Author: Balkon3

  • Bei The Fish во Солун предгрупа на dEUS

    Со својот препознатлив музички израз Bei The Fish докажа дека е еден од најавангардните бендови на Балканот. По неколкуте забележителни турнеи и настапи со реномирани групи и пејачи како Massive Attack, Amy Winehouse, Moby добија покана за настап со култниот белгиски состав dEUS. Свирката е закажана во клубот Mylos во Солун на 16 март.
    Доволно време да се организирате со вашата екипа во живо да проследите два навистина одлични бендови кои го заслужуваат вашето присуство.  Според најавите, Bei The fish во Солун ќе настапат во придружба на нивниот соработник, Англичанецот Ола Диос. Концертот на dEUS во Солун e во рамките на нивната европска турнеја на која го промовира својот последен албум. Билетите се продават по цена од 32 евра. Повеќе инфо може да добиете на овој линк.

  • РУМЕЛИ ФЕСТ – Прв фестивал на турски јазик

    Наум Петрески, Благоја Груевски, Благица Павловска, Сузана Гавазова, Азиз Мурати, Енес Сефери, Каан Мазхар се само неколкумината пејачи кои на 11 Април, во Универзалната сала, ќе учествуваа на првото издание на фестивалот на турски јазик `Румели фест`. Покрај домашните естрадни уметници на фестивалот ќе учествуваат и познати пејачи од Турција. Според организаторот Адил Алуш, целта на фестивалот е промовирање на богатата турската музика од Македонија. “Веруваме дека и сите етнички заедници во Македонија можат многу убаво да пеат на турски. Автентичните румелиски песни ќе бидат испејани во модерен стил. Во наредните години, успешниот проект планираме да го промовираме во балканските земји и секако во Турција”, изјави Адил, за порталот Балкон3.

    Дамата на македонската фолк музика Благица Павловска ќе ја пее познатата румелиска песна `Рамизем`, Наум Петрески пак, ќе ја испее најомилената песна на Ататурк. Другите песни, остануваат тајна.

    Спонозори на фестивалот се Амбасадата на Република Турција во земјава, Турскиот Културен Центар Јунус Емре, ТАВ, Рамсторе, Turkish Airlines идр.

  • Шеш беш или дубара

    Две коцки, 30 пулови, малку повеќе слободно време и забавата може да трае со часови. Додека безгрижно ги тркалате заровите убедени дека и покрај лошата среќа вие сте најдобриот во вашето маало, капирате дека играњето табла е многу повеќе од обична забава. Тоа е игра која како никоја друга може да се пофали со култен статус на национален спорт, особено на Балканот, каде и по неколку милениуми со истиот жар сеуште се врти табла.

    Независно дали се наоѓате низ скопските кафулиња во Дебар Маало, чајчилниците во Стара Чаршија, на одмор во Скиатос, шопинг во Солун или на викенд во Истанбул, ретко кој може може да остане рамнодушен на звукот на заровите. Некои ќе речат дека тоа е најиритантното нешто што го чуле во животот, но тоа можат да го констатираат само оние кои никогаш не седнале да изиграат ниту една партија.

     

     

    А, таквите сигурно ги има малку. Ако ништо друго барем некогаш се нашле во средина во која се игра табла. Кај нас речиси и да нема парк, кафеана, двор во кој нема да сретнете витешки двобој во надмудрување и убедување кој е подобар. Првите пишани документи за таблата потекнуваат пет илјади години пред нашата ера, а се откриени во денешен Иран. Нив вековите преку Римските освојувања, се шири низ целиот дотогаш познат свет. Денес се игра табла на сите континенти во скоро сите земји во светот во безброј варијации. Она што е тренд последниве години е се позачестеното играње табла онлајн.

    Тоа и не треба да зачудува со оглед на популарноста на веб игрите, меѓу кои оние на Фејсбук, но и на шахот,покерот или бриџот. Благодарение на големите наградни фондови, светските првенства, се поголем е бројот на играчи кои наместо играњето со своите пријатели, во опуштена атмосфера со пиво или кафе, се обидуваат на интернационално, а не само на комшиско ниво да ја покажат својата умешност во играње табла.

    Многумина пасионираните олд скул играчи сметаат дека магијата да се игра во четири очи е незаменливо искуство, кое не може да се замени со кликање на тастатура и маус.  Сепак, тоа не го намалува се поголемиот бројот на интернет играчи кои најверојатно во недостаток на добра екипа се одлучува да си најде виртуелни онлајн партнери и да се испроба со нив.

    Во однос на заработувачката, покрај интернетиграњето покер, кое го држи приматот на игра каде се вртат најмногу пари, таблата котира прилично високо. Ова е препорака до сите оние маалски експерти кои се повеќе стануваат осамени во својата пасија да вртат табла пред зграда,  да се испробаат и ако ништо друго барем да се обидат да заработат нешто.

    Да се спои корисното со забавното е главниот императив. Единствено што може да им   недоставува е магичниот звук на коцките додека се обидуваат да го победат својот најголем конкурент.

     Зоран Зафировски

  • „Зене“ – филм за геј танчерот кој ја потресе Турција

    „Зене“ – филм за геј танчерот кој ја потресе Турција

    Приказната за младиот Ахмет Јилдиз, кој беше убиен од својот татко заради различната сексуална ориентација, предизвика големи контроверзии и остри дебати во Турција. Станува збор за филмот „Зене“ на режисерот Џанер Алпер, направен според вистинска приказна. Филмот во исто време е наградуван и оспоруван. Освои пет награди на филмскиот фестивал во Анталија, иако авторите не биле сигурни дека ќе можат да го прикажуваат во Турција.

    „Со филмот се спротивставуваме на предрасудите“, вели Керем Џан, кој ја глуми главната машка улога. Погледнете го видеото за „Зене“, филмот кој ги разбранува духовите во Турција.

  • Децата се столбот на светот

    Децата се столбот на светот

    Бурса беше домаќин на многу значаен конгрес за пријателството меѓу децата. На конгресот „Децата се столбовите на светот“, организиран од општината Бурса, учествуваа над сто деца од балканските земји. Тие преку слики и цртежи посакаа војните на овие простори никогаш повеќе да не се повторат и испратија порака за мир, пријателство и среќна иднина. „Војната во Босна беше последниот ваков крвав настан. Нашата цел е таквите работи да не се повторат“, порача градоначалникот на Бурса, Реџеп Алтепе. Во продолжение погледнете го видеото од конгресот одржан во културниот центар Тајаре во Бурса.

  • „КОЦКАТА” во Гевгелија одамна е фрлена!

    Казина, заболекари, очни лекари, евтин пазар. Ова се причините поради кои грчките граѓани во последните неколку години се одомаќинија во Гевгелија и уште неколку други градови на југот од Македонија, Битола, Струмица… Тие се повеќе од добредојдени, за среќа и задоволство и на двете страни, и на странските муштерии и на домашните стопанственици и лекари.

    Гевгелија се наоѓа на 3 километри од грчката граница и на само 70 километри од Солун. Со околу 16 000 жители овој град во моментов е рекордер по вработеност во Македонија со околу 20% невработени.  Овој процент е  пред се поради отворањето на повеќето казина и хотели во градот, како и малите мешовити компании со странските партнери, најчесто грчки државјани.

    Казината се посебен белег на Гевгелија во последните 30 години.  Иако порано важеше за земјоделски крај, сепак денес многумина ја препознаваат како македонскиот Лас Вегас.  “Коцката” одамна е фрлена во Гевгелија. Првиот хотел-казино е отворен во 1987, во центарот на градот, хотелот Југо со казиното Аполонија.

    Тие имаат и организиран превоз од Солун до граничниот премин Богородица, каде ги чекаат шофери од казината да ги однесат на уште една партија покер, блек џек или рулет, но и на бесплатно јадење и пиење. Во време на светска економска криза, но и на порастот кризата во Грција, бројот на гости во казината варира , па казината се принудени и со големи награди и забави со ѕвезди од грчката естрада, да ги привлечат гостите од соседна  Грција.

    Денес во Гевгелија работат уште 2 големи хотели со казина: Фламинго и Принцес, како и уште неколку помали казина и неколку елкектронски казина.  Најчестите  гости во казината се грчките државјани од северниот дел на Грција, како и случајни минувачи низ Гевгелија, на пат кон или од Грција. Во последните неколку години е забележан пораст и на македонските државјани кои ги посетуваат казината.

    Крајот на 80 тите, казината беа најчестата причина низ Гевгелија да сретнете Грци или по гевгелиските улици да сретнете автомобили со грчки таблички. Денес сликата е сосема поразлична, грчките автомобили ќе ги сретнете речиси низ сите улици во градот.  Најмногу ги има во четврток, кога е пазарен ден во Гевгелија.

    Грчките државјани се многу чести пациенти кај гевгелиските стоматолози, чести гости по гевгелиските кафеани, како и по салоните за нега и разубавување, по супермаркетите, но сепак приматот сеуште го држат казината.

    Кога шетате низ Гевгелија за момент може и да помислите дека сте ја преминале грчката граница, имено гевгелиските дуќанџии, доктори, хотелиери се обидуваат на секој начин да ги привлечат гостите од соседна Грција, дури и со натписите на нивните дуќани, ординации, хотели, како и патоказите  до нив напишани на  грчки јазик .

    Зиме, грчки  туристи исто така може многу често да сретнете и на ски центарот Кожуф, кој е оддалечен на два часа возење од Солун. Ски центарот е атрактивен за грчките скијачи , како за обичните, така и за оние кои се вљубеници во екстремното скијање… Во летниот период, ловиштата на Кожуф и околните планини се исто така атрактивни за  грчките ловџии, кои ги има во се поголем број.

    Од погоре напишаното, но и од самите гевгеличани може да се заклучи дека кога постои заеднички интерес, ниту спорот со името, ниту предрасудите од минатото не можат ништо. “Коцката” уште долго ќе се тркала во Гевгелија, а гостопримливоста на гевгеличани ветува дека не само грчките , туку сите добронамерни гости се добредојдени во  Гевгелија, град чие име потекнува од турките зборови “gel geri”, во превод – ела назад, зборови зад кои стојат гевгеличани со  надеж дека секој кој еднаш бил во Гевгелија ќе сака повторно да дојде.

    Јордан Дуков

  • МУЛТИНАЦИОНАЛНИОТ ФУДБАЛСКИ ТИМ ОД КИПАР

    Вавилонска кула, но во која сите се разбираат. Го говорат јазикот на спортот. Десетина Бразилци, Парагваец, Белгиец, Португалец, грци, домашни играчи, предводени од Тричковски ги рушат стереотипите дека екипа составена од играчи од разни националности, но кои притоа не се носители на играта во своите репрезентации, не може да им парира на врвните европски екипи.

    Oваа година, и неутралните навивачи имаат кого да бодрат во Лигата на шампионите. Тоа е Апоел од Никозија. поради податокот дека ова е убедливо најслабиот (на хартија) и најевтин состав кој дотурка до оваа фаза, заземајќи го своето место меѓу џиновите Милан, Реал Мадрид, Барселона, минхенски Баерн.  Нападот на овој тим го предводи Иван Тричковски, играч кој воедно е дел и од македонскиот национален состав, а според сајтот “Transfermarkt” , вкупната вредност на кипарскиот тим изнесува тринаесет милиони евра. Сума којашто останатите тимови кои се наоѓаат меѓу најдобрите шеснаесет, ја издвојуваат за еден квалитетен играч.

    “Кипарското чудо”, како што го нарекуваат европските медиуми, е тим основан во продавница за баклави од страна на сопственикот и неколку гости во 1926 година, но денес претставува доказ дека и со скромен буџет можат да се постигнат врвни резултати. Вавилонска кула, но во која сите се разбираат. Го говорат јазикот на спортот. Десетина Бразилци, Парагваец, Белгиец, Португалец, Грци, домашни играчи, предводени од Тричковски ги рушат стереотипите дека екипа составена од играчи од разни националности, но кои притоа не се носители на играта во своите репрезентации, не може да им парира на врвните европски екипи. Напротив, во нивниот случај се покажува дека тоа ги прави посилни. Тимот од клупата го предводи српскиот стратег Иван Јовановиќ, кој по неколку кратки авантури на клупите на послаби екипи од Грција, се врати во екипата која ја предводеше од 2003-2005 година.

    Негова желба како што вели, била да создаде тим од најквалитетните тимски играчи кои клубот може да си дозволи да ги исплаќа. – ‘ Од седумнаесет странци колку што имаме во моментов, само на тројца, помеѓу кои и на Тричковски, им ги откупивме договорите. Останатите кои ги доведовме, беа или слободни играчи, или ги позајмивме ‘.

    Претседателот на Уефа, Мишел Платини, изјави дека правилото коешто токму тој го воведе, а се однесува на системот по кој им се олеснува патот на помалите тимови до групната фаза од ЛШ, се покажува како исправно благодарение на Апоел. ‘Мал тим, но со огромно срце ‘ – вели тој.

    Во вторникот загубија со 1-0 на гостувањето кај Олимпик Лион, но возвратниот натпревар кој ке се одигра на ГСП Арената во Никозија, веќе отсега е во центарот на вниманието на Кипар и во Грција. Дали фудбалскиот Давид ќе успее да го тресне Голијат останува да видиме. Јовановиќ најавува офанзива, Тричковски се надева на погодок, а 20000 продадени влезници се најава за одлична атмосфера.

    Александар Николовски

    За повеке информации за фудбалскиот тим на АПОЕЛ посетете го сајтот: www.apoel.net

  • Далечната Австралија

    Во Австралија има: кенгури, коали, динго и други интересни животни што ги нема на друго место во светот.


    Во Австралија најголеми градови се: Мелбурн, Сиднеј, Перт, Камбера, Аделаид. Во Австралија се наоѓа и областа Тасманија во која живее тасманискиот ѓавол. Овде многу луѓе одгледуваат овци. Австралија има прекрасни плажи, бидејќи од сите страни е опколена со вода. Луѓето се бањаат во морето, прават замоци од песок, носат чадори.


    Има и лежалки, на кратки ракави се. Плажите се многу долги, дури и по неколку километри. Кога кај нас е студена зима таму е топло лето. На плажата играат многу спортови како одбојка на песок, бадмингтон, фрлаат фризби, фудбал на мали голчиња, џогираат на плажа и друго.


    Сиднеј е еден од најпознатите градови во Австралија. Тој е најпознат по необичната и прекрасна зграда на Операта таканаречената Опера Хаус. Во Австралија се снимени многу филмови и филмски серии. Најпознати глумци од Австралија се: Никол Кидман, Мел Гибсон, Расел Кроу, Брајан Браун и многу други, а најпознати пејачи се: Ник Кејв, Кајли Миног, од бендовите: Еј си ди си, Инексес, Мен ет ворк, Миднајт оил и други.

    Австралија е сеуште новооткриениот континент, кој е недоволно проучен и познат, уште е интересен и понатаму ќе се истражува.

    Панче Чекеровски

  • A Balkan Tale

    Една Балканска Приказна

    Пет истакнати фотографи од Балканот, отсликуваат една серија уникатни споменици од Отоманскиот период и ги претставуваат на јавноста преку изложба на фотографија, во Музејот на Грчка Народна Уметност, во населбата Плака во центарот на Атина.

                             

    Изложбата беше свечено отворена на 9 Февруари и петте фотографи ни зборуваат преку нивната уметност за уникатни споменици од Отоманскиот период, како бањи, аквадукти, цркви, џамии, мостови, домови за сместување сиромашни луѓе.

    Станува збор за фотографите Иван Петровиќ од Србија, Камило Ноллас од Грција, Јута Бензенберг од Албанија, Иван Блажев од Р.Македонија и Самир Карахода од Косово.

                            

    Погледот на петте фотографи го прикажува заедничкото минато на Балканските држави и како што изјавија организаторите на изложбата, станува збор за предизвик, да можеме да погледнеме над етнички граници и да ја истражиме целовкупната историја на Балканот.

    Како што го опишуваат организаторите обидот «A Balkan Tale / Една Балканска Приказна» има за цел да предизвика јавна дискусија околу заедничката историја на Балканот и да помогне на одржувањето и прикажувањето на културното наслество на регионот. Составен е од една патувачка изложба на фотографии, придружувана од паралелни дејствија (едукативни програми, документарни емисии, вебстрана, печатена верзија и патувањето на сетилата).

    Се работи за проект на Goethe-Institut со подршка на Европската Унија. Околу продукцијата, одговорна е грчката продуцентска куќа АНЕМОН, а активно учествува и Музејот на Грчка Народна Уметност, како и десет културни невладини организации од Балканот.  Одговорна за научниот надзор е Христина Кулури, а исто така учествуваат и меѓународно истакнати историчари, меѓу кои и Марк Мазауер.

    Изложбата ќе трае до 8 Април 2012.

    Информации за манифестацијата

    Музеј на Грчка Народна Уметност

    Централна зграда, ул.Кидатинеон бр.17, 10558 Атина, Плака, http://www.melt.gr/index.php?lang=

     

     

     

     

  • Балкон3 интервју со Влатко Стефановски – Луѓето се препознаваат меѓу себе

    „Пред се`, се сметам себеси за балканофил. Во секој случај многу повеќе отколку за балканофоб“, вели, на почетокот на разговорот за Балкон 3, познатиот македонски гитарист Влатко Стефановски.

    – Да, јас го сакам Балканот и ги сакам сите народи што живеат на овие територии. Го сакам од многу причини: поради таа некаква културна шареноликост, уметничка разноликост, поради гастрономското богатство, поради шаренилата на обичаи, менталитети, односи… Значи, се обидувам тој имиџ што Западот го има за Балканот, тие стереотипи и предрасуди што владеат да ги апстрахирам. Затоа не сум го напуштил Балканот никогаш, не сум имал желба да живеам на друго место. Мене Балканот ми е доволен. Значи, патувам често. Имам драги пријатели секаде: во Бугарија, Србија, Босна, Црна Гора, Грција, Хрватска, Словенија… Редовно се слушаме, контактираме, разменуваме информации за животот, за музиката, за се`… Еве, само да ти кажам, на последниот мој концерт во Софија, Бугарија, имаше луѓе дојдени специјално за него, добро од Германија, но и од Солун. Се разбира, имаше публика и од Софија и од околните места. На тој концерт мене ми беше гостин еден холандски гитарист што се вика Јан Акерман, кој е големо име во европската музика и многумина дојдоа да го видат тој спој меѓу Акерман и мене. Знаеш како, јас израснав учејќи ги законитостите на западниот рокенрол, а доживеав да ги пренесувам законитостите на балканската музика на некои луѓе што доаѓаат од Запад. Ете, ми се случи и таква привилегија – да научам некој западен музичар на некоја тема од Балканот.

    Има ли разлика да се свири во Софија и, на пример, ете во Германија?

    – Мислам дека има. Не толку поради културата и локалниот менталитет, туку повеќе поради начинот на кој функционираат културните или забавните ивенти. Сум свирел, се разбира, и во Минхен, и во Берлин, и во Бадеборн, и во Хамбург, и во Гармиш – Партенкирхен… и во многу други места низ Германија. Таму луѓето планираат многу однапред и немаат многу време за, ајде да кажам, губење. На Балканот е малку порелаксирано. Луѓето можат да планираат од денес за утре. Можат да откажат некој план, да го сменат, да го преправат… Се разбира дека секоја страна (ако веќе ги делиме на источна и западна страна или балканска и не знам каква страна) има свои квалитети и свои маани.

    Бара ли тоа посебна стратегија за настапот. Дали е некаде полесно или потешко да се свири?

    – Не. Мене тоа не ми е проблем. Мене ми е проблем да се изборам со самиот себе, да бидам во добра форма и добро расположение. Тоа ми е најтешко. Мене ми е лесно да се справам со публиката, доколку се справам со сопствените демони.

    Имаш ли посебна програма за балканските простори. Знаеш дека нешто некаде повеќе „пали“?

    – Не. Малку или повеќе истата програма ја свирам насекаде. Дури и пеам и на македонски, и на српски, и на англиски…

    Зошто тогаш јас имам чувство дека е потешко еден уметник да се пробие, тука на Балканот, отколку во „белиот свет“?

    – Не е лесно. Гледај, на западните страни уметниците и уметничкиот труд се прилично високо рангирани и почитувани. Ако некаде на Запад кажеш дека си уметник и дека живееш од својата работа, веднаш во нивните очи гледаш голем респект. Еве нешто што ќе ти го илустрира тој однос: во Ирска, на пример, данокот за уметничките дела е еден посто. На некои места е 50 посто, некаде доаѓа до 70 посто…

    Кај нас…

    – За среќа мислам дека кај нас данокот за уметнички дела е прилично хуман: од десет посто па надоле. Можеш да стигнеш до пет посто што е сосема ОК.

    http://www.youtube.com/watch?v=yo7CBFr_kuU&feature=related

    Во неколку разговори што ги водев на оваа тема, остана дилемата дека, на пример, една автентична балканска поп-ѕвезда, како што е Тоше Проески, остана непозната за Грција. Тоа е некоја балканска политика, или…?

    – Мислам дека е тоа затоа што нивната култура знае да биде прилично локална. Тие некако се свртени кон самите себе. Јас, на пример, не знам кој тоа од надвор направил успешен концерт во Солун. Можеби во Атина, ама Атина не е Грција. Тоа е еден мегалополис, кој пројавува интереси и апетити за се` што се случува во светот. Меѓутоа, еве јас со години одам во Грција на годишен одмор и не ми се случило да гледам некој концерт. Еве, за 15-тина години колку што одам на Халкидики не сум гледал ниту еден концерт на ниту една музика, дури ни на бузуки, што е малку чудно. Веројатно се малку поизолирани од остатокот на Балканот. Претпоставувам дека и јазикот малку ги изолира од останатите народи од словенската група на јазици, каде што можеме да се разбереме меѓу себе. Мислам дека малку се самодоволни, самосебедоволни, за разлика од другите. Не знам, можеби долгогодишното живеење во иста држава е „виновно“ за нашите комуникации.

    Сепак, во тие комуникации меѓу културите на народите од некогашната држава, барем кога станува збор за музиката, најдобро поминуваат групите и музичарите од тоа време. Јас, на пример, немам поим што и дали нешто се случува на овој план во Словенија. Мислам дека многу потешко доаѓам до вакви информации.

    – Сакал-нејќел, до мене доаѓаат информациите и можам да ти кажам дека не се случува ништо револуционерно. Сепак, живеевме…, поточно, за мене можам да кажам дека кога јас музички растев, живеев во прилично среќно време. Можеше да се делува на голем простор, па дури и како млади луѓе, во однос на тој естаблишмент, можевме да бидеме прилично радикални, прилично нови и прилично дрски. Тоа некако ни беше дозволено или можеби сами се изборивме за тоа, немам поим.

    Постојат и сега идеи за некакво поврзување на овие простори, барем преку заеднички проекти. Јас се сеќавам на „Балкан хорсис бенд“…

    – Да. Пред десетина години јас и моите соработници инициравме една балканска соработка, која подоцна вроди со проектот што го спомнуваш. Имавме музичари од Грција, Бугарија, Турција, Хрватска, Србија, Македонија… Првичната средба беше средба на менаџери од сите страни и, се разбира, се наметна потребата од соработка.

    Свириш со мошне значајни музичари од Балканот: од славниот музичар на неј Кутси Ергунар, преку Теодосиј Спасов, па се` до Мирослав Тадиќ и Џибони. Како воопшто се пронаоѓате?

    – Тоа и мене ми е многу чудно. Тие музичари со кои треба да соработуваш, едноставно – ќе ги сретнеш: на некој концерт, на некој фестивал, зад некоја завеса…, ќе остварите контакт, ќе размените телефони… во одреден момент некој ќе се сети на тебе или ти ќе се сетиш на некого… Тоа е просто неверојатно. И тоа главно ги пронаоѓаш луѓето што ти се блиски по сензибилитетот, но и по професионалното ниво. Јас не можам да очекувам да го сретнам Мик Џегер и да ми пее на мојот нов албум. Тоа, јасно, би било премногу зашто тој, едноставно, функционира на други нивоа од мене. Исто така, нелогично е некој полуаматер да ми се јави и да побара да отсвирам соло на негов албум. Луѓето, едноставно, се препознаваат по нивото на кое функционираат. Јас на овој план сум навистина среќен. Сум сретнал многу музичари со кои сум сакал да се сретнам и да соработувам со нив.

    Ѕвездан Георгиевски