Author: Balkon3

  • Трилече – неодоливо слатко задоволство

    Време е за Балкон3 рецепт. Викендов одлучивме да Ви помогнеме да приготвите трилече, омилениот десерт на екипата на Балкон3. Неодоливо слатко задоволство кое се топи во уста, соврешно за конзумирање во топлите денови кои ни претстојат. Наидовме на различни информации за тоа од каде потекнува трилечето, но најверојатно неговата татковина е Јужна Америка. Откривме дека зборот трилече доаѓа од Tres leches (три вида млеко)  и е латино-американско благо, веројатно првично од Аргентина или Мексико, кое најпрвин се попарувало со три вида млеко овчо, козјо и кравјо. Кај нас најверојатно доаѓа преку Албанија. Едно е сигурно, секоја слаткарница која држи до себе, во менито мора да го содржи млечниот колач со интересно име. Кој пробал знае:) кој не пробал може и сам да направи: Балкон3 рецепт за Трилече.. И ако направите трилече, не се срамете да не викнете на дегустација 🙂

    Потребни состојки:

    За кора:

    – 6 јајца

    – 300 грама шеќер

    – 2 ќесички ванилин шеќер

    – 1 пециво

    – 400 грама брашно

    За прелив:

    – 500 мл хопла

    – 2 литра млеко

    – 300 грама млеко во прав

    течен карамел

    Подготовка:

    Скршете ги шесте јајца и одвојте ги белките од жолчките. Белките се матат со шеќерот, а потоа на оваа смеса се додаваат претходно изматените жолчки, како и брашното, пецивото и ванилиниот шеќер. Целата смеса се мати или се меша со лажица. Потоа се истура во четвртаста тава и на пече 30 минути на температура од 220ºC. Додека се пече тестото подгответе го преливот со тоа што во далбок сад ќе ги матите млекото, млекото во прав и хоплата. Испечената кора се остава да се олади, а потоа на неа се додава млечниот прелив и на крај одозгора се полева со течен карамел.

    Добар апетит!

  • Традиционални шведски ќофтиња

    Викендов екипата на Балкон 3 одлучи да ви претстави еден традиционален рецепт од Шведска, земјата која годинава е домаќин на Евровизија. Пребарувајќи по интерент откривме дека Швеѓаните обожуваат ќофтиња и дека постојат голем број рецепти за подготовка на ова вкусно јадење, па веднаш одлучивме токму тоа да биде нашиот предлог за викенд ручек. Шведските ќофтиња вообичаено се служат со варени компири и џем од капини. Добар апетит!

    Потребни состојки за двајца викинзи или за четворица обични луѓе 🙂

    Ќофтиња:

    – 2 лажици путер

    – 1/2 главица кромид, ситно исецкана

    – една и пол лажичка сол

    – 1/4 чаша млеко

    – 2 јајца

    – 1/3 чаша лебни трошки

    – 1 лажичка црн пипер

    – 1/4 лажичка ореви

    – 1/2 килограм мелено говедско месо

    – ½ килограм мелено свинско месо

    Сос:

    – 2 лажици путер

    – 3 лажици брашно

    – 3 шолји супа од говедско месо
    – ½ чаша павлака
    – ½ лажичка шеќер

    – сол и црн бибер по вкус

    Подготовка:

    Се топат две лажици путер во голема тава на средна топлина. Во неа пржете го кромидот со 1 ½ лажичка сол додека не почне да станува проѕирен, што вообичаено трае околу 6 минути. Откако ќе се испржи, префрлете го кромидот во длабок сад. Додадете млеко, јајца, трошки од леб, црн бибер, сушен зеленчук, и црвен пипер во смесата, мешајте додека се соединат состојките. Додадете го говедското и свинското месо во смесата со лебни трошки. Покријте го садот со фолија и оставете да отстои еден час во фрижидер. Стопете две лажици путер во голема тава на средна топлина, додавајте го брашното со постојано мешање и пржете додека да добие светло кафена боја, 4 до 5 минути. Полека додавајте ја говедската супа во путерот. Зголемете ја топлината до средно висока, со мешање, додадете ја павлаката во смесата и доведете ја до вриење. Потоа се додава шеќерот и Вустершир сосот. Оставете да врие додека да се згусне, околу 6-7 минути. Зачинете со сол и црн бибер и тргнете го сосот од рингла. Загрејте ја рерната на 220˚C (425˚ F). Ставете алуминиумска фолија на хартијата за печење и попрскајте со масло. Со влажни раце се тркалаат 2-3 лажици од мешавината во форма на топче и ќофтињата се редат на хартијата за печење.

  • “Евро – Кафе”, за Ѓурѓовден

    Традиционално, Денот на пролетта, или Ѓурѓовден и православните и Ромите муслимани секоја година го слават излегувајќи на пикник на зеленило.  Оваа година последниот ден од Ѓурѓовден се поклопи со 9 Мај, Денот на Европа. Поради дождливото време, Здружението за развој на ромската заедница Сумнал (види www.sumnal.org) наместо пикник на зеленило, заедно со младите, во просториите на организацијата  организираше активност насловена како “Евро – Кафе”.DSC_0375На дружење со кафе муабет го прославија Денот на Европа и ги изразија своите потреби, размислувања и приоритети од  областа на образованието, човековите права и еднакви можности, животната средина, културата и младите. DSC_0400Целта на активноста беше подигање на европските вредности и принципи и нивната имплементација во реалниот живот во нашата земја.DSC_0373На прославата традиционално, во духот на празникот и добрососедството беа поканети и гости од амбасадата на САД во Македонија како први комшии. На младите од Сумнал и останатите групи им се придружија Kim Spivak, шефот на одделот за млади и образование во Американската амбасада и Chris Henshаw , Директорот на Националниот демократски институт во Македонија.DSC_0384 DSC_0379
    DSC_0380 DSC_0401

    (Х.Г.)

     

  • Радуша-местотo каде завршува Босна, а почнува Херцеговина

    Пеколните температури наговестуваат дека летото е веќе пристигнато, но овие фотографии кои деновиве ги снимија планинарите на планината Радуша во Босна и Херцеговина, каде снегот на надморска висина од скоро 2.000 метри се уште царува, ќе ви покажат дека не е така.

    Од Радуша, природната граница каде завршува Босна, а под неа е распослана Херцеговина, има фантастичен поглед кон Рамското езеро, а чувството дека се уште е зима е реалност. Радуша е фасцинантна планина која се протега на подрачјето помеѓу Вуковското поле на северозапад, преминот Захум и јужно кон Рама со големото вештачко езеро и планината Стожер на северозапад кон превојот Маклен на исток.

    Локалното планинарско друштво ХПД Рама неодамна успеа да се искачи на највисокиот врв од оваа планина -Идовац (1.956 метри), а од каде има фантастичен поглед на прекрасното Рамско езеро.

    Снегот се уште обилно ги прекрива врвовите на Радуша, како и блиските планини како Враница каде снежни наноси има и во текот на летните месеци. Меѓутоа, овие слики во кои се уште може да се забележи снегот на Радуша всушност се знак за пролет бидејќи станува збор за подрачје каде во текот на зимата паѓа снег во изобилство, со просек од преку 80 сантиметри во повеќе од 120 дена од годината.

    Уживајте во фотографиите во кои ќе се вљубите:

    Radusa7 Radusa6 Radusa5 Radusa4 Radusa3 Radusa2 Radusa1 Radusa8

    Текстот е преземен од: Lupiga.com

    Фот: Ante Beljo/HPD Rama

    Линк до оригиналот: http://lupiga.com/vijesti/index.php?id=7652

  • Балкон3 филмски предлог: Данскиот филм „Лов“, победник на Скопскиот фестивал

    Данскиот филм „Лов“ е избран за најдобар филм на Скопје филм фестивал кој заврши во саботата во киното „Милениум“ во главниот град на Македонија. „Лов“ на данскиот режисер Томас Винтерберг ја улови наградата од публиката на 16-тото издание од овој фестивал која буквално беше освоена од емотивната и крајно напната драма кого никого не остави рамнодушен.

    the-hunt-mads-mikkelsen-thomas-bo-larsen

    Актерот Мадс Микелсен од Данска на генијален начин го глуми Лукас, социјален работник во градинка, кој преку ноќ од почитуван член на заедницата паѓа на дното и е прогонуван од  локалното население и полицијата кои го обвинуваат за нешто што тој не го сторил. Изолиран од сите, отфрлен од средината и фрлен на буниште, тој сепак не се откажува од потрагата по правда. Човекот чие хоби е ловењето наеднаш станува плен кој го ловат сите, па дури и неговиот најдобар пријател.

    „Лов“ е филм за пресумпцијата на невиност, за тенката граница меѓу довербата и недовербата, за лицемерието и филм за (не)пријателството.

    Мадс Микелсен за овој филм ја освои наградата за најдобар актер на Канскиот фестивал.

    Покрај главниот победник на Скопје филм фестивал во програмата „Eye on Films” за најдобар беше прогласен украинскиот филм „Куќа со кула“ во режија на Ева Нејман. Филмот е базиран врз мотивите од автобиографски приказна со истиот наслов од страна на писателот и сценарист Фридрих Горенштајн, кој го има напишано сценариото за “Соларис“ на Тарковски.

    movie-house-with-a-turret

    Формирана во јануари 2011 година, Eye on Films е единствена, глобална мрежа на филмските професионалци, која гарантира циркулација на избор на првиот игран филм на фестивали-партнери во Европа и неевропски држави, и комерцијална експлоатација на овие филмови од дистрибутерски партнери во Европа и надвор од Европа.

    Скопје  девет дена ја славеше филмската уметност, а повеќе од 10.000 посетители имаа можност да погледнат над 50 фимски остварувања .

    Circles-Krugovi

    Фестивалот го отвори филмот на српскиот режисер Срѓан Голубовиќ  „Кругови“ кој се развива како триптих, истражувајќи го моралното двојство и комплексна приказна чии насоки произлегуваат од еден кобен миг. За финалето на затворањето беше прикажан  рускиот филм „Неверство“ на режисерот Кирил Сребреников во кој главна улога има македонскиот актер Дејан Лилиќ. “Предавство” е темна приказна за љубовта, страста и најмногу од сè, за прељубата. (А.М.)

  • Планинарите се уметници во потрага по убавото

    Ѕвездено небо се издигнува високо над планината. Со секоја измината секунда ѕвездите како да се оддалечуваат за сите нас, но не и за групата планинари која се качува на врвот на планината. Со секој изминат чекор кон врвот планинарите имаат чувство дека ќе посегнат со раката и ќе ги допрат ѕвездите. Нешто по 4 часот по полноќ од едната страна на хоризонтот пополека се буди Сонцето, а од другата страна Месечината е принудена да заспие, но сепак не се предава и се уште ѕирка. Боите чиниш танцуваат по небото и си играат. На едниот крај каде заспива Месечината небото е прелеано во сина боја, а на другиот пак, каде ѕирка Сонцето, како да извира портокалова боја.

    „Планинарите се во вечна потрага по убавото“, ни вели новинарката Дуња Пашалиќ од Бјелине во Босна и Херцеговина кој е втор по големина град во ентитетот Република Српска.

    Дуња е еден од тие кои трагаат по убавината и кои неретко новинарското перо го заменуваат со четката за сликање. Пред неколку години го открила планинарењето во кое набргу се заљубила.

    – На почетокот, а и сега, планинарењето ме воодушевува. Заминуваш два дена на планина и забораваш на се останато и мислиш како да стигнеш до врвот, како да се спуштиш низ брдото, како да ја надминеш карпата…вистинско уживање, вели таа.

    Врвот на Олимп во Грција и Голем Кораб во Македонија се само дел од планините кои таа и нејзиното друштво успеале да ги покорат. Планинарела скоро во сите земји во регионот, а засега неостварена желба и е Африка.

    – Во принцип се трудам да бидам истрајна, а таа истрајност ме натера да се качам на грчкиот Олимп, на македонскиот Голем Кораб, на Триглав во Словенија, на врвот Миџор во Србија, како и на врвот Маглиќ во БиХ, вели таа.

    Била и на италијанските Доломити и на Велебит во Хрватска, а со насмевка вели дека за 20 метри не успеала да се качи и на највисокиот врв во Австрија, Гросглокнер.

    – Некогаш е едноставно и не знаеш како планината ќе реагира. Рано утро во три часот може небото да биде чисто и полно со ѕвезди, а за неполн час да почне да дува ветер, а дождот да се претвори во снег. Мора да се почитува планината во такви моменти, вели Дуња.

    Незаборавни и се искуствата кога се качувала на Триглав во Словенија и на највисокиот врв во Грција, Олимп.

    – Олимп беше првата вистинска планина на која сум се качила и која ми е посебно драга. На Триглав пак дознав дека сум заљубена во карпите, вели таа и набргу ги открива нејзините најголеми желби кога станува збор за освојување на планинските врвови.

    Како од пушка вели дека тоа се Мон Блан и Килиманџаро.

    – Со моите другарки размислувавме да направиме женска планинарска екипа и да одиме на експедиција на највисокиот врв на Африка. Се надевам дека еден ден ќе успееме во тоа, со нескриена желба објаснува младата новинарка.

    Пашалиќ е дипломиран политолог со мастер од меѓународна политика, а работи како уредник во новинската агенција СРНА. Како што направила скок во професиите така прави скокови и во уметноста бидејќи како што вели, не можеш да изигруваш уметник кога работиш со факти. Па така, ако не се качува по планини таа се занимава со сликање, а некогаш знае и да земе гитара и да направи некоја песна.

    – Балканот има одлични предиспозиции за развивање на планинскиот туризам. Тоа го видов уште во 2009 година кога повеќе од стотина планинара од преку 50 планинарски друштва од Република Српска ги посети Македонија и Грција и се качивме на највисоките врвови во тие две земји. Видов недопрена природа, погодна за ридски велосипедизам, за рафтинг, планинарство, алпинизам, собирање билки или пак фотографирање, објаснува Пашалиќ и додава дека би требало планинарските сојузи на државно ниво да поттикнуваат соработка. Вели дека и самите држави треба да вложуваат во планинарска инфраструктура, изградба на домови и стази со опрема.

    – Многумина не разбираат што значи планинарењето и дека тоа е стил на живот. Тоа дава повеќе отколку што бара од нас. Планинарењето не прави подобри луѓе и вреди да се вложува во него.

    (А.М.)

  • Пролетно пикник мени

    Топлите пролетни денови го најавија почетокот на сезоната на пикници. Одлична можност на вашето семејство да му подарите едно убаво попладне со пикник во парк или на блиската планина. Денеска Ви предлагаме мени за уживање на пикник – лесно за транспорт, лесно за приготвување и лесно и вкусно за јадење.

    ПОГАЧИЦИ СО СПАНАЌ

    Потребни состојки:

    – 5 јајца

    – 2 чаши за чај кисело млеко

    – 2 чаши за чај зејтин

    – 1 / 2 лажичка сол

    – 15 супени лажици брашно

    – 1/2 килограм спанаќ

    – 1 пециво

    – сирење по желба

    – сусам

    Подготовка:

    Јајцата се матат, а потоа се додава киселото млеко и зејтинот. Сето тоа се мати кусо време, па се додава брашното. Исто така кусо се мати, се додава пециво и на крај се додава исецканиот спанаќот и згмеченото сирење. Целата смеса се меша со лажица и се сипува во тава намачкана со зејтин. На горниот дел од смесата се става сусам и 20-30 минути се пече на температура од 220 степени. Се вади од рерна, се остава кратко да олади и се сече во форми по ваша желба. Погачиците со спанаќ се највкусни за јадење откако малку ќе се оладат.

    КОЛАЧ СО ВИШНА

    Потребни состојки:

    – 5 јајца

    – 5 супени лажици шеќер

    – 1 ќесичка ванила

    – 15 супени лажици брашно

    – 1 пециво

    – 1 чаша млеко

    – 1 чаша зејтин

    – вишни – свежи или смрзнати по желба

    Подготовка:

    Јајцата добро се матат со шеќерот, а потоа се додаваат ванилата, брашното и пецивото. Повторно кусо се мати, па се додаваат млекото и зејтинот. Откако смесата доборо ќе се соедини се става во тава одозгора се редат вишните. Колачот се пече околу 30 минути на температура од 200 степени. Откако ќе се олади, по желба се става шеќер во прав и се сече во форми по сопствена желба.

    Балкон3 Ви посакува убав ден и добар апетит 🙂

  • Млади, борете се за она во што верувате

    Економијата и недостатокот на работни места се најголемиот проблем во општеството сметаа младите во Македонија. Една четвртина од младите се декларираат себеси за социјално исклучени граѓани. Високи 70 отсто од младите сметаат дека ништо не можат да променат во средината која живеат, се констатира во истражувањето за прифилот на младите во Македонија. Неодамна започна иницијатива за формирање на  Националниот Младински Совет,  тело коешто служи за претставување на гласот на младите во релевантните институции. За советот и конкретно за младите кај нас Балкон3 разговараше со Ивана Јордановска, претседател на Младите Европски Федералисти на Македонија (ЏЕФ).

    Која е целта на националниот младински совет?

    – Националниот Младински Совет е тело коешто служи за претставување на гласот на младите во релевантните институции. Како такво, потребно е Советот да дејствува како ко-менаџмент тело на релевантните фактори. Сите одлуки коишто можат да ги тангираат младите, би требало да се донесуваат во консултација со Националниот Младински Совет. Сите успешни Совети во светот функционираат според правилото „Ништо за младите, без младите“, па се надеваме дека ќе го постигнеме истото и во Македонија.

    Што би смениле во нашето општество?

    – Па првата промена, онаа најочигледната е пренесувањето на гласот на младите до оние коишто би требало навистина да се заинтересирани за истиот. Ако младите се навистина иднината на било кое општество,  а сакаме да инвестираме во иднината, треба да инвестираме во младите. Но, прашајте било кој инвеститор, без добар совет и познавање на приликите, и најдобронамерната инвестиција може да биде погрешна. Понатаму, она што навистина е потребно да се промени кај нас е нивото на граѓанско учество, на сите нивоа и возрасни групи, но најмногу кај младите. Велам кај младите бидејќи ако создадете активна генерација млади денес, имате активни граѓани во следните децении коишто доаѓаат пред нас.

    Ивана Јордановска
    Ивана Јордановска

    Според Вас кој е најголемиот проблем на младите во Македонија?

    – Најголемиот проблем би можело да се лоцира во различни полиња, зависно од перспективата која ја имаме. Но, нешто што не можеме да го негираме и што претставува компонента во скоро сите проблеми на младите, е нивната исклученост од општествените процеси. Ваквиот вид на социјална ексклузија не е специфичен само за Македонија. Напротив, ЕУ уште од 2009 го има препознаено овој и проблем и активно соработува со младите преку Структурниот Дијалог во надеж за решавање на истиот. Како главна пречка за надминување на социјалната ексклузија на младите се распознава сиромаштијата и економската зависност. Ова е посебно истакнато по економската криза и продолжената европска неизвесност. Но, во Македонија проблемот е уште пострашен. Дури 54% од младите се невработени, а ова е процент не сметајќи ги сите оние млади коишто моментално студираат и се зависни од своите родители.

    Дали имате соработка со младински совето од другите држави од регионот, особено Грција и Турција?

    – Бидејќи Советот сеуште не е основан, но се работи на неговото започнување, се уште немаме официјална соработка со други совети. Имаме добиено многу помош и споделувања искуства од советите во Литванија, Србија, Хрватска и Словенија преку нивните претставници на Деновите на Младинско Вмрежување. Понатаму, во постојан контакт и консултации сме со Младинскиот Европски Форум, пан-Европската мрежа на младински совети. Се надеваме дека во иднина ќе оствариме уште повеќе контакти и различни проекти за соработка со другите младински совети.

    Дали во Македонија моментално имаме младина која, размислува, чита, дебатира, ги искажува своите слободни идеи?

    – Сметам дека можеме да претпоставиме дека постои група млади која размислува, чита, дебатира и ги искажува своите идеи. Не би можела да тврдам дека тоа важи за целата демографска група „млади“.

    Која е пораката што ќе ја упатите до сите млади во Македонија?

    – Борете се за она во што верувате и не дозволувајте никој да ви кажува дека ништо не можете да направите. Ако не ја разбираат вашата идеја, тоа е најверојатно поради тоа што не ја разбираат.

    Балкон3

  • Пролетна јагнешка чорба

    Пролетта ги менува навиките за јадење на луѓето. Зимницата полека се заменува со специјалитети кои содржат свеж зеленчук. Балкон3 викендов Ви препорачува да подготвите јагнешка чорба со зеленчук. Врелата чорба е одличен избор за појадок кој ќе Ве „загрее“ во сеуште студените априлски утра или вкусно предјадење за неделниот ручек.

    Потребни состојки за 4 порции:

    – 4 лажици путер
    – 1/2 кг. јагнешко месо исецкано на мали коцки
    – 2 супени лажици брашно
    – 1 чешне лук, сецкан
    – 1 гранка рузмарин
    – 1 ловоров лист
    – 3 китки магдонос
    – 1/2 чаша суво бело вино
    – 2 мали компири сецкани на мали коцки
    – 3 моркови, исецкани ситно
    – 1 главица бел кромид ситно сецкан
    – 1 чаша свеж грашок
    – 3 чаши врела вода
    – сол и бибер по вкус

    Подготовка:

    На загреана рингла се става тенџере во кое се ставаат 4 лажици путер. Откако ќе се стопи путерот, веднаш се става исецканото месо. Кусо време се пржи на тивок оган, а потоа се додава брашното и нежно се меша. Во тенџерето се додава лукот, рузмаринот и ловровиот лист. Сето тоа се полева со белото вино и се остава месото да подинста дваесетина минути. Потоа се додаваат компирот, морковот и кромидот и во тенџерето се истура водата. Чорбата се вари на тивок оган околу еден час, а 20 минути пред крајот се додава и грашокот. Доколку има потреба се додава уште вода. Пет минути пред да се заврши со варењеро се додава магданосот, сол и бибер по вкус. Чорбата се служи додека е сеуште врела, а највкусна е со лепче потпечено на скара.

    Добар апетит!

  • Островите на принцовите – Царство на природните убавини и историското наследство

    Истанбул – дом на најразлични луѓе, опкружување составено од најразлични слики, град кој живее и дише со своите 20 милиони жители. Единствен град на два континента, град кој ги преплавува сите сетила. Град кој никогаш не спие, улици полни со весели и насмеани луѓе, шаренило од бои, мириси, идеален спој на култура и религија. На оние кои сакаат да избегаат од градскиот метеж им препорачуваме еднодневна екскурзија до една од најпопуларните дестинации за туристите – Островите на казнетите турски принцови. Prens Adaları, почесто Kızıl Adalar (Црвени Острови) или само Adalar како што се и официјално именувани.

    Во текот на византискиот период, принцови и други членови на кралските семејства биле протерувани на овие острови, а подоцна таму се прогонувани и членовите на семејството на отоманскиот султан. Островите на принцовите се синџир од девет острови во Мраморното Море, на околу 20 километри од азиското крајбрежје на Истанбул.

    Најголем и најатрактивен е островот Buyukada (Голем остров). Сместен е меѓу два рида, со по еден манастир на секој од нив. Едниот е Св. Ѓорѓи манастир со истоимена црква кој датира од VI век.

    Доколку направите „мала турнеја“ на островот со кочија, може лесно да се искачите до малата црква, во чиј склоп се наоѓа и кафеана во која служат вино и закуски. Другиот е Манастирот на Христос со воодушевувачка градина аранжирана со украсни грмушки, маслинови дрвја и бршлен.

    Heybeliada е втор по големина остров. Наречен е и бакарен остров поради наоѓалиштата на бакарна руда, кои и даваат специфична црвеникава боја на почвата. Големата поморска кадетска школа се издига на левата страна откако ќе се симнете од фериботот. Во подземјето на овој атрактивен објект постојат две значајни архитектонски дела. Првото е Kamariotissa, единствената останата византиска црква посветена на Пресвета Богородица, и уште поважно, последната изградена црква пред освојувањето на Константинопол. Второто е гробот на вториот англиски амбасадор, кој бил испратен во Цариград од страна на кралицата Елизабета I, Едвард Бартон, кој одлучил да живее на овој остров со цел да ја избегне вревата на градот.

    Burgazada што значи „ Тврдината остров“ е трет остров по големина. Има само еден рид (опкружен со густи борови шуми), на кој се издига тврдина изградена од Деметриј I Македонски, еден од наследниците на Александар Македонски, која ја нарекол по неговиот татко – Антигон I Едноокиот. Бидејќи бил населен претежно со Грци, на островот се задржани мноштво православни цркви од тоа време.

    На овој остров својата инспирација ја црпел писателот Саит Фаик Абасијаник. Денес, неговата резиденција е музеј, а во неговиот омилен ресторан сместена е бронзена статуа од него како ужива во прекрасната глетка.

    Kınalıada е најблискиот остров до Истанбул. Поради тоа тој бил и најчесто користен како место за егзил во византиско време (најпознатиот егзил од тоа време е на поранешниот император Romanos IV Diogenes, по битката на Manzikert, 1071).

    Sedef Adası или Бисерниот остров е еден од најмалите острови на архипелагот и има 108 приватни домови. Делот кој е отворен за јавноста во голема мера се состои од плажата Хамлет. Боровите шуми на островот во најголем дел се засадени од страна на нејзиниот сопственик Şehsuvar Menemencioğlu, кој го купил островот во 1956 година, а воедно одиграл и важна улога во наметнување строги правила за градба, со цел природата на островот и животната средина да бидат заштитени. Имено со правилата за градба, не е дозволено да се градат куќи со повеќе од два ката.

    Yassıada (Рамен Остров) во византиско време најчесто бил користен за праќање во егзил на истакнати личности. Еден од нив е и ерменскиот патријарх (Catholicos) Narses кој бил прв испратен на овој остров. Во XI век од н.е. островот се користи за затворање политички затвореници од страна на Византијците. Остатоците од четири подземни затворски ќелии од овој период се уште може да се видат. Византијците на островот изградиле манастир и црква.

    Во 1857 година островот го купил британскиот амбасадор Henry Bulwer, брат на романсиерот Edward Bulwer-Lytton, кој си изгради куќа и мал замок, кои постојат и денес. Со основањето на Република Турција во 1923 година островот станал сопственост на турската држава, а во 1947 година Yassıada е предаден на турската морнарица и таму се изградени неколку училишни згради. Во 1993 година островот станува сопственост на Истанбулскиот Универзитет.

    Останатите три острови (Sivriada, Oxeia и Kaşık Island) се напуштени и на нив генерално нема живот.

    Во 19 век островите, кои се најтивкиот дел од Истанбул, стануваат летувалиште на Инстанбулските граѓани. Во овој рај на земјата моторните возила се забранети, па најголем дел од посетителите ги истражуваат островите пеш или со велосипеди, кои може да се изнајмат на многу места. Островите нудат се што им треба на туристите: приватни вили, куќи за изнајмување, хотелски соби, дневни и ноќни барови, атрактивни места за прошетка. Богати со зеленило и отсечени од надворешниот свет, Островите на принцовите нудат егзотичен одмор во средина која ги комбинира модерните удобности со историското наследство. Меѓу лозјата, маслиновите шуми и палмите се сместени бројни грчки православни манастири и величествени имоти, комбинирани со викторијанска архитектура од XIX век со карактеристични елементи за Отоманската империја.

    И така, мојата Истанбулска приказна е при крај. Останува на вас да ја почувствувате и раскажете на свој начин. А до тогаш, може да уживате во моите фотографии.

    [nggallery id=7]

    Кристина Ангелеска