Author: Balkon3

  • Да ти нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – Критична маса

    Да ти нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – Критична маса

    Градот-херој повторно спрема револуција

    За ослободување на јавниот простор, улиците и тротоарите

    Еднаш месечно прилепските велосипедисти се собираат да создадат критична маса

    За промени во свеста, навиките и во градското планирање

    Град со пречник од одвај пет километри би требало да биде мирен, безбеден и без сообраќаен метеж. Но не е така.

    „Мислам дека многу е тешко да се движиш со автомобил, паркинзи и сите тие проблеми, но и покрај тоа прилепчани се уште не се откажуваат од своите автомобили, но се надеваме дека таа слика се сменува полека полека и сите ги сфаќаат придобивките од движењето со велосипед“, вели Борче Колароски.

    Активисти се обидуваат да му докажат на секој прилепчанец дека нема подобар избор отколку да се качи на точак.

    Ова се луѓето што не чекаат решенија, туку ги бараат. Што не креваат раце, туку засукуваат ракави. Познати им се и пречките, и неуспесите, и тешките и сложени услови во кои треба да ја исполнат својата задача. Но не се откажуваат. Тие се НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ.

    Треба уште повеќе да возат точаци за да не биде толку многу загаден воздухот во некоја општина“, вели Цвета Јандревски.

    „Да имаме здраво развиено тело и е убаво да се вози точак затоа што јас така мислам и јас многу сакам да возам точак, другите луѓе можеби мислат за друго, но јас мислам дека е најубаво точак затоа што можеме да се развиеме и ние“, додава Миаела Богеска.

    Многу студии се направени за позитивните ефекти од возењето велосипед: подобро расположение, помала телесна тежина, подобра работа на мускулите, подобра исхрана, подобро дишење, намален ризик од срцеви заболувања, дури и подобро спиење. Не на велосипедот, секако. Но дали возењето велосипед е корисно најмногу зависи од бројката. Светската здравствена организација истражила дека само ако голем број луѓе се префрлат на точак ќе биде корисно за сите. Ако се малку, се изложуваат на сообраќаен ризик и на зголемено загадување. Затоа е потребна критична маса.

    Самиот збор Критична маса за прв пат е забележан кога група на велосипедисти се обидувале да преминат една улица и кога повеќе велосипедисти се собрале фактички се створила една критична маса да може да ја премине таа улица. Самата филозофија на критична маса е токму тоа да се собере поголема група на луѓе што го сакаат велосипедот и да предизвикаат најразлични општествени промени во тој поглед“.

    Критична маса е потребна не само за личните, туку и за општествените позитивни ефекти од возењето велосипед.  Помал сообраќаен метеж, помала узурпација на просторот од автомобили, помало загадување на воздухот и поголема безбедност.

    Прилепската иницијатива „На точак“ е една од најстарите, по скопската

    Постои пет години и досега 60 пати организирала критична маса

    Веруваат дека успеале да ја подигнат свеста во Прилеп

    Таму постојано може да се види некој на велосипед

    „Самата поставеност на градот Прилеп, географската поставеност дозволува многу лесно движење низ градот со велосипед. Бидејќи сите релации се кратки, површината на градот не е многу голема“.

    Не е секогаш лесно да се вози велосипед во Прилеп. Автомобилите владеат со улиците, а понекогаш и со велосипедските патеки.

    Според некои статиските сметам дека имаме отприлика околу неполни шест километри во град како Прилеп. Проблемот е што најпрво велосипедските патеки се во руинирана состојба, значи се направени во некое минато време и оттогаш не се воопшто одржувани. Следен проблем е неповрзаноста на истите значи една со друга“.

    Прилепските активисти имаат план. Заедно со свеста, треба да се развива и инфраструктурата. Не можат граѓаните да се убедат дека на точак е подобро ако тие имаат лошо искуство. Ако немаат каде да возат или каде да паркираат.

    „Следно што го планираме е еден посериозен проект за изработка на паркинзи на велосипеди кои што нормално со дозвола од локалната самоуправа би требало да добиеме дозвола за нивно поставување. Станува збор за одредени локации во грдаот , а овој проект произлегува едноставно од фактот што или се премалку велосипедски паркинзи во нашиот град, а знаеме дека според Закон пред секоја јавна институција треба да ги има, а тие што ги имаме нажалост се демолирани од несовесни граѓани“.

    Велосипедот може да биде за рекреација

    За патување од точката А до точката Б

    За пренесување товар

    Исто како автомобилот

    А незаменлив е за истражување и запознавање на околината.

    „Имавме и рекреативни тури во околината на Прилеп кои што беа наменети и за помладата генерација, нормално и за повозрасните. Станува збор за три едукативни тури до локалитетот Стибера, беше првата, потоа до Спомен куќата на Блаже Конески во село Небрегово и едукативна тура низ прилепско поле со завршување во Музејот за тутун кој што нели е уникатен во државата и пошироко“.

    Најдалечно досега сум била до Битола и назад, тоа се 100 километри плус нешто ситно и тоа беше најдалеку досега што имам појдено“.

    Прилепските вело-активисти вложуваат посебен труд да ја насочат следната генерација на вистинскиот пат. Поточно на вистинската велосипедска патека. Како што некој ги насочил нив пред многу години.

    „Јас ,татко ми мој ми ја поттикна љубовта кон велосипедизмот и покрај сето кога се зачленив во Прилеп на точак го разбрав сето ова ми кажуваа ме подучуваа ??, Даме и татко ми обавезно и така го добив сето тоа знаење“.

    „Значи во Прилеп од секогаш се возел велосипед. Постарите генерации го користеле за едноставно одење до работа, враќање дома, за сите секојдневни обврски“.

    Велосипедската револуција секаде значела враќање кон минатото.

    Дури и во Холандија, земјата-симбол на велосипедската култура.

    Вовеле политики за поддршка на велосипедите.

    Откако виделе дека со автомобилите си направиле поголем проблем.

    Катерина Спасовска Трпковска

  • Да Ти Нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – Антикоцкарите

    Да Ти Нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – Антикоцкарите

    Да се оди на коцкање е лесно како да се оди по бурек.

    И коцкарниците и бурекчилниците ги има насекаде, прашање е кој клиент која врата ќе ја избере.

    Бурекот и не е постојано на располагање, бурекчилниците понекогаш затвораат.

    Здружение од Тетово се бори за коцкањето да не биде толку лесно достапно.

    Има ситуации кои им пречат на многумина, но никој не зборува за нив. Се додека еден, или неколкумина, не проговорат.

    Сите ни дале поддршка, никој не ни рекол дека овој хаос е добар меѓутоа едно ни кажале, ова е битка што тешко може да ја добиете бидејќи не сте свесни во која битка сте влезени. Меѓутоа ако сите сме заедно ако имаме поддршка од сите не пасивни активни добри мислиме дека може да се успее“.

    Движењето „Анти-коцкање“ постои три години. Од лани организира протести на кои доаѓаат по неколку илјади луѓе.

    Ова се луѓето што не чекаат решенија, туку ги бараат. Што не креваат раце, туку засукуваат ракави. Познати им се и пречките, и неуспесите, и тешките и сложени услови во кои треба да ја исполнат својата задача. Но не се откажуваат. Тие се НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ.

    Тука залепено е банка, па до банка е казиното, до казиното е аптека. Значи земаш париве од банка, влагаш во казино ги потрошуваш и излагаш во аптекатава да земаш седативи за да можеш да го спасиш себето или да го смириш себето.

    Од влезот до центарот на Тетово има десетина објекти за игри на среќа.

    На потег од еден километар.

    Тука требаше да се отвори третата најголема коцкарница во земјава, на 1.200 квадрати.

    Беше спречена со граѓански отпор.

    Ова е останато на историјата  дека ова нема да се отвори зошто народот и органите што се во Тетово, градоначалничката и ректорот на Тетовскиот универзитет гарантираа дека ова нема да се отвори“.

    Тие се само двајца од неколкумината предводници и големиот број приврзаници на здружението „Анти-коцкање“. Но не се случајни личности. Џемал Абдиу и професионално се анимава со пороците. Тој е воспитувач во воспитно-поправниот дом во Тетово, во јавноста познат по непријатниот назив „затвор за малолетници“. Јуши Емрулаи се занимава со воспитување на младите, како наставник во верско училиште.

    „Ние сега за жал поред нашата работа што е секојдневна работа на членовите на нашето движење ние се трудиме да станеме и правници, па и психолози и социолози.

    За себе велат дека се обични луѓе на кои им здодеало да гледаат каква е состојбата со коцкањето околу нив и решиле да преземат нешто.

    Ние мислам движење антикоцкање се трудиме да се качиме што повисоко на една планина меѓутоа не да не видат нас туку ние да видиме што се случува со народот“.

    Не застанале само на кревањето на гласот. Подготвиле и предложиле решенија и преговараат со институциите за тие да се спроведат. Не само во Тетово, туку во целата држава. Барањата им се:да се дислоцираат игрите на среќа надвор од населените места на три километри, да одвојат по 5 отсто од добивката за реновирање училишта, градинки, болници и објекти за рехабилитација на зависниците од коцкањето, како и да се подготви Национална стратегија за младите и учениците да се едуцираат за последиците од коцкањето.

    Имајќи ја предвид социјалната ситуација во Македонија, економската ситуација ние излеговме да се искрши тој мраз, да се почне да се резонира, да се мисли гласно“.

    Не е целта да се брани моето дете или вашето или на некој друг. Целта е да се брани младината на целата Македонија од ова зло“.

    Во здружението бележат бројни примери во кои проблеми со коцкањето се појавувале каде што најмалку се очекувале.

    Дете од 12, 13 години ќе испокраде 2-3000 евра дома и тие пари ги потрошил. На наше дете му се дава 50 денари за храна тој ги троши во спортски обложувалници“.

    Коцкањето создавало опасни ситуации и за тие што не се коцкаат. Расправија пред објект за игри на среќа прераснала во вооружена престрелка, а куршуми завршиле во околните ресторани, за среќа никој не бил повреден.

    Тука позади нас е ресторанот Делфин што куршумите завршија во ресторанот унутра. Колку е сигурноста во народот ти си излагал да пиеш кафе или да седнеш со другарите, а едноставно во кафето ќе го добиеш куршумот“.

    Не се ни психолози ни социолози, но ја научиле невролошката природа на проблемот што сакаат да го решат. Целта им е да се спушти нивото на допаминот кај младите, кој е хормон што се создава во предниот дел на главата.

    Тоа високо ниво на допамин и вика пробај, ти можеш, ти ќе добиеш, ти можеш да ги вратиш изгубените пари, ти фактички станува силен и се губи реалноста.

    Антикоцкарите велат – терминот „игри на среќа“ да се замени со „игри на несреќа“.

    За нив, решавањето на ова прашање дава одговор во каков град ќе живеат.

    И каков град ќе остават на идните генерации.

    Како човек што работи со младите што западнале во најголеми проблеми, Џемал верува дека секој човек може да стане подобар, ако има кој да му помогне и ако системот и законите го заштитат од враќање на стариот пат.

    Да се сака таа работа многу битно. Лично мои искуства ќе ви кажам за мене многу битно еден штитеник годишно да се среди, фактички да се врати во нормалниот живот и да се врати во тој постпенален прифат, без разлика што ние сме свесни во ситуацијата во која што живееме меѓутоа е многу битно да се сака едноставно да се потрудиш да се смени било кој, а има можности“.

    Политиката сака да го искористи движењето, но и тоа да ја искористи неа. Поддршка добиле од сите партии, но ниедна досега не им ги исполнила барањата. Ако некоја им се спротивстави, подготвени се јавно да ја изложат.

    Ако евентиално во нивната програма не биде и ова заштита на младите, заштита на народот од ова зло тогаш слободно ќе го можеме да го кажеме со име и презиме кој нема да прифати и нормално тоагш доаѓаме во таа одговорност дали ќе биде индивидуална или партиска одговорност и ќе бидеме во ситуација и ќе слободно ќе може да излеземе да кажеме кој не не поддржува во овој закон“.

    Од институциите имаат позитивни сигнали.

    Но бараат повеќе од тоа, бараат конечни решенија.

    За ова движење, коцката е фрлена.

    Се што треба е таа да падне на три километри надвор од градот.

    Катерина Спасовска Трпковска

  • Да ти нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – Банкари на гладните

    Да ти нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – Банкари на гладните

    Ситиот човек мисли на своите животни цели.

    Гладниот мисли само на следниот оброк.

    Се проценува дека над 70 илјади луѓе во земјава јадат само два-три пати неделно.

    Тие тешко можат да размислуваат за повисоките цели во животот.

    Кога во една држава има глад, нормално е тоа да биде приоритет број еден за решавање. За жал, речиси нема држава каде што овој проблем не постои.

    Доколку сета храна која што може да се стави во функција на гладните, сиромашните, многу помалце ќе боли и ќе има помала рана во општеството, бидејќи гладот и сиромаштијата се како една лузна на општеството што е поголема сиромаштијата лицето односно е понеубаво“.

    Организациите како македонската Банка за храна прават голема разлика во животите на луѓето. Разлика меѓу тоа да се биде гладен и да се преживее денот.

    Ова се луѓето што не чекаат решенија, туку ги бараат. Што не креваат раце, туку засукуваат ракави. Познати им се и пречките, и неуспесите, и тешките и сложени услови во кои треба да ја исполнат својата задача. Но не се откажуваат. Тие се НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ.

    Една стара поговорка вели – ситиот на гладниот не му верува. Организациите што се борат против гладта се исклучок од тоа. Но и самите велат дека е неверојатно колку е мала свеста кај луѓето дека некој во нивна близина нема што да јаде. Особено кога ја фрлаат храната што им останува.

    Во 2008/09 година веќе увидов дека одредена количина на храна завршува во контејнерите. Најголем, моментот кога го видов и одлучив дека ќе треба да се бавам со ова да речеме кауза или идеја или акција е кога видов каде што живеев пред бараките, воените бараки дечко на точак, еден млад човек се потпрел и јаде мусака од некој што ја фрлил од дома. Тука беше тој критичен момент кога реков храната не мора да завршува во контејнер“.

    Банката за храна ги собира производите што имаат уште малку рок на употреба од компаниите што ги донираат. Сето тоа се прима во магацин, се регистрира, и преку партнерски организации се распределува на повеќе од 300 семејства во 15 градови.

    Милуваме да кажеме дека ние сме најбрзата шпедиција, односно најбрзата Брза пошта на хуманоста, на луѓето кои што одлучуваат да донираат преку Банката за храна“.

    Меѓу корисниците има невработени и вработени со ниски примања

    Банката за храна има еден цврст принцип. Не го снима делењето храна на семејствата. Таков вид промоција не им бил потребен.

    Бројни се акциите кои што можеме да ги промовираме, меѓутоа неќеме да на некој начин со самата промоција да му го загрозиме достоинството на граѓанинот. Што вика Господ му земал нешто, не му дал повеќе или нема во домот уште ние да отидеме да се ситиме на некјој начин на неговата мака или немоќ“.

    Постојано се поставува прашањето дали светот произведува доволно храна за да ги нахрани сите луѓе. Сите пресметки покажуваат дека количеството воопшто не е проблем. Има многу повеќе храна отколку што еден човек може да изеде. Тогаш, како има глад? Проблемот е во распределбата. Затоа многу голем дел од храната се фрла.

    Состојбата е многу слична и во земјава. Додека некои фрлаат, други не можат да се снајдат.

    „Во 2006/07 година над 650,700 тони храна се фрлила 2009/10 година на депонијата Дрисла, што ме зачуди како таа храна на прашање на луѓето кои што манипулираат со истата, ја потрупуваат да речеме, истите рекоа дека не тоа е само храна кој што е регистрирана на хартија, многу повеќе храна се фрла.

    Хуманитарните организации можат само да го ублажат проблемот со гладта. Да помогнат на дел од луѓето на кои им треба помош. Банката за храна не може да биде замена за системската социјална политика. Но како концепт може да послужи за нејзина надградба.

    Во моментов изгледа ад хок дополнување, меѓутоа во суштина може да биде решавање на проблемот институционалниот проблем кој што постои во едно општество како што е нашето. Ни претходните власти, ни па сегашните имат тој сенс за таа, тоа разбирање дека банкарството со храна е еден од моделите кои што може навистина на транспарентен, отчетен и човечки достоинтвен начин да го реши прашањето со гладот, а ние викаме посебно фрлањето храна“.

    Франција во 2015 година со закон наложи да не се фрла непродадената храна од супермаркетите

    Таа им се распределува на оние на кои им е потребна

    Сличен закон ќе има и кај нас, а Банката за храна е дел од работната група што го подготвува

    Важно е кои зборови ќе се употребат, бидејќи процесот не смее да се гледа како милосрдие

    Ние не сме за донирање да гласи така, ние сме за Закон за вишок храна. Ние прво бараме во тој закон да се формулира што е вишок храна бидејќи многу луѓе и јавноста секој пат вика аа има вишок храна во рестораните, во хотелите, од комапниите во маркетите, да има вишок храна меѓутоа таа треба да биде дефинирана“.

    Борбата против гладта не е само борба за да се нахранат оние што немаат што да јадат. Таа е огледало за целото општество и за успешноста на државата. Затоа Христов порачува дека треба да има многу поголемо залагање од сите чинители што можат да придонесат во овој процес.

    Верувам дека ни еден човек во институциите, пред се премиерот или другите, да ги речеме властодршци не би сакале да бидат тоа што се на гладни, сиромашни граѓани“.

    „Борбата против гладта е вистинската борба за слобода на човештвото“ – Џон Кенеди

    Катерина Спасовска Трпковска

  • Да ти нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – Граѓанинот политичар

    Да ти нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – Граѓанинот политичар

    Општина Центар се труди да одржи мораториум за градење.

    Тој е резултат на необичен коалициски договор.

    Меѓу граѓанско здружение и политичка партија.

    Кога Јана Белчева Андреевска ја премина линијата од граѓанскиот активизам во политиката, знаеше дека влегува во експеримент.

    Политичката агенда ја немавме, ние ја имавме агендата дека сакавме овој простор да го видиме да биде поубав, поспокоен, побезбеден“.

    Нејзината смиреност изненадува. Сепак, се бори против профитирањето од градење на најатрактивните градежни локации во земјата. Центарот на Скопје. Бидејќи приоритет се здравјето и безбедностана граѓаните. Но, јасно и е дека од оваа страна, борбата е многу поинаква.

    Ова се луѓето што не чекаат решенија, туку ги бараат. Што не креваат раце, туку засукуваат ракави. Познати им се и пречките, и неуспесите, и тешките и сложени услови во кои треба да ја исполнат својата задача. Но не се откажуваат. Тие се НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ.

    Една од спорните точки за кои реагиравме кога го гледавме предложениот план за Дебар маало, беше и оваа парцела позади мене, која е парцела за која намената беше хотел, кој требаше да биде хотел од 21 метар висина, како што гледате овде е една слепа улица, решението за паркирање би било многу сложено, и за застанување, кога и во овој момент е еден ваков сообраќаен метеж“.

    Иницијативата „Во одбрана на Дебар маало“ се појави во 2016 година.

    Во 2017 година прерасна во платформа „Здравје пред профит во Центар“.

    Нашата борба како здружение започна анализирајќи го планот кој беше предложен за Дебар Маало. Ние во тој план најдовмемногу недоследности“.

    Белчева зад себе има граѓанско здружение и мнозинство во советот, до себе политичка партија и општинска управа, а пред себе згради. Многу згради.

    Дебар маало, Холидеј Ин, Олимписки, Капиштец, Крњево, Илинденска, Скопје.

    Со години се зборува дека центарот на Скопје стана бетонска џунгла, зграда врз зграда, не може да се дише. Но таму се уште има многу места каде што е планирано да се гради.

    И после за глава ќе се фаќаме.

    Масовното градење не значи одземање само на просторот каде што се гради зградата. Тоа значи дека повеќе луѓе ќе користат една околина, ќе се движат, ќе паркираат, ќе се приклучат на инфраструктурата.

    Параметрите на изграденост се надминувани многу пати, бројот на жители кој е предвиден далекусежно го надминува бројот на жители што е предвиден со ГУП, воопшто не се сметала потребата за јавен простор на жителите коиживееле таму, зеленилото е занемарувано во целост, често не е ни пресметувано, како резултат на сето тоа се појавуваат и проблеми со паркирањето“.

     

    Проценките за заштита и спасување често содржат само општ заклучок. „Планот ги задоволува  критериумите за заштита и спасување“.

     „Граѓаните се несвесни практично за ризикот кога купуват станови во некои делови на градот, бидејќи таму воопшто не се размислувало за брза помош“.

     Она што Белчева и нејзиното здружение се обидуваат да го постигнат е да го поништат принципот – штом има место, може да се гради.

     „Ние сега сме на една раскрсница што може да поправиме од сите наследени состојби“.

    На раскрсницата веќе не се само истомислениците од здружението. Тука се советниците како претставници на 50 илјади граѓани, жителите, сопствениците на имоти, инвеститорите.  Сепак забраната за издавање градежни дозволи се продолжува повеќе пати.

    Мораториумот е сепак политичка одлука со која ние сакавме да направиме замрзнување на состојбите кои ги наследивме во момент во кој сите сме свесни за тоа неудобноста во градот во кој живееме“.

    Притисок за да се укине мораториумот има не само од надворешни фактори, туку и од советници на мнозинството.

    Притисоците се нешто што сите ние како луѓе кои се занимаваме со различни области треба да знаеме да се носиме со нив, но треба и да бидеме спремни да не отстапуваме од принципите со кои сме влегле“.

    За да се донесе детален урбанистички план, тој треба да помине низ:

    • Стручните служби на општината
    • Овластена компанија за изработка
    • Министерството за транспорт и врски
    • Град Скопје
    • Локалната јавност на јавна анкета
    • Други надлежни институции
    • Комисија на советот на општината
    • Советот на општината
    • Само ако сите тие замижат може да се донесе лош ДУП.
    • Советот на Центар има одбиено ДУП што бил прифатен од сите претходни институции.

    „Ваква одлука за неприфаќање на измена и дополна на ДУП, кој претходно поминал во многу инстанци во државата, кои требале да ги согледаат овие пречекорувања или непостапувања или незаконитости што ги најдовме, не се случило до сега. Иако велам, ние сме само крајниот сегмент во носењето на урбанистичките планови“.

    Со секое ново гласање, рокот на мораториумот се продолжува за три месеци. Секогаш има некој што се надева дека тоа ќе бидат последните три месеци. Но претседателката има поинаков рок.

    „Тогаш кога ќе се направи корекција од страна на планерите полека мораториумот ќе престанува да важи односно ќе продолжат да се извршуваат  нови планови кои ќе бидат со подобар квалитет“.

    Мораториумот беше продолжен и покрај забраната од Уставниот суд.

    – Но и покрај него имаше скандали со узурпација на земјишта…

    – Најави за големи градежни проекти и одземање на јавниот простор

    Од успехот на оваа иницијатива не зависи само што и колку ќе се гради во Центар.

    Таа ќе биде тест колкава е моќта на граѓанскиот активизам да влијае врз политиката.

    Катерина Спасовска Трпковска

  • Андерсон .Паак го отвори последното издание на „Дименжнс“

    Андерсон .Паак го отвори последното издание на „Дименжнс“

    Со спектакуларен настап во пулската Арена, американскиот хип-хоп артист, добитник на Греми за
    2018, Андерсон .Паак синоќа го отвори последното издание на фестивалот на електронска музика
    „Дименжнс“.

    Поддржан од својот осумчлен бенд „Д фри нешналс“, .Паак направи неверојатна атмосфера во
    ова историско здание пред околу 10.000 луѓе. Вечерта со одлични настапи ја надополнија и
    ветеранот на детроитското техно, Џеф Милс, германскиот двоец Објект и корејскиот диџеј Хуни.


    Од вечерва до недела, Тврдината „Пунта Кристо“ последен пат ќе биде домаќин на стотици
    диџеи, бедндови и изведувачи од врвот на електронската андерграунд музика.

    Самоил Петрески

  • Познати добитниците кои Балкон3 ги праќа на фестивалот Dimensions во Пула

    Познати добитниците кои Балкон3 ги праќа на фестивалот Dimensions во Пула

    Борис Момиќ е добитник на двете влезници за еден од најреномираните европски фестивали за електронска музика „Dimensions“, кој по осми пат годинава, од 28 август до 1 септември, ќе се одржи во тврдината Пунта Кристо во близината на Пула, Хрватска.

    Тој беше еден од многуте учесници во наградната игра кои точно одговорија на двете поставени прашања:

    • Каде се одржува „Dimensions“?
    • Кое по ред е ова издание на фестивалот?

    Честитки за добитникот и му посакуваме одличен провод на фестивалот!

  • Што подемот на нацизмот може да не научи за падот на демократијата?

    Што подемот на нацизмот може да не научи за падот на демократијата?

    Неодамна на митинг на претседателот Трамп при спомнување на името на Илхан Омар, конгресменка со емигрантско потекло, поддржувачите во хор извикуваа „Вратете ја назад,вратете ја назад“, а претседателот климаше потврдно со главата. Осипувањето на средната класа и недовербата во нео-либералните елити предизвика неегативно влиание врз либералната демократија. Што може да се случи кога таквиот  говор  станува прифатлив во едно демократско општество? Што може да научиме од сличните примери од историјата?

    Постои серија која истражува авионски несреќи и се вика „Секунди до катастрофа“. За катастрофи во општествен контекст обично е потребен подолг период од „секунди“, но аналогијата е таа. По крајот на Првата светска војна германските благородници ги изгубиле своите титули и била воспоставена Вајмарската република. Политичката моќ на благородниците преминала во рацете на обичните луѓе. За жал институциите на Вајмарската република биле саби, капак на тоа била исплата на воени репарации, па големата свеска економска криза. Сето тоа довело до хиперинфлација, недостаток на основи намирници, разочараност, недоверба во демократијата и голема нестабилност во општеството во секој поглед. Една политичка партија ветувала дека ќе стави „ред“ во „хаосот“ на демократијта, симбол на ветениот ред биле кафените партиски униформи. Следната слика е од Рајстагот во 1930, три години пред воспоставувањето на Третиот рајх, катастрофата.

    За жал чувството дека авторитарното владеење носи ред кој е подобар слабата демократија е универзално, дури и во демократиите кои се највисоко рангирани според индексот на демократија[1] има луѓе кои чувствуваат потреба од ред во многугласието на демократијата.

    До 1933 приказната за „редот“ веќе победила на избори, Хитлер го воспоставил Третиот рајх, а слабите институции на Вајмарската република биле немоќни да го спречат да го воспостави она што тој го нарекувал „ред“. До есента 1933 сите пратеници биле од иста политичка партија и кафени униформи, а во наредните 6 години парламентот се состанал само 12 пати. Се почнало со укинување на поделбата на власта на законодавна и извршна, парламентот дозволил канцеларот сам да носи закони, следувала пресметка со неистомисленици од другите политички партии, затворање на интелектуалци и новинари, измачување, судовите биле немоќни да го спречат прекршувањето на индивидуалните човекови права.

    Сигурно знаете за логорите на смртта и холокаустот на евреите, но концентрационите логори никогаш не биле замислени за да се „справат“ само со евреите, нивната цел била да се стави „ред“ во јавниот морал и сите луѓе со „пониска вредност“ – Untermenschen. Како што може да се види од легендата логорите на смртта биле насочени кон ставање „ред“ во различноста. Во секоја современа демократија почитувањето на различноста е клучно за мерење на нејзината добросостојба. На пример секоја рампа на тротоар која служи за лица со физичка попреченост е негирање на вредностите на нацизмот.

    Политички затвореници Професионални

    Криминалци

    Емигранти Јеховини сведоци Хомосексуалци Асоцијални

    -просјаци и инвалиди

    Роми

    Но, логорите на смртта не се случиле одеднаш. Тие се само последната фаза која започнала со говорот на омраза и стигматизацијата. Стигматизацијата била насочена дури и кон еврејските деца. Сликата е извадок од учебник во нацистичко време. Евдрејските деца и наставникот се бркаат од училишта, а како припадници на семитската раса се претставени со црна коса, додека децата што се смеат, како припадници на ариевската раса имаат светла боја на косата. Нацистичка германија немала закон против говорот на омраза. За жал, во денешно време социјалните медиуми се плодна почва за говорот на омраза и сведоци сме како истиот ретко кога се санкционира на социјалните мрежи, а понекогаш говорот на омраза се материјализира со фатални последици.

    Нацистите сакале да се претставуваат себеси како вредни ариевци и политичка партија која го претставува целиот германски народ, неграѓански концепт во кој од едната страна е лидерот, а од друга „преданиот народ“ или како што вели сликата лево „борба за фирерот и народот“. Иако самиот Хитлер никогаш не оформил семејство, неговата партија го промовирала многудетното семејство, па по консолидирањето на политичката моќ тргнале во освојување на простор за живеење за тие семејства – Lebensraum.

    Освен ред, униформите значат и милитаризам, па Хитлер набрзо воспоставил „ред“ и во соседните држави. Веројатно знаете сѐ за најголемата тенковска битка, источниот и западниот фронт, но во овој есеј сакам да се концентрирам на индивидуалните граѓански права и нивните прекршувања, пред и за време на војната. Хитлер бил прилично „принципиелен“ во спроведувањето на „редот“, па така од 1933 до 1945 на 16.000 „непријатели на народот“ им била отсечена главата за да се воспостави „ред“, меѓу кои и Софи Шол, дваесет и едногодишна студентка чија глава била отсечена затоа што делела памфлети против Хитлер.

    Историјата им се повторува само на тие што ништо не научиле од нејзе или на тие што учеле за фронтовските линии, големите битки и слично. И ден денеска, во секоја слаба демократија, со 6ка на индексот на демократија, како што впрочем била и Вајмарската република, има тенденција за приклонување кон привидот на ред на авторитаризмот и често го толерира „справувањето“ со различноста. Токму затоа е важно да се знаат ефектите на авторитарниот „ред“ и сплотеност, важноста на слободата на говорот и индивидуалните права на граѓанинот, да се дебатира за степенот до кој колективот може да ги наметне своите правила врз индивидуата. Да се разберат ризиците од верувањата во лидер-спасител, еден од кој произлегува „ред“ и ризиците од верувањата во приказни за јунаци и анти-јунаци т.е. предавници наспрема уставните права на индивидуата.

    Влатко Секуловски

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: Ѕирни во џебот на државата

    ДА ТИ НАЦРТАМ: Ѕирни во џебот на државата

    Бидејќи од се што заработуваме, околу една третина и даваме на државата, екипата на Балкон3 одлучи да ѕирне во џебот на државата за да види што прави таа со нашите пари.

     

    Не само за ние да видиме, туку за да покажеме зошто треба секој граѓанин да следи како се троши тоа што го одвојува од својот џеб за да го полни државниот.

    Ревизорските извештаи на основниот буџет покажуваат дека поголемиот дел приходи на државата се обезбедуваат од даноците што ги плаќаат луѓето. Просечен поединец ја финансира државата преку најмалку пет даноци: данок на доход, данок на добивка, ДДВ, акцизи и царини. Сето тоа или се одбива од парите што ги заработуваме или се додава во цените што ги плаќаме.

    За да видиме што се случува со тие пари, ги разгледавме трошењата на 15 институции со најголеми поединечни буџети, од кои 13 се од централната власт, една од судската власт и една од локалната самоуправа. Институциите што беа опфатени со ова истражување се:

    – Генерален секретаријат на Владата

    – Служба за општи и заеднички работи

    – Министерство за внатрешни работи

    – Министерство за одбрана

    – Министерство за финансии

    – Министерство за транспорт и врски

    – Министерство за образование и наука

    – Министерство за здравство

    – Министерство за труд и социјална политика

    – Фонд за пензиско и инвалидско осигурување

    – Фонд за здравствено осигурување

    – Агенција за вработување

    – Агенција за финансиска поддршка на земјоделството

    – Судски буџет

    – Град Скопје

    Ги прегледавме податоците за нивното трошење за изминатите четири години, за да го опфатиме периодот на две различни влади. Во тој период тие имале објавено над 6.000 договори со приватни компании на електронскиот систем за јавни набавки. За нивното работење биле издадени 19 ревизорски извештаи. Известувањата за договорите и наодите од ревизиите ги дадоа податоците што ги прикажавме во анимираното видео.

    Освен зошто, покажуваме и како граѓаните можат да ѕирнат во џебот на државата и колку го прават тоа. Од сите 15 институции побаравме податоци колку барања за пристап до информации од јавен карактер во врска со нивното работење и финансии примиле и одговориле од 2015 до 2018 година. Ова се резултатите.

    *Министерството за здравство не испрати податоци, а Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството испратија само вкупна бројка

    Податоците на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер покажуваат дека интересот на граѓаните за информациите што ги имаат јавните установи секоја година е се поголем.

    *Подготовката на оваа истражувачка сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на оваа истражувачка сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или Британската влада.

    Катерина Спасовска-Трпковска

  • Да ти нацртам: Носители на промени – Борецот од 29 февруари

    Да ти нацртам: Носители на промени – Борецот од 29 февруари

    Ретка болест е секоја болест што погодува мал процент од луѓето.

    Но, кога сте малкумина и системот тешко ве препознава.

    Овие болести тешко се дијагностицираат. А, и кога ќе се откријат лековите се многу скапи или ги нема.

    Весна Алексовска со децении се бори за подобрување на положбата на пациентите со ретки болести во Македонија.  Од седумгодишна возраст и самата боледува од ретка болест Гоше. Го формирала здружението Живот со предизвици за да им помага на лицата со ретки болести и нивните семејства. А и пред институциите дома и пред донаторите во странство да се настапува организирано.

    „Нашата идеја не е само да се критикува и плаче, ние гледаме освен забележување на проблемите да ги даваме и решенијата“.

    Според најновите истражувања во светот има околу 300 милиони луѓе кои боледуваат од некоја од 7000 болести кои се дефинирани како ретки. Но, не постои единствена бројка на пациенти во рамки на која некоја болест се смета за ретка. Една болест може да е ретка во една земја во светот, а во друга да е сосема вообичаена болест. (Овде да има некоја анимација, графика)

    „Според европската класификација, кога има еден на две илјади тогаш е ретка болест. Во Македонија, треба да има до 20 пациенти од една болест за да ги стават во програмата да се лечат од ретки болести, иако има други ретки болести според европската класификација, но, не се лекуваат во програмата за ретки болести и не се запишани во регистар. И тие добиваат лекови преку клиниките, Фондот за здравствено осигурување,  но има проблем за регистрација на етките болести, потребен е регистар за да имаме цела слика за ретките болести, кога и каде се појавуваат, во кои делови во земјата, да има рана дијагноза, рана терапија за да имаат поквалитетен живот и болните и нивните семејства.“.

    А, што ако се 21 пациент заболени, дали тоа не е ретка болест?

    „Пак е ретка болест, ќе добиваат лекови. Но, во моментот нема механизам кој би покажал да се префрлат на позитивна листа. Тоа го баравме ние. Баравме таа бројка да се промени и кога ќе станат повеќе од 20 да добиваат терапија. Бараме системски решенија оти во моментот ретките болести се надвор од законот. Системските решенија подразбираат регистар на ретки болести, регулиран увоз на тие лекови, покривање на трошоците, дистрибуција и грижа за пациентите. Не сакаме да зависиме од било кој поединец или министер, дали ќе има лекови или не, да бидеме оставени на негова милост и немилост“.

    „Ако тој реши да има средства да ги покрива, ќе ги покрива ако нема може да намали, а може и да нема лекови. Сакаме да се знае точно какви права имаат пациентите со ретка болест. Во моментот на пример за правата од социјална заштита, овие пациенти ги добиваат како луѓе со попреченост. Самите болести обично не се гледаат. Во труд и социјала му викаат дека нема попреченост туку болест која треба да се излечи. Таа не се лечи, може да се ублажи. Значи мора да има соработка меѓу институциите“.

    Борбата со институциите не е лесна. Замрсените лавиринти на повеќе министерства треба да се изодат, одговорните да се бркаат по ходници, настани, за да се привлече вниманието на оние кои донесуваат одлуки.

    Не ретко на тие ненадејни средби Весна носи и пациенти со ретки болести, се со цел да покаже дека помошта е навистина итна и неопходна. Родителите се принудени да се снаоѓаат, па дури и да шверцуваат лекови. Некои семејства поради немањето институционална помош решаваат и да се иселат со цел да обезедат пдообра помош за нивните деца. После години, упорноста почнува да ги дава првите резултати. Конечно доаѓа до организирана средба со тогашниот министер за здравство. Прв знак, прва мала победа, а потегот го прави Фондот за здравство во 2014 година. За прв пат се постигнува рефундирање на исхрана за пациенти со ретки болести.

    Потоа работите почнуваат да се менуваат. Во Фондот пристигнуваат повеќе пари, околу 100 пациенти почнуваат да се лекуваат со покривање на трошоците од страна на државата, а во 2015 се формира и регистарот за ретки болести.

    „Регистарот буквално започна од самите здруженија. Нашето здружение даде листа од сите пациенти што ги имавме, кои претходно ги консултиравме дали сакаат да го сториме тоа. Собраа и другите здруженија и така почна да се прави првиот регистар на ретки болести во Македонија“.

    На Весна Алексовска и е дијагностицирана ретката болест Гоше уште на седумгодишна возраст. Проценката на докторите била дека и останува уште една година живот. Весна и нејзиното семејство, од тогаш наваму пензионирале многу доктори на клиниката. Борбата со времето и болеста била долга и тешка и на финансиски и на психолошки план. Кога за прв пат е одобрена терапијата за оваа болест таа чинела половина милион евра на годишно ниво.

    Но, со појавата на интернетот многу работи се менуваат, а лекот станува достижен.

    Макар и како донација од производителот на кого Весна му испратила писма и документација за нејзината болест. Со вистинската терапија, работите почнуваат да се менуваат.

    „Денеска јас немам симптоми на болеста, со лекот следуваше и нормализација, добив и свое дете, имам семејство, работам..“

    За да им помогне и на други пациенти во 2009 година го формира Здружението Живот со предизвици. На 29 февруари, Светскиот ден на ретките болести ја прават првата прес конференција. Истата година прв пат е направена програма за ретки болести, само со една болест од која боледуваат 3 деца. Но досега, работите се драстично сменети. На подобро. Најмногу благодарение на нивниот ангажман и на сличните здруженија обединети во Алијансата за ретки болести.

    Здравствените институции денеска имаат повеќе слух за овие пациенти, лекови редовно се набавуваат, а регистарот се надополнува. Оваа година за прв пат се издвоени пари за генетски истражувања. Моменталната бројка на пациенти кои имаат ретка болест е 450, со околу 40 основни дијагнози..

    Околу 85 отсто од ретките болести се генетски, се наследуваат, некогаш преку двајцата родители, некогаш преку еден родител. Друг дел од ретките болести се автоимуни, а некои се инфективни. Најчесто се појавуваат во првите години, кај бебиња, деца, тинејџери. Но,има ретки болести се појавуваат и подоцна како возрасни. Нема правила, ретките болести се различни, со многу типови и подтипови.

    „За нас да се има ретка болест значи да се има предизвик кој треба да сенадмине. Како и сите други предизвици, финансиски предизвици, работа, потрага по вистински партнер. Со нив живееш доживотно, тоа се болести кои траат цел живот“

    Дијагностиката е непроценлива. Нема смисла да се дискутира дали има или нема пари за тоа.

    Но, за да се добие прецизна дијагноза некогаш се потребни и повеќе од 10 години.

    Тендерските постапки за набавка на лекови се уште траат по повеќе од шест месеци.

    Скапоцено време за овие пациенти.

    Катерина Спасовска Трпковска

  • Да ти нацртам: Носители на промени – Адвокатката на големата мачка

    Да ти нацртам: Носители на промени – Адвокатката на големата мачка

    Енергетскиот развој на секоја држава e значаен за економскиот раст, индустријата, трговијата.

    Обновливите природни ресурси во тој контекст се најважни.

    При конфликт на енергетскиот развој и заштитата на природата – што ќе избереме?

    Ана Чоловиќ Лешоска е биолог и еколошки активист. Во 2010-тата била поканета од Европската банка за обнова и развој да го каже своето мислење за нивниот проект – Хидроелектраната Бошков Мост, која требало да се гради во националниот парк Маврово.

    На состанокот, јас го кажав моето мислење дека било каков инфраструктурен проект, кој не е во функција на заштита на природата, како што е хидроелектраната, не би требало да биде изграден во национален парк“.

    За Ана и нејзините соборци од еколошките здруженија, Екосвест, Македонското еколошко друштво и Фронт 2142, следувало уште едно непријатно изненадување, кое силно ќе ги мотивира да влезат во повеќегодишна борба со силни меѓународни финансиски организации но и македонските институции, со главната цел: да ја заштитат природата и живеалиштето на загрозениот балкански рис.

    Според Меѓународната унија за заштита на природата, Националниот парк Маврово е категорија два и во него треба да се промовираат единствено активности кои одат во прилог на заштитата на животната средина и живеалиштата на дивиот свет. Покрај Бошков Мост, во Маврово требало да се гради и акумулацијата Луково Поле и малата хидроелектрана Црн Камен. Изградбата на хидроелектрани, далноводи и друг вид инфраструктура не се посакувани активности во националните паркови.

    „Се сеќавам на моментот кога ја слушнав информацијата дека првите истражувања на македонското еколошко друштво, во делот на програмата за закрепнување на балканскиот рис, доаѓаат токму од регионот на Тресонче и Селце, значи регионот каде требаше да се гради Бошков Мост и потврдуваат на некој начин дека тоа е живеалиштето на критично загрозениот балкански рис. За мене, тој момент беше клучниот, во кој се поврзав буквално со таа борба“.

    Финансиер на проектот Бошков Мост требало да биде европската банка за обнова и развој.  Ана поднесува жалба веднаш штом банката го одобрува проектот за финансирање, тврдејќи дека ЕБОР ги прекршува сопствените процедури затоа што финансира проект кој е во конфликт со заштитата на дивиот свет.

    Колебање или страв од големината на ваквите институции нас не ни беше предизвик на некој начин, бидејќи имавме претходно искуство со начините на кои функционираат, знаевме дека тие се базираат како институции на меѓународни стандарди и истите мораат да ги почитуваат .

    ЕБОР испраќа независни експерти да ја проценат ситуацијата. Нивниот извештај летото 2013-та потврдува дека банката ги прекршила своите процедури. Неколку месеци претходно Ана поднесува жалба и до Бернската конвенција.

    „Оваа конвенција е ратификувана од страна на Македонија и е конвенција која го штити дивиот свет и живеалиштата кои се од Европско значење. Во рамки на оваа конвенција, ние имаме обврска да воспоставиме заштитени подрачја, кои се водат како емералд мрежа“.

    Борбата за Маврово не е едноставна и кратка. По година и пол, бернската конвеција отвора случај против Македонија. Во 2015-та доаѓа мисија странски експерти кои спроведуваат анализа на ситуацијата.

    Во Декември 2015-та година, се донесе препорака од страна на Бернската конвенција, владата на РМ да ги суспендира хидроенергетските проекти во нациоанлниот парк Маврово и исто така препорача до меѓународните финансиски институции да ја преиспитаат својата одлука, на политички коректен начин кажано, да ја преиспитаат својата одлука во однос на финансирањето на хидроенергетските проекти во Маврово“.

    Две недели подоцна Светската Банка го откажува проектот Луково Поле.

    Европската банка за обнова и развој го откажува Бошков Мост во Јануари, 2017-та.

    Покрај убедувањето на моќните финансиски институции, македонските еколози ја алармирале  и домашната и меѓународната научна јавност. 119 научници од целиот свет се потпишале на петицијата за напуштање на хидроенергетските проекти во Маврово. Околу 100 000 потписи се собрани и на петицијата за зачувување на популацијата на балканскиот рис.

    За директорите од бордот на Европската банка за обнова и развој, тие подготвиле и убав, креативен подарок – кутивчиња со 5-денарки, од чија опачина ги гледал токму балканскиот рис.

    „Им ги поделивме и ги прашавме дали природата има цена? Зашто треба да се замислат дека понекогаш било какви економски проекти, било какви инфраструктурни проекти за развој и раст на нашата економија, не можат да надоместат загуба на толку да кажам значаен див свет што ние го имаме. Македонија е држава која може да се пофали со многу висок биодиверзитет, но тоа нема да успееме да си го зачуваме, доколку дозволуваме изградба на инфраструктура буквално насекаде на нашата територија“.

    Во борбата против изградбата на хидроцентралите во Маврово, се вклучил и самиот балкански рис.Поточно, мали рисчиња-кукли во плишана форма, кои протестирале на состанокот на бернската конвенција.

    „Имавме една група од осум рисчиња кои протестираа, со транспаренти на самиот состанок. Ги наредивме, ни дадоа дозвола да ги наредиме и беа атракција таму, бидејќи сите делегации доаѓаа да се сликаат со рисовите. Имаше една многу интересна делегација на Луксембург , која дојде и се прекрсти во тој период како Lynxembourg , значи Lynx = рис. Беше многу интересно, бидејќи сите тие иако  беа државни службеници, доаѓаа и не поддржуваа, во нашите напори да го зачуваме Маврово“.

    За својата посветеност за спас на балканскиот рис, Ана во Април оваа година ја доби и престижната награда за животна средина Голдман. Подобро позната како зелениот Нобел. Наградата се доделува на еколошки активисти од 6 региони во целиот свет.

    Признание на добитниците им оддаде и реномираниот дневен весник Њујорк Тајмс, објавувајќи на целат страна фотографии на 6-те добитници и нивна куса биографија.

    Ана и Екосвест даваат придонес за новата стратегија за енергетика на државата. Инсистираат на обновливи и одржливи извори на енергија, кои не ја уништуваат природата.

    „ За жал во Македонија се планираат многу мали хидроелектрани. Самиот назив мали, не значи дека влијанието им е мало.  Можеби малку електрична енергија произведуваат, но прават голема штета на екосистемите, особено ако се постават во заштитени подрачја со висок степен на биодиверзитет и тука е всушност сега борбата“.

    Тука е борбата и предизвикот. Но, тука се и посветените еколошки активисти и Ана Чоловиќ Лешоска во првите редови меѓу нив. Да ја штитат природата и чудесниот див свет во неа.

    Никола Илиевски