Author: Balkon3

  • Полнет кромид на азербејџански начин

    Викендов екипата на Балкон 3 одлучи да ви претстави еден традиционален рецепт од Азербејџан, земјата која годинава е домаќин на Евровизија. Во пресрет на вечерашното финале ви препорачуваме за саботниот ручек да подготвите полнет кромид или “sogan dolmasi”, како што се нарекува во Азербејџан. За јадењата од полнет зеленчук во Азербејџан, исто како и во Турција, а и во одредени делови од Македонија, се користи терминот „долма“. Долмата од кромид всушност е вкусна алтернатива за полнетите пиперки.

    Потребни состојки за четири лица:

    – 9 големи главици кромид
    – 300 грама мелено телешко или јагнешко месо или комбинација од двете
    – 50 грама ориз
    – 50 грама овча маст (опционално)
    – 50 грама стопен путер
    – една лажичка мелен цимет
    – коријандер и копар (по желба)
    – сол и бибер
    -100 грама јогурт

    Подготовка:

    Главиците кромид се лупат и се сечат околу два центиметри од нивните врвови, кои се чуваат и подоцна се користат како поклопци. Со мал нож за зеленчук се отстрануваат централните слоеви на кромидот. Половина од отстранетите слоеви се мешаат со меленото месо, со што смесата станува посочна. Потоа на смесата се додава путерот и се пржи околу 15 минути на ниска или средна температура.
    Оризот се вари во солена вода околу десет минути. Вака сварениот ориз, циметот, зачините, солта и биберот се додаваат на смесата од месо и сето тоа се вари уште пет минути, а потоа се остава да се олади.

    Главиците кромид се полнат со смесата и се сместуваат во тава, при што треба да се внимава да бидат добро збиени, со цел кромидот да го задржи својот облик. Претходно исечените врвови на кромидот се ставаат како поклопци врз главиците.

    Во тавата се додава вода додека не дојде до половина од висината на кромидот, потоа се покрива и се пече околу 30 минути или додека кромидот не омекне.
    На крај  специјалитетот се служи заедно со јогурт попрскан со цимет.

    Добар апетит!

  • Со сите оружја пукаме на Евровизија

    „Некој на фејсбук кажа Македонија оди со рецепт на Малта на Евровизија….и да токму тоа. Калиопи личи на една од порано што пееше за Малта.. иако музиката за песната што ја напиша нејзиниот поранешен сопруг е многу подобра од оние на Малта“

    Што е она што не тера да бидеме толку запалени за песната на евровизија. Дали е е тоа универзалната, карактеристична за сите во светот, желба за победа, дали е тоа дека сме убедени дека имаме најдобар ритам, мелос и музика во регионот (приказна која без исклучок се пренесува со години..нели ако сакаш песна оди во Босна, ако сакаш игра оди во Србија, а ако сакаш и песна и оро оди во Македонија итн..) или пак во недостаток на победа во ниту една од битните медиумски опсервирани светски арени за мегдан. Би рекле од се по нешто. Но ако е повеќе или помалку нормално првата причина да доминира со 60 осто, а вториве две со по 20 отсто, кај нас сепак доминираат последниве две. Од каде овој заклучок? Па од оптоварувањата што секоја година ги има просечниот македонски граѓанин околу тоа која песна ќе не преставува на песната на Евровизија и како ќе поминеме, дали пријателските земји ќе гласаат за нас, и пак ли оние од север ќе се честат со гласови иако не заслужуваат… А испративме и испукавме се што имаме…И пак ништо..Ако почнеме од првиот пат со Владо Јаневски, кој заврши многу неславно со фино испегланото одело и сериозниот поглед.. па преку девојките од XXL кои беа најавувани како атракција..па завршија неусогласено.. па преку Каролина ..два пати..па Тоше, па тапанарот Мартин, па бушавите од Некстајм….па убавиот Влатко со Русинката, ..и еве сега божицата мајка Калиопи..

    Некој на фејсбук кажа Македонија оди со рецепт на Малта на Евровизија….и да токму тоа. Калиопи личи на една од порано што пееше за Малта.. иако музиката за песната што ја напиша нејзиниот поранешен сопруг е многу подобра од оние на Малта,  односно има можеби најдобар рефрен или скоро исто толку добар како сто посто те љубам на XXL, само поуметнички. Црно и Бело Есеееен…

    За читателите надвор од Македонија треба да кажеме дека Калиопи всушност од секогаш имала песни со одлична музика, одлични рефрени, од Бато, Лео, Обои ме итн.. што отскокнувале од останатите песни во врвот на пример од оние на Каролина..ниту една не можеш да запамтиш и да сакаш…. Така и со оваа песна би рекол дека е добра, подобра од скоро сите што сме ги пратиле, одличен рефрен..добро направен, добро отпеан.. впечатлив.. Башка и ќе се дотера уште повеќе до тогаш… А  плус тоа Калиoпи има силен карактеристичен прекрасен глас… И што е голема поп ѕвезда, не само во Македонија туку во цела поранешна Југославија…

    Се чини дека годинашниов избор, односно бидејќи немаше избор, помина онака како што треба. Релаксирано, без големи помпи и без вложување на сите сили и стратегии како во минатото. Кога вложувавме и последен атом енергија само на Европа да и докажеме колку нашиот мелос, песна е подлабока и поразлична од се што ќе биде испеано на нивните металик вечери, песни без душа.. Да, така си мислиме.. барем поголемиот дел. И после поразот се чудиме како сме останале несфатени, односно како може толку добра песна да помине толку лошо. Пред настап медиумите се полни со извештаи како високо котираме на интернет, па дека сите се вртат околу нашата делегација, па како сите велат сигурно ќе се пласирате меѓу првите две ако не и повисоко.. За по неуспехот или делумниот успех да почнеме да измислуваме и најневозможни сценарија за причините за кои не сме успеале.. а сето тоа затоа што не сме биле реални уште од почеток.. Затоа да бидеме реални, го бараме невозможнотоJ да победиме, или да бидеме во првите.. две, три или барем пет..како кошаркарите и ракометарите. Да не не порази Луксембург, како овие што шутираат топка, да не речам фудбалери, не знам дали се пласираа за тој статус..

  • “АNDDDD TWELVE POINTS GOOOO TOOOOO, ТURKEY!!!!”

    Балкон3 ви ги претставува победничките песни за Евровизија на Турција, Грција и Македонија.

    „Со младиот Џан Бономо, кој успее да привлече внимание со интересниот стил и специфична музика,Турција, во Баку атакува на втората победа, после онаа на Сертап Еренер, во 2003 година.  “

    Евросонг! За некои луѓе тоа е активност која минува во сенка на политички настани. Нивните критики одат да таму, што `тврдат` дека натпреварот бил измислен за тестирање на исправноста на телефонските линии во Европа. Најострите критичари пак велат дека тоа е час по историја и географија, особено кога ќе се започне гласањето. За многумина пак, Евросонг е најпознатиот музички натпревар во Европа, забавна средба на европските култури, чија основна цел е после војната да се промовира културната интеракција и да се зајакне музичката поп сцена. Истовремено поттикнување на конкуренцијата меѓу композитори и изведувачите. На овие натпревари за прв пат тестирани се и новите технологии како што се безкабловските микрофони, jimmy jib, virtual studio technology и најновите осветлувачки технологии.  Порталот Балкон3 ќе ви помогне од блиску да го запознаете момчето коe што за кратко време успеа да придобие голем број на фанови.

    http://www.youtube.com/watch?v=d_F6H6–FrU

    СЕ ЗАПОЧНА СО КУПЕНАТА ГИТАРА

    Џан Бономо има 24 години, роден е во Измир, уште на 8 годишна возраст започнува да свири на гитара. Дипломирал на Универзитетот `Билги` на факултетот за филмска уметност.

    `Кога дознавме дека ќе ја преставувамe Турција на овогодишниот Евросонг бевме многу изненадени. Воопшто не размислувавме за такво нешто. Тоа е прекрасна и горда работа` изјави Џан Бономо, веднаш откако дозна за прекрасната вест. За тоа како ја започна музичката кариера Бономо вели: `Кога имав 8 години живеев кај бабами. Едно попладне моите родители пиеја чај и правеа муабет. Синот на соседот почна да свири гласно на електрична гитара. Баба ми не поднесуваше гласна музика, затоа ме испрати кај соседот да го замолам да го намали гласот. Го замолив батко ми Зафер да го намали гласот. Откако му го кажав тоа, како реакција почна да ги свири песните на култните групи The Beatles и The Kinks уште погласно. Бев импресиониран од тоа што го видов. Останав да го слушам до крај. Кога се вратив дома на мајка ми и кажав дека сакам да станам музичар и да ми купи гитара. Ја убедував неколку недели, на крајот ми ја купи гитарата и така започнав да одам на курс.` 

    Бономо, поезија пишува од млада возраст. Првата песна ја има напишано на 11 години, првата композиција на 14 години. На неговите стихови и музика најмногу влијаеле поетите, писателите потоа режисерите, музичарите пак најмалку. `Најмногу сум импресиониран од Назим Хикмет, Мевлана, Џим Џармуш, Кјубрик и Годард. Мојата прва девојка ме убеди професионално да се занимавам со музичката уметност, мајка ми ме поддржа во секој момент, сестра ми пак остави впечаток во мојата музика` изјави Бономо. Џан Бономо песната ја опишува многу кратко. Тоа е `Истанбулска музика` вели тој.

    УМНА И ЗАБАВНА ПЕСНА

    Музичките авторитети евровизиската песна на Џан Бономо ја коментираа како многу успешна, негативни коментари воопшто немаше. `Искрено да ви кажам не очекував толку умна и итра песна. Забавна песна. Има јасен концепт кој што е изработен со замисла. Комбинација на балканска и османлиска музика. Има мали елементи од Горан Брегович, содржи елементи од фолкот и рок музиката. Од тој поглед мислам дека е завршена добра работа. Но морало малку повеќе да се работи на песната, аранжманот е многу сложен, според логиката на Евровизија требало малку да биде поедноставна. Модалните својства на песната добро прозвучуваат со англискиот јазик` рече познатата ТВ коментаторка.  Медиумите кои понекогаш можат да бидат немилосрдни уште од првиот ден песната ја оценија како многу добра, ја поддржаа, тоа за Бономо е голема шанса. Негативни критики имаше од аспект на тоа како изгледа на сцената. Треба да работи многу за да стане звезда. Кога ќе излезе на сцена личи на дете, треба да има уметнички став. Според критичарите кога дава изјави е многу слаб, во одговорите има хумор, треба на тоа да обрне големо внимание.

    Хусамедин ГИНА

  • Пилав – Хурем Султан

    Основни состојки:

    2 чаши (за вода) ориз

    4 чаши говедска или пилешка варена вода

    25 грама путер или масло

    1 главица кромид

    2 парчиња пилешки гради

    1 филџан бадеми

    1 чаша (за вода) грашок

    1 лажица (за чај) црн пипер

    1 лажица (за чај) силен зачин (allspice)

    1 лажица (за чај) куркума

    шафран

    сол

    За влажнење на оризот:

    2 чаши врела вода

    сол

    ½ лимон

    Подготовка:

    Оризот откако ќе се измие, се остава да стои 40 минути во топлата вода во која претходно се додадваат солта и лимонот. Во друго тенџере пак се вариме грашокот. Потоа се лупи кората на кромидот и се сецка на долги, но тенки парчиња. Пилешките гради исто така се сецкаат на тенки ленти. Путерот или маслото (зависи од тоа што користиме) се топи во тавата за ориз. Потоа во таа тава се додаваат тенките парчиња пилешки гради и кромидот. Тие континуирано се варат 10 минути и се мешаат со дрвена лажица. Потоа се додава оризот, кој што претходно го ставаме во топлата вода, со тоа што претходно водата добро се цеди. Ги оставаме заедно да се варат. Врз нив се додава силен зачин, сол, црн пипер, шафран и куркума, и се остава да се вари уште 4-5 минути. Потоа се додаваат четирите чаши говедска или пилешка супа. Исто така и претходно сварениот грашок се додава врз оризот. Се готви прво пет минути на средна температура, а потоа се готви на тивок оган се додека водата не се апсорбира. Откако ќе се свари оризот, се покрива со хартиена крпа (салфетка) и се чека 10-15 минути. Од друга страна пак, бадемите се ставаат во вода која врие, во водата остануваат неколку минути, и откако ќе ги извадиме чекаме една минути, а потоа ја вадиме кората (лушпата) на бадемот. Бадемите се печат во тава, а потоа се додаваат во пилавот и се мешаат со дрвена лажица. Така подготвениот пилав се послужува топол.

    Преземено од: www. lezzetler.com

  • Летни музички фестивали – Турција

    Tuborg Gold фестивал (Истанбул 4 -7 јули)
    Три дена неповторливо музичко рок доживување. Истанбул е градот во кој мора да бидете од 4 до 7 јули. Одличен три дневен фестивал со импресивна програма. Доволно е да се споменат Guns N’ Roses, Evanescence, Apocalyptica, Within Temptation,In Flames, Ugly Kid Joe и веднаш ќе ви стане јасно дека станува збор за еден од најквалитетните регионални фестивали. Локацијата на одржување на концертите е комплексот Паркорман, кој се наоѓа во познатата бизнис населба Маслак.

    Блок карта за трите дена чини 63 евра. Дефинитивно ова е фестивал кој љубителите на рокот никако не смеат да го пропуштат. Ако сте еден од нив ова е идеална прилика да уживате во одлична музика и да направите шопинг тура низ прекрасниот бисер на Босфорот. Со оглед на тоа што концертите започнуваат попладне и нема организиран кампинг простор, каде што може да преспиете, ќе мора да најдете сместување во Истанбул. Наша препорака е тоа да го направите преку сајтот booking.com, каде можете да избирате помеѓу 1061 хотели кои ви стојат на располагање. Има за секого по нешто.
    www.tuborggoldfest.com

    Istanbul Jazz Festival 2012( Истанбул, 3-19 јули)
    На повеќе од 20 локации, закажани се 50 концерти на кој ќе настапат речиси 300 изведувачи. Од 3 до 19 јули, Истанбул ќе пулсира во џез ритам. Фестивалот кој оваа година се одржува по 19 пат, докажа зошто е еден од најквалитетните и најпознатите џез фестивали во светот. Оваа година настапуваат Keith Jarrett, Gary Peacock, Jack DeJohnette, Morrissey, Erykah Badu, Antony and the Johnsons, Esperanza Spalding, Marcus Miller

    Најочекуван концерт оваа година е светската премиера на The Istanbul Project во кој Marcus Miller ќе настапи со познати турски музичари во знак на одбележување на еден голем јубилеј, 40 години од формирањето на Истанбулската Фондација за Култура и Уметност. Карти можете да купите или резервирате на сајтот www.biletix.com.

    Three of Life (Измир, 28 јуни -3 јули)
    Организаторите за Тhree of Life, велат дека ова е најголемиот мал фестивал на електронска музика во светот. Се одржува во близина на градот Измир, покрај езерото Карагол, каде е предвиден и делот за кампирање. Најавени се дел од најпознатите светски диџеи и музичари, кои ќе настапуваат на неколку тематски поставени сцени. За 90 евра, колку што чини билетот, во кој е вклучен и кампинг место, сите оние кои ќе одлучат да бидат дел од овој фестивал, ќе имаат прилика цели пет денови да уживаат во techo, progresiv, psytrance и chill out музика.

    Што се однесува до дилемата како да стигнете на овој фестивал, ако сте поголема екипа, тогаш најдобро е да патувате со автомобил. Од Скопје до Измир има 1031 км, а од Солун 811 километри. Сепак наш предлог е да одберете авионски превоз кој ќе ви заштеди време, но и пари. Местото на одржување на фестивалот се наоѓа на само 65 километри од Измирскиот аеродром. Се уште имате време да резервирате евтин авионски билет, преку авиокомпанијата Pegasus која редовно лета до Измир.

    На официјалниот сајт можете да купите карти и да ја погледнете комплетната листа на изведувачи festival.electreelife.com

  • Летни музички фестивали – Грција

    Со оглед на тоа што се ближи летото, кое важи за период на одржување на голем број музички фестивали, ова е вистинскиот момент да го испланирате вашиот буџет и да одлучите кој фестивал ќе го посетите. Тимот на Balkon3 истражуваше на таа тема и ви ги препорачува најдобрите летни фестивали во Грција, кои со својата програма, традиција и организација дефинитивно го заслужуваат вашето внимание.  Има за сечиј музички вкус по нешто. Се што ви треба е добро друштво, фина организација и добивате гарантирана забава.

    River Party (1 до 5 Август, Касториа -Костур)
    Оваа година фестивалот се одржува по 34 пат. Традиција која го рангира во еден од најстарите, но и најквалитетните во Европа.  Бројот на посетители во просек се движи околу 50 илјади. што е навистина несекојдневно доживување. Освен долгата традиција фестивалот има уште еден адут зошто да го посетите, а тоа е атрактивната локацијата. Самиот фестивал, но и главната кампинг ареа е лоцирана во близина на река, опкружена со многу зеленило и природа.  На River Party освен во добра музика ќе може да уживате и во петдневен пикник. Фестивалот се одржува на дваесетина километри од градот Касториа, лоциран во Западниот дел на Грција, одалечен 200 километри од Солун. Познат е по многуте византиски цркви и градби кои датираат од Отоманскиот период. Доволен предизвик во периодот кога ништо поинтересно не се случува во кампот да го посетите и овој град. Што се однесува до листата на изведувачи, таа се уште не е дефинитивна и од ден во ден се дополнува. За сега најавени се Thievery Corporation, Locomondo, Socrates Malamas, Natasha Bofiliou… Цената на билетот изнесува 50 евра за сите пет дена со резервирано кампинг место.
    www.riverparty.org

    Rockwave (30 јуни до 3 јули, Атина)
    Еден од најпознатите рок фестивали во регионот. Се одржува од 1995 година, во паркот Теrra Vibe, во областа Малакаса, која се наоѓа на неколку километри од Атина. Како и секоја година наназад и оваа има одлична програма, во најголем дел составена од рок изведувачи. Ако решите да бидете дел од Rоckwave, ќе имате прилика во живо да ги гледате Machine Head, Paradise Lost, Unisonic, Planet of Zeus, Lucky Funeral, Everlast, Prodigy, Iggy and the Stooges… Цената на билетот, кој вклучува и кампинг место изнесува само 58 евра за сите три дена. Можност која дефинитивно не смеете да ја пропуштите. Карти онлајн можете да купите на Tикетпро.
    www.rockwavefestival.gr

    Psyculture Festival (13 до 16 јули, Кавала)
    Фестивал наменет за љубителите на електронската музика. Со оглед на тоа што се одржува са самиот брег на Егејското море ова е одлична прилика да споите фестивал и летен одмор. Psyculture се одржува во местото Кавала кое се наоѓа на 129 километри  од Солун. Најавени се многу Dj и изведувачи во живо, кои ќе се погрижат забавата да трае четири денови. Се уште трае попустот за купување на карти па затоа ако сте миленик на овој тип на музика, не се двоумете премногу. Во моментов цената за четири дневен билет со вклучен кампинг изнесува 55 евра. Карти можете да купите онлајн на официјалниот сајт на фестивалот.
    www.psyculturefest.com

  • Балканска чорба

    Главни состојки:

    – 8 чаши телешка или пилешка супа

    – еден мал целер

    – една кисела краставичка

    – две лажици растително масло

    – една чаша расол (туршија)

    – две главици кромид

    – едно парче варено пилешко месо

    – една лажича (чорбена) брашно

    – една жолчка од јајце

    – четири компири

    – сол

    – еден морков

    Подготовка:

    Целерот, морковот и кромпирот прво добро се мијат и лупат, а потоа се сецкаат на мали парчиња.

    Сецканиот кромид се вари на тивок оган во тенџере за чорба заедно со растителното масло. Се додава брашното и се меша неколку пати. Потоа се додава претходно исецканиот зеленчук и телешката супа и се продолжува со готвењето.

    Жолчката од јајцето и расолот се мешаат и полека се додаваат во чорбата. Потоа се додава ситно исецканата краставичка и пилешкото месо, и на крај се додава солта и се послужува додека чорбата е сеуште топла.

    Извор: http://www.gulumsermutfakta.com

  • Грција очекува еден милион туристи од Русија

    Постојаниот пораст на турист од Русија, според предвидувањата и анализите на Грчката асоцијација на туристички компании ќе кулминира оваа сезона, кога Русите се очекуваат во импресивна бројка која ќе изнесува повеќе од еден милион гости.

    Привлечени од природните убавини, атрактивните сместувачки капацитети, забавата, но и од православните верски објекти, Русите се повеќе се одлучуваат својот годишен одмор да го поминат токму во Грција, за сметка на традиционалните одредишта како Шпанија и Франција.

    Големата маркетинг кампања за летување во Грција спроведена од Грчкото национално туристичко биро која на глобално ниво изнесува нешто повеќе од 30 милиони евра, но и визните олеснувања (од минатата година Русите добиваат виза со мулти влезови) несомнено резултираа со освојување на овој огромен пазар, кој со својот завиден потенцијал ќе придонесе за зголемен профит.

    Австријците бараат поевтини хотелски услуги

    Сепак и покрај најавите за зголем број на туристи од Русија, грчкиот туризам се соочува со одредени порблеми, пред се поради високите цени на хотелските услуги. Австриските туристички организации ги повикаа грчките хотелиери да ги намалат цените со цел да ги вратат австриските туристи кои се повеќе ги откажуваат аранжманите за летните одмори во Грција.

    Според коментарите од претставниците на најголемите туристички агенции во Австрија , оваа година бројот на резервации на Австријците што сакаат да летуваат во Грција досега се намалил за 20 отсто, во споредба со овој период минатата година. Цените на грчките хотели мора да бидат поатрактивни, односно да поевтинат, велат австриските туристички агенции.

    Бројката на австриски државјани кои летувале во Грција минатата година изнесувала 480.000, за 120 илјади помалку од претходните години. Во 2007 година оваа бројка изнесувала и над 600.000 (најголема бројка во историјата). Ова е доказ дека Грција го губи туристичкиот пазар во борбата со Шпанија, Португалија, Турција и Германија.

    Сепак има одредени показатели, велат европските туристички агенции дека бројката на туристи за Грција ќе се зголеми во наредните месеци, бидејќи сега излегуваат програмите и аранжманите за летување во Грција, а неколку ниско буџетни авиокомпании најавија зголемување на бројот на евтини летови кон Грција. Неодамна Lauda Air ги зголеми неделните летови кон 19 дестинации во Грција. Порано имаше 58 летови неделно, сега има 63 летови. Исто и компанијата Fly Niki ги зголеми летовите од 40 неделно, на 42 лета неделно од Австрија кон Грција.

    Иако туризмот во Грција бил развиен уште во антички времиња, најголем раст и процут доживува во 1960-тите и 1970-тите години од минатиот век. Тогаш се изградени многубројни хотелски капацитети, апартмани и други објекти, со што бројката на туристи почнува да се зголемува вртоглаво. За пораст на туризмот придонесе и Летната Олимпијада во 2004 година како и песната на Евровизија што се одржа во 2006 година во Атина.

    Минатата година и покрај глобалната економска криза, Грција според информациите на Грчкото национално туристичко биро ја посетиле повеќе од 16.5 милиони туристи. Профитот во 2011 во однос на 2010 година, бил зголемен за десет проценти, тренд кој се надеваат дека ќе продолжи и оваа година.

    www.visitgreece.gr
    www.greekisland.co.uk

    www.facebook.com/UPGreekTourism

  • Музичари од Куба и од Турција – ѕвезди на OFF-Fest 2012

    Afro-Cuban All Stars

    Популарниот кубански оркестар AFRO-CUBAN ALL STARS и волшебниот турски тандем ЕРКАН ОГУР и ДЕРИА ТУРКАН ќе бидат ѕвездите на годинешното, единаесетто по ред, издание на OFF-Fest. Фестивалот стартува на први јуни токму со настапот на AFRO-CUBAN ALL STARS, група музичари предводени од еднa од најзначајните и највлијателните фигури на кубанската музика, главниот „виновник“ за феноменот Buena Vista Social Club, легендарниот ХУАН ДЕ МАРКОС.

    Еркан Огур и Дериа Туркан

    Втората вечер на OFF-Fest (2 јуни) е резервирана за гостите од Турција. Огур и Туркан се една од движечките сили на турската музика, а нивната музика е карактеристична по успешното внесување на духот на модерното време во традиционалните мелодии од Истокот. Истата вечер ќе настапат и македонскиот виртуоз, мултиинструменталист и професор, ДРАГАН ДАУТОВСКИ и неговиот квартет.

    На трети јуни, пак, скопската публика ќе има можност да ужива во концертниот перформанс на пионерите на пост-рок звукот, славните чикашки прогресивци TORTOISE, но и во соло настапот на инди-поп дивата ЛЕТИША САДИЕ (од Stereolab). На петти јуни, последната фестивалска вечер, ТОНИ КИТАНОВСКИ И ЧЕРКЕЗИ ОРКЕСТАР премиерно ќе го изведат во живо својот најнов албум „Шукар”, а фестивалот ќе го затворат атрактивните пустински рокери од Мали, TAMIKREST.
    Сите концерти на OFF-Fest (со исклучок на отворањето со кубанските ѕвезди Afro-Cuban All Stars во Универзална сала) ќе се одржат во Салонот на Македонската опера и балет. Фестивалот е во организација на Скопскиот џез фестивал, а билетите за сите фестивалски вечери се веќе во продажба.

  • Проја со магдонос

    Проја со магдонос

    Евтино, вкусно и здраво!

    Потребни состојки:

    3 кафени филџани бело брашно

    3 кафени филџани пченкарно брашно

    4 јајца

    250 г. сирење

    2 кафени филџани зејтин

    1 канче кисело млеко

    2 кесички прашок за печиво

    1/2 чаша кисела вода

    1 китка магдонос

    Сол

    Подготвување:

    Во подлабок сад ги кршиме јајцата и ги матиме со жица. Ги додаваме зејтинот, киселото млеко, киселата вода, двата вида брашно и прашокот за печиво. Посолуваме и мешаме со жицата. Магдоносот го миеме со вода и китката ја сечкаме ситно на даска за сечење, сирењето го дробиме со вилушка и ги додаваме во садот. Мешаме со лажица се додека смесата не се соедини. Потоа, тестото го ставаме во претходно намрсена тава за печење. Тавата ја ставаме во рерна и печеме 45 минути на 180 степени.

    Добар Апетит!

    Мери Чекеровска