Author: Balkon3

  • Празничен Куглоф колач

    Празничен Куглоф колач

    Ова е еден од најуниверзалните празнични колачи, кој многу често е дел до семејните трпези. Независно дали станува збор за Велигденски или Божиќни празници, или стандарден неделен ручек, со овој изворно германски, односно австриски колач, не може да погрешите. Постојат еден мал милион рецепти и варијации на оваа тема, така што нема шанси да не направите колач кој вашите најблиски нема ќе го изедат до последното парче.  Еве еден наш рецепт за куглоф како предлог за празничен десерт, за кој нема да ви треба повеќе од 30 минути за целосна подготовка и печење.  Уживајте!

    Подготовка
    Измиксирајте го стопениот путер заедно со шеќерот и ванилиниот шеќер. Додавајте едно по едно јајце, потоа млеко и на крај брашното измешано со прашокот за пециво. Поделете ја смесата на два еднакви дела. Во едната половина додадете какао и мелени ореви или лешници.

    Калапот за куглоф добро премачкајте го со путер. Наизменично ставајте една лажица од светлата и една лажица од темната смеса. Потоа сменете го редоследот, прво ставете од темната, па од светлата, за да добиете фино прошарана смеса.  Печете го во добро загреана рерна на температура од 180 степени, околу 20 миниту. Откако ќе се испече на него посипете шеќер во прав. Чоколадните сладокусци можат куглофот да го прелијат и со стопено чоколадо и да го посипат со дробени ореви или лешници.

    Потребни состојки

    250 гр. путер
    300 гр. шеќер
    1 ванилин шеќер
    5 јајца
    1.5 dl млеко
    400 гр. брашно
    1 прашок за пециво
    100 гр. ореви/лешници
    1 лажица какао

    Уживајте во пртазниците и Куглоф колачот на Балкон3!

  • Турската кинематографија го доби својот адут за Оскар

    Најновиот кинематографски спектакл на турската филмска индустрија, проектот наречен Fetih 1453 (Освојување 1453), конечно ја доживеа својата светска премиера. По повеќе од три години работа, режисерот Faruk Aksoy гордо може да се пофали дека направи филм, кој импресионира во секој сегмент. Доволно е да се погледнат само неколку секвенци од трејлерот и самите ќе се уверите дека станува збор за вистинско филмско ремек-дело на кое може да му позавиди и Холивуд.

    Очигледната безидејност на најголемата светска филмска работилница, вешто ја искористи се помоќната турска кинематографија која не ги штедеше сите свои потенцијали во намерата да докаже дека може да продуцира високо буџетeн филм кој ќе им конкурира на најголемите блокбастери.

    Првите неколку недели од премиерното прикажување во Турска кое симболично започна во 14 часот и 53 минути беа сосема доволни да се срушат речиси сите рекорди. Турска освен што го продуцираше својот најскап филм во историјата, со буџет од околу 17 милиони долари, го доби и својот најгледан филм, кој според многумина допрва ќе руши рекорди, освојува награди и поставува нови стандарди.

    Филмот рецензентите го споредуваат со одличниот “Небеско Кралство” на Ридли Скот и “Троја” на Волфганг Питерсон, кое само по себе е комплимент со кој не можат да се пофалат многу други поскапи и поамбициозни проекти кои завршиле како тотално разочарување.

    Вештите рецензенти иако во најголем дел се осврнуваат на естетиката на филмот, сепак не останале рамнодушни во однос на политичкиот контекст, односно пораката која ја испраќа овој филм. Моќта на некогашната Империја ја споредуваат со актуелниот економско/политички и воен потенцијал на модерна Турција, која како држава со своето влијание успеа да се наметне како светски фактор.

    Падот на Византија

    Во однос на самото сценариo на филмот, Fetih 1453 е епска историска приказна за освојувањето на Константинопол од моќната Османлиска империја, предводена од големиот воин, султанот Мехмед Втори. Овој настан се случува токму  во периодот на најголем процут на Империјата, која своите апетити за надмоќ ги задоволи со освојување на симболот на Источното Римско Царство, градот Константинопол, центарот на Византија.

    Филмот започнува со зборовите на Мeхмед кој вели, “Вистина еден ден Константинопол ќе биде освоен. Колку прекрасен војсководец е оној кој ќе го освои, колку прекрасна ќе биде неговата војска”.

    Освен неговиот главен императив – покорување на градот, филмот  во поголемиот дел го третира животниот пат на младиот султан кој на престолот доаѓа со само 12 години, обременет со товарот на својот славен татко и убеден во мисијата да им покаже на своите поданици дека во него чука срце на голем војсководец. Во тоа и ќе успее откако триумфално ќе го истакне знамето на Импeријата на ѕидините на разурнатиот град.

    Fetih 1453 e филм кој никако не смеете да го пропуштите. Направен според сите современи естетски критериуми како треба да изгледа еден историски спектакл тој во целост го заслужува вашето ценето внимание и време. Со оглед на одличните рецензии кои ги одбива овој филм не треба да се изненадиме ако филмот го освои престижниот Оскар за најдобар филм од не американско потекло, бидејќи дефинитивно тоа и го заслужува.

    Режија: Faruk Aksoy

    Сценарио: Atilla Engin, Irfan Saruhan

    Главни улоги: Еvrim Evin,İbrahim Çelikkol, Dilek Serbest, Recep Aktuğ

    Филмот во моментов се прикажува во поголемиот дел од Европа, но за жал засега немаме информации дали ќе се најде во официјална кино премиера во некои од нашите сали. Ако, тоа и се случи, наша препорака е  Fetih 1453  задолжително да го погледнете на големо платно и да уживате во магијата која ја нуди филмската уметност.

    Зоран Зафировски

  • Македонска крвава свадба во Анкара

    “Македонска крвава свадба” ќе прозвучи во Анкара со
    концертот на ансамблот Грнета (Grneta Ensemble)

    Грнета ансамбл

    Следејќи го својот талент, виртуозност и љубов кон музичките ноти двајцата
    македонски кларинетисти Васко Дуковски и Исмаил Лумановски и понатаму
    ја освојуваат светската публика. Овој пат нивните грандиозни таленти ќе ги
    чуе публиката во Турција со спектакуларен концерт вечерва на
    најпрестижниот интернационален музички фестивал во Анкара каде
    настапуваат најпознати имиња од светската сцена. Како Грнета ансамбл овие
    двајца виртуози заедно со француската пијанистка со романско потекло
    Александра Џоан за прв пат ќе ја презентираат својата уникатна музичка
    програма во главниот град на Турција.
    Делејќи го истото источно‐европско потекло овие тројца млади музичари
    заедно креираа една невообичаена музичка програма главно инспирирана
    од фолклорни елементи грандиозно преточени во класичната музика.
    Нивниот репертоар вклучува дела од ерата на романтизмот, како и
    оригинални аранжмани на инструментални дела и музика од Балканот.
    Концертот ќе биде една сензационална ризница од дела напишани од
    композитори од повеќе земји од светот. Меѓу нив е и делото “IVINO” од
    композиторот Марко Виденовиќ, воедно и водач на виола секцијата во
    Македонската Филхармонија, кое е напишано специјално за ансамблот
    Грнета. Интересно во ова дело е што содржи примеси од македонскиот
    фолклор и на овој концерт ќе ја добие својата светска премиера.
    Но влијанието на македонското кулурно богатство врз познатите
    композитори низ светот, не застанува тука. Она што за Чернодрински во 1900
    во драмата “Македонска крвава свадба” беше романтичарски занес
    пронајден во тешката историја на нашиот народ, за познатиот американски
    композитор Николас Чичко (Nicholas Csicsko) беше инспирација за прекрасно
    дело напишано за нашите познати кларинетисти Васко Дуковски и Исмаил
    Лумановски “Macedonian Bloody Wedding”. Дело кое ги крши сите табуа,
    особено со тоа што ќе биде изведено во Турција од двајца македонци од кои
    едниот е со турско потекло.
    Спектакуларната содржина на овој концерт привлече големо внимание со
    што ќе биде емитуван во живо на Турската национална телевизија ТРТ.
    Делата и креативната работа на ансамблот Грнета светската публика ќе има
    можност да ги чуе и на нивниот нов албум “Eastern Madness” кој беше
    снимен минатата недела.

    Антонела Дуковска

  • Десетдневна модна пролет во Скопје

    Петтата сезона на Модниот викенд – Скопје пролет/лето 2012 која почна на втори април и ќе трае десет дена со својата богата програма веќе ги крена на нозе љубителите на модата. Деновиве градот пулсира во ритамот на најновите модни случувања и свежи колекции, а главните настани се одржуваат на неколку локации.

    Серијата модни ревии, коктели, забави, изложби, хуманитарни проекти и ексклузивни настани започна во понеделникот кога се случи свеченото отворање со прогласувањето на победникот во отворениот конкурс на „Пелистерка“ за нов дизајн на шише – Јована Филиповиќ. По ова следуваа изложбите на фотографии „Природа и мода“ на фотографското дуо Ани и Дими односно АД Фотографи, Билјана Ќосева и Жарко Чулиќ изложени во новоотвoрениот „шоурум“ со дизајни на облека и накит од македонски креатори.

    Димитар Петровски, кој заедно со својата партнерка Андријана Костова се официјални фотографи на Модниот викенд вели:

    – Од почетокот на Модната Недела сме главни фотографи задолжени за покривање на целиот настан, но и за изработка на фотографии за рекламите и за каталозите. Драго ми е што во овие пет изданија на модната недела, заедно со квалитетот на самиот настан, напредувавме и ние, и го развивавме нашиот фотографски израз. Изложбата на ова издание на Fаshion weekенд е инспирирана од темата за оваа пролет/лето сезона, па во таа насока учествувавме со неколку фотографии направени во природа. Дел од нив се постари, а дел првпат беа презентирани на оваа изложба.

    Ветеранот на македонската мода, Никола Ефтимов во свој уникатен стил ја претстави својата нова модна приказна од Ориентот наречена „Хонг Конг експрес“ која ја создаде во соработка со својата асистентка Александра Јовановска. Како продолжение на неговата претходна колекција од минатиот моден викенд, која повеќе беше фокусирана на уличната мода, овој пат Ефтимов даде свој осврт на тоа како да се изгледа фанки, ексцентрично и модерно за вечерните излегувања со низа колоритни креации во живи бои, необични материјали и иновативни кроеви.

    – Новата колекција (Hong Kong Express) е инспирирана од филмовите на Вонг Кар-Ваи, особено од “In the mood for love” и “2046”. Создадов 16 модни изгледи: 11 женски и 5 машки. За изработката е употребена мешавина од традиционални и природни материјали. Најголем дел од женските изгледи се стилизирани од чипау-фустани, а машките модели се стилизација на класичниот костим со елементи на спортска облека. Дизајните за ревијата во Американската амбасада се дел од серијата направена за оваа пригода. Ја нареков “The Bebop Baroness”. Инспирацијата беше животот на една британска бароница (Baroness Pannonica de Koenigswarter). Таа (Pannonica) е можеби најголемиот покровител на бебоп музичарите, особено Телониус Монк, изјави Ефтимов.

    Во вторникот, Американската амбасада во Македонија ги отвори вратите за настанот „Џезот и модата“, а домаќинот – американскиот амбасадор Пол Волерс уште еднаш докажа дека планира да биде патрон на вакви и слични случувања, кои ќе ја промовираат македонската модна индустрија.

    Тринаесет дизајнери ги претставија своите уникатни креации што беа специјално креирани за оваа пригода која беше омаж на џез ерата од 1920-тите. Црната елеганција доминираше на модната писта, но секако не беа запоставени ни креациите во кои имаше појаки бои. Меѓу учесниците во оваа вечер, во која се славеше џез музиката и елегантниот стил на облекувања, беше и младата креаторка Ведрана Панева, кој изјави:

    – Jazz& fashion беше одлична соработка помеѓу Американската амбасада и дизајнерите и можеше да се види како сите различно размислуваме на една иста заедничка тема, да се запознаеме и да размениме искуства. Одлична организација и прекрасни домаќини. Мислам дека вакви соработки треба почесто да се случуваат, а зошто да не стане и традиција секоја година да има тематски ревии. Јас се претставив со два модела инспирирани од филмот „Gatsby“, и музиката од тоа време пренасочена во модерен стил.

    Во средата во Музејот на ВМРО и жртвите на комунистичкиот режим се одржа гала ревија во чест на петгодишниот јубилеј на дизајнерското дуо Тања Кокев и Мила Кадриу. Нивната нова колекција всушност беше осврт на сето она што го создаваа во изминатите години, односно избор на 30 модели на венчаници и коктел-фустани од свила.

    Истанбулска модна недела

    Истанбулската модна недела е платформа која беше создадена за да се поддржи работата на турските дизајнери и брендови во национални и интернационални рамки. Целта е да се поттикне дизајнерската сила и потенцијал на модната индустрија и да се поддржи економскиот раст на секторот. На неа дизајнерите и познатите брендови веќе неколку години наназад ги претставуваат своите колекции, а идејата е да се формира мост со кој талентираните креативци од Турција и соседните земји ќе го прошират своето поле на дејствување во светски рамки. Петтата по ред модна недела на која настапија 22 дизајнери и пет брендови се одржа лани од 7 до10 септември во Истанбул. Со четиридневниот настан, Истанбулската модна недела за пролет/лето 2012 го стави градот на светската модна мапа, а ја посетија 30 000 гости и 250 странски медиуми.

    Атинска модна недела

    Привлекувајќи илјадници посетители, странски новинари и селебрити фаци, Атинската модна недела полека го освои своето место во модниот свет. Грчките и интернационалните дизајнери се обединуваат за оваа екстраваганца што се одржува во Технополис. Оваа година по петнаесетти пат овој традиционален моден настан ќе се случува во периодот од 17-21 април, а покрај ревиите ќе има и бројни културни случувања, концерти, изложби, наградни конкурси и работилници. Во рамките на Атинската модна недела, до сега се имаат претставено дизајнери како Софија Кокосалаки, Жан Шарл де Кастелбажак, Гаспард Јуркијевич.

    Елена Петковска

    фото: АД Фотографи

  • Колачи со вкус на баклава

    Ако сте еден од оние зависници од вкусот на баклава тогаш овој рецепт дефинитивно мора да го пробате. Идеален за да ги импресионирате вашите пријатели со своите кулинарски вештини, кои на прв поглед ќе се изненадат пред се од формата, но не и од вкусот кој навистина е извореден. Одличен рецепт, едноставен за подготовка за кој нема да ви треба повеќе од 30 минути. За одвоеното време верувајте дека ќе добиете одличен резултат со кој ќе успеете да измамите насмевка кај вашите најблиски. Овие колачиња можат да се послужат во секоја пригода, независно дали како десерт по јадење или како додаток со кафе. Уживајте!

    Подготовка на филот

    Во исецканиот путер ставете шеќер и добро промешајте, се додека не добиете компактна структура. Потоа додадете цимет и измелени ореви или лешници.

    Подготовка на тестото

    Во посебен сад, ставете брашно, прашок за пециво и сода.
    Во друг сад изматете го путерот со шеќерот и едното јајце. Добро измешајте се додека шеќерот добро не се соедини. Постепено во садот додавајте го јогурот и брашното, во неколу етапи и постојано мешајте.

    Загрејте ја рерната на 200 степени. Модлите премачкајте ги со путер за да смесата не ви се залепи при печење. Во секој калап ставете една лажица од тестото, па потоа една од филот и уште една лажица од тестото.
    Koлачите ги печете не повеќе од 15 минути. Откако ќе добијат фина златна боја, ги вадите и ги оставате да се оладат неколку минути. Потоа премачкајте ги со веќе претходно подготвениот врел шербет направен од мед и сок од портокал или лимон.

    За 12 колачиња ви требаат:

    200 грама брашно
    1 кафена лажица прашок за пециво
    ½  лажица сода
    70 грама кафеав шеќер
    1 јајце
    40 грама путер
    250 мл јогурт

    За подготовка на фил:

    50 гр мелени ореви или лешници
    70 гр кафеав шеќер
    ½  лажица цимет
    40 грама путер

    За шербетот:

    5 полни лажици мед
    1 ½ лажица сок од портокал или лимoн.

     

  • Истанбул домаќин на завршниот Евролига кошаркарски турнир

    Панатинаикос, ЦСКА Москва, Олимпијакос и Барселона се четирите екипи учесници на завршниот турнир во кошаркарската Евролига. Домаќин на турнирот е градот Истанбул, каде од 11 до 13 мај ќе се води жестока битка за освојување на престижната титула, најдобар европски кошаркарски колектив. Панатинаикос во полуфиналето за противник ќе ги има ЦСКА Москва. Тимот пак, на нашиот капитен, Перо Антиќ, Олимпијакос во полуфинале ќе ги одмери силите со Барселона. Сите натпревари ќе се играат во салата Синан Ердем, која има капацитет од 16 илјади гледачи. Ова е најголемата сала во Турција именувана по Претседателот на Националниот олимписки комитет на Турција, кој оваа функција ја извршувал од 1989, па се до неговата смрт во 2003 година.

    Ако одлучите да присуствувате на овој спектакл, наш совет е да побрзате со купувањето на билети, бидејќи достапни остануваат се помалку места. Цените на билетите за сите натпревари, освен за финалето се движат од 399 евра, па се до 899 евра колку ќе треба да платите ако сакате да бидете во ВИП ложите. Одлична прилика да поминете возбудлив викенд во Истанбул каде освен што ќе имате прилика да гледате одлична кошарка, ќе уживате во убавинита на импресивниот бисер на Босфорот.

  • Џенгиз Ибрахим – виртуоз на саз и канон

    ЗВУЦИ НА БЕСКОНЕЧНОСТА

     Музичар, теоретичар, наставник, уредник и водител на бројни музички емисии при турската програма на Македонското Радио. За тие што подобро го познаваат и кои имале можност да соработуваат со него ќе ви дополнат дека е виртуоз на рајските инструменти – канон и на саз.

    Кога би посакале да ја изразиме филозофијата и културата на Анадолската музика, секако дека тоа најдобро би го направиле се далеку познатиот саз. Жичаниот инструмент пораката ја дава на сосема поинаков начин велат големите мајстори на музиката. Според нив, сазот раскажува за тоа што сите го знаат, но никој не го кажува. За најубавите љубовни песни задолжена е долниот пар на жици, средните жица за тажните спомени, горните пак за гурбетчиските приказни. Во комбинација на сите жици, традиционалниот турски инструмент сазот, го опишува самиот живот.

    Додека сазот раскажува за самиот  живот, ние сме љубопитни за неговата приказна. Секако дека таа приказна во Македонија најдобро би ни ја раскажал Џенгиз Ибрахим, кој неодамна магистираше токму на таа тема.

    МУЗИЧКА ТЕРАПИЈА
    Џенгиз Ибрахим првите чекори во музиката, ги започнува со традиционалниот саз. На рајскиот инструмент почнува да свири на 14 годишна возраст. Првите лекции ги учи од познатите мајстори во Истанбул. Се запознава со техничките карактеристики на сазот, да чита и да пишува ноти и некои значајни финеси.

    “Сазот е турски народен жичен инструмент. Мојата академска студија се заснова на историски извори. Во него има податоци за историјата, развојот, старите техники за свирење, терминологијата и за видовите на сазот. Кога ги слушате нотите на сазот ја почувствувата мистеријата и бесконечноста. “ објасни Ибрахим.

    Сазот е инструмент кој потекнува од Хуните, старо турско племе од Источна Азија. Подоцна поетите инструментот го донеле во Анадолија. Во меѓувреме сазот претрпува промени. Старото име на сазот било Копуз.

    Саз`от и Дамбра`та се користат во музичката терапија. Заради тоа Џенгиз Ибрахим е многу среќен. “Алтернативната метода на терапија базирана на музика кај Турците се користи многу одамна. Се користел во психијатирските клиники за опуштање на пациентите. Овие истражување 20 години ги следам внимателно. Моќта и ефектите на звукот јасно го имам почуствувано во своите настапи“ изјави Џенгиз Ибрахим.

    БОГАТА КАРИЕРА
    Mајсторот на скоро сите источни жичени инструменти Џенгиз Ибрахим, моментално работи на подготвување на новата престава “1001 ноќ“ во театарот на турската драма. Зад себе има многу богата кариера. Соработувал со групите Мизар, Анастасија, Влатко Стефановски, “Музичари без граници“ од Холандија, Љубојна и има компонирано за над 15 театарски претстави од кои поважни се Харем Султан, Луна Парк, Женички, Црн молив, Баханалии идр.

    Тој истотака е автор и изведувач на музиката за балетот “Врати“. Со тоа тој влегува во музичката историја како прв Турчин со румелиско потекло кој што компонирал модерен балет.

    “Сазот во Македонија има голем број на љубители, за него има голем интерес. Тоа најмногу може да се забележи во источна Македонија и Скопје. Фоклорниот Фестивал во Чаликли, Валандовско има големо значење. Во Културното уметничко друштво “Јени Јол“ има голем број на млади кои учат да свират на саз. Во последните години направив големи напори за да старите турски инструменти влезат во музичката литература. Тоа веќе се планира“ рече Џенгиз Ибрахим.

    СЛЕДУВА КАНОНОТ
    Џенгиз Ибрахим, по обичај концертот на саз го започнува со Зејбек, вид на музика од Егејскиот регион. Продолжува со музички примери од Анадолија. “Овие песни јас ги гледам како бескрајно богатство. Колку повеќе ќе истражувате, ќе разликувате толку повеќе видови на мелодии, финеси и хармонични звучни вредности“ рече Џенгиз Ибрахим, наставникот по музичко во Основното Училиште “Тефејјуз“ од Скопје.

    Идните студии на Џенгиз Ибрахим ќе бидат насочени кон истражувањата за канонот. “На тој начин имам за цел да ги промовирам музичките вредности на Турците од Румелија. Работејќи на театарската и филмската музика, се повеќе ја чувствувам моќта на канонот“ нагласи тој.  Како го оценувате местото на уметниците во нашето општество, го прашавме Ибрахим. Неговиот одговор јасен: “Ако уметниците работат добро и професионално, за нив, секоја врата ќе биде отворена. Ако музиката што ја прави има вредност секако дека има шанси да биде почитуван и баран уметник” рече тој.

    Хусамедин ГИНА

  • Брисел се подготвува за тродневниот Балкан Трафик фестивал

    Бриселската Палата на убави уметности е по шести пат годинава домаќин на фестивалот Балкан Трафик (Balkan Trafik). Годинава, повеќе од кога и да е, Балкан Трафик ви ја претставува автентичноста на балканската култура. Во уникатна атмосфера повеќе од 200 уметници ве очекуваат да ги споделат со вас нивната музика, филм, танц, ателјеа, гастрономија…. Празник за очи и уши и ритмови на кои не може да им се одолее кој се одржува од четврток 12 до недела 15 април 2012 година.
    Балкан Трафик е место на кое секоја година се среќаваат најдобрите уметници од регионот и од дијаспората, секој со сопствен стил. Фестивалот нуди примероци од различните култури и заедници од југо-источна Европа и привлекува секоја година над 7500 посетители.
    Палата на убави уметности Брисел
    12-15 април 2012
    Сајт на Фестивалот
    www.1001valises.com

  • “AİR OF İSTANBUL” – ПЛАТИ ПА ДИШИ

    Еден од најпознатите турски поети Орхан Вели, во еден негов познат стих вели: `Живееме бесплатно, бесплатно, воздухот е бесплатен, облакот е бесплатен, реката, дождот, калта се бесплатни`….

    Но денес веќе тоа не важи, воздухот веќе не е бесплатен, барем кога зборуваме за Истанбул. Имено Истанбулскиот воздух чини доста пари, а згора на тоа има и голема побарувачка.  

    Културната иницијатива Билкент, која што презема обврска комерцијално да менаџира 55 музеи и излетнички места низ Турција, започна со продавање на конзервиран `Истанбулски водух`, идеја која наиде на голем интерес кај домашните и странски туристи. Цената на една конзерва чини 16 турски лири или 7 Евра. Засега, месечно во просек, се продаваат околу 100 конзерви.

    На конзервата има фотографии од Истанбул и носи натпис ”Air of İstanbul”. Пријатно изненадените туристи и домашни посетители, откако ќе ја видат конзервата, најпрвин се насмевнуваат, потоа на кратко коментираат интересно, пријатно сме изнендадени, супер, оригиналнa идеа, многу духовито, додека за дел од посетителите, тоа е многу глупаво и доста скапо….

    ”Првата реакција на тие што ќе ја видат конзервата е насмевката. Од фидбекот што го добиваме, конзервата ја купуваат за подарок, за некој близок во странство или пак туристите што сакаат да понесат со себе нешто, што ќе им остане во сеќавање од посетата на Истанбул”, изјави Јилдирај Дурмаз,  директор на продавницата за `Истанбулска колекција` која се наоѓа во Топкапи Палатата во Истанбул.

    Според Дурмаз во продожбата голема улога има и носталгијата кон својата татковина. ”Една жена купи една конзерва за да му испрати на својот син кој подолго време, поради обврските не можел да се врати во Турција. Тоа беше еден од најтажните емотивни моменти за нас, вработените во продавницата”, додаде Јилмаз.

    Подготвил: Хусамедин Гина

  • Петнаесетдневно филмско уживање во градот на Босфорот

    Петнаесет дена, седум кино сали, над двеста филмови… Ова е личната карта на 31-то издание на филмскиот фестивал во Истанбул, кој ќе се одржи од 31 март до 15 април. Љубителите на седмата уметност ќе имаат можност да уживаат во домашни и странски филмови поделени во дваесетина различни секции.

    Фестивалот ќе го отвори филмот „Длабоко сино море“ на режисерот Теренс Дејвис, со Рејчел Вајз во главната улога. Во конкуренција за главната награда, „Златно лале“ се 11 странски филмови, кои или се фокусираат на уметнички теми или претставуаваат адаптација на некое литературно дело. Ќе ги издвоиме најновата екранизација на „Оркански висови“ на британската режисерка Андреа Арнолд, „Алберт Нобс“ со Глен Клоуз, која за оваа улога беше номинирана за Оскар за најдобра женска улога, „Најосамената планета“ со Гаел Гарсија Бернал и „Кат“ на еден од највлијателните ирански режисери, Амир Надери. Покрај ова, 12 домашни филмови ќе се борат за титулата Најдобар турски филм на годината. Исто така е предвидена и програма од неколку грчки филмови насловена „Што се случува во Грција?“.

    Картите за проекциите ќе чинат 15 турски лири или нешто повеќе од шест евра. Филмскиот фестивал во градот на Босфорот е најстар и најголем филмски фестивал во Турција. Во 2007- та година го посетиле рекордни 170.000 гледачи.  Како што велат организаторите, целта на фестивалот е да се поттикне развојот на домашната кинематографија, и во Турција да се промовираат квалитетни филмски остварувања од целиот свет. (М.Т.)