Author: Balkon3

  • Виртуелна музејска тура низ најпознатите грчки музеи

    Дали би сакале одблиску да ѕирнете во малку познатите фотографски архиви на Бенаки музејот на грчката цивилизација, да прошетате низ архаичниот хол на Акропол или да ги проучувате ретките лабораториски слики на објекти во музејот на Кикладската уметност?

    Благодарение на соработката која претставниците на овие три познати грчки институции ја остварија со Google, од неодамна уживањето во античката уметност е достапна со само еден клик. Се што треба да направите е да го посетите сајтот www.googleartproject.com и да уживате во несекојдневното искуство виртуелно да прошетате низ овие музеи.

    Во музејот на Кикладската уметност достапни се 159 дела на 15 артисти, додека во Бенаки можете да видите 510 дела на 95 артисти. Посебно интересна е виртуелната прошетка низ античкиот хол во Акропол, каде благодарение на фотографиите сликани во голема резолуција  со 24 мегапиксели и технологијата street view навистина ќе добиете чувство дека во живо имате прилика да ги разгледувате античките уметнички дела.

    Акропол, Бенаки и музејот на Кикладскaта уметност засега се единствените грчки музеи кои се достапни на Google арт, но според најавите постојат реални шанси бројот на музеи во иднина да се зголеми.

    Овој проект на Google за виртуелно презентирање на познатите музеи започнат во февруари 2011 година досега успеа да оствари соработка со повеќе од 150 музеи од 40 земји од целиот свет. Најголем број се од Европа, но ги има од сите континенти. Покрај Грција, на Google Art се достапни и два музеи од Турција. Музејот Пера во Истанбул и Сакиб Сабанчи музејот каде може да се видат навистина интересни дела од калиграфската уметност.

  • Чудесниот мир на манастирот Трескавец

    Чудесниот мир на манастирот Трескавец

    Обвиткан во мистика, изложен на дланка меѓу карпести прсти, во форма на пентагон, над Прилеп бдее манастирот Трескавец, еден од најубавите во земјата.  Месноста “Трескавец” е на 6 км северно од центарот на Прилеп и 2 км јужно од Горно Село. Претставува 600 м висок врв, на 1300 метри надморска височина, со голема прегледност над околината. Обрабен е со вертикални карпи и со гранитни грамади од север и запад, а од исток се надвива карпата Златоврв (1422 м), што како најмаркантен ориентир се гледа и од 20 км далеку. Старото светилиште горе на врвот е обвиткано со мистика и грмотевици,  а во невреме и бури громовите удираат многу често во овој врв, па оттука доаѓа и името Трескавец.

    Најстари остатоци

    На врвот на Трескавец постоело светилиште уште во античко време, а денеска е едно од најголемите монашки и духовни светилишта. Од римската епоха (2/3 век) потекнуваат два натписа на мермерни постаменти, посветени на Аполон Етеуданос (Громобиец) и Артемида. Тука е споменато и името на светилиштето, Колобаиса. Местото било опслужувано од посветени луѓе и прислужници; од нив потекнуваат бројните гробови, раскопани јужно од врвот (хеленистичко и римско време). Верници — аџии ја посетувале Колобаиса од далеку. На крајот од антиката на местото на античкиот храм била подигната христијанска црква. Од неа останаа парчиња од мермерни столбови и други украси расфрлени наоколу.

    Средновековни остатоци

    Манастирската црква св. Богородица, сочувана до денес, потекнува од 14. век, меѓутоа била изградена врз постари остатоци. Опколена е со манастирски конаци и со други градби, а целиот комплекс е опфатен со ѕидови, подигнати врз постари остатоци. Тука стоеле и амбари, магацини, визби и други економски потреби на големиот манастирски имот. Манастирот бил основан најдоцна во 1230 година. Во тоа време и пазарот во Прилеп бил должен да му плаќа по 100 перпери данок годишно. Во несигурните времиња во доцниот 14 век манастирскиот укрепен простор на Трескавец несомнено служел како збег за околното население.

    Како да стигнете до Трескавец

    Ако решите да патувате од Скопје, со автомобил до Прилеп ќе ви бидат потребни некаде околу два и пол часа. Постојат две рути- преку E75 со должина од 132 километри или преку E75 и M5 со должина од 118 километри. Повратниот автобуски билет од Скопје до Прилеп чини 550 денари (9 евра), додека ако патувате со воз ќе треба да платите 450 денари(7,5 евра).

    Прилеп е одалечен од Битола само 50 километри. Повратен автобуски билет чини 190 денари (3 евра). Со оглед на фактот што од грчката граница до Битола има само 15 километри, манастирот Трескавец срдечно го препорачуваме на сите грчки туристи кои често престојуваат во Битола. Дел од своето слободно време можат да го искористат да го посетат овој манастир, кој сме сигурни дека ќе ги импресионира со својата убавина.

    Кога сте веќе во Прилеп, најдобра опција за да го посетите манастирот е да тргнете пеш. Тура која сепак ја препорачуваме за оние со малку поавантуристички дух и подобра физичка кондиција. За поминување на рутата од шест километри ќе ви треба околу два часа. Планинарската патека води низ карпи и ниска трева. Оние помрзеливите најдобро е да тргнат со теренско возило, бидејќи патот кој води до манастриот е во лоша состојба.

    Сашо Новески

  • Северен Кипар – нова понуда

    На Меѓународниот саем за туризам во Скопје, според, туристичките агенции, годинава повторно хит се Турција и Грција, а новина во понудата е Северен Кипар. Генералната понуда е за патување во странство, така што саемот е замислен за домашната клиентела. На саемот се претставуваат околу 40 агенции и 14 хотели од Македонија, додека земја – партнер годинава е Бугарија. Нашиот источен сосед има можност да ги претстави летните и зимските туристички дестинации, спа и велнес центри, како и националната кујна. Во продолжение погледнете фотогалерија од саемот.

    фото: Хусамедин Гина

     

  • Грчка пита со тиквички

    Грчка пита со тиквички

    Одлична додека е топла, но подеднакво добра и како ладно предјадење. Два типа на сирење, тиквици, малку кулинираска способност, многу повеќе волја и креативност и добивате извонреден оброк, идеален за во секоја пригода. За комплетна подготовка ќе ви треба некаде околу час и половина, време кое верувајте нема залудно да го потрошите. Со првиот залак ќе се уверите дека направивте одличен избор кога одлучивте да ја приготвите оваа грчка пита со тиквички.

    Подготовка

    Поради специфичната густина која ја има грчката павлака, најдобро е токму неа да ја користите за овој рецепт. Како замена за неа, можете да користите и обично кисело млеко, но откако добро ќе го процедите за да се исцеди вишокот течност. Тиквичките не треба да се лупат, само добро да се измијат и да се исецкаат на коцкички. Младиот лук се сецка на кругчиња.

    Во поголем сад загрејте маслиново масло, се додаваат тиквиците и лукот, се посолуваат и се динстаат околу 20 миниту на мала температура. Тиквичките треба добро да омекнат, но не да станат кашести.

    Во поголема чинија ставете ги јајцата и павлаката и добро измешајте ги. Потоа ставете го брашното во кое предоходно сте ставиле прашок за пециво. Кога смесата добро ќе се соедини, ставете ја фетата, моцарелата и издинстаните тиквички. Промешајте, додате сол, магданос и бибер.

    Ставете ја целата смеса во тавче фино премачкано со зејтин и одозгора наредете ги кругчињата од тиквица. Во добро загреана рерна на 180 степени печете еден час. Испечената пита доволно е да се олади 15 минути, а потоа исечете ја на коцки. Бон апетит.

    Потребни состојки

    125 мл.  маслиново масло
    250 гр.  Ситно сецкан млад лук
    3 тиквички со средна големина(тежина околу 700гр.)
    5/6   јајца во зависност од нивната големина
    250 мл.   грчки павлака или изцедено кисело млеко
    250 гр. Брашно
    3 лажички прашок за пециво
    150 гр.  Фета сирење
    150 гр.  Моцарела
    сецкан магдонос
    бибер, сол
    12 тенки крукчиња тиквица за декорација

  • Подари книга, подари богатство

    Под мотото „Подари книга, подари богатство“ во Скопје се одржува 24-от Саем на книгата. Април традиционално е месец на книгата во главниот град на Македонија, кога читателите можат да ги купат омилените светски наслови по навистина популарни цени.

    Годинава на простор од пет илјади квадратни метри, своите изданија пред вљубениците во пишаниот збор ги претставуваат седумдесетина издавачи од земјава и од странство. Гостуваат издавачки куќи од Турција, Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Албанија, Италија и Велика Британија. Најавени се триесет промоции на нови изданија од познати светски автори, а гостуваат писателите Кристоф Хајн од Германија, Саша Илиќ од Србија, Ренато Баретиќ од Хрватска и Душан Чатер од Словенија.Саемот на книгата е втора најпосетувана саемска манифестација во земјава, а мината година помеѓу штандовите со книги прошетале над 40.000 луѓе.  Саемот на книгата трае до недела, а цената на влезницата е симболични 30 денари или половина евро. Отидете на саем, и кога ќе го направите тоа имајте ја на ум мислата на Абрахам Линколн: „Најдобар пријател ми е оној, кој ќе ми подари книга што не сум ја прочитал.“

  • Една минута Carwash Cabaret

    Наградата “Најдобар едноминутен филм”  на Скопје филм фестивал 2012 ја доби авторот Јордан Дуков, за филмот: CARWASH CABARET… Секоја година во рамките на Скопје филм фестивал има конкурс на едноминутни филмови, натпревар во кој новите филмаџии се обидуваат да го реализираат најчесто својот прв филм.

    Постојат правила во снимањето на едноминутен филм, но оваа година организаторите на фестивалот се одлучија да не ја ограничуваат креативноста на учесниците на натпреварот. Иако минатите конкурси за едноминутен филм беа со зададена тема, оваа година темата беше слободна. На овогодинешниот наптревар за едноминутен филм на Скопје филм фестивал пристигнати беа 17 филма. На проекцијата, која се одржа во Кинотека на Македонија, учесниците и публиката имаа можност за прв пат да ги видат сите 17 филма на големото платно. (Ј.Д.)

  • “A Balkan Tale” пристигна во Скопје

    Продолжува Балканската приказна на петте истакнати фотографи од Балканот (Иван Блажев-Скопје, Јута Бенценберг – Тирана, Камило Нолас-Атина, Самир Карахода-Призрен и Иван Петровиќ-Белград) кои отсликуваат една серија уникатни споменици од Османлискиот период и ги претставуваат на јавноста преку изложба на фотографии во Куршумли Ан, Старата скопска чаршија.

    Денес сеќавањето на османлискиот период останува зачувано во објектите кои ја промениле намената, или пак целосно избледеле поради запоставеност и уништување. Сепак, без оглед на нивната состојба, руинирани или зачувани, објектите, приватни и јавни, христијански, муслимански или еврејски, остануваат како документи за заедничката историја, историја која ја споделувале народите на Балканот приближно шест века.

    Како што го опишуваат организаторите, обидот «A Balkan Tale / Една Балканска Приказна» има за цел да предизвика јавна дискусија околу заедничката историја на Балканот и да помогне во одржувањето и прикажувањето на културното наследство на регионот. Составен е од една патувачка изложба на фотографии, придружувана од паралелни дејствија (едукативни програми, документарни емисии, веб страна, печатена верзија и патувањето на сетилата). Современите фотографии од овие споменици ни овозможуваат да го видиме османлиското наследство во поинакво светло, да го преиспитаме нашето заедничко минато и да ја раскажеме нашата балканска приказна. Фотографиите опфаќаат значајни објекти како: џамии, цркви, амами, анови, аквадукти, палати, мостови, доловувајќи ги истовремено нивните уникатни историски карактеристики, но и нивната моментална состојба.

    Во рамките на свеченото отворање на изложбата се одржа и премиерната проекција на документарниот филм „Балканска приказна“.

    „Балканската приказна“ е проект на Goethe-Institut со подршка на Европската Унија.

    Информации за изложбата:

    Место: Куршумли Ан, Стара скопска чаршија

    Изложбата ќе трае од 25 Април до 9 Мај  2012

    (Х.Г.)

  • Истанбул – градот на лалињата

    Ако на влезот во некој град ве дочекаат милиони лалиња во сите можни бои, тогаш веднаш ќе ви стане стане јасно зошто некој ја смислил онаа славна поговорка која вели дека „првиот впечаток е особено важен“.

    Иако мојата романса со Градот на Босфорот трае веќе цела декада, сепак неодамнешната посета беше еднаква на повторно вљубување во неговата живописност дополнета со шарениот пејзаж од лалиња. Првото нешто што го забележав на патот од аеродромот до хотелот беа совршени лалиња во сите можни бои, кои ги красеа автопатот и главните градски булевари, паркови, авении и кружни текови. Ако тој момент за мене беше пријатно изненадување, тогаш жителите на Истанбул и оние што почесто патуваат таму веќе седум години наназад уживаат во оваа глетка. Почнувајќи од 2005 година во периодот од 7-ми до 29-ти април во Истанбул се случува веќе традиционалниот Интернационален фестивал на лалињата, кој праќа порака дека најубавите лалиња растат во Турција, наспроти општото убедување дека  земја на лалињата е Холандија.

    Фестивалот е организиран од општината Истанбул Метрополитен, која срдечно ја поддржува оваа манифестација, која му дава посебен шарм на и така фасцинантниот град распослан на два континента. Градоначалник на градот, Кадир Топбаш во неколку прилики има истакнато дека фестивалот на лалињата предизвикал радикална револуција во изгледот на градот и драматично го променил целиот пејзаж на подобро. Тоа не само што им носи повеќе посетители, туку и ги стумулира одгледувачите на лалиња во околината на Истанбул и подалечните села, кои секоја година учествуваат во хортикултурното разубавување.

    Оваа година во рамките на разнобојниот фестивал беа засадени 11.6 милиони лалиња од 104 различни видови, како и четири милиони други цвеќиња кои беа беспрекорно декорирани во совршени геометриски форми, водопади, разни фигури, турското знаме и препознатливото око против уроци. Со оглед на тоа што Истанбул оваа година е и Европски главен град на спортот имаше и многу фигури со лалиња инспирирани од разни спортски дисциплини. Изложби, концерти, улични уметници и различни свечености се случуваат на истакнати точки, како плоштадот Таксим и Султанахмед, како и во градините Ѓузтепе и Ѓулане. Низ продавниците можеа да се најдат и украси со мотиви од лале, почнувајќи од разни ситници до скулптури и слики. Исто така во тек беше конкурсот за најдобра фотографија „50 најубави лалиња“ во кој ќе бидат наградени најдобрите фотографии.

    Токму поради сето ова беше вистинска среќа да се биде во Истанбул во време кога цветаат турските лалиња и да се научи дека всушност вистинското потекло на овој прекрасен цвет е токму Турција. Секако ваквата хортикултурна уреденост на еден мегалополис каков што е Истанбул ми отвори и простор за размислување колку малку ли е потребно истата таа цветна револуција да му се случи и на Скопје.

    ПОТЕКЛО НА ЛАЛЕТО

    Лалињата (зборот потекнува од перскискиот lâhle) оригинално растеле во азиските степи. Иако првата асоцијација е Холандија, каде денес постои најголема комерцијална култивација на тулипите, нивното потекло и име се поврзува со Отоманската империја или поточно со турбаните (на турски тулбенд, муслин, газа). Турскиот збор за газа, со која се мотаат турбаните, се чини дека се користел за ова цвеќе, бидејќи целосно отвореното лале потсетувало на турбан.

    Најшироко прифатената сторија е таа на Огиер Гислен де Бусбек, Амбасадор на кралот Фердинанд 1 во империјата на Сулејман Величенствениот во 1554 година. Тој во едно писмо истакнал дека насекаде има изобилство од цвеќиња како зумбули, нарциси и оние што на турски се викаат лале. Не е коинциденција што овој период – најраскошниот во Отоманската ера е наречен Ера на лалињата (Lale Devri). Во 16-от век лалињата биле донесени во Холандија, каде за кратко време станале популарни.

    Елена Петковска

  • Почнува Скопскиот филмски фестивал

    Скопскиот филмски фестивал денеска по 15-ти пат ќе ги отвори вратите за љубителите на седмата уметност. Во наредните девет дена скопската публика ќе има можност да види дел од холивудските хитови, како и филмски остварувања кои го привлекоа вниманието на минатогодишните филмски фестивали во Кан, Венеција, Торонто и Берлин.

    На вечерашното отворање на фестивалот во киното Милениум ќе биде прикажан филмот „Вознемирен“ на режисерот Гас ван Сент, приказна за пријателството помеѓу момче кое оди на погреби на непознати луѓе и девојка болна до неизлечива болест. Во рамките на гала програмата публиката ќе може да ги погледне филмовите: „Џеј Едгар“, биографска драма за контроверзниот директор на ФБИ, во режија на Клинт Иствуд, „Мартовски идеи“ на Џорџ Клуни, најновата екранизација на „Џејн Ејр“, „Дневникот на опивањето“ со Џони Деп во главната улога и „Тришна“ на Мајкл Винтерботом.

    Од фестивалските остварувања ќе бидат прикажани: „Мораме да разговараме за Кевин“, „Рација“, „Жучко: повеќе од игра“ на српскиот режисер Гордан Матиќ, црногорскиот филм „Издигнување, последна глава“, со нашиот актер Владо Јовановски во една од главните улоги итн.

    Според организаторите, круна на фестивалот ќе биде најновиот филм на Теона Стругар Митевска „Жената која ги избриша солзите“, кој ќе биде прикажан на на затворањето на 27-ми април. Позната шпанска актерка, Викторија Абрил која ја игра главната улога, ќе биде гостинка на македонската премиера на филмот, кој претходно гостуваше на Филмскиот фестивал во Берлин.

    Во Кинотеката на Македонија во рамките на програмата Ретроспектива ќе бидат прикажани филмовите „Огледало“, „Ивановото детство“ и „Андреј Рубљов“ на познатиот руски режисер Андреј Тарковски и циклус јапонски филмови и холандски документарци. Целосната програмата можете да ја најдете на официјалната интернет страна на фестивалот http://www.skopjefilmfestival.com.mk/. (М.Т.)

  • Фестивал на италијански филм во Атина

    „La Festadel Cinema Italiano“ на публиката ќе и прикаже вкупно 26 филмови од современата италијанска кинематографија, кои претходно не биле прикажувани во Грција, но сепак популарни и наградувани во Италија. Исто така ќе биде презентирана и италијанската гастрономија, од страна на најдобрите италијански ресторани во Атина, кои после секоја претстава за публиката ќе обезбедат храна и пијалоци по специјални цени.

    Kако што вели познатиот филмски критичар и уметнички директор на фестивалот, Panayiotis Timoyiannakis, влијанието на соседот Италија врз модерната грчка култура и начин на живеење е навистина значаен за многу генерации досега. Воодушевувањето, следењето и соработката со италијанските филмови и музика во минатото е познат факт, а секако сега има потреба од запознавање со современите италијански ремек дела, кои за жал не беа присутни во грчките кина во изминатите неколку години.
    Настанот кој ќе трае една недела почнува со новиот филм „Appartamento ad Atene“ (Апартман во Атина), кој ја поврзува италијанската кинематографија со градот домаќин. Тоа е прв филм на режисерот Ruggero di Paola, кој ќе присуствува на отварањето (19/4, 20:30ч. во киното „ Ideal“). Дејствието се одвива во 1942 година, Атина окупирана од нацистите. На одличната италијанска актерка Laura Morante во филмот и се придружува грчкиот актер Gerasimos Skiadaresis.

    Секоја година се планира на овој настан на публиката да и се претстави личност со специјален придонес за кинематографијата, а оваа година ќе се почне со грчкиот актер Nicolas Vaporidis, кој е голема ѕвезда во Италија. Филмовите ќе се прикажуваат во двете најголеми кино сали во Грција „ Ideal“ (46, Panepistimioust. Tel: 2103826720) и „Elli“ (64, Akadimiasst. Tel: 2103632789) – Метро станица: Panepistimio. Програмата на грчки и англиски јазик можете да ја најдете на: www.tuttoitalia.gr.
    Настанот се одвива под покровителство на Италијанската амбасада, Италијанскиот Институт за култура во Атина и грчко италијанската стопанска комора. (С.Н)