Author: Balkon3

  • NESCAFÉ 3in1 ДОНИРАШЕ КОМПЈУТЕРИ НА УНИВЕРЗИТЕТСКАТА БИБЛИОТЕКА „СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“

    NESCAFÉ 3in1 ДОНИРАШЕ КОМПЈУТЕРИ НА УНИВЕРЗИТЕТСКАТА БИБЛИОТЕКА „СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“

    Студентите добија девет „all-in-one“ компјутери кои се слободни за користење во холот на библиотеката

    Компанијата Nestlé, која во рамки на кампањата NESCAFÉ 3in1 Start Smart, во текот на претходните месеци собираше средства за отворање на мултимедијалниот центар во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, на оваа институција и донираше девет „all-in-one“ компјутери кои слободно можат да ги користат сите студенти. За оваа донација, Nestlé во текотна кампањата одвојуваше средства од продажбата на секој NESCAFÉ 3in1 и NESCAFÉ 2in1 производ.

    Компјутерите се поставени во главниот хол на библиотеката, а во план е, во склад со трендовите за дигиталиузација на книгите, на нив да се постават дигитализирани материјали, со цел да бидат уште подостапни за корисниците. Освен тоа, студентите и другите посетители можат компјутерите да ги користат за истражувања, пишување трудови, групна работа и други секојдневни обврски во текот и по завршувањето на студиите.

    Бројни меѓународни студии покажуваат дека поголемиот број студенти и млади смета дека дигиталната технологија позитивно влијае на нивното образование и разбирањето на градивото.

    Посетителите на библиотеката се исклучително задоволни со новата опрема, подарок на компанијата Nestlé и брендот NESCAFÉ 3in1“, нагласува Марко Цуцуловски, раководител на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. „Компјутерите се особено корисни за работа во групи, што за сега најмногу го користат студентите на медицина, на кои атласите, кои им се неопходни за студирање, сега им се многу подостапни. Благодарни сме што компанијата го препозна значењето на помагањето на образованието и дигитализацијата и сигурни сме дека оваа донација ќе го унапреди квалитетот на школување и унапредување на знаењето на многу млади луѓе“, доаде Цуцуловски.

    Освен компјутерите, во холот на библиотеката се поставени и фотелји и полици на кои корисниците можат да ги пронајдат најновите книги и часописи на англиски јазик.

    Nestlé се свесни дека подобрувањето на квалитетот на живот и создавањето успешна заедница почнува со образованието“, истакна Соња Шливиќ, бренд менаџерка на NESCAFÉ 3in1 по повод врачувањето на компјутерите во библиотеката. „Секогаш сме тука да ги поддржиме младите во потрага за дополнително усовршување и образование и сметаме дека тоа е обврска на сите големи компании. Оваа акција е само една од бројните кои Nestlé ги спроведува, а кои се насочени кон подобрување на положбата на младите луѓе во општеството“, заклучи Шливиќ.

     

     

     

  • Да ти нацртам: „CLICKBAIT“ | Како се мамат кликови?

    Да ти нацртам: „CLICKBAIT“ | Како се мамат кликови?

    ЗАДОЛЖИТЕЛНО ПОГЛЕДНЕТЕ: Правевме нова епизода на „Да ти нацртам“, и се случи ова: ја направивме! Морате да ја кликнете нашата епизода за clickbait! Овие пет причини ќе го изменат начинот на кој ги гледате мамците за кликови! Четвртата нема да ви се верува…

    Нема да ви се верува каква врска е пронајдена меѓу риболовот и новинарството!

    Се вика кликбејт и во буквален превод значи мамец за кликови. Тоа се наслови што треба да го заскокоткаат читателот да кликне на некоја приказна.

    Погледнете како кликбејтот го промени информирањето!

    Повторно со рибарски речник. Кога весниците и телевизиите беа главни, новинарството беше како ловење со мрежа. Медиумите ја фрлаа целата содржина одеднаш кон целото јато риби, без да знаат која на што ќе се фати. Денес тоа е како ловење со трска. Секоја статија е како посебен мамец и мора посебно да се продаде.

    Еве како кликбејтот го уништува новинарството!

    За ова, всушност, постојат различни теории. Од една страна, кликбејтот се смета само за нова форма на изразување, со која може да се пренесуваат и сериозни вести, како – „еве колку поскапел животот од лани до сега“. Од друга, се тврди дека тој неминовно форсира тривијални теми како „видете со колку мажи спиела оваа старлета“. За читателите, најважно е содржината да ги исполни очекувањата од бомбастичниот наслов. Но, бидејќи често се случува насловот да биде „видете што му се случило кога паднал во вода“, а текстот да биде „сe намокрил и излегол“, кај многу читатели опаѓа интересот за кликбејтови и тие поретко се користат за сериозни вести.

    Петте најкористени кликбејтови што треба да ги препознаете:

    1. „Мораш да ме видиш“! Често содржат „фото“ или „видео“ во насловот и се однесуваат на најбесмислени ситуации „нема да ви се верува што се случило на овој брод“. Често содржат или асоцираат на голотија.
    1. „Треба да ме знаеш“. Ова се често совети кои немаат многу смисла. Пример „банките мразат кога им го правите ова“, но наместо практичен совет како да се добие подобра банкарска услуга преку ред, наведена е само некоја и онака позната работа.
    1. „Ќе те научам нешто ново“. Ова се текстови од типот „најдобро чуваните тајни од Втората светска војна“, и иако ги нема навистина најдобро чуваните тајни, може да има интересни информации за прераскажување во друштво. Вистинитоста е сомнителна.
    1. Недовршени информации. Најчесто се користат за да и додадат лажна важност на некоја не многу важна информација. На пример, под насловот „градските власти издадоа ново предупредување“, може да има едноставна информација дека тие што нема да платат билет во градскиот превоз ќе бидат казнети.
    1. Листи како оваа, со наслов „петте најкористени кликбејтови што треба да ги препознаете“.

    Уживајте во кликањето, но не се фаќајте лесно на мамците.

  • „Книгите можат да ни помогнат да ги избегнеме грешките“

    „Книгите можат да ни помогнат да ги избегнеме грешките“

    Интервју со Весна Кираџиева, атлетичарка, писателка и дизајнерка

    Како се станува најтрофејна атлетичарка, национална рекордерка во маратон, но и креативна блогерка, дизајнерка и автор на книга? Колкава улога во тоа, во личното и професионално формирање, имаат образованието и читањето? За тоа зборува атлетичарката од светски ранг, Весна Кираџиева. Познатата шампионка во маратон, но и писателка, блогерка и дизајнерка, вели дека книгите и образованието имале важна улога во нејзиното созревање и во животот, но дека дигиталната технологија дефинитивно и го сменила начинот на читање:

    Иако за атлетиката е важен тренингот, продготовката и менталната изджливост, за она што сум денеска исто така се многу заслужни книгите и образованието. Денеска често читам електронски, но не само на телефон. На сите нас, а особено на младите, дигиталните технологии им се многу важни и од голема корист за нивната иднина и развој на таленти“.

    Начинот на кој се читаат книгите се промени во насока на дигитализацијата, и во рска со тоа Весна изразува задоволство што многумина го препознаваат овој, според неа, позитивен тренд, поради што и се одлучи да ја поддржи кампањата на брендот NESCAFÉ 3in1, Старт Смарт, во рамки на која компанијата Nestlé одвојува средства од продажбата на секој NESCAFÉ 3in1 и NESCAFÉ 2in1 производ за донација за креирање на мултимедијален центар за младите.

    „Мислам дека дигитализацијата ќе направи литературата да бие подостапна и ќе ја олесни нејзината употреба. Дигиталните книги се многу поевтини, бидејќи ги исклучуваат трошоците на печатење, материјали, хартија итн. На крајот, сето ова ќе придонесе за зачувување на животната средина и намалување на загадувањето, а користа ќе биде видлива и долгорочно ќе се почувствува. Сметам дека NESCAFÉ 3in1 Старт Смарт иницијативата, која на младите ќе им помогне во рамки на библиотеката Свети Климент Охридски“ да добијат модерно опремен простор за учење, дружење и професионално напредување, е многу благородна и во чекор со времето, затоа во потполност ја поддржувам“. Дури 94 отсто милениумци се активни на социјалните мрежи или користат апликации за комуникација, покажува минатогодишното истражување на компанијата Nestlé, но Весна смета дека книгите се многу важни во процесот на растење и формирање на личноста, дури и сега, кога се повеќе време се поминува на интернет. Како што вели, тие можат да ни помогнат да ги согледаме туѓите грешки, и низ учење да го избегнеме правењето на сопствените грешки:

    На пример, алхемичарот на Коељо, ме научи да го следам внатрешниот глас, и дека ќе бидам среќна само доколку го следам својот сон. Хари Потер е прекрасна книга, која дури и возрасните ги тера да размислат дали во животот сакаат да бидат херои или негативци“.

    Весна сака да зборува за важноста на образованието, како формалното, така и она кое го има стекнато надвор од официјалните институции. Како личност која завршила Полициска академија, но никогаш се нема занимавано со работа по струката, сепак истакнува како во текот нашколувањето научила многу и како ова искуство претставува голем дел од нејзината личност. На младите кои после завршениот факултет често се соочуваат со бројни дилеми и предизвици во врска со продолжувањето на кариерата, нашата најпозната атлетичарка им советува да го следат она што го сакаат и за што се најмногу талентирани:

    Важно е да не се разочарате во обидите да најдете работа, туку да го следите своето срце, дури и ако на почетокот не изгледа онака како што сте замислиле. Вашето време допрва доаѓа – можеби ќе треба повеќе време и повеќе трпеливост, но целта ретко се постигнува преку ноќ. Верувајте во она што го работите, бидете вредни и дајте си себе си време, а успехот нема да изостане“.

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: „Што е предавник?“

    ДА ТИ НАЦРТАМ: „Што е предавник?“

    Предавник, шпион, кодош, издајник, ова е дел од секој политички фолклор. Но како што политичките култури се различни, така се разликуваат и условите под кои се станува предавник.

    Наједноставно објаснето, предавник е оној кој е дел од некоја група или заедница, таа група има утврдено свои заеднички цели и интереси, а тој работи против тие интереси. Групата може да биде од неформално друштво, граѓанска или синдикална организација, партија, па се до целиот народ и државата.

    Кога се државата и народот во прашање, дефиницијата е уште полесна. Предавник е оној што работи против интересите на државата и народот. Предавството најчесто се поврзува со прашања за културата, националниот идентитет, националните интереси, обележја, симболи, вредности.

    Но тоа не е се! Ако се јавите во наредните три минути, па дури и ако не се јавите, ќе видите дека како што државата и народот имаат многу интереси од различни области, така постојат и многу предавства.

    Кога интерес на државата и народот е да се создаде општество засновано на чесност, одговорност и работливост, а се создава општество на опортунизам, надмоќ и сомнително брзо богатење, тоа е предавство.

    Кога интерес на државата и народот е да владеат редот и законот, а има дивеење на локални шерифи и има луѓе недопирливи за законот, тоа е предавство.

    Кога интерес на државата и народот е најдобрите и најквалитетни кадри да ги раководат своите области, а на раководните места се поставуваат незнајковци, послушници и измамници, тоа е предавство.

    Кога интересот е да се развива образованието, а тоа се уназадува со многу експерименти и голема нестручност, тоа исто така е предавство.

    Двојно предавство, бидејќи не само што на децата не им се нуди добро образование, туку тие не ни сакаат да се надградуваат за да станат врвни професионалци, кога гледаат околу себе дека на поинаков начин се доаѓа до пристоен живот и заработувачка.

    Кога интересот е чиста животна средина и заштита на природните богатства, а се овозможува масовно загадување, уништување на шумите и на плодните почви, труење на реките, натрупување отпад, тоа е предавство.

    Кога интересoт е социјална сигурност, а огромен број луѓе се плашат како ќе го преживеат утрешниот ден, тоа е предавство.

    Кога интересот е безбедно, удобно и брзо да се стигне од точката А до точката Б, а се патува по раскопани патишта или се чекаат расипани возови, тоа е предавство.

    Кога интересот е болниците да служат за лекување, а таму се оди за да се поминат последните денови од животот, тоа е предавство.

    Кога интересот е граѓаните да видат и да почувствуваат за што ги плаќаат даноците, а наместо тоа гледаат само како им се земаат парите, и тоа е предавство.

    Сите тие се предавства. Само се нарекуваат со поинакви имиња – криминал, корупција, неспособност. Но ефектот е ист. Некои луѓе придонеле да не се остварат интересите на државата. Народот се чувствува извисен, изневерен, и ја губи довербата. Бидејќи е предаден. За нечии лични интереси.

  • Неспособноста ќе ја платиме со името

    Замислете…

    Ако ги трошевме народните пари за реконструкција на болниците, училиштата, тротоарите, улиците..

    Ако ни беше приоритет доброто јавно здравство, па да ги исчистевме и опремевме болниците..

    Ако не газевме кал по болниците..

    Ако имавме добро образование, опремени училишта, со исчистени клозети, со завеси на сите прозорци, кои би се купиле без донации од родители..

    Ако имавме добри учебници, достоинствена плата за професорите и учителите, со проверен учителски и професорски кадар, а не напикан по партиска и родниска линија..

    Ако имавме непартиско, непристрасно и професионално судство, да сакавме да избереме судии кои ќе судат според закон, а не според партија.

    Ако овозможевме граѓаните кога ќе излезат од домовите, да заминат на работа, а нивните деца на училиште, по чиста улица, среден тротоар и зеленило..

    Ако ги закрпевме улиците, направевме патишта.

    Ако наместо споменици градевме мостови, пречистителни станици..

    Ако имавме стручна а не партиска администрација..

    Ако не дозволувавме на црвено светло на семафор секогаш да поминуваатт уште три четири коли…

    Ако го почитувавме правото на животна средина на граѓаните, ако немавме кафеани и ресторани под секоја зграда чии камиони ги уништуваат тротоарите и зеленилото и тоа пред очите на инспекторите, полицијата.

    Ако не дозволувавме кафетериите, рестораните да ја заграбуваат јавната површина со амин на државата и инспекциите кои се платени да ги штитат интересите на граѓаните.

    Ако не ни беше приоритет доброто на кладилниците и казината кои ги има на влез од секоја втора зграда, туку образованието, здравството..

    Ако меѓу стотици казина и илјадници кладилници имавме барем една нова библиотека.

    Ако сакавме да ги натераме да си ја работат работата оние кои ги плаќаме да работат во интерес на граѓаните.

    Ако знаевме да направиме шахта, рамна со асфалтот.

    Тогаш немаше потреба да плаќаме со името. Или барем не толку скапо.

    Но, неспособноста да направиме систем кој на површина ќе ги исфрла способните, работливите и чесните е наша грешка, не е на Грција, ниту на Европската унија. Тоа е исто како некој коцкар, кој не знае кога да запре и става се поголем влог за да излезе од калта, а наместо тоа тоне. И продава се што има и негово и она што не е негово…

    *Идејата не е дека не треба да се направи компромис со Грција. Компромис ќе мора да се направи, но да биде достоинствен компромис за да го решиме ова прашање на нашиот пат кон иднината. А, не како сега да бидеме во позиција или име, или распад на држава.

     

  • Државен и  приватен пи-ар

    Државен и приватен пи-ар

    Односите со јавноста, или пи-ар, е една од најпопуларните професии во последно време. Пи-ар е кратенка од англискиот збор Public relations, што во превод значи „односи со јавност“ и ништо друго. Луѓето што работат пи-ар се нарекуваат и портпароли, што во буквален превод од француски значи – оние што го пренесуваат зборот. И ништо друго.

    Основната задача на пи-арот е да ја олесни или да ја отежни комуникацијата на граѓаните со некоја институција, организација или компанија. Зависи од потребите. Без пи-ар, комуникацијата изгледа вака: еден прашува, друг одговара. Со пи-ар, таа изгледа вака: првиот прашува, вториот го прима прашањето и го пренесува на третиот, третиот одговара, па вториот го зема одговорот и му го предава на првиот.

    Теоретски, ова се прави за да се подобри комуникацијата со луѓето што се многу зафатени и ретко имаат можност директно да одговорат на сите прашања. Во пракса, пи-арот често значел поголема контрола врз текот на информациите.

    Како и за сите професионалци, така и за луѓето што работат пи-ар, клиентот е на прво место и неговите интереси мора да се испочитуваат и да се исполнат. Кога се во прашање приватни организации или компании, работата на пи-ар службениците е јасна. Тие треба да го претстават клиентот во најдобро можно светло, белото да го направат блескаво златно, а црното да го претворат во сивкасто накај бело.

    Но кога пи-ар службите ќе станат вообичаени за најголемиот број државни и јавни институции, работите знаат да станат покомплицирани. По инерција, пи-ар службениците повторно се обидуваат да го претстават клиентот во најдобро можно светло, белото да го направат блескаво златно, а црното сивкасто кон бело. Но најголемата забуна настанува кога тие ќе помислат дека клиент им е министерот, градоначалникот, директорот или некој друг јавен функционер што ги ангажирал.

    Ако гледаме законски, тој функционер не отишол таму да работи за себе. Го поставиле граѓаните и граѓаните му даваат плата, а со парите од граѓаните тој ги плаќа и другите службеници што работат за него, меѓу кои и пи-ар службата. Значи на државните пи-ар служби вистинскиот клиент им се граѓаните, тие треба да ги исполнат нивните цели и да ги штитат нивните интереси.  Во никој случај тие не смеат да го штитат функционерот од граѓаните и од нивните прашања, бидејќи така би работеле против клиентот, а богами и против законот. Затоа, мора да се направат големи напори да се спречи можноста од дијалог со граѓаните, односите со јавноста да се претворат во пропаганда.

    Секој функционер има право лично да си ангажира и приватен пи-ар, кој ќе го плаќа од својот џеб, и чија задача ќе биде да го обелува и да го позлатува. Секој има право за тоа да ја користи и пи-ар службата на својата политичка партија. Но државните пи-ар служби не смеат да го прават тоа. Тие се должни да пренесат се што прави функционерот и да ги одговорат сите прашања зошто нешто е направено и зошто нешто друго не е направено.  Сите прашања. Бидејќи клиентот мора да биде на прво место. А клиент е оној што ги дава парите. Тоа е граѓанинот.

  • Младите во Македонија полесно учат со дигиталните технологии

    Младите во Македонија полесно учат со дигиталните технологии

    Почна кампањата Start smart” за собирање средства за опремување на дигиталниот центар во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“

    Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ се одржа дискусија за значењето на дигитализацијата на образованието во македонското општество, со што воедно е најавен и почетокот на кампањата „Start Smart”, во тек на која компанијата Nestlé ќе собира средства кои ќе ги донира за отворање на истоимениот мултимедијален центар во библиотеката.
    Бројни меѓународни студии покажуваат дека поголем број студенти и млади сметаат дека дигиталните технологии позитивно влијаат на нивното образование и разбирање на темите. Според минатогодишното истражување во САД*, повеќе од половина млади сакаат да ги користат новите технологии во учењето, додека повеќе од 80 проценти од нив користат лаптоп компјутери за извршување на домашните задачи.
    Ваквите светски трендови влијаат и на младите во Македонија. Препознавајќи ги трендовите, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климет Охридски“ почна со дигитализација на своите книги и архиви. На библиотеката исто така и се потребни и нова опрема и нова технологија, за да се заврши дигитализацијата за да можат нејзините корисници да читаат во дигитален формат.

    Како компанија која смета дека сите промени почнуваат со едукација, Nestlé со својот бренд NESCAFÉ 3in1 ја почна кампањата „Start smart“ во рамки на која ќе се одвојуваат средства од продажбата на секој NESCAFÉ 3in1 и NESCAFÉ 2in1 производ за донација за креирање на мултимедијалниот центар во библиотеката.

    Дигитализацијата на нашите книги ја почнавме со цел, се она што го чуваме во библиотеката да го направиме полесно достапно за корисниците, особено за помладите генерации. Нашите корисници, не само младите, денес имаат поинакви потреби кога станува збор за конзумирањето на содржините на библиотеката. Модерните библиотеки треба да бидат во склад со новите технологии, тие имаат голема улога во обезбедувањето пристап до информации и идеи, како и до дигиталните алатки за стекнување знаење. Токму затоа оваа донација и поддршка е важна, за да го дигитализираме нашето градиво и да го направиме достапно за читање“, вели Марко Цуцуловски, менаџер на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.

    Познатата шампионка во маратон, но и писателка, блогерка и дизајнерка, Весна Кираџиева, вели дека книгите и образованието имаат значајна улога во нејзиното формирање како атлетичарка од светски ранг, но дека дигиталната технологија дефинитивно го има променето начинот на кој таа чита денеска:
    „Иако за атлетиката е важен тренингот, подготовката и менталната издржливост, за она што сум денеска голема заслуга исто така имаат и книгите, како и образованието кое го имам стекнато. Денес често читам електронски, не само на телефонот. На сите нас, а особено на помладите, дигиталните технологии им значат многу и затоа целосно ја поддржувам оваа кампања, која на младите ќе им помогне да добијат модерно опремен простор за учење, дружење и професионален напредок. Тоа ќе биде од голема корист за нивната иднина и за развој на нивните таленти“.
    Дури 94 отсто од милениумската генерација се активни на социјалните мрежи или користат апликација за комуникација – Facebook е најчест со 93 отсто, потоа Viber (71%), Instagram (61%), WhatsApp (58%) и Twitter (17%), покажува минатогодишното истражување на компанијата Nestle, спроведено во регионот.
    „Пред само пет години, смарт телефоните го достигнуваа врвот на својата употреба, пружајќи ни онлајн пристап до податоци, каде и да се наоѓаме. Денес може да се каже дека дигиталното читање и учење е таму каде што беа паметните телефони пред неколку години. Како што навикнавме да читаме весници на екран, така исто можеме да ги користиме технологиите за учење. На младите, а посебно на студентите, многу ќе им значи отворањето на мултимедијалниот центар“, истакна Нита Муча, млад експерт за дигитализација, која и помага на Националната и универзитетска библиотека во овој процес.
    Бренд менаџерката на NESCAFÉ 3in1, Соња Шљивиќ, нагласува дека приватниот сектор треба да ги препознае потребите на младите од соодветни вештини и едукација:
    „Во Nestlé сметаме дека подобрувањето на квалитетот на живот и создавањето успешни заедници почнува со образованието, поради што сакаме да ги поддржиме младите, талентирани луѓе во Македонија. Новиот простор за учење и професионален напредок ќе им помогне да најдат подобри прилики за работа. Како меѓународна компанија, имаме одговорност да помогнеме на младите да им се обезбеди адекватно образование и вештини“.
    Во Библиотеката истакнуваат дека, покрај читањето на дигитално градиво, новиот мултимедијален „Start smart“ центар ќе биде користен и за организација на работилници и обуки за младите, како и за филмски проекции и панел дискусии.

  • Да ти нацртам: Како да го победиш ѓубрето!

    Да ти нацртам: Како да го победиш ѓубрето!

    Убедливо наједноставното правило во секое цивилизирано општество е: фрли го ѓубрето прописно. Воопшто нема потреба од размислување. Постојат правила и тие треба да се почитуваат. Но, кога веќе не се следат правилата, треба да се кажат и причините зошто тие настанале. Во регион во кој често сме навикнати да ги бараме причините за нашите неволји во историјата, еве ја кратката, речиси измислена, но, многу реална историја на ѓубрето.

    Ова е отпадот. Тој е наш непријател. Отпадот е составен од сосема обични предмети што сме ги фрлиле откако веќе не ни требале. Отпадот не постоел во праисторијата. Тогаш сé било ретко и сé се користело. Но, потоа луѓето почнале да живеат во поголеми населби и во градови. Имале повеќе и фрлале повеќе.

    Во старите записи стои дека отпадот не го поднел лесно отфрлањето од човекот, и решил да се одмазди. Создавал болести, како чума, колера, тифус, шуга и други, бидејќи немало хигиена.

    Луѓето биле во паника. Морале да се спасат. Затоа уште од пред 2.500 години создаваат правила за справување со ѓубрето. Првите правила биле наједноставни: ѓубрето да се изнесе неколку километри надвор од градовите и да се фрли таму. Познато? Да, сé уште го правиме тоа, во речиси сите градови во Македонија.

    Но, отпадот не се предавал. Ја загадил околината каде што бил фрлен толку многу, што земјата станала неупотреблива. И толку многу пораснал, што почнал да се враќа во градот. Луѓето знаеле дека мора повторно да се соочат со својот непријател. Но и натаму ја потценувале неговата сила. Се обиделе со тактиката „раздели па владеј“ и почнале да фрлаат отпад и на други места околу градовите. Мислеле дека нашле решение за многу години. Но, тие години поминале.

    Градовите се нашле среде обрачи од отпад. Сардисани, без одбрана, само го чекале ѓубрето повторно да тргне кон нив. Го гледале ѕверот како расте, но и натаму го хранеле, секој ден, со полни ќеси предмети што, едноставно, решиле дека веќе не им требаат.

    Решиле да го нападнат со оган. Не знаеле дека огнот го прави посилен. Чадот го затрул целиот град. Но утредента, отпадот веќе го немало. Останала само пепелта. Помислиле дека нашле решение. Како во приказните за митските чудовишта, отпадот бара жртви за да ги остави другите на раат.

    Продолжиле да го хранат, а кога ќе им се заканел, му возвраќале со оган. Затруениот воздух станувал сé поопасен. Но, мислеле дека цената ја плаќаат малкумина, сé додека и купиштата пепел станале преголеми и го сардисале градот. Пепелта не стоела во место. Ветрот ја носел многу побрзо назад во градот. Во меѓувреме, луѓето и натаму и натаму го хранеле отпадот. Сé повеќе и повеќе му помагале да расте.

    Решиле веќе да не го палат туку да го затрупаат под земја. Повторно грешка. Ги затрул подземните води, почвата и храната. Отпадот и понатаму уживал во својата одмазда.

    Дури кон средината на минатиот век, по 2.500 години борба, на луѓето им текнало што треба да направат. Само треба да престанат да го хранат отпадот, и да не му дозволат да расте. Почнале да го раздвојуваат. Тоа што е употребливо – стакло, пластика, хартија, метал – се рециклира. Тоа што скапува, и се враќа на природата. Така отпадот веќе не добива храна, не може да расте и полека исчезнува.

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: ПРВО „ПАТО“ ПА НАТО

    ДА ТИ НАЦРТАМ: ПРВО „ПАТО“ ПА НАТО

    Локалната самоуправа се избира на локални избори. Кои, пак, често се користат за многу други политички потреби наместо за да се избере што подобра локална самоуправа.

    Изборите за локална самоуправа се сметаат за најнепосредна демократија бидејќи општината ги решава проблемите што граѓаните директно ги засегаат, а граѓаните најлесно може да се вклучат во неа и да влијаат врз нејзините одлуки.

    Но локалната самоуправа има автономија во однос на државната власт и затоа треба да се разграничи за што НЕ треба да се користат локалните избори.

    Прво. Мерење на рејтингот. Речиси немало локални избори што не биле означени како „судбоносни“. Политичарите на митинзите велат дека тоа не се „обични“ локални избори, туку треба да бидат вовед во промена или зацврстување на власта. Секојдневните потреби и проблеми на граѓаните се во втор план.

    Второ. Промовирање кандидати за повисоки функции. За многу градоначалници функцијата е „загревање“ додека нивната партија дојде на власт, кога ќе станат министри, а ќе ги остават граѓаните со некој в.д. градоначалник за кого не ни гласале.

    Трето. Вдомување кандидати што се веќе на повисоки функции. Ова најчесто се прави кога некој пратеник, министер или директор е популарен поради својата работа, па таа популарност треба да се искористи за да се добијат повеќе гласови на локалните избори. На граѓаните им останува само да погодуваат колку со полно работно време ја извршувал државна функција, а истовремено доволно се запознал со локалните проблеми што треба да им ги реши. Особено ако кандидатот си остане на функцијата до изборите, па потоа размислува дали ќе ја промени.

    Четврто. Логистика на владејачката партија да остане на власт. Владата знае дека резултатите во локалната самоуправа се најочигледни. Многу потешко се мерат ефектите од некој закон, отколку ефеките од асфалтирањето улица. Асфалтот или го има, или го нема, тоа се гледа. Затоа владите често со многу пари им помагаат на „своите“ градоначалници да ги уредат општините, а потоа премиерите и министрите присуствуваат на отворањето објекти. Работите се претставуваат како заеднички проекти на државната и на локалната власт, односно проекти на партијата, не на институциите.

    Петто. Логистика на опозициската партија да се врати на власт. Кога градоначалниците и припаѓаат на опозицијата, понекогаш влегуваат во постојана кампања за да докажат колку се подобри од владејачката партија. Со неа влегуваат во директен конфликт, заборавајќи дека како градоначалници им служат и на членовите на таа партија што живеат во нивната општина.

    Шесто. Згрижување на партиските членови што не влегле на ниедно друго место. Во Македонија има речиси 1.400 општински советници. Земаат надомест од 10.000 до 22.000 денари месечно. Без разлика дали нешто работеле или не. Јавноста некои ги познава, повеќето се непознати. Но си го заслужиле местото преку партијата.

    На крај, а за што треба да се користи локалната власт? За подобри училишта, градинки, улици, водоводни мрежи, канализации, зеленило, паркови, игралишта и за подобри услуги како издавање градежни дозволи, урбанистичко уредување и заштита на животната средина.

  • Да ти нацртам: Како се растура држава!

    Да ти нацртам: Како се растура држава!

    Бидејќи за се треба знаење, уништувањето на државата почнува со слабеење на знаењето, односно образованието. Кога децата се оптоваруваат со непотребни содржини, преку учебниците им се нудат погрешни дефиниции и збунувачки објаснувања, тие не може да ги развијат потребните знаења. Кога се воспитуваат да бидат послушни и покорни, не може да бидат креативни. А без креативност, не се наоѓаат решенија за проблемите…

    Многу е важно да се уништи и системот на вредности според кој вистинските луѓе се поставуваат на вистински места. Кога семејната поврзаност, пријателствата, партиската послушност и полтронството се критериуми за напредок, институциите ќе ги заземат погрешни луѓе. А кога од нив ќе се извади знаењето и способноста, институциите стануваат шупливи како фасади. Одлуките тогаш се носат нестручно и во корист на малкумина. Нормално, послушниците тоа нема да го спречат затоа што знаат како дошле до раководни места.

    КАКО СЕ РАСТУРА ДРЖАВА

    Секоја држава има територија на која живее население, кое се раководи според закони, непишани и пишани, во што му помагаат избрана власт и институции. Навидум едноставно, но за да функционира една држава, треба многу услови да се исполнат.

    За територијата треба знаење каква е, какви ресурси има, како се поврзува со инфраструктура и како се користи. За населението треба знаење какво е, каде се наоѓа, што знае да прави, какви можности и какви потреби има. За законите треба знаење како да се напишат за да ги постигнат целите поради кои се донесени. А, за власта и институциите треба најмногу знаење, како да управуваат и успешно да ја вршат својата работа за да им помогнат на граѓаните да ги остварат своите права и потреби.

    Но, колку што е тешко да се направи функционална држава, толку е тешко и да се растури ако е веќе направена. Тоа не може да се стори само со негрижа. Се напаѓаат токму столбовите, системски и постојано.

    Бидејќи за се треба знаење, уништувањето на државата почнува со слабеење на знаењето, односно образованието. Кога децата се оптоваруваат со непотребни содржини, преку учебниците им се нудат погрешни дефиниции и збунувачки објаснувања, тие не може да ги развијат потребните знаења. Кога се воспитуваат да бидат послушни и покорни, не може да бидат креативни. А без креативност, не се наоѓаат решенија за проблемите.

    Многу е важно да се уништи и системот на вредности според кој вистинските луѓе се поставуваат на вистински места. Кога семејната поврзаност, пријателствата, партиската послушност и полтронството се критериуми за напредок, институциите ќе ги заземат погрешни луѓе. А кога од нив ќе се извади знаењето и способноста, институциите стануваат шупливи како фасади. Одлуките тогаш се носат нестручно и во корист на малкумина. Нормално, послушниците тоа нема да го спречат затоа што знаат како дошле до раководни места.

    И територијата се уништува кога ресурсите се даваат на малкумина, а еколошките и другите штети од нивното користење ги трпат сите. Земјата е најограничен ресурс. Ја има колку што ја има. Не може да биде ниту повеќе, ниту помалку. Затоа нејзиното одржливо користење мора добро да се планира. Но тоа е невозможно ако нема знаење и ако не го прават вистинските, квалификувани луѓе.

    Последниот удар е врз населението. Кога овие назадни процеси траат премногу долго, луѓето се приспособуваат да живеат според искривените вредности. Не може да се обвинат, тоа станува начин да се преживее. Кога целосно ќе се приспособат, потоа дури даваат отпор ако некој сака да ги врати вистинските вредности и принципи на функционалната држава. Оние што не се приспособуваат или не сакаат да се приспособат на вакво владеење, заминуваат.

    Важна, важна, многу важна, сериозно важна напомена! Ова не е упатство. Уште еднаш, ова не е упатство. Не правете го ова дома. Ова е предупредување како не треба да се води државата!