Author: Balkon3

  • Снежен албум

    Снегот, кој повторно не изненади 🙂 беше вистинска инспирација за дел од нашите читатели. Студеното време не ги спречи да направат прекрасни фотографии и да учествуваат на нашиот натпревар за најдобар снежен албум. Натпреварот сеуште трае, снег има доволно, па фотоапаратите в раце и праќајте фотографии на info@localhost/balkon3-multisite или на нашиот Фејсбук профил. Авторите на  трите најдобри фотографии ќе добијат книга од издавачката куќа Икона. Уживајте во фотографиите…

    Дарко Кузмановски
    Дарко Кузмановски
    Јордан Дуков
    Јордан Дуков
    Јордан Дуков
    Јордан Дуков
    Јордан Дуков
    Дарко Кузмановски
    Бранко Илиевски
    Марија Матековиќ

    Валентин Зафировски
    Оливер Пешевски
    Боби Силјановски
    Тања Тодоровска
    Тања Тодоровска

     

     

  • Скопска зима, бело спокојство во градскиот парк

    Скопска зима, бело спокојство во градскиот парк

    Зимата е прекрасна. Особено ако сте во Градскиот парк во Скопје. Уживајте во снежната приказна на Хусаметин Гина, Балкон3.

    Фото: Хусамедин Гина

  • Охрид каков што ретко го гледаме – прекрасен и зиме

    Жителите на древниот Охрид, сместен во пазувите на планините Галичица и Јабланица во југозападниот дел од Македонија, не се навикнати на остри зими. Тука се судираат медитеранската и континенталната клима, а четири милиони старото  Охридскот Езеро сместено на речиси 700 метри надморска висина чува топлина која ja акумулира во летниот сончев период.

    Но, оваа година Охриѓани се соочени со сибирска зима, која покрај обилни врнежи од снег донесе  и поларни температури кои понекогаш се спуштаа и до -18 степени Целзиусови. Снегот кој падна деновиве го „стопли“ времето, но им предизвика многу главоболки на граѓаните. Коловозите се лизгави, а тротоарите оковани во мраз и снег.

    Стрмните и тесни сокаци во стариот дел на градот каде се наоѓаат бројни културно историски знаменитости се недостапни за службите од јавната хигиена, па така граѓаните мораат  рачно да ги расчистуваат дворовите и да прават пристапни патеки.

    Проблеми имаат и бродарите кои исто така мака мачат со одржувањето на пловните објекти. Сепак не е се така лошо. Најубавиот македонски град и во зима изгледа прекрасно, а снежната идила никого не остава рамнодушен.

    Горан Момироски

  • Довидување во „Ван Гог“!

    “Ван Гог” не е само име на кафуле во Скопје. Денес тоа е веќе топоним. Едно од култните места кои постојат непрекинато повеќе од две децении. Помина низ разни фази, го водеа луѓе со различни визии. За оние што го познаваат од почетоците, ништо нема да ги замени доцните осумдесетти…

    Еден ден низ маало се појави Сецко. Веќе многу луѓе го знаеја како еден од поинтересните гитаристи на скопскиот андерграунд, јадрото на “Ласт Експедишн”, бендот од наше маало. Рече: “Што правиш? Како си? Ај да те носам на едно место”. Лесно беше да те кандиса некој што бил гласник на прогресивното, на андерграундот, маалски батко кој секогаш знаел да нафрли некоја интересна музика, некако природно прифатен како “повозрасeн брат” додека братот служеше војска во ЈНА.
    Есен, 1989. Отидовме на местото за кое веќе се зборуваше по градот, за кое зборуваа луѓето со кои се среќававме на повремените концерти во Дом на млади “25 Maj”, денес МКЦ. Се случи љубов на прв поглед. Oтидовме во место од кое ќе биде тешко да се разделите, со години, се’ додека таму владееше филмот што тогаш го видовме. Го откривме местото каде што ќе го поминеме историски времиња – крајот на Југославија и почетоците на самостојна Македонија – временски ориентир за илјадници млади од тогашно Скопје. Местото каде што ги поминавме ноќите кога се броеја гласовите од референдумот; кога ЈНА собираше наши врсници за на фронт во Хрватска; вечерите кога вриеше од девојки зашто, машките се криеја од воената полиција на ЈНА. Немаше човек што свири, собира музика и открива нови музикки, слика, пишува, ваја, глуми.. што гравитира кон андерграунд уметност, а да не излегува пред “Ван Гог”, во “Ван Гог”, на ѕитчето спроти “Ван Гог”.

    Ноќта почнуваше кај 8 навечер. Ако малку пораните, ќе ги затекнете Тасе и Зоки Панкер штотуку пристигнати со темносиниот „ситроен-спачек“ од по набавки.. Кај да е, за некоја минута ќе се појават предвесниците на разните дружини; поздравувајќи се со домаќините, веќе седнати на масите на пред кафулето; нафрлајќи поздрави кон веќе дојдените. Веќе сте отпиле една третина од пијачката. Чувствувате дека веќе ве фаќа јанѕа. Чекате да наиде некој, да решите каде ќе се сместите – внатре, надвор или од карши, на ѕитчето. Со последната третина од пивото, коњакот, вотката кворумот е веќе доволен. Ја препознавате музиката која веќе го најавува следниот стадиум од вечерта. Веќе ви е јасно – со која касета завозиле, натаму ќе оди флуидот – ќе ги штедиме силите, или, ќе „возиме“ кон еуфорија, сите заедно, како и секогаш.
    Каде и да застанете.. на некоја или покрај некоја неколкуте маси од двете страни на непишаната влезна патека; потпрени на шанкот; накрепени на некој ѕид, покрај “типот што го боли заб” од сликите на Глигор Чемерски; “Девојката” од Никола Мартиноски, “Типот” во масло на платно од Сергеј Андреевски или покрај легендарната слика на Глигор Чемерски со стихови од Богомил Ѓузел (“Непроспиена ноќ што не може да се надокнади“). Каде и да ве затекне најавата, веќе знаете дека ви претстои добро расположение, опкружени со пријатни луѓе, креативци со кои секогаш ќе си најдете убав муабет.

    “Гледано од оваа дистанца, чувствувам голема возбуда. ‘Ван Гог’ беше навистина култно место. Се’ почна со мојот голем мерак за сликање. Не успеав да се запишам на ликовна академија, студрирав сосема друго, но таа страст кон сликањето постојано ме прогонуваше. Во тоа време почнавме да одиме по музеи, отидов во Холандија, бев во Музејот на Ван Гог и многу го засакав. Кога се вратив во Скопје, сакав да правам нешто паралелно со студиите. Веќе познавав многу луѓе – решив да отворам ‘кафич’, во куќата на дедо ми, 1986 година. Сакав да направам нешто што ќе биде различно од тогашната скопска шема. И, го отворивме ‘Ван Гог’”, се сеќава секогаш ведриот домаќин, Тасе – како што го познававме сите, или, официјално, Зоран Тасев, газдата на “Ван Гог”.
    Барајќи го начинот како да направи место што ќе биде различно од тогашните места за излегување, сепак, не можел да отиде далеку од неговата страст кон сликарството. Решил токму такво да биде и местото што ќе го отвори. Со првите пари што ќе ги заработи решава да купи слики – сликите што и ден денес се изложени во “Ван Гог”, дела на Глигор Чемерски, Петар Мазев, Никола Мартиноски и Сергеј Андреевски.

    “‘Ван Гог’ беше некако најкул место од местата во кои излегувавме. Се собираа неконвенционални луѓе, меѓу нив едно чудо авангарни селебрити ликови. Имаше константна публика. Во тие години на поп музика ‘Ван Гог’ беше најалтернативното место во Скопје. Затоа беше поинакво. За нас беше точка на собирање. Порано оделе на корзо, ние одевме во ‘Ван Гог’. Секој ден беше убав: друштво, муабети, пиво, цигари, заебанции. Локалот беше мал, па луѓе стоеа и надвор, околу кафичот. Мене, лично, посебно ми беше убаво ѕитчето преку улица, спроти влезот на ‘Гог’ “, се сеќава Сани Шалом, девојка што ја запознавме во “Ван Гог”, жител на Тел Авив.
    Златните времиња на “Ван Гог” уредно се архивирани во приватната архива Билјана Стефановска, уште една девојка што секојдневно ја гледавме таму, денес архитект во Франкфурт на Мајна, Германија.
    “Тоа беа некои времиња кои не беа лесни, време на барања, пронаоѓања и губитоци. Почнав да одам таму кон крајот на средно и кога почнав да студирам. После се префрлив со студиите во Германија, и секогаш кога доаѓав во Скопје ‘киснев’ во или пред ‘Ван Гог’. За некоја година се промени атмосферата таму, може да се каже и аурата. Таму се чувствував како да сум меѓу свои луѓе, а не како вонземјанка. Запознав интересни индивидуи, битија, со необичен хумор, кои ми отворија нови светови за цудење и воодушевување. Тоа беше место за размена на идеи, музика, поезија. Не чувствував притисок за конвенционално однесување, без разлика дали се работи за восклици, театрално-сатирични дискусии за некој писател или композитор, или за тагата заради неразбирањето на светот или некоја љубовна мака. Можев да отидам таму еуфорична или ‘мивкеста’, не ми беше непријатно. Благодарна сум што имав прилика да го доживеам тој период на ‘Ван Гог’ особено на таа возраст”, се сеќава Билјана.
    “Ван Гог” оттогаш помина низ разни фази и филмови. За луѓето што го открија на крајот на осумдесттите, приказната за “Ван Гог” заврши набргу, кога “Ван Гог” се фузира со “Мондријан” – “шминкерскиот” кафич од Чаршија, кога стилот му омекна и кога многу од луѓето што таму доаѓаа дотогаш беа пречекувани од “странци”, луѓе кои не ги пуштаа зад вратата на местото што некогаш им било свето. Такво било искуството и на Сецко, кого не го пуштиле внатре, на договорена средба со новинар на БиБиСи, кому требало да му ги предаде најновите студиски снимки.
    Но, било како било. “Ван Гог” прослави 25 години од основањето. Кафулето денес го води Коста, човекот што долго време работеше во “Ван Гог”. Гледајќи го тоа што го работи, се чувствувате охрабрени. Неговиот филм е поинаков, но, знае да ја негува традицијата. Имаме повод да се собереме одново! Довидување во „Ван Гог“!

    Васко Марковски

  • ИСТАНБУЛ – ЕДНА СНЕЖНА БАЈКА

    За Истанбул велат дека е градот од бајките. Од почетокот на неделата градот на бајките стана “снежен град од бајките”. Снегот без да престане паѓа 45 часа. Градот се соочува со најстудениот ден во последните 33 години. Во архивата на метеоролошкиот завод ваков студ не е забележан, додека пак во Истанбул можат да се забележат фотографии како од разгледници.

    Градот се претвори во огромен паркинг. Поголемиот дел од граѓаните ги послушаа  предупредувањата на властите и затоа го користеа јавниот транспорт.

    Граѓаните кои пак се решија да користат сопствен превоз и не ги послушаа предупредувањата на властите имаа тешки моменти во сообраќајот. Дежурните телевизиските камери ги евидентираа сообракајќите, кои ги имаше во голем број. Над илјада сообраќајки за два дена. Сопирачките не функционираа на замрзнатите патишта. Формирани се километарски редици од возила.

    И претседателот на Турција Абдула Ѓул на својот твитер профил ги објави фотографиите каде фрла со снежни топки.

     

    Хусамедин Гина

    Фотографиите се преземени од турските медиуми

  • Ќе „падне“ ли Белград?

    Победиле или не, за нас сте веќе херои!

    Илјадници љубители на ракометот од Македонија пристигнуваат во Белград. Најмногу денеска пред натпреварот со Србија кој за храбрите момци предводени од Кире Лазаров може да биде одлучувачки за историски пласман во полуфиналето и со тоа пласман и на квалификацискиот турнир за Олимписките игри во Лондон годинава.

    Калкулациите велат дека ни е потребна победа со домаќините на првенството кои на овој натпревар можат да си дозволат пораз со тесна разлика со што би го задржале првото место во групата но, и победа на Полска над Германија со најмногу два гола разлика и пораз на Данска од Шведска.

    Ниш е покорен! На ред е српската престолнина. Македонската навивачка фаланга го продолжи својот поход. Со громогласни извици, „одиме за Белград“, по одлучувачката победа над Чешка, црвено – жолтата армија гордо и задоволно прошета по пешачкта зона во центарот на Јужна Србија, улица Обреновиќева.

    Кафеаните и кафулињата се испразнети. „Нема повеќе пиво, се испивте“, можеше да се слушне во најголем дел од угостителските објекти пред неколку дена во Ниш. Околу милион евра инкасираа добрите домаќини на групата Б на Европското ракометно првенство за мажи од речиси десет илјади љубители на ракометната игра. Податок кој потврдува дека нишлии беа добри домаќини, а гостите, меѓу кои Македонците беа најбројни, беа повеќе од одлични гости.

    По симпатичното „Казанџиско сокаче“, со традиционален јужно-србијански дух, црвено – жолтата река го насочи својот тек кон белградската „Скадарлија“ која на прв поглед маѓепсува со својот староградски дух. „Два јелена“, „Три шешира“, „Два бела голуба“, преполни од Македонци. Во извонредно пријатен амбиент, прочуените српски тамбураши плетат совршена мелодична хармонија по желба на браќата од југот. На увце, по неколкупати во иста вечер, ечи најпознатата кафеанска улица во Србија од „Македонско девојче“, „Јовано, Јованке“, „Распукала Шар Планина“. И само од време на време, за време на заслужените паузи на воиграните музичари, се слуша громогласен хор од гласови и добро познатата „Излези момче, право на тераса“.

    – Атмосферата во Белград е прекрасна. Македонските навивачи се буквално насекаде. Дури и белграѓаните со симпатии гледаат на македонската фаланга и честопати не застануваат и сакаат да се сликаат со нас бидејќи сите се шетаме со шалови и знамиња низ градот. Влезниците воопшто не се проблем, бидејќи с’е уште може да се најдат на касата на „Арена“ по цена од десет евра па нагоре, во зависност од местоположбата. Едноставно, уживаме во натпреварите. Имаме доволно време да прошетаме низ градот, а вечерните часови ни се резервирани за добро дружење во белградските локали на кои се истакнати македонските знамиња. Омилени сме кај навивачите на другите репрезентации кои од нас бараат да ги научиме да ја пеат песната „Излези момче“ – вели Емил Јакимовски, кој живее и работи во Скопје и кој досега не пропуштил ниту еден натпревар на македонската ракометна репрезентација.

    За успехот на македонските ракометни момци кои на ова првенство најмалку од с’е имаа среќа говорат и податоците дека Кире Лазаров е во врвот на листата на асистенции, поточно на делбата на второто место со 22 наместени гола, зад Словенецот Урош Зорман кој има 26 асистенции. Како и дека најдобар голман на Ракометното првенство за мажи во Србија е нашиот Петар Ангелов со 48 отсто на одбранети удари.

    Математиката и статистиката, кои се исклучително важни на големите натпреварувања сепак се само бројки споредени со страста, посветеноста и желбата со која нашите момци ги бранат боите на својата земја во соседна Србија.
    Победиле или не, за нас сте веќе херои.

    Автор: Горан Игиќ

    Фото: Оливер Пешевски, Горан Трпеновски

  • Македонија во Берлин оди со три филма

    На еден од најдобрите филмски фестивали во светот, Берлинскиот филмски фестивал, кој годинава од 9 до 19 февруари ќе го има своето 62 издание, Македонија ќе се претстави со три филмски остварувања. Kраткиот филм „Бардо“ на младата режисерка Марија Апчевска, новиот филм на Теона Митевска, „Жената што си ги избриша солзите“, како и за српскиот филм „Парада“ на Срѓан Драгоевиќ, во кој и Македонија влегува како копродуцент.

    Со филмот „Бардо“ македонската кинематографија првпат ќе учествува во програмата „Генерација“, која годинава го слави своето 35. издание, и е навистина значајна за промовирање на млади автори. „Генерација“ се состои од два дела, а филмот на Апчевска е влезен во програмата која има едукативен карактер и е наменета за деца до 14 години.

    Се работи за 14 минутен филм на младата режисерка која неодамна дипломираше на Факултетот за драмски уметности во Скопје во класата на Столе Попов. „Бардо“ пред две години ја доби поддршката на европската мрежа на Југоисточна Европа (SEE Cinema Network), која на Апчевска и овозможи финансиски средства во висина од 8.000 евра. Зборот „бардо“ на тибетантски значи состојба помеѓу живот и смрт, тага и среќа, помеѓу детството и времето кога стануваме возрасни. Ова е визуелно наративен филм во кој главната улога ја играат еден балон и шестгодишната Марија Благоевска. Потписник на сценариото е самата режисерка, заедно со Катерина Момева, асистентка на ФДУ. „Бардо“ ја доби и поддршката на Филмскиот фонд на Македонија.

    „Навистина сум среќна што мојот филм влезе на Берлинале, особено во програмата ’Генерација‘ која има натпреварувачки карактер, а во нејзини рамки се доделува наградата ’Кристална мечка‘. Но, ’Генерација‘ ги отвора вратите и за други фестивали. За мене беше голем предзвик да работам со дете-актер, иако тоа бара голема професионалност, но многу помогна режисерката Маја Младеновска, која веќе има работено со деца на филм“, вели Апчевска.

    Зад фотографијата во филмот стои искусниот Владимир Самоиловски, монтажата е на Горан Вукиќ, музиката на Александар Пејовски, а дизајнот на звукот е на Игор Поповски.

    Во програмата „Панорама специјал“, пак, во Берлин оваа година Македонија ќе го претстави филмот на Теона Митевска, „Жената што ги избриша солзите“, во кој игра големата актерска дива Викторија Абрил, можеби најприсутна во филмовите на  шпански режисер Педро Алмодовар. Иако програмата „Панорама специјал“ се смета за втора по важност на Берлинскиот филмски фестивал, ова е престиж за Македонија, но и отскочна даска за нашите понатамошни презентации во Берлин. Филмот на Митевска ќе доживее гламурозно претставување, со црвен килим и прес-конференција на која ќе присуствуваат важните медиумски куќи од светот. Филмските критичари велат дела по успехот на филмот„Пред дождот“ на Милчо Манчевски во Венеција во главната програма, ова ќе биде второ гламурозно претставување на македонски филм.

    „Жената што ги избриша солзите“ е приказна за судбината на две жени во Франција и во Македонија, кои ќе се спојат под чудни околности. Едната бара одговори за загубата на својот син и отуѓувањето од сопругот, а другата се обидува да го најде својот изгубен сопруг и да го зачува синот. Едноставно, тоа е приказна за две жени, за две различни општества и за односите со нивните деца. Покрај Абрил и Митевска, во филмот играат и француските актери Жан Мари Калеи и Арбен Бајрактарај, словенечкиот актер Петар Мусевски, како и нашите: Петар Горко, Фирдаус Неби, Жаклина Стевковска-Дрнашин, Маја Вељковиќ, Рујиш Беговска, Темер Ибрахим, Береда Решхит. Директор на фотографија е Матјаж Ердели од Унгарија, сценографијата е на Вук Митевски, а монтажата на Николас Гастер од Велика Британија. Музиката е од македонската етно група „Љубојна“, како и од еден од најдобрите композитори на современа класична музика, Арво Парт.

    Во програмата „Панорама“ на Берлинскиот фестивал, која е поделена на три дела, годинава во нејзини рамки ќе бидат прикажани вкупно 50 филма, меѓу кои и српскиот „Парада“ на Срѓан Драгоевиќ, во кој Македонија е копродуцент. Тој ја имаше и скопската премиера, и како во Скопје, така и секаде каде што се прикажуваше, привлече голем број на публика. Станува збор за копродукција меѓу сите поранешни југословенски републики, со исклучок на Босна и Херцеговина. Љубопитноста на филмот е голема и поради самата тема која ги следи случувањата околу геј-парадата во Србија, но и поради познатиот режисер Срѓан Драгоевиќ, зад кој стојат популарните филмови „Ние не сме ангели“, „Убавите села, убаво горат“ и „Рани“. Во филмот играат Никола Којо, Горан Навоец од Хрватска, Дејан Ачимовиќ од Босна и Херцеговина, Бранимир Поповиќ од Црна Гора, нашиот актер Тони Михајловски, но и легендите Мира Ступица и Марко Николиќ.

    „Ова за мене беше и мал експеримент, со кој сакав да предизвикам различен вид на емоции кај луѓето. Мојот посреден мотив да се зафатам со оваа тема, беа случувањата од 2001 година, кога во Белград беше претепан еден ЛГБТ-активист“, вели режисерот.

    Филмот претставува мрачна комедија во кој се говори за група на геј активисти кои се трудат да организираат Парада на гордоста во Белград. Кога полицијата на тој повик одбива да го обезбедуваат настанот, тогаш тие се обраќаат на група криминалци од поранешна Југославија меѓу кои е и Лимун (Никола Којо), сопственик на агенција за обезбедување и воен ветеран. (Т.И.)

  • Волшебникот од Оз – рецепт за сите

    Ретки се миговите на целосно опуштање, задоволство, но и на доживување врвна есетска изведба на штиците, за кои одамна е речено дека живот значат . Па затоа што тие мигови во современиот македонски театарски простор се ретки, за чинителите на магичниот сценски живот, но и за публиката, стануваат драгоцено сеќавање и искуство. Токму такви незаборавни мигови неодамна приреди премиерната изведба на претставата ” Волшебникот од Оз”, во Театарот за деца и младинци во Скопје.

    Правена според светски популарното дело на американскиот автор Лиман Френк Баум , патем речено , напишано и повекепати екранизирано од почетокот на 20 век до денес, во драматизација на Маја Енчева од Бугарија и во превод и препев на нашиот поет Никола Маџиров. Како музичко – сценски спектакал, претставата ја постави долгогодишниот соработник и пријател на  Театарот за деца и младинци, режисерот Боњо Лунгов од Бугарија. Тој создаде волшебен свет од музика, песни и игра низ раскошен мјузикл, направен според сите стандарди што ги подразбира овој театарски жанр.

    Приказната на отсонуваните авантури на девојчето Дороти, Лунгов ја структурира како спој на драмскиот со театарот на кукли. Низ динамичното дејство, во кое повеќе се пее, отколку што се говори текст, не води актерската екипа во состав: Нина Деан, Драган Довлев, Тања Кочовска- Павловска, Ана Левајковиќ- Бошков, Мартин Јорданоски, Петар Стојковиќ, Ефтим Трајчов и Марија Ѓорѓијовска. Тие се успешен спој на младост и искуство, а поединци меѓу нив толкуваат и по две рољи, драмска и куклена. Раскажуваат приказна за патувањето на Дороти со нејзиното куче Тото низ фантастичната земја Оз , заедно со ново стекнатите пријатели Страшилото, Лимениот човек и Лавот.

    Патувањето, исполнето со искушенија на оваа смешно-тажна четворка до Смарагдниот град, каде секој од нив очекува помош од Волшебникот, за да го добие тоа што му недостасува, е симболично патување до вредностите кои децата треба да ги научат, а ние возрасните да се потсетиме на нив, оти во секојдневната трка со животот, како да ги подзаборавивме. Тоа се љубовта, припадноста, вистината, истрајноста, храброста и мудроста. Во оваа порака е сублимирана најголемата вредност на приказната. Таа  надминува било каков пригоден контекст и патува директно до нашата зачмаена свест, за да не соочи со потребата од спознавање и преродување, без што тешко ќе бидеме подобри луѓе во иднина.

    Што се однесува до првокласно доловениот фантастичен свет од Земјата Оз, на режисерот тоа не ќе му успееше без неговите соработници од Бугарија: Константин Каракостов , Дилјана Прванова ,Михаил Шишков, Величко Каракостов  и Петко Лунгов. Тие создадоа разиграна и распеана сцена со грст изразни сретства како што се кукли, видео, платна, мултимедија и кореографија. Се заедно остави впечаток на мјузикл за веселиот свет од фантазијата и соништата . Најмногу освојува спознанието дека тоа не е само детски, туку е сон во кој и возрасната публика лесно се препушта и со отворено очи го сонува до последната сцена, заедно со ликот на Дороти. Потоа радосна и исполнета, таа иста публиката си оди дома. Остануваат во сеќавање миговите на опуштање, задоволство и на прикажана врвна естетка изведба на сцената на Театарот за деца и младинци.

    Сотир Трајков

  • Излези момче… Во Ниш… Дома…

    „Добредојдовте браќа. Во Ниш, вие сте домаќини и никогаш нема да бидете гости!“ – се зборовите со кои нишлии пречекаа 7.000 македонски навивачи.

    Ниту нерешениот исход со Шведска, ниту поразот со Германија, ниту лошата и неорганизирана игра не ги поколеба македонските љубители на ракометот во намерата од почеток до крај гордо да ги бодрат своите пулени на европското ракометно првенство. Од Бујановац до Предејане, преку Лесковац и Дољевац, црвено жолта река од возила се влеа преку братски отворените порти во градот на првиот римски император кој го прифатил христијанството, Константин. Повеќе од седум илјади Македонци со верба во својот национален тим, пристигнаа на гости кај домаќините на групата Б на Европското првенство во ракомет за мажи, секогаш гостопримливите нишлии.

    Информациите од меѓудржавниот протокол, велат дека до почетокот на првенството во организирана посета на Ниш пристигнале 5.700 Македонци, а ден пред тоа во приватна режија дошле околу 1.500 македонски навивачи и покрај тоа што голем дел од нив ќе останат без билети.

    Деновиве, Ниш е главен град на Македонија за многумина.

    „Добредојдовте браќа. Во Ниш, вие сте домаќини и никогаш нема да бидете гости!“ – се зборовите со кои официјалните организатори, градските власти и обичните смртници им посакаа добредојде на своите некогашни земјаци. И вистина, покрај тоа што неодоливо потсетува на Скопје, Ниш деновиве македонски и звучи и дише. Од хотелот Амбасадор во центарот на градот, преку надалеку познатото кафеанско Казанџиско сокаче, до импознантната нишка „тврѓава“ и Техничкиот факултет во кој е сместен македонскиот фан пит, нема агол на кој не се вее црвено жолтото сонце на слободата. Чувството дека сте дома и топлината околу срцето ве следат на секој чекор. Од една страна шпалир од развиорени шалови, од друга беспрекорни редици од шлемови на фалангата на Александар Македонски. Совршен декор додека во еден глас од сите страни се ори „излези момче право на тераса и поздрави ја Гоцевата раса…“.

    А во мензата на нишкиот технички факултет исто како дома. Тезги со маички, шалови и останати навивачки обележја во боите на Македонија, точено „скопско“ пиво и студентска српска храна. Познат декор на сите страни. Се среќавате со пријателите како да чекате на влез во салата „Борис Трајковски“, а во морето од навивачки адреналин, моќно озвучување и расположение и по некоја од јавните фаци. Поранешниот премиер на Република Македонија, Владо Бучковски со своето семејство, хумористот Љупчо Бубо Каров, најпознатите македонски ракометни судии, Марјан и Драган Начевски, некогашни и сегашни политичари. Сите со една цел. Да ја бодрат Македонија и можеби да бидат и видени.

    Во потрагата за билет повеќе некои се подготвени да платат и плаќаат и по педесет евра. Скапоценото парче хартија и надалеку прочуениот јужно-србијански „роштиљ“ се топ тема на улиците на некогашниот римски град Наисус.

    – Пристигнав неколку дена порано да ја пречекам старата нова година со пријателите во Ниш и да се обидам некако да најдам билет за ракометното првенство. Уживам во гостопримството на нишлии. Во светски подготвеното мелено месо и во хедонистичката атмосфера која се чувствува штом влезете во овој симпатичен град. Во целата еуфорија успеав да најдам билет за кој платив четириесет евра. Ова европско првенство и атмосферата во Ниш е за мене прекрасно и незаборавно искуство – вели Александар Целески од Скопје.

    Спортската сала Чаир е приказна за себе. Реновирана специјално за ракометното првенство, очекувано, за време на натпреварите на македонската ракометна репрезентација, обоена во црвено жолто.  Пополнета до последно место ечи од македонски навивачки песни испеани од повеќе од четири илјади гласни грла. Домаќините се погржиле за секој детаљ. Беспрекорна контрола која се грижи да нема редици на влезот, љубезни официјални лица ве испраќаат до вашето место, штанд со пијалаци за освежување и македонска музика на разглас. Останува само да победиме. Нешто што со душа и срце го очекуваме на одлучувачкиот натпревар со Чешка.

    А потоа. На славје до зори „Код Рајка“. Оти само таму можете да најдете божествено добар полнет ќебап во кој ќе уживате во друштво на Штефан Кречмар.

    Во Ниш. Дома.

    Текст: Горан Игиќ

    Фото: Тамара Милосављевиќ и Горан Трпеноски

     

  • БИЛГЕ ЕМИН: И СОНОТ НИ Е ЗАБРАНЕТ

    „Живееме во едно општество каде што нема слобода на говор, мислење и однесување. И покрај толку поминати години, ние всушност се вративме назад. Најдовме заеднички точки во текстот на Шекспир, напишани пред 400 години. Главната разлика е во тоа што, пред 400 години авторот нудеше решение, тоа решение беше сонот,  всушност луѓето можеа да ги сонуваат своите идеали. Денеска и сонот ни е забранет„

    За режисерката Билге Емин, тоа е основната порака на преставата „Сон на летната ноќ“ познатата драма на Шекспир, која што неодамна, во режија на Мартин Кочовски, беше премиерно изведена на сцената на Турскиот театар.

    Шескспировата комедија која сигурно, е една од најмногу играните комедии на театарските сцени ширум светот, овозможи љубителите на театарската уметност да доживеат пријатни моменти.

    Младиот актер од Турска драма, Аксел Мехмет, кој ја играше улогата на Лисандер ни изјави дека преставата беше многу различна од другите, но во исто време,  динамична и со високо темпо. Тој, се надева дека претставата позитивно влијаела врз гостите и дека таа улога, во иднина за него ќе преставува големо искуство.

    Според Несрин Таир, претставата е модерно читање на познатата комедија на Шекспир, дејството се случува во Скопје.

    „Денес во 21. век не ни се дозволува да сонуваме. И кога најмногу ни е потребно не можеме да сонуваме„ ни изјави Несрин додавајќи дека Кралицата Титанија пред 400 години, можела сите да ги заспие, но сега истата Титанија не може да не повика да спиеме, а да сонуваме, не можеме ни да замислиме. При подготовката на преставата единствената дилема на Несрин била дали ќе успеe текстот да се прилагоди на денешните услови. „Сепак, мислам дека успеавме“, додаде таа, среќна и возбудена од реакциите на љубителите на театарската уметност.

    Улогите ги толкуваат: Ријад Тахир, Фунда Ибрахим, Аксел Мехмет, Сузан Акбелге, Селпин Керим, Зубејде Селимовска, Џенап Самет, Несрин Таир, Берхеда Решит, Танер Сулејман, Тамер Ибрахим, Неат Али.

    Сценографијата е на Јулијана Војкова-Најман, костимите се на Марија Пупучевска, а музиката – на Оливер Јосифовски.

    Хусамедин Гина