почнал со производство на боза во Солун. Сега семејството Hatzis има отворено неколку локали во Атина, но цените се превисоки. И покрај тоа, бозата не се рекламира, не се прават обиди да се популаризира, иако ја има по локалите.
    САЛЕП

    Салепот пак, многу одамна попушти пред налетот на двојецот чај-кафе. Во денешно време, во Скопје, можете да го пробате само во најстарите слаткарници и во чајџилниците во турската чаршија.

    Салепот во 17 век покрај во медицината со додавање на различни зачини и розова вода, почнува да се користи и како пијалок. Во 18 и 19 век салепот се засладува со мармалад, мед или шеќер, потоа врз него се додава ѓумбир или цимет.

    Во средновековна Европа за време на долгите пловидби, во магацините на бродовите, поради хранливите материи кои ги соддржи во себе, бил складиран салеп. Првиот дуќан за салеп во Англија бил отворен во првата половина на 18 век. Верувале или не, во средината на 18 век, особено во Англија и Франција во утринските часови, во дуќаните и локалите се консумирал топол салеп.

    Пиењето салеп се смета за еден по постарите обичаи во Атина, тоа е зимски пијалок што ќе ви го омекне грлото и ќе ве затопли. Може да се најде во центарот на градот кај продавачите на салеп, плоштадите околу центарот као и во продавниците за храна и тоа најчесто го пијат во раните утрински часови. некои од традиционалните старомодни локали продаваат салеп на улица, а семејството Hatzis почна да продава и надвор од нивната продавница, за минувачите набрзина да земат и да се напијат салеп. Овој начин на продажба е од скоро.

    Домашен рецепт за боза

    Потребни состојки

    3 чаши булгур

    2 филџани за кафе ориз

    3 чаши шеќер во прав

    1 чаша стара боза или квасец во големина на една кутија кибрит

    Подготовка

    Булгурот уште во текот на ноќта се натопува во вода. Утредента булгурот и оризот се варат се додека добро не омекнат. Се меша со електричен миксер, потоа треба да помине низ сито. Потоа таа мешавина се става во тивок оган. Се додава шеќер и убаво се меша додека се раствори шеќерот. Потоа се вади од огнот и се остава да се олади, при тоа од време на време се меша. Откако ќе се олади се додава старата боза или пак квасецот кој што претходно сме го раствориле убаво во топла вода. Убаво се меша. Мешавината се става во сад и добро се затвара, 2-3 дена се остава да стои на температура од 20-25 степени, при тоа повремено се меша. Откако ќе се појават меурчиња се смета дека смесата е готова. Потоа се остава да се лади, па се сервира. По желба може да се додаде леблебија или цимет.

    Домашен рецеп за салеп на салеп

    Потребни состојки

    2 и пол лажици шеќер во прав

    ½ половина лажичка салеп во прав

    2 лажички цимет

    4 чаши млеко

    Подготовка:

    Салеп и шеќерот се става во тенџере и убаво се промешува, врз него полека се додава млекото, се вари на тивок оган се додека не добие густина, околу 10-15 минути. Потоа ставете ги во чаши или филџани, посипете го со цимет.

    Таа е најзначајниот знак дека сме преминале од есен во зима.

    Хусамедин Гина

  • Гари – заборавена и повторно откриена убавина

    Бисер на мијачкиот крај.. Недопрена убавина на природата која те тера да се замислиш и да не можеш да решиш во кое годишно време е поубава.. Во ваков планински предел токму како грозд,  под планината Стогово е распослано мијачкото село Гари.

    Сега е помало од некогаш, но зрачи со историја. Куќи изградени во стар стил, но и модерни.

    Празно преку зима, преполно веќе од кога ќе се стопат снеговите.

    До него се стигнува  возејќи на патот кон Дебар во западна Македонија.  Се скршнува кај месноста Бошков мост и оттука само право, ни лево ни десно. По 9-10 километри влегувате во селото Гари.

    За добредојде еден кладенец од кој блика вода, да се знае дека  добредојде од сите гарци најпрвин ти посакува Гарска Река… Гласна и моќна, можеш да ја слушнеш од било кој дел на селото.. Татни!!!

    На сред село црквата св. Богородица.. Мала, но прекрасна.. Стара околу четири века. Во неа иконостас изработен од гарецот и врвен копаничар Петре Филиповски Гарката. Еден од најпознатите гарци, познат по врвните иконостаси  кои ги изработил во манастирот Свети Јован Бигорски, црквата Свет Спас во Скопје, но и уште многу, многу други цркви и манастири кои ги работел на Балканот.

    И меѓу сите стари икони, на куполата изненадувачки насликано масонско око кое многу ретко се наоѓа во македонските цркви.

    Од каде тоа во црквата? Гарката бил масон или пак имало повеќемина гарци слободни ѕидари. Детали нема, но најверојатно е така, па Гарците се впрочем исклучително паметни луѓе. Во црквата уште нешто.. Коски од светец, кои помогнале на многумина, барем така велат.. Коските се премиваат со вода, а со таа вода болниот се мие… За здравје ја користат и здравите. Од кој светец се коските никој не знае, но се знае дека чудотворните коски помогнале на многумина.

    На сред село и продавница, а над неа неколку соби за добронамерниците кои сакаат да поминат некој ден во селото. Помодерно, во селото од неодамна е отворен и комплекс со четири апартмани. Колку за почеток и развивање на алтернативниот туризам. Не е исклучено гостопримство да ви понуди и некој гарец, па впечатокот да испадне уште поцелосен.  Немојте никако да го одбегнете на далеку познатото гарско овчо сирење..

    Гари  е опкружено со бачила кои токму на старински начин го прават сирењето.. Ако пак стигнете шетајќи се до едно од бачилата, кои се високо во планините, тамошните мајстори ќе ви дадат и леб печен под сач и сирење и овчо млеко. Не претерувајте, премногу е квалитено и мрсно, стомакот може да ви прозбори.

    Од врвот на Гари фрлате поглед кон Мала планина. Ред шума, ред трева…

    Од десната страна среде Гарска Река убавина на природата, како нем чувар на селото. Високо се издига една карпа по која и го добила името „Високи камен“. И има уште многу, многу да се зборува за Гари, но сепак треба да се види ова мијачко село и да се доживее природата околу него. Гостопримството нема да изостане, а гарци можат уште многу да ви раскажуваат од развојот на селото, до нивните гачки и доживувања, до Димко Шангај кој на времето како печалбар стигнал најдалеку, дури до Кина, но сепак, вистината е дека Гари во секој момент претставува одличен избор за релаксација, далеку од градската бучава.

    Миле А. Ристески

  • Волшебниот сјај на есента

    Волшебниот сјај на есента

    Скопје има многу убави места каде што можеме да уживаме во боите на есента… Едно од нив е во близина на Сарај, за тамошните жители познато како Састав каде се спојуваат реките Вардар и Треска. Тука пораснале многу генерации… Се случила прва љубов,првиот бакнеж,познанства, игри…

    Есента е едно од најубавите и најромантични годишни времиња. А Састав има посебен и волшебен сјај во овој период од годината… Жолтите лисја кои крцкаат под нозете додека пешачиме ја прават секоја прошетка поубава

    Со фотографиите на Балкон3 уживајте во боите на есента.

    Фото: Владо Крстевски (линк до FB Fan Page)

    [portfolio_slideshow id=10687]

  • За ведри летни утра – нови вкусови на Nestlé житарките без глутен

    За потрошувачите во Македонија, а посебно за оние чувствителните на глутен, овозможен е разновиден избор на безглутенски производи – Corn Flakes со вкус на чоколадо и Corn Flakes со мед и кикиритки

    Nestlé žitarici_balkon3

    Компанијата Nestlé ја прошири понудата на производи без глутен со новите вкусни житарки за појадок – Nestlé Corn Flakes со вкус на чоколадо и Nestlé Corn Flakes со мед и кикиритки, со цел да одговори на потребите на сѐ поголемиот број на луѓе кои страдаат од целијачна болест, алергии на пченица или од некоја форма на нетолеранција на глутен.

    Исхраната што не го вклучува овој протеин за некои стана стил на живеење, а за другите пак неопходност. Како основен проблем, заболените го наведуваат тешкото пронаоѓање на овие производи, кои истовремено би биле вкусни и хранливи и кои би имале пристапни цени. Доколку се земе предвид и фактот дека и многу мали количества на глутен може да го загрозат здравјето, неопходно е да се обезбедат посебни услови за производство на безглутенски производи.

    Nestlé Corn Flakes bez gluten - asortiman

    Сите Nestlé aртикли без глутен, вклучувајќи ги и безглутенските житарки, имаат сертификат од Европската асоцијација на здруженијата на заболени од целијачна болест, како и препознатлив знак, прецртано зрно од пченица, на пакувањето. Исто така, новите Corn Flakes вкусови збогатени се и со витамини.

    За да се уверите во добриот вкус и во хранливоста на Nestlé житарките без глутен, ви предлагаме креативни безглутенски рецепти кои ќе придонесат кон уживањето во вашиот нов омилен вкус:

    Колачиња со Corn Flakes и со кокос без глутен

    Колачиња со Corn Flakes и со кокос без глутен

    Состојки:

    • 2 белки
    • 125g шеќер во зрно
    • 5ml (1 лажиче) ванила без глутен
    • 750g Nestlé Corn Flakes житарки
    • 250g кокос
    • 125g чоколадо за готвење

    Загрејте ја рерната на 150°C. Направете две подлоги за колачиња од хартијата за печење. Во сад со средни димензии, разматете ги белките сѐ додека не се создаде пена. Постепено додадете го шеќерот, 15ml (1 лажичка) и матете сѐ додека не се стврдне смесата. Додадете ванила, житарки и кокос. Смесата распоредете ја на хартијата за печење во форма на колачиња, на растојание од 5 cm едно од друго. Печете ги 15 дo 18 минути, сѐ додека колачињата благо не се заруменат. Кога ќе се изладат, прелејте ги со растопеното чоколадо и послужете ги.

    Печено овошје со крцкав прелив без глутен

    Печено овошје со крцкав прелив без глутен

    Состојки:

    • 4 свежи манга со средна големина исечете ги на парчиња со големина од5cm
    • 500g jaгоди
    • 45g (3 лажички) кафеав шеќер
    • 30ml (2 лажички) сок од портокал
    • 5g (1 лажичка) мелен цимет
    • 500g Nestlé Corn Flakes житарки
    • 75g исецкани бадеми или ореви

    Наредете ги парчињата од манго и јагодите во сад за печење, чие дно претходно ќе го намачкате со масло или со путер. Во чинија измешајте ги кафеавиот шеќер, сокот од портокал и циметот. Прелијте ги преку овошјето. Печете 20 минути на 190°C. Посипете ги преку овошјето Nestlé CORN FLAKES без глутен и орасите. Печете уште 10 минути додека не се зарумени коричката, а овошјето да стане меко на допир со вилушка. Пријатно!