Author: Balkon3

  • “Carnaval Latino” првпат во Турција

    Паркот „Кучукчифтлик“ во Истанбул ова лето ќе биде домаќин на најживописниот и најзабавниот фестивал. На првиот латино фестивал, кој ќе се оддржи на 11 јули ќе настапат легендарните групи и уметници: Orquesta Buena Vista Social Club & Omara Portuondo, Bebe, Luis Ernesto Gomez & La Descarga.
    Кралицата на латино музиката Omara Portuondo оваа година одбележува 60-годишнината од својата музичка кариера. Искуството кое го има зад себе и спомените ќе ги сподели со своите фанови во, како што вели таа, еден од нејзините најомилени градови, Истанбул. Omara Portuondo ќе биде придружувана од фантастичните Buena Vista Social Club. Токму оваа група, која е добитник на повеќе Греми награди, е главен „виновник“ за популарноста на латино музиката низ целиот свет.
    Позната по уникатниот глас и моќната изведба, латино ѕвездата Bebe ќе претставува посебно изненадување за нејзините фанови во Турција. Таа првпат е во Истанбул. Најзините спотови на Јутјуб имаат по три милиони кликови. Лубителите на латино музиката ќе имаат шанси да се забавуваат и танцуваат во ритамот на “Carnaval Latino”.

    Цена на билетите по категории:
    Делукс категорија – 265 лири
    Прва категорија – 165 лири
    Втора категорија – 133 лири
    Трета категорија – 99 лири
    Четврта категорија – 78 лири
    Напомена: една турска лира = 0.45 евра
    Билетите можете да ги купите на веб страницата: http://www.biletix.com/anasayfa/TURKIYE/en

  • Спокојство, духовност, историја и природна убавина

    На 1000 метри надморска височина, во подножјето на планинскиот масив Даутица се наоѓа Свето Преображение, еден од најубавите манастирски комплекси во Македонија. Екипата на Балкон 3 го посети манастирот, кој се наоѓа во близина на селото Зрзе, и поради тоа многумина го знаат токму со тоа име.

    Во манастирот не пречекаа љубезно, несебично и гостопримливо нудејќи ни ги мирот, спокојот и прекрасниот поглед. Домаќините може да ве остават да уживате или пак да ве прошетаат околу и во црквата за да ви ги раскажат необичните приказни (легенди) пренесувани со генерации.

    ЗА МАНАСТИРСКАТА ЛЕГЕНДА…

    Според канонските правила, кога сме свртени кон запад, на иконостасите во црквите иконата на мајката божја секогаш треба да биде на десната страна. Но, кога ќе влезете во црквата во Зрзе, ќе забележите дека иконата на Богородица е на левата страна. Во преданието се вели дека игуменот кој ја поставил иконата на мајката Богородица забележал дека таа го менува канонското место и самата се преместувала на спротивната страна, каде што била иконата на Исус Христос.

    Тоа се повторувало три дена и секогаш кога монасите ќе ја врателе на старото место, таа пак се враќала на спротивната страна. На третиот пат, кога игуменот ја прашал иконата зошто го менува местото, усните на Богородица се помрднале и таа одговорила: „Не сакам да му вртам грб на мојот син, затоа и го менувам канонското место“.

    Kомплексот цркви во манастирот Зрзе е составен од црквата “Св. Преображение”, подигната во XIV век и црквата “Св. Петар и Павле”, подигната во XVII век. Концепцијата на основата на целиот црковен комплекс, заедно со темелните ѕидови на јужната страна од црквата “Св. Преображение” ни даваат за право да тврдиме дека црквите се подигнати врз темелите на ранохристијанска базилика. Конзерваторско-реставраторските работи на црковниот комплекс се изведени во периодот околу 1963 година.

    Непосредно над селото Зрзе на мало возвишување, на терен во пад се наоѓа црквата Свети Никола. Точниот датум на изградба на црквата не може со сигурност да се потврди, иако се знае дека тоа се случило пред 1459 година. Црквата е живописана од сликарот Онуфрие во 1535 година, а фрески добиле и олтарниот простор во параклисот и западниот ѕид на црквата од надворешна страна.

    КАКО ДА СТАСАТЕ ДО МАНАСТИРОТ ВО ЗРЗЕ?

    Манастирот Свето Преображение се наоѓа на 33 километри северозападно од Прилеп. Од Скопје до манастирот преку Прилеп има 169 км., а се стасува преку Е-75 и патот 106. Преку Тетово и Гостивар пак се вози по патот М-4 и растојанието кое треба да го минете е 175 км. Од Битола до Зрзе пак има 77 км. и се стигнува преку патот М-5. Со оглед на тоа што Битола се наоѓа на само 15 километри од Грција, наша препорака за грчките туристи, кои бараат интересни места за посета, е задолжително да го стават манастирот Зрзе на својот план за патување. Посетете го манастирот во Зрзе, а во меѓу време се надеваме дека нашите фотографии ќе ви го доловат културното, духовното и природното богатство, со кое изобилува ова место.

  • МАКЕДОКС ПО ТРЕТ ПАТ – Почна креативната приказна со 62 документарни филмови

    Дојде и она доба од годината кога во срцето на Скопје, длабоко во Старата скопска чаршија, сѐ e обоено во кромидови нијанси. Море од млади зелени китки плете хармоничен бран по секој допир со древната питома калдрма во автентичен амбиент. На трошни порти, ве пречекува шпалир од насмеани лица. Во Скопје. Во Куршумли Ан.

    Почна Македокс. Трет по ред. Фестивал за креативен документарни филм. Настан кој упорно и горделиво се турка на патот кон традицијата. Онаму каде што и му е местото. Создаден од група луѓе кои со секоја година сѐ повеќе наликуваат на едно големо семејство кое им посакува отворено добредојде на редовните посетители и на намерниците. Во преубавиот амбиент на интимниот карван-сарај, Куршумли Ан, оваа фамилија со млади кромидчиња во високо подигнати раце, го прогласи фестивалот за отворен.

    Патувањето го отвори филмот „Изморениот патник“. Дело на доајенот на македонската документаристика, Благој Дрнков. Мојот некогашен сосед. Човекот со работилницата зад бујниот кордон од црешови дрвја во која се криеше тајниот свет на возбудата на Орце Николов 106, во Дебар Маало, кој целиот свој животен век му го посвети на документирање на македонската традиција, уметност и култура во своето богато творештво посветено и на уметничката фотографија. Легендата која неодамна замина во легенди, ги доби заслужените почит и признание од своите колеги и наследници. Од богата ризница на Дрнков, приказната за возот храбрец, малиот чајник, и за западниот дел на Македонија, снимена во далечната 1961 година, го покрена патувањето кое ќе трае осум дена и со себе носи 62 филмски остварувања од светска и регионална продукција, работилници, изложби и дискусии. Многумина останаа збунети по завршувањето на оваа проекција но, забревтаната локомотива симболично не поведе сите на дестинација на која не чекаат некои поинакви„Бебиња“ во чекор испратени од „Мама Африка“ на патот кон „Копнежливата дивина“ која во сите непоправливи романтични души ќе разбуди „Носталгија за светлината“ чувана од „Ноќен стражар“ таму некаде во светот на фантазијата. На „Плажата Бомбај“, каде што сме сите „Такви какви што сме“, маѓепсани од сопствената „Илузија“ и копнежот осликан во „Една жена – еден век“. Сите под закрилата на мојот драг другар „Редак“. Виножито од разнолики тонови, за сечиј вкус.

    По скопската приказна, која завршува на 22-ри јуни, Македокс ја продолжува авантурата. Патувачко кино, во текот на летото, ќе се насели во малешевијата. Креативните филмски приказни ќе допрат до Берово, Пехчево, Двориште, Ратево, Владимирово, Русиново, Црних, Панчарево, Блатец и Митрашинци.

    Пријатно ветре се пробиваше меѓу раскошните куполи во анот кој некогаш силно светел во олово, а на отварањето на фестивалот светна од позитивна енергија. Над аловите сводови, мирното небо ги сокриваше своите ѕвездени светилки во жешката летна ноќ. За среќа на малкумина, и кај нас полека сила зема нов ветар. Мотор, двигател на едрата на еден силен и квалитетен културен бран. Македокс е приказна која зависи од сите нас. Приказна која еден ден ќе им ја раскажуваме на нашите внуци. Зошто да не. Како што од нашите дедовци слушавме за малиот чајник. Возот храбрец од делото на Дрнков. Човекот кој одамна ни остави аманет да ја негуваме документаристиката.

    Горан Игиќ

    Фото: Галина Страчкова, Фил Лампрон

  • Сутлијаш со гриз

    Сутлијаш со гриз

    Ако одамна не сте го правеле овој десерт еве една наша едноставна верзија на приготвување на султијаш која се надеваме дека ќе ве мотивира да го приготвите.  Слатко и здраво задоволство кое верувајте ќе го снема многу брзо.

    Подготовка

    Ставете го оризот да се вари во  двата децилитри вода. Во меѓувреме во друг сад измешајте го млекото, шеќерот, ванилиниот шеќер и циметот. Ставете го на тивок оган и бидете внимателни се додека млекото не проврие. Кога оризот ќе биде готов, исплакнете го со ладна вода, добро исцедете го и ставете го во другиот сад со топлото млеко. Гризот измешајте го со две лажици вода и додадете го во млекото. Целата смеса оставете ја уште малку на умерена температура најмногу до 15 минути.
    Топлиот сутлијаш истурете го во длабоки тањирчиња и одозгора ставете малку цимет за декорација. Почекајте добро да се олади, а потоа лажичката во раце и уживајте.
    250 гр ориз
    1 литар млеко(со ниска масленост)
    2 децилитри вода
    200 гр шеќер
    стапче цимет
    1 ванилин шеќер
    4 лажици гриз
    малку цимет за декорација

  • Ден на различности

    Ден на различности

    Под мотото „Различни, но еднакви“ преку традиционални јадења и танци од различни етнички заедници, спој на модерното и традиционалното, беше одбележан денот на различностите во Тетово.

    Прославата на овој ден, поинаков од другите, кој веќе преминува во традиција, ја рефлектира културата на сите заедници кои живеат во Тетово. Соживотот и толеранцијата се клучен фактор за подобра иднина, а тоа е вистинската вредност на секое општество.

    Зоран Димовски

  • Пивски колбаси од Полска

    Викенд рецепт на Балкон 3 за вистинско гурманско и фудбалско уживање. Со оглед на тоа што од вчера цела Европа ја зафати фудбалска треска, екипата на Балкон 3 со предлог да подготвите со специјалитет со потекло од Полска, едната од двете земји, кои се домаќини на Европското првенство во фудбал. Станува збор за полски пивски колбаси. Подгответе го ова јадење, снабдете се со ладно пиво и уживајте во најважната споредна работа на светот.

    Потребни состојки:

    – 1 кг. колбаси исецкани на парчиња од 3-4 центиметри

    – ½ литар пиво

    – 4 црвени компири

    – 1 мала зелка

    – 1 лажица италијански зачин

    – 200 гр. моркови

    – ½ главица кромид

    – сол и црн бибер

    Подготовка:

    Пивото се истура во големо тенџер и се остава да врие на средна температура. Потоа компирите се сецкаат на кругови и се поставуваат на дното на тенџерето. Врз нив се посипува италијанскиот зачин, сол и црн бибер. Врз компирите се поставуваат морковите, кромидот, димените колбаси и зелката, и повторно се посипува зачин, сол и црн бибер. Тенџерето се покрива и се остава да се вари на ниска температура околу 45 минути.

  • ОБОЕНИОТ СВЕТ НА МАРЕ ПАРАСКЕВА!

    Таа е уметник-номад, но последните 13 години својот инспирациски рај го најде на островот Кипар. Маре Параскева е уметник од Македонија која 13-та година ги слика лицата на туристи и случајни минувачи во градот Пафос. Нејзините рачно насликани чаши, свеќници, стаклени сувенири ги има ширум светот. А, со колекцијата рачно сликани женски чанти Мy Máre ,е успешна и во светот на модата.

    Номад си од твои 17-18 години кога ја напушташ Гевгелија… Денес живеш на Кипар….Кои беа местата каде што престојуваше пред да се преселите на Кипар и зошто баш Кипар?

    Да…Веднаш по завршувањето на средното образование во мојата убава Гевгелија, заминав да студирам архитектура на Универзитетот Св. Кирил и Методи во Скопје. После втората година на студии решив да заминам во Англија. Живеев во Меидтоун, Кент, за потоа, потрeбата по нови животни искуства да ме одведе во Лондон, каде што запознав разни уметници од целиот свет со кои споделувавме  разни идеи, судбини… Лондон е местото каде што запознав еден музичар, кој подоцна  стана мој животен сопатник, Кип. Кип е со кипарско потекло, но се родил и живеел во Лондон. Со нашата прва посета на Кипар, се преселивме овде и еве веќе 13 години живееме тука.

    Имам впечаток дека уметноста е ваша водилка низ животот…Од каде љубовта кон уметноста, конкретно кон сликањето?

    Тоа е вистина. Уметнста дефинитивно е мојата водилка низ животот. За мене, да се биде креативен е да се биде жив. Уште како дете своите емоции секогаш ги изразував преку уметноста. Јас сум човек кој не сака многу да зборува, наместо тоа сликам, цртам, творам…

    Сликате на се и сешто, од чанти, чаши, луѓе….Како започна оваа ваша приказна?

    Уште како дете го направив моето прво сликање на стакло, со лак за нокти, на една стаклена вазна на мајка ми. Подоцна, често велев дека сакам да сликам на стакло и кога живеев во Лондон. За божиќ, од мојот драг Кип добив подарок, сет за сликање на стакло. Бев пресреќна. Тогаш започна сe’ и сеуште трае…Со тек на време, развив сопствен стил на сликање на декоративни чинии, свеќници, огледала, вазни, чајници, чаши за вино… Сликањето на лице и претворањето во карактери или животни е нешто што го правам речиси 10 години. Шест месеци во годината сликам на лица секој ден. Последниве 7 години сликам гости во еден од најпосетуваните ресторани во Пафос, Фет Мама.

    Модата одсекогаш ме привлекувала. Креирањето уметнички дела погодни за носење беше уште еден начин да се изразам себе си. Го одбрав сликањето на женски чанти. Тие се модни додатоци кои ја носат пораката  во надворешниот изглед. Ние жените ги обожуваме нашите чанти, а поседувањето или носењето на уникатна или рачно изработена чанта го прави тоа чувство уште по специјално. Мојата прва колекција на рачно сликани женски чанти My Máre излезе при крајот на 2010 година и сеуште успешно се продава ширум светот. Морам да признаам дека сум пресреќна што работам работа која многу ја сакам.

    Со вашиот сопруг живеете и работите подолг период во Кипар…Каков е животот на Кипар?

    Откако ќе живееш во Лондон, би рекла дека животот на Кипар е “easy going”, живот на плажа. Од првиот ден кога дојдов тука до денес, не сум се почувствувала како странец. Кипарскиот народ е многу гостопримлив и има слични традиции со моето родно место. Тука се чувствувам како дома. Јас уметник, мојот сопруг  е професионален музичар, мојот живот тука е: уметност, музика и плажа. Се будам и заспивам со тоа…

    Корисни информации од Маре, доколку планирате наскоро да патувате на островот Кипар:

    Кој е најбрзиот и најевтиниот начин да се стигне од Македонија до Кипар?

    Јас вообичаено, кога одам во Македонија, летам до Солун и после тоа со автомобил до Гевгелија. Повратен авионски билет чини околу 300 евра, но добра вест е тоа што пред неполн месец започнаа и евтини летови од Кипар.Така да, сега може евтино да се лета и до Солун.

    Колку чини пиво во бар, на Кипар?

    Пиво во бар чини околу 2 евра, а во ноќен клуб околу 5 евра, во зависност од програмата што се нуди. Во клубовите со бузуки цените се и поскапи.

    Сместување?

    Поекономичен начин да престојувате во Кипар е со друштво, со кое би ги поделиле трошоците. На пример, за апартман со 2 спални соби, за 6 луѓе, со заеднички базен,  чини околу 450 евра неделно. Или, вила со 3 спални соби, за 6 луѓе и сопствен базен чини околу 650 евра неделно.

  • „МАКЕДОНСКИ УБАВИНИ“ ВО PALAIS PORCIA ВО ВИЕНА

    Изложба на македонскиот сликар Павле Кузманоски во Виена, Австрија од 05.06.2012 – 14.06.2012 во Palais Porcia, објект во сопственост на Австриската влада во строгиот центар на Виена. Изложбата е насловена Македонски Убавини“, ili Ausstellung „Mazedonische Schönheiten“.

    Изложбата со поддршка на Министерството за Култура на РМ ја отвори амбасадорот на Република Македонија др. Ѓорѓи Филипов и Манфред Мацка раководител на Сектор во Службата на сојузниот канцелар на Австрија. Куратор на изложбата е Климе Коробар.

    Нашата прва имагинарна средба со човекот и уметникот Павле Кузманоски беше преку сликата „Везилка“, која како дете и ученик во основното училиште во учебникот по македонски јазик ми ги исполнуваше очите со убавина и во мене го будеше чувството на единство, со стиховите на македонскиот поет и писател Блаже Конески: „Везилке, кажи како да се роди проста и строга македонска песна“. Оттогаш, за уметникот Павле Кузманоски, додека ја гледам неговата слика, си имам создадено сопствен детски сон, со многу прашања, меѓу кои и прашањето: „Дали е можна ваква симбиоза меѓу стиховите и сликата?“, вели амбасадорот Филипов за Кузманоски.

    Мојата повторна средба со вистинскиот, живиот Павле Кузманоски, следеше многу подоцна, случајно; на враќање од Охрид имав можност да се видам со сликарот во Тетово и да влезам во неговиот уметнички свет, создаден во неговото атеље. И тогаш, по втор пат сознав дека неговите уметнички погледи се вгнездиле во мојата душа, заедно со неговите слики и бои. Така, мене вистински ми се отвори светот на непознатото и пожелното. Тука го запознав човекот, со неговата добронамерност, неговата доблест, неговата скромност, но сепак толку голем, колку и неговите дела. Станавме пријатели и уште повеќе, тој е човек со силен, изразен уметнички нагон, човек кој ми ја оствари и ми ја подари магијата на убавината.

    Павле Кузманоски

    Кузманоски во Виена ќе се претстави со 48 дела од циклусот “Девојки”, “Пејсажи”, а ќе има дела и од циклусот “Сведоци” и “Мртви Природи”.

    Владимир Кузманоски

  • Tестенини со шкампи во грчки стил (Makaronada ме garides)

    Викендов екипата на Балкон 3 одлучи да ви предложи еден грчки специјалитет. Станува збор за тестенини со шкампи, специфично јадење за овој период од годината. Предноста е што овој специјалитет можете да го подготвите за саботниот или неделниот ручек, но исто така во него може да уживате и за време на вечерата, додека гледате некој добар филм.

    Потребни состојки

    – ½ килограм тестенини
    – ½ килограм неварени, излупени ракчиња со средна големина
    – една и пол  чаши исецкан артичок од конзерва
    – 300 грама рендано фета сирење
    – 300 грама сецкани домати
    – ¼ чаша маслиново масло
    – 3 чешниња лук

    – 3 лажици свеж сок од лимон
    – свеж магдонос
    – оригано
    Подготовка

    Во голема тава на средна температура се загрева маслиновото масло. Во тавата се додава лукот и се пржи околу триесет секунди. Потоа се додаваат и ракчињата, кои се пржат неколку минути. На крајот во тавата се ставаат и артичокот, сирењето, доматите, сокот од лимон, магдонос и оригано и целата смеса се готви околу три минути. Откако ќе биде готово се зачинува со сол и бибер. Во меѓувреме, тестенините се варат во солена вода и се меша повремено. Отако ќе се сварат, тестенините се цедат. Во садот за послужување прво се ставаат тестенините, а потоа се додава смесата од ракчиња. Доколку има потреба повторно се зачинува со сол и бибер. Добар апетит!

  • Македонија во пет дена – најдобро!

    Љупчо Јузмески e професионален туристички водич од Охрид. Дваесет години работел како рецепционер во охридските хотели и авто-кампови, а од 2009 година работи како лиценциран туристички водич. Како водич кој зборува пет јазици – македонски, англиски, српски, грчки и бугарски – ја презентирал Македонија пред туристи од многу европски земји. Негова специјалност се манастирските тури низ Македонија, во кои често се вклучени и посети на исламски верски објекти. Најдраги – и нему, како и на посетителите – му се „кружните тури“ низ Македонија, кои се најбарани од туристите од Турција, Хрвтска, Полска, Словенија и Холандија. Нивната радост од тоа што го виделе, како што вели, најдобро може да ја почувствува, кога за време на патувањата сите заедно пеат македонски народни песни. За неговата умешност во тоа што го работи, неодамна ја доби наградата „Најдобар промотор на Македонија“ за 2011 година, во категоријата туризам, извоз и претприемништво.

    Кој е најчестиот впечаток на странските туристи за тоа што го виделе во Македонија? Што е, според нив, тоа што најмногу ги плени?

    – Прво и највпечатливо им е топлината и љубезноста на македонскиот народ. Од друга страна, секое место што го посетуваме кога сме на тура низ Македонија, буди и други впечатоци, главно дека имаме многу убави планини, езера, реки, стари цркви и манастири и историски објекти. Како повпечатливи за странските туристи би ги издввоил Матка, Музејот на вода во Охрид, Свети Наум, манастирот Свети Јован Бигорски, Плаошник, Кратово, Берово и водопадите во Струмица.

    Веќе долго работите со нив. Какви се нивните реакции за време на турите?

    – За да имаме добри реакции од нив, не треба да се грижи само туристичката агенција што го продава аранжманот. За тоа треба да се потрудиме и ние како лиценцирани туристички водичи, кои треба уште подобро да им ја доловиме Македонија. Нивните реакции, во голема мера зависат од нас, но, сепак, кога сме на посета на самото место, каде што треба да се кажат и приказната, легендите и историјата за тоа место, за да стекнат добар впечаток и да го запаметат местото. До сега реакциите се одлични, и може да се каже дека испраќаме задоволни туристи кои имаат желба да им кажат и на нивните пријатели дека е убаво да се посети Македонија и да не се двоумат воопшто. Ако има негативни реакции, најчесто тоа се за сигнализацијата на објектите покрај патот и за условите на патиштата.

    Што би им препорачале да видат или каква тура би им препорачале на луѓето од Турција и од Грција (пред се’), но и на луѓето од други земји, за претстојната летна сезона?

    – Разликата меѓу Грците и Турците, како туристи во Македонија, е во тоа што Грците сакаат да одат во цркви, а Турците – по отоманските објекти во Република Македонија. Но, заедничко за сите странски посетители е дека сакаат да ги посетат музеите во Македонија. Турците доаѓаат оваа година во поголем број и се задржуваат подолго во Македонија, вклучувајќи ја и неизбежната Битола, со спомен-куќата на Мустафа Кемал Ататурк и Скопје, со Стара чаршија, со сиот нејзин сјај кој се врати во последниве три години. Но, сепак, најзадоволни се од Охрид. Американците се посебна категорија туристи. Претежно доаѓаат пензионери, кои имаат кружни тури низ Балканот. Ова година не се во толку голем број како минатите години. Годинава најмногу има Холанѓани, Турци, Полјаци и Словенци.

    Што би им понудиле вие лично на странските туристи за претстојната сезона?

    Без многу размислување – цела Македонија во пет дена. Скопје – од Кале до Стара железничка станица, со Водно, манастирот Свети Пантелејмон, кањонот Матка. Од таму, на пат накај Охрид – од Шарена џамија во Тетово, преку национален парк „Маврово“, со посета на Свети Јован Бигорски и манастирот Свети Ѓорѓи Победоносец во Рајчица, Дебар и бањите во Косоврасти, вевчани како етно и еко-рурален туризам, Струга и манастирот Света Богородица во Калишта, Охрид со стариот дел, манастирот Свети Наум и Музејот на вода. Од Охрид – на пат накај Преспанско Езеро, преку Галичица, до Ресен и островот Голем Град. Следна станица – Битола, со археолошкиот локалитет Хераклеа и Широк сокак. Прилеп со манастирот Трескавец. Кавадарци со посета на винаријата „Тиквеш“, Стоби, Демир Капија со Музејот на виното и винскиот пат. Струмица со водопадите, Берово со етно и еко-спа центри, Пробиштип и Лесновски манастир и, за крај, Кратово и Крива Паланка со „Свети Јоаким Осоговски“.

    Васко Марковски

    Контакт: Љупчо Јузмески, лиценциран туристички водич и придружник. Охрид – Мејл: travelguidemk@gmail.com, Скајп: touristguide-mk, Тел. 00 389 70 974 126