Category: Кујна

  • Печење: Неделна тава печено месо на грчки начин

    Добредојдовте на официјалниот грчки неделен ручек!

    Ова е едно од оние јадења кои немаат ист вкус дома и во ресторан. Толку многу сте навикнати на домашната верзија, непцето е навикнато на истиот вкус со години, на вистинското количество зачини и густина на сос… Како и да е, потребно е малку внимание, малку љубов и секој ќе може да го подготви јадењето познато низ цела Грција како “Неделен ручек”.rosto2 balkon3 

    Состојки:

    1,5 кг јунешко (гради или опаш) врзани со конец

    2 големи главици црвен кромид, рендан

    5 главици лук, пресечени на половина

    1 стапче цимет

    1 рамна кафена лажичка мешан зачин

    100 мл суво црвено вино

    1 кг свежи домати, рендани (или заменете ги со конзервирани)

    2 супени лажици доматно пире, разредено со ¼ филџан вода

    2 супени лажици шеќер

    сол и бибер

    1 кг долги цевчести тестенини (зити), може замена со лингвини, пене или ригатони

    50 гр путер

    ½ филџан маслиново масло

    rosto 4 balkon3

    Подготовка:

    Со остар нож засечете го месото на неколку места и вметнете ги главиците лук со малку сол и бибер. Кратко пропржете го месото во маслиново масло на силен оган додека да добие златно-кафена боја од сите страни. Намалете ја температурата и додате го кромидот. Пржете неколку минути со повремено мешање па додате го виното и изгребете ги сите загорени парченца од дното на тавчето. Откако виното ќе испари додадете ги доматите, доматното пире, шеќерот и зачините. Поклопете ја тавата, намалете ја температурата и оставете да врие (околу 2 часа) додека месото да омекне и сосот да згусне.

    rosto 1 balkon3Тестенините сварете ги според инструкциите на пакувањето и ставете ги во цедилка да се исцедат. Стопете парче путер во тава, додадете ги тестенините и промешајте.

    Извадете го месото, отстранете го конецот и исечето го на тенки парчиња со назабен нож. Ставете ги тестенините на чинија за послужување а врз нив ставете ги парчињата месо и прелијте со сосот. Остатокот од сосот послужете го во сад за сос. Традиционално, ова јадење се служи со рендана мизитра (myzithra, младо козјо или овчо сирење) но може да употребите пармезан или било кое друго сирење.

    Балкон3 ви посакува добар апетит!

    Софија Николаоу

  • Како да подготвите два вида мезе од грчката посна кујна

    Широка лепеза на посни јадења се конзумираат во 50-те денови на големиот пост пред Велигден. Најдобрите од нив традиционално се приготвуваат за пикникот на Чист Понеделник со кој се започнува Големиот Пост – Sarakosti.cover lent

    На овој ден се јадат свежи морски школки, живи или зготвени во зачинети сосови.

    lent1

    Ако се најдете во Грција на Чист Понеделник не се чудете ако луѓето ве поканат да летате хартиени летала заедно со нив. Душата се воздигнува духовно а телото се прочистува со посна храна.

    lent2

    Еве неколку популарни мезиња кои можете да ги најдете во Грција во текот на постот и кои можете сами лесно да ги приготвите.

    Октопод во туршија

    lent3

    Луѓето кои живеат во градовите најдобро е да користат замрзнат октопод бидејќи го задржува вкусот и гарантирано е мек. Октопод во туршија е само еден од начините на кои може да го зготвите овој мекотел кој практично ви заменува месо во исхраната. Може да се зготви во сос од црвено вино, печен со доматен сос и тестенини, печен на жар, мелен, обликуван во плескавици и испржен итн.

    Состојки:

    1,5 кг октопод (замрзнат)

    Маслиново масло

    Вински оцет

    Оригано

    По желба: ловоров лист, ситни сецкано луто пиперче

    Подготовка

    Одмрзнете го октоподот во длабок сад полн со топла вода. Исцедете и ставете во тенџере со вода колку да го покрие октоподот до половина. Додадете ¼ чаша оцет, поклопете и оставете да се вари на тивок оган околу 40 минути додека да омекне. Тргнете го од рингла и додадете уште ¼ чаша оцет. Оставете го да се излади во тенџерето. Откако ќе се излади исцедете и исецкајте го на еднакви парченца. Маринираниот октопод најдобро е да се чува во тегла, покриен со маслиново масло и зачинет со оригано (додадете ловоров лист и ситно сецкано луто пиперче ако сакате луто).

    Послужете го октоподот со оригано, оцет и маслиново масло.

    Пире од жолта леќа

    lent4

    “Fava” на грчки означува жолта леќа (а не фава грав кој во последно време се избегнува во исхраната од здравствени причини) која се служи како главно јадење и како мезе. Најпознатата жолта леќа се одгледува на островот Санторини и ретко се наоѓа, па затоа само ја приготвуваме на таков начин, односно на начин на кој се приготвува насекаде во Егејот: сварена и испасирана во кашесто пире. Јадењето се служи на два начини: со исецкан пржен или свеж кромид или без кромид. И во двата случаи се додава маслиново масло, сок од лимон, оригано, капер и маслинки.

    Состојки:

    500 гр жолта леќа

    2 главици кромид

    ¼ филџан маслиново масло

    сол

    Подготовка

    Леќата се мие под чешма околу две минути и се остава во цедилка да се исцеди. Ставете ја во тенџере со двојно повеќе вода од леќата, додадете го кромидот и варете на тивок оган. Не го покривајте тенџерето, промешувајте и со перфорирана лажица вадете ја пената која се создава. После околу еден и пол час или кога леќата ќе наликува на густа супа, тргнете ја од оган и додадете сол по вкус. Додека е топла испасирајте ја леќата или ставете ја во блендер постепено додавајќи маслиново масло. Ставете ја во длабок сад да се излади и згусне. Изгребете ја одозгора со вилушка и зачинете со бибер, маслиново масло, сок од лимон и други зачини по избор.

    Балкон3 Ви посакува лесен пост!

    Софија Николау

  • Сè за тиропита: омилената ужина во Грција

    Tiropita_cover

    Познати по прескокнувањето на појадокот, Грците започнуваат да се грижат за консумирање цврста храна доцна наутро кога доаѓа време за „dekatiano“ или „појадок во 10 часот“. Овој појадок најчесто се состои од сеприсутната тиропита – пита со сирење.
    Тиропита може да најдете секаде: на попатни станици, во кафетеријата на работа, во школската или студентска менза, во секоја кафетерија и пекарница, во секој супермаркет и маалска продавница.
    Зборот тиропита сè почесто се користи и како синоним за „ужина“. Уште една од низата приказни за безбројните видови пити кои ги подготвуваат нашите мајки и баби како дел од длабоко вкоренетата традиција. Оваа храна за утеха луѓето ја купуваат надвор од домот од практични причини.
    Од неодамна здравата, традиционална храна почна повторно да се открива и тиропитата стана многу пософистицирана од спакуваната, замрзната верзија од ровко тесто наполнета со парченца фета сирење, која стана популарна во 1970-тите (а и сè уште е барана). Друга популарна верзија е „tapsiou“ која е поблиску до традиционалната, се произведува во помали количества и се сече на коцкасти парчиња директно од тепсијата. „Tapsiu“ најчесто се приготвува со лиснато тесто и фил од фета и бешамел сос.
    Тиропита е денес главен производ во големите ланци маркети и сè помасовно се произведува така што претставува закана за сите други видови здрава храна. Може да најдете тиропита со фил од обезмастено „anthotyro“ (младо сирење од Крит) и други регионални сирења, мајсторски теста од интегрално брашно итн. Некои други регионални верзии почнаа да се појавуваат во Атина преку големите ланци маркети како што се оригиналната „bougatsa“ пита со сирење од Солун која се произведува со подебело лиснато тесто, или варијантата од Скопелос која се прави во спирална форма и се пржи во маслиново масло.

    „Bougatsa“ со сирење од Солун
    „Bougatsa“ со сирење од Солун

    А во последно време турскиот збор „kuru“ влезе во грчкиот секојдневен говор и означува ронливо тесто со јогурт и фил од фета сирење. Во Атина најверојатно ќе слушнете како го изговараат како „guru“ – сè уште не сме го совладале изговорот :).

    Некои дури и го пишуваат „guru“(интересно!)
    Некои дури и го пишуваат „guru“(интересно!)

    Ланците маркети доминираат на урбаниот пазар но, од друга страна, тие мора да ги одржуваат цените пониски поради побарувачката на пазарот. Современиот начин на живот во Атина е брз, луѓето премногу работат, а се малку платени. Според статистиката на Еуростат за последната декада, Грците работат најдолго работно време, а добиваат најниски плати во однос на останатите европски држави. Официјалната пауза за ручек веќе не постои, па луѓето имаат време и пари единствено за ужина.

    Две пекарници – почит кон квалитетната пита со сирење во Атина

    Наспроти сè, веќе неколку генерации опстојуваат две историски пекарници во центарот на градот и продолжуваат да им нудат на граѓаните квалитетна пита со сирење. И покрај неверојатната разновидност на понуди на денешниот пазар овие две заслужуваат посебно внимание.
    „Ariston“ (што значи „Најдобар“) се наоѓа на улицата Voulisна на плоштадот Синтагма и постои од 1910 година, во сопственост на истото семејство пекари. Нивен специјалитет е тиропита во облик на полумесечина од ронливо тесто со фил од кремасто фета сирење.
    Пекарницатa го прошири производството на преку 15 различни видови пита со импресивен избор на филови од зеленчук и месо, иако тиропита со сирење останува најбараниот производ. Прометната улица Voulis гарантира голема побарувачка, па услугата е брза. Добивате топло, крцкаво, до пола завиткано парче пита – ако сакате да сочувате малку за подоцна ќе ви го спакуваат во розева кутија со старомодното лого на компанијата. Пекарницата, нивниот квалитет, па дури и зградата во која се сместени остануваат недопрени од времето.

    Tiropita4 Tiropita5Tiropita6 Tiropita7

    „Mam“ („храна“ на бебешки јазик) започна со работа во 1958 година на улицата Pesmatzoglou во срцето на Атина. Брзо стана многу успешна, па се прошири со Mam број 2 неколку метри подалеку (1963) на централната Panepistimiou (Venizelou) улица. Најбараниот специјалитет на оваа пекарница е „kaseropita“ (со мек растопен кашкавал). Тестото е крцкаво однадвор, а меко одвнатре, не премногу мрсно, не премногу суво, едноставно совршено! Нарачајте и додека да трепнете добивате мало богатство во вашите раце.

    Tiropita8 Tiropita9Tiropita10 Tiropita11

    Ако не сте сигурни каде да најдете добра тиропита во кое било место во Грција, едноставно прашајте ги локалните жители. Тие секогаш знаат најдобро!

    Софија Николау

  • Мусака со карфиол

    Во овој дел од светот не постои мусака, туку мусаки. Тоа е еден од оброците што не` обединува, што знаеме дека секаде можеме да го најдеме. Можеби со различен состав и вкус, но секаде тоа е неверојатна комбинација од вкусен зеленчук и месо, и тоа на слоеви. Дури и месото не е секогаш задолжително. Нашите народи биле толку вешти и инвентивни во експериментирањето со мусаката, што направиле и вегетаријански верзии. Комбинациите се менуваат, името останува. Во продолжение, еве како можете да направите мусака од карфиол.

    Musaka so karfiol_cover

    Потребни состојки:

    – еден карфиол
    – 500 грама мелено месо
    – една главица кромид
    – 0,3 литри јогурт
    – 2 јајца
    – сол, масло за јадење, сушен магдонос

    musaka so karfiol1 musaka so karfiol2

    Подготовка:

    Пред да се „сретнат“ зеленчукот и месото, прво треба да се подготват. Кромидот се сецка и се пржи со малку масло, а потоа во тавата се додава и месото. За околу пет минути е готово.

    musaka so karfiol3

    Карфиолот се крши на цветови и се става во врела вода за да омекне. Потоа, доаѓа време за спојот, кој е мошне стандарден. Најдолу во тавата (премачкана со масло) се става ред карфиол, па ред месо, па уште еден ред карфиол и сето тоа се полева со малку студена вода. Се пече во покриен сад на 200 степени, околу 45 минути до еден час. Во меѓувреме, се матат јајцата и јогуртот. Во стандардната мусака за Македонија, што се прави со компири, се става млеко, но во таа со карфиол јогуртот е многу подобро решение, дава посилен и побогат вкус.

    musaka so karfiol6 musaka so karfiol5

    Неколку минути пред да биде готова мусаката, оваа мешавина се прелева одозгора и потоа се остава да се пече во отворен сад, додека да зарумени. На крајот, добивате вкусен оброк, кој може да се гледа како полесна варијанта на класичната мусака. Дури не треба ни премногу време за да се подготви. Се може да биде готово за час до час и половина. Но, за секој случај, подобро е да почнете со готвењето додека не сте многу гладни. На здравје!

    musaka so karfiol7

    Автор и готвач: Гоце Трпковски

  • Карневалски прослави во Грција: Скара в четврток!

    Во цела Грција постојат безброј карневалски обичаи и прослави во текот на овие три недели кои се разликуваат по региони, градови, па дури има разлики од село до село. Но, еден обичај е насекаде ист: денот на јадење скара. Ова е некој вид на Марди Гра, но во Грција секогаш се случува во четврток. Всушност, луѓето јадат месо во текот на целата недела бидејќи тоа е суштината на карневалските прослави.

    praznik meso1Правилен начин да се прослави овој ден е да се соберете околу скара на јаглен и да ги вдишувата неодоливите испарувања и арома на печено месо („tsikna”). Секој друг начин се смета за неправилен!
    praznik meso7 praznik meso2
    Еднакво важно е дружењето: ова е ден за излегување од дома, за дружба и забава со пријателите. Ако барате изговор да ја прекршите строгата диета, ова е вистинскиот момент!
    praznik meso4

    praznik meso3 praznik meso6
    Во случај да сакате да ги избегнете големите гужви може да ги соберете пријателите во вашиот дом и да нарачате скара. Месото секако се подготвува во специјализирани скараџилници па треба да се погрижите:
    А) да не дознаат вегетаријанците,
    Б) да нарачате од секој од следниве специјалитети:

    Paidakia (јагнешки котлети)
    Souvlaki (свински, пилешки или телешки шиш-ќебап) со лепче потпечено на скара
    Biftekia scharas (телешки ќофтиња со оригано и нане)
    Loukaniko horiatiko (селска свинска кобасица зачинета со кора од портокал или праз)
    Kotopoulo souvlas (пилешки раженчиња)
    Kotopoulo sti schara (пилешко на скара на јаглен)
    Kokoretsi (јагнешки изнутрици на ражен)
    Exohiko (полнет свински увијач со зеленчук и билки на ражен)
    Kontosouvli (свински одрезок на ражен)
    Gioulbasi (јагнешко со зеленчук и фета сирење, печено во хартија за печење)
    Gyros (свински или пилешки донер-ќебап)
    …и малку зеленчук за да го одржиме нивото на холестерол под контрола! 🙂
    Добар апетит!

    praznik meso5

    Да наздравиме за здравје и среќа и да уживаме во карневалските прослави!

    Софија Николау

  • Бурек и симит приготвени во вашата кујна

    Бурек и симит приготвени во вашата кујна

    Живеејќи далеку од Турција постојат некои видови храна од турската кујна, посебно таканаречената улична храна, кои многу ми недостасуваат, како што им недостасува домашната храна на сите кои живеат надвор од својата татковина. Кога ќе се сместите во „новиот дом“ чувството го заменува потребата и желбата да ги создадете и реплицирате овие специјалитети во новите домашни услови.

    burek i simit_cover

    Еден од моите омилени специјалитети од турската кујна е бурекот, поточно полнетото печиво. Според традицијата, за подготовка на бурек би требало да употребиме свежо и тенко како хартија тесто, наречено јуфка. Во Англија ја нема јуфката во маркетите, но може да се најде соодветна замена односно готови кори.

    burek2

    Имајте предвид дека овие кори лесно се сушат па мора да употребувате влажна крпа додека работите со нив при подготовка на бурекот. Бурекот може да се направи со праз и сирење, со компир, сирење и магданос, мелено месо и друго. Можете да направите поголема количина, а потоа да ја замрзнете. Ако го направите тоа, замрзнатиот бурек можете да го употребите повторно ако го ставите во тава намачкана со масло за готвење. Потоа се пече на температура од 180 целзиусови степени околу 15-20 минути. Бурекот магично се појавува на чинијата и исто толку бргу исчезнува.

    burek1

    Ѓеврекот, тестото во кружна форма со семе од сусам, е уште еден мој фаворит од турската кујна. Оди одлично со чај, краставички, домат и сирење од страна. За мене тоа е врвниот турски доручек. И да, можете да испечете ѓеврек во вашиот дом, полесно отколку што мислите.

    gevrek1

    Балик и екмек, турски печени (или лесно пржени) сендвичи од риба се други улични специјалитети кои можете да ги приготвите дома. Рибарите го приготвуваат уловот на денот во нивните чамци, „обична“ скара со салата, парче кромид и свеж леб, едноставно преубаво.

    riba sendvic

    Ние приготвивме наша верзија на балик и екмек со освежувачка пијаз салата со сумах, прстени од кромид, магданос и домат од страна.

    sendvic so riba2

    Се што треба да сторите е да ги затворите очите и веќе патувате по Босфорот во Истанбул.

    burek i simit_bosfor

    Пријатен апетит!

    Целиот текст и начинот на подготовка можете да го прочитате овде.

    Автор: Озлем Ворен

    (Текстот е објавен во соработка меѓу Балкон3 и Ozlem Turkish Table)

  • Малешевски зелник

    Малешевски зелник

    Во источниот дел на Македонија, во прекрасната Малешевија се прават најубавите македонски јадења. Запишани или запаметени од усните преданија на нивните баби и прабаби, младите домаќинки ги обновуваат старите рецепти и имајќи голема желба да ги споделат со своите најблиски, вложуваат огромен труд во нивната подготовка. Во Берово вештите, искусни домаќинки го прават надалеку познатиот малешевски зелник, специјалитет со неповторлив и единствен вкус. Зелникот на нашата баба Живка, сукан и месен, е тајна со која таа успева да го собере целото семејство на една трпеза.

    zelnik_cover

    Рано наутро ќе го замеси и веќе до пладне предизвикувачкиот мирис сите ќе не намами на трпезата. Тогаш, во убаво расположение уживаме во преубавиот вкусен специјалитет, се разбира комбиниран со бело беровско сирење или со буламач. Овој пат за читателите на Балкон3 отидовме до Берово и ја замоливме баба Живка да ни ја открие тајната како се подготвува Малешевскиот зелник. Таа со задоволство одговори на нашата молба, но овој пат со помош на една помлада домаќинка, која не смееме а да не ја споменеме, Зорка Кускинска.

    zelnik1

    Потребни состојки:

    За тестото:
    – 1 килограм брашно
    – 1 квасец
    – 1 супена лажица сол
    – 1 супена лажица шеќер
    – вода за замесување
    – зејтин за премачкување на корите

    За филот:
    – праз
    – сирење
    – за филот може да се употреби и спанаќ или пржен праз со пиперки и домати)

    Начин на подготовка:

    Се потквасува една коцка квасец со една супена лажица шеќер и една супена лажица сол. Смесата се меша со еден килограм брашно и вода по потреба. Откако тестото убаво ќе се замеси, се остава еден час за да нарасне. Потоа тестото се дели на пет помали и еден поголем дел. Сите делови се сукаат до дебелина од 1 милиметар.

    zelnik2 zelnik3

    Секоја сукана кора се остава на еден чаршав да се исуши, се додека не се заврши секој дел од тестото. Најголемиот дел се засукува во поголема дебелина и покриен се става врз еден плех. На помалите кори се распоредува иситнето сирење и се посипува со зејтин.

    zelnik5

    Потоа се собираат и се редат во поголемата кора. Со краевите на поголемата кора се замотуваат помалите кори.

    zelnik6 zelnik7

    Во средината се става малку запржениот праз со сирење и одозгора се посипува со брашно. Се остава еден час да накисне, а потоа се става да се пече на 250 степени целзиусови.

    zelnik9 zelnik10

    Откако ќе се испече се вади од рерната и се полива со 100 грама вода со зејтин и пак се става во рерна да се допече уште 10 минути.

    zelnik8

    На здравје и добар апетит!

    Автор: Јулијана Димитриевска
    Фото: Дијана Димитриевска

  • Пржен црн дроб од Едрене: Tаен рецепт

    Едрене, град на граница, магично место кое ги спојува Анадолија и Европа, каде се среќаваат трите реки Тунџа, Арда и Марица. Град кој ве освојува со својата топлина веднаш штом ќе стапнете во него. Срдечноста на луѓето и географското богатство кое се огледа во традиционалните култури го прават Едрене посебно место.

    Edrene_cover

    Со векови Едрене бил домаќин на многу култури. По поделбата на Римското Царство градот бил во границите на Византиската Империја, а подоцна бил главен град на Отоманското Царство цели 92 години до освојувањето на Константинопол. Затоа градот се состои од историски споменици како што се палати, џамии, верски училишта, покриени пазари, меани, бањи и многу други. Големиот архитект Синан го дизајнирал своето ремек дело, познатата џамија Селимије во овој град.

    Edrene1

    Постојат и редица други посебни градби, како што се италијанската католичка црква, бугарската црква Свети Георгиј, црквата Свети Константин и Елена и големата синагога (втора по големина во Европа) коишто му даваат боја и богатство на градот.

    Edrene2

    Како што можете да видите не е возможно да се каже сè за Едрене во еден напис, па затоа ајде да се вратиме на главната тема! Ќе зборуваме за познатиот пржен црн дроб од Едрене. Тој е доволна причина да го посетите градот и има вкус што ги привлекува и оние кои не се љубители на вакви јадења.

    Месото е главна состојка во кујната на Едрене, а пржениот црн дроб стана симбол на градот. Па кои се причините што го прават ова јадење толку познато? Што е она што го разликува од другите јадења? Ако сакате да го дознаете тајниот рецепт сега имате можност, затоа што јас ќе го споделам со вас!

    Прво правило: готвачите од Едрене преферираат црниот дроб да биде изваден од теле не постаро од една година. Исто така месото е неопходно да биде свежо, по можност донесено уште првиот ден. Црниот дроб се сече на многу тенки парчиња (како што велат „тенки како ливчиња“) и треба потполно да се исчисти од вени, крв и жили (ова е особено важно, бидејќи ја прави целата разлика).

    edrene3

    Тајната на специјалниот мирис на црниот дроб е во маслото за пржење. Црниот дроб се валка во брашно и треба да се пржи неколку минути во врело сончогледово масло на висока температура.

    edrene4

    Се посолува откако ќе се испржи и е подготвен за послужување. Најдобар додаток на ова јадење се сувите лути пиперки од видот „Караачи“ кои исто така се одгледуваат во Караагач, Едрене. Пиперките треба прво да се испржат во врело масло.

    edrene5

    Црниот дроб и пиперките се готови и може да ги консумирате со ајран. Добар апетит!

    edrene6

    Бидејќи сега ја дознавте тајната на овој одличен рецепт време е да го посетите Едрене, и тоа што е можно побрзо. Нема да зажалите!

    Текст и фото: Аркан Чинетчи

  • Шеќерни спомени

    Детство, период во кој живеевме безгрижно и слободно. Период кој никогаш не се заборава и на кој вечно се навраќаме. Кога ќе помислам на тој период ми навираат многу спомени. Саботите речиси секогаш ни беа резервирани за семејна прошетка низ градскиот парк, посета на зоолошката градина или пак лудување во луна парк. Секогаш кога бевме послушни, а бевме :), татко ми ќе не почестеше со шеќерна волна, шеќерно јаболче или шеќерно петле. Знам дека воопшто не беа здрави ни за нас, ни за забите, но секако можевме да си дозволиме малку сладок грев. Сепак тоа беше добар начин да ја одржиме енергијата. Ах, убави шеќерни спомени, колку само го сакам тој мирис на карамелизиран шеќер.

    sekjerni spomeni_cover

    Пред некој месец при мојата последна посета на Истанбул, додека уживавме во глетката на Златниот рог што ја нуди Пјер Лоти, една од моите пријателки на моја огромна радост ми разбуди спомен од тој прекрасен период и пред мене се појави со шеќерно јаболко и шеќерно петле. Па, така носталгична, добив идеја да ве вратам во детството и да ви понудам рецепт за дома да подготвите шеќерни јаболчиња. Впрочем токму сега е периодот на јаболката, па еве еден креативен начин како да ги искористите.

    Потребни состојки:

    – 10 ситни јаболка
    – 500 грама шеќер
    – 110 мл. вода
    – 1 лажица оцет
    – 2 лажици мед
    – црвена прехранбена боја
    – 10 дрвени стапчиња

    jabolce 1petle 1

    Подготовка:

    Прво јаболчињата добро измијте ги и избришете ги со мека крпа. Извадете ги рачките и на тоа место забодете по едно дрвено стапче. Потоа ставете ги водата и шеќерот да зовријат, па додадете ги останатите состојки. Варете 10-15 минути. За да бидете сигурни дека е готово, со лажичето земете од смесата и капнете во ладна вода или пак лажичето ставете го под ладен млаз вода. Смесата треба веднаш да се карамелизира и да не е мека. Во жешкиот сируп ставете ги јаболката и при тоа внимавајте сирупот да е добро нанесен на сите страни. На крај оставете ги врз метален сад (чинија или тава) за да се сушат. Откако ќе се исушат, шеќерните јаболчиња се подготвени за дегустација.

    Зашеќерените јаболка можете да ги завиткате во целофан и да ги подарите на некој и со тоа да го потсетите на убавите детски денови. Тоа нема никој да остави рамнодушен, бидејќи во последно време ретко се наоѓаат места каде што може да го најдеме овој дамнешен деликатес, кој на сите ни буди слатки спомени.

    Кристина Ангелеска

  • Флија – неодолив традиционален вкус

    Флијата е едно од најомилените јадење во албанската кујна. За подготовка на флијата се потребни многу малку состојки. Вкусната флија се базира на техниката на печење, затоа нејзината подготовка е макотрпна работа. На тие кои се` уште не пробале, Балкон3 им препорачува што побрзо да го направат тоа.

    Flija_cover

    Состојките за флија се многу едноставни: брашно, вода, путер, јогурт и сол. Главните материјали се мешаат се додека смесата не добие форма како тесто за палачинки. За да се подготви флијата потребен е сач од железо кој најчесто е во форма на сателитска антена со просечна големина.

    Flija 1

    Состојки:
    За тестото
    – 2 килограми брашно
    – вода
    – сол
    За подмачкување за време на готвењето:
    – 1 маргарин или путер
    – 1 чаша масло
    – 2 лажици јогурт или кајмак

    Flija 5

    Подготовка:

    Маргаринот или путерот, чашата масло, двете лажици јогурт или кајмакот се мешаат во еден сад. На тој начин се подготвува смесата која ќе се става помеѓу двата слоја на тестото за флија. Ако флијата се подготвува на оган од дрва треба да се обезбеди доволно голем простор. Тоа може да биде еден агол од вашата градина ила пак некој празен простор.

    Flija 3   Flija 4

    Најважната работа при готвењето на флијата е железниот сач да се одржи на потребната температура. Најпрво се подготвува огнот и се постигнува одредена температура. Потоа пепелта која се создава од огнот се фрла врз сачот. Тоа е потребно за одржување на температурата на сачот за да се постигне посакуваната топлината.
    Прво се подмачкува широката тепсија. Потоа се поставува тестото оставајќи празнини во форма на триаголници. Затоплениот железен сач се става врз тепсијата. На тој начин првиот слој е веќе подготвен. Потоа се зема сачот и повторно се враќа врз огнот. Печениот дел се подмачкува со смесата, а на празните места се поставува тестото. Потоа пак се става сачот. Најважен момент е да се подмачкува испечениот дел.

    Flija 2

    Овој процес се повторува се`додека не заврши целата смеса. Ако сакате да има вкусна кора, последниот слој се пече малку повеќе. Подготвувањето флија е навистина макотрпна работа. Но, не постојат зборови за да се опише нејзиниот неодолив вкус. Флијата се служи со кисело млеко или со ајран.

    На здравје 🙂

    Flija 7