Author: Balkon3

  • БАКЛАВА СО АФИОНСКО СЕМЕ

    Потребни продукти:

    ½ кг кори,

    3 јајца

    500 грама шеќер

    150-200 грама афионско семе

    1 пециво

    1 ванила

    1 шолја (250 мл) зејтин

    1 шолја (250 мл) кисело млеко

    За шербет потребни:

    700 грама шеќер (или малку помалку зависи од вкусот)

    700 мл вода

    Подготовка:

    Се подмачкува подлабоко правоаголно тавче со зејтин. Се матат јајцата како за торта заедно со шеќерот и се додаваат по ред сите останати продукти. Се мешаат убаво и подготовката може да почне. Секоја кора се сече на половина. Се става првата на дното од тавчето и се мачка со филот што го направивме. Потоа се става втората, па пак се мачка и се така додека не ги потрошиме сите кори. Последната не ја мачкаме со фил. Ги сечеме на коцки или ромбови. Ги ставаме во загреана рерна на 180 степени. Се пече околу 15 минути, потоа температурата се намалува на 150 степени и се пече уште 30 минути на таа температура. Потоа се вади од рерна. Се посипува со ванилин шеќер и се полева со топол шербет. Шербетот претходно го подготвуваме со 700 грама шеќер (може и помалку зависи од вкусот) и 700 мл вода. Не треба да биде многу густ.  Се остава да се олади, а шербетот да ги омекне корите, односно да се впие во баклавата. Најпосле баквата е подготвена за конзумирање.

    Уживајте во рецептот на Балкон3 што го испрати Зона Наскова.

  • Jоко, Ленон, Тито

    Една специфична концептуална уметница, еден легендарен музичар и еден државник, сите припадници на различни култури, се дел од приказната која  покажа дека поуниверзална идеја од мирот нема. Приказната за уметничката акција Акорнс која јa реализирале Оно и Ленон се раскажува деновиве на изложбата во српскиот град Ужице.

    По венчавката на Џон Ленон и Јоко Оно во 1968 година, тие, на адресата на 50 светски лидери испратиле по два желади. Идејата на Јоко Оно, концептуална уметница, била желадите да се засадат, за да израснат два даба, односно, како што таа замислувала, на крајот тоа да бидат две живи скулптури. Сето тоа се случува во период кога Ленон, најпознатиот член на легендарните Битлси, својата кариера ја свртува кон мировните акции, вели ликовниот критичар Сава Степанов, автор на изложбата.

    „Парот желади стигна на адресата на Јосип Броз Тито. Бидејќи тој беше прагматичен човек, даде налог тие да се засадат во градината на неговата резиденција, и сега тука има израснато два даба. Целата приказна е интересна затоа што тоа е една од уметничкте акции на Јоко Оно кои имаа глобално значење бидејќи се спроведени во цел свет, како што се спроведени и некоку руги такви акции на Ленон и Оно во таа 1969 година, од кои секако најзначајна е „War is over“.

    Изложбата која публиката во Ужице ќе може да ја види се состои од неколку делови. Првиот е постевен на акцијата со желадите и другите мировни акции на овој легендарен пар. Вториот дел е посветен на делата на Јоко Оно која на 40 годишнината од оваа акција направи серија графики на тема желади. Третиот дел е посветен на фотографиите на Јосип Броз, бидејќи тој се занимаваше со авторска фотографија. Во 60-тите години ситуацијата била много интересна. Тито тогаш говореше против апстрактната уметност, бидејќи очигледно не бил наклонет кон новите тенденции во уметноста. Но, од друга страна покажува еден друг вид сензибилитет кој го имал, политичкиот, да направи нешто за политиката за мир за која се залагал, објаснува Степанов.

    Изложбата Јоко-Ленон-Тито ќе биде отворена до 27 декември во Градскиот културен центар, некогашниот Дом на војската во Ужице. За прв пат изложбата е поставена во 2010 година АртЕкспо во Нови Сад, а од тогаш наваму е поставувана во Белград и други градови низ Србија, Во Словенија и во Италија.

  • СОСЕДИТЕ ЗАЕДНО ГИ РЕШАВААТ ПРОБЛЕМИТЕ

    Пограничните општини во Македонија и Грција, се пример дека двата соседни народа можат да  ги издигнат меѓусебните релации над политиката. Локалните самоуправи од двете страни на границата ја интензивираат соработката со реализација на  проеkти за подобрување на животот во пограничните градови.

    Годинава од европските фондови ќе бидат искористени над 2,5 милиони евра за пограничниот јужен регион од Македонија и северниот дел од Грција. Битола и Новаци од македонска, а Лерин и Аминтео од грчка страна, заедничи ќе се борат против шумските пожари во пограничниот регион,  ќе бараат решение пртив аерозагадувањето од термоелектраните што се во близина на овие општини, ќе разменуваат искуства за топлификација, ќе ги модернизираат зоолошките градини.

    -Проблемите кои ги имаат општините, немаат граници.  Политиката треба да им ја оставиме на политичарите, а наша главна цел е да овозможиме подобри услови за живот на граѓаните. Планираме многу заеднички проекти, а населението ќе има бенефит од тие активности-вели градоначалникот на Лерин, Јанис Васкопулос.

     

    -Многу ни е важна соработката со соседните општини, затоа што проблемите често пати се заеднички. Се надеваме дека со секој преземен проект ја зацврстуваме соработката со нашите пријатели од Лерин и дека чекориме кон нови комуникации и добри односи, смета битолскиот градоначалник Владимир Талески.

    Двете земји заеднички работат и на заштита од загадувањето на воздухот. Во Лерин веќе има поставено мерни станици за мерење на аерозагадувањето, а следен чекор е поставување на ваки мерни станици во Мелити, Грција, а потоа и во Битола. Христос Евангелу, претставник на префектурата Западна Македонија во Грција, вели дека ваквите проекти имаат за цел да го подобрат животот во двата погранични региони. „Овие активности секогаш ги поддржуваме, со цел унапредување и овозможување на подобар живот на двата региони. Се надевам дека соработката ќе продолжи во најдобар ред, а најголема корист ќе имаат нашите граѓани, вели Евангелу.

    Битола почна соработка и со Солун. Во мај се сретнаа битолскиот градоначалник Владимир Талески и градоначалникот на Солун,  Јанис Бутарис. Потпишаа заедничка апликација за проект посветен на претприемништвото во културата.

    „И покрај сите политички разлики кои произвлегуваат во моментот меѓу двете земји, двата братски народи ги поврзуваат врски кои понатаму треба да се развиваат. Овие односи и врски, пријателски и братски кои ги имаме, не може да ги прегази ниту една политика ниту било кој друг“, изјави Бутарис . Талески,пак, средбата ја нарече историска, која треба да предизвика промени во размислувањето на двата народи.

    Во моментот  преку ИПА фондовите на ЕУ  се зајакнуваат капацитетите на противпожарните единици за што ќе бидат повлечени околу 500 илјади евра. Се работи план за превенција од пожари во пограничните региони, а ќе биде набавена современа опрема за пожарникарите, системи за мониторинг итн. Исто така во тек е и проектот за развој на зоолошките градини во Лерин и Битола, додека општините Битола и Аминдео работата на проект за спроведување топлификациона мрежа, за што се вклучени  Техничкиот факултет во Битола и факултетот Аристотелис од Солун.

  • Балкон3 интервју со Ленин: моторџиската филозофија е мојот живот

    Ленин Јовановски, икона на моторџискиот живот, единствен и неповторлив по својата појава, уникат со своето име, основач и претседател на мото клубот Ноќни Волци во Македонија, претседател на “Слобода Превоз”, а од неодамна и претседател на Мотоциклистичката федерација на Македонија. Енциклопедија на две тркала, Ленин вели дека има извозено над 150 илјади километри, што е рамно на два и пол пати околу Екваторот. Моментално вози Хонда Валкири (Honda Valkyrie).

    Повод за разговорот беше прекуграничниот проект со Грција, кој овозможи средба и размена на искуства на грчките со македонските моторџии, а разговаравме и за Ноќни Волци, средбите со рускиот претседател Путин…

    Неодамна возевте моторџиска тура Струмица – Серез – Зошто баш Грција?

    Ова беше дел од програма заедно со Грците. Тие се носители на проект на ЕУ наречен погранични соработки. Нашиот дел беше cross border wheels, или пограничи тркала. Ова беше трет дел од практичната фаза на проектот. Во првиот дел ние овде организиравме крос трка, a тие во Серес организираа рели и ова беше третиот дел, замислен за една тура од Серес до Струмица на која моторџии од Грција и од Македонија ќе извозат во пограничниот регион застанувајќи и посетувајќи одредени знаменитости. Се создаде една заедничка пријатна атмосфера, дружење, без никакви коментари или недоразбирања во однос на актуелните прашања околу името. Еве јас на тие промоции и обраќања на проектот повторувам секогаш дека историјата иминатото треба да не зближува, а не да не оддалечува. На овие простори после толку мешање на народи од една и друга страна на границите, простори на кои се случувале толку многу значајни историски моменти, тоа минато во принци треба да е заеднично и да припаѓа на сите нас, тоа е наследство што припаѓа на човештвото и на цивилизациите. Така што сметам дека се непотребни и малку исфорсирани тие недоразбирања, во однос на името, Александар е ваш наш, и сметам дека со тоа може само да се замајуваме. Тоа се тие простори, тоа се тие луѓе, тука сме постоиме и треба да ги најдеме тие заеднички моменти, заеднички да ги прославуваме и заедно да ги прославуваме сите оние работи кои сметаме дека се корисни за двата народа.

    Кажете ни повеќе за колегите од Грција?

    Тие се повеќе спортско друштво. Ноќни волци овде се поинаку организирани. Но и федерацијата обединува разлилни типови клубови, туринг, спортски, има тркачи во различни класи, крос или брзински мотори. Кај грчкиот партнер станува збор за луѓе што имаат мото клуб и се тесно поврзани со стазата тркачка во Серез, со општината, и од таму дојде и нашата соработка. Проектот е како таков замислен и откако ќе заврши ќе имаме повторно средби и сумирање на постигнатото. Но она што е размислување и идеја на сите што бевме вклучени, е да не застануваме тука, туку да продолжиме заедно. Веќе аплициравме за нов проект кој се надеваме ќе помине и дружењето да продолжи. Но дури и да не помине, оние контакти и блискост која се создаде за еден краток период и желбата што се јави за продожување на дружбата ќе продолжи.

    Имаше ли одмерување на моторџиски сили и способности?

    Не, овој настан немаше натпреварувачки карактер, натпреварувачите се покажуваат на стаза, таму каде што треба да се покаже брзина, умешност.. Ова имаше еден друг карактер, туристичко забавен дел кај што иамше друга порака и димензија.

    Која е структурата на Ноќни волци?

    Ноќни Волци е клуб формиран во Москва пред 23 години, се работи за интернационален клуб што го има во десетина држави. На Балканот со официјален клуб е најпрво застапен во Македонија, па во Бугарија, Србија и Романија. Иако имаме и наши клубови поддржувачи и во Босна и Херцеговина, Република Српска, Косово и Метохија, Црна Гора и во фаза сме на преговори со други клубови кои се поупатени за Ноќни волци и сакаат да пристапат. Но нормално за пристапот и членување во Ноќни волци има одредена постапка, тоа е една воспоставена хиерархија со свои правила.

    Како се станува член на Ноќни Волци кои се условите?

    Во Ноќни волци не кажуваме кој може да биде туку кажуваме кој не може да биде член. Во Ноќни волци не можат да бидат хронични алкохоличари, наркомани, педофили, наркодилери, луѓе кои се занимаваат со криминални активности, недозволени трговии. Сите оние кои оставаат негативен впечаток во општеството во однос на своето делување, размислување и однесување, не може да бидат членови на клубот. А сите оние пак, кои ги немаат овие карактеристики, доволно е да имаат мотор, што е основен предуслов за членство во еден моторџиски клуб, нормално, и да се има желба да се пристапи кон Ноќни Волци и таа желба сами да ја искажат. Ние не каниме никого, ниту повикуваме ниту убедуваме. Значи за влез во Ноќни Волци треба оној кој има интерес да влезе во клубот, сам да го побара тоа. После тоа има еден период кога влегува во тој прв степен, на поддржувач, suporter, тоа е период во кој прд да добие клупски ознаки трае не помалку од година дена. Период на запознавање со другите, другите да го запознаат него, и додека не сфати самиот дали навистина се нашол во друштво во кое замислувал дека сака да биде, и период да биде прифатен од останатите. И ако сето тоа помине као што треба следува период на hanging around. Исто така за тие две години, веќе како влезен во клубот со поконкретни ознаки на елекот, дека припаѓа на клубот, со своите залагања, пожртвуваност, почитување, оди кон третиот степен, степенот prospect. Таму мора да помине најмалку три години каде што исто така со работење за клубот, почитување на своите другари и пријатели, по три години ќе биде предложен да го добие последниот четвртиот степен full member, полноправен член и ќе го добие правото да го носи амблемот на грбот. Но за четврти степен не се одлучува овде во Mакедонија, туку за тоа одлучува советот на полноправн членови во москва и тој статус се доделува лично од претседателот на интернационално нниво, Хирург. Тој лично ги доделува на церемонија каракеристична за тој чин во Москва. Што значи секој што ќе биде предложен од своите постари браќа да влезе во братството влегува на тој начин.

    Хирург, Главниот на Ноќни волци е хирург по занимање?

    Тоа е негов прекар, го добил по тоа што го работел, но не се занимава со медицина веќе долги години, туку е целсно посветен на клубот, клупските активности, но сепак тој прекар му останал, иако вистинското име му е Александар.

    Имате ли вие прекар, иако се сомневам покрај вакво импресивно име?

    Човек со вакво име мислам дека не му е потребен прекар. А, веројатно со моето живеење и однесување не сум залсужил некој поинаков прекар. Знаат некои од моите браќа од Ноќни волци да ме нарекуваат „Тате“, некои „Команданте“ и нормално претседателе како официјална титула, но најчесто ми се обраќаат со моето полно име.

    Како дојдовте до оваа позиција во Ноќни волци?

    Јас сум еден од основачите на Ноќни волци овде во Македонија и бев во тимот што преговараше со Ноќни волци во Москва. Преговорите траеа две години додека не добивме право да ги ставиме ознаките на нас. И еве веќе седма година по ред функционираме во Македонија. Како дополнителна обврска, не како функција, сум координатор за балканските држави.

    Значи вас треба да ве консултираат за сите активности?

    Не, тоа е координација, врска меѓу базата во Москва и балканските држави. Бидејќи јас сум еден од постарите членови овде и на барања на прашања, одговара на претседалите на другите одделенија, кога има дилема околу нешто, спроведување на активности итн.. Значи не е функција туку одговорност.

    Од она што сме гледале по филмовите моторџиите обично се жестоки момци, често во судир со законот, предизвикувачи и учесници на тепачки. Каква е ситуацијата со вас?

    Таа слика е создадена врз основа на случувања и функционирање на моторџиски банди што ги има пред се на запад па се шират и наваму. Но, ние сме токму спротивното на целата таа приказна иако можеби исто изгледаме и имаме отприлика слични правила во хиерархијата. Но ние можеме да се најдеме само во конфликт со спречување на продорот на такви криминални групи што моторите ги користат као средство за да стигнат до одредени криминални активности. Им треба можеби поголема група на луѓе, поголемо покритие итн..и во тој дел можеби да дојдеме во конфликт во спречување на нивното влијание како и со секој оној што ќе се обиде да било каков начин да ни го наруши комодитетот, правото да го правиме она што ние мислиме дека е добро да го правиме. Инаку далеку сме од тоа клубот да го искористуваме за некои незаконски дејства. Кај нас како што кажав не може да членуваат луѓе што се занимаваат со противзаконски дејства. Можеби некој ќе најде забелешки и во нашето дејствување и функционирање, но тоа не не интересира, не дозволуваме некој да не суди на тоа, нашата филозофија е наша работа.

    Колку често возите? Има ли норма?

    Всушност тоа е поентата. Моторите сме ги купиле и сме се здружиле, а посебно се зближуваме на тие долги патувања. Не верувам дека постои друг клуб кој во текот на една година толку многу и толку далеку патува. Нашите патувања се најчесто до нашите браќа во другите драви, почнувајќи од блиското соседството, па големото бајк шоу во Калининград, енклавата горе на Балтикот, па Москва, Белорусија, неколку години наназад Украина, Севастопол..

    Се сретнавте и со рускиот претседател Путин. Имресивна средба, Ленин и Путин, а сите овде беа горди на тоа?

    И јас сум многу горд на таа средба и тоа што ми се случи. Но тоа не е моја лична заслуга, тоа е клупска заслуга на Ноќни волци, заслуга на нашиот претседател од Москва кој што е близок пријател со Путин и кој ни даде обврска да ја организирам таа средба на Ноќни волци со Путин во Белград. Бидејќи јас како координатор и како еден од постарите членови да го пречекам во Белград. Јас одбрав екипа за таа прилика од Македонија и од Србија. Отидовме да го пречекаме, имаше многу пријатни мигови, а средбата беше многу срдечна, интересна. После таа средба се случија уште две. Довербата да бидам блиску до него, како претставник од Ноќни Волци ми беше дадена од нашиот претседател. Имавме средба и во Севастопол и во Новорусиск, на нашето бајк шоу каде што присуствуваше на спектаклот што го организиравме. Возевме кратко заедно, седевме еден до друг, кратко разговаравме за најобични работи, апсолутно без политика. Но сепак сметам дека му ја доближив нашата земја, малку и случувањата после тоа можеби придонеле за поблиски поблаги односи. Бидејќи ние знаеме да размениме мислења, да поклониме дел од нашата историја, а тој е сестран човек, кој познава многу работи за Македонија, од минатото и сегашноста. Многумина прашуваат што може да се искористи од личното познанство за бизнис или друго. Апсолутно е смешно и непотребно да се размислува во таа насока за човек од калибарот на Путин, кој за мене е најмоќниот моментно во светот. Ако некој треба да има бенефит тоа е добро да има државата генерално. Спуштање на пониско ниво за некој бизнис или удоволување на поединецот, сметам дека е некоректно да се размислува?

    Што човек е Путин?

    Од нашето дружење, од првиот момент, пристапот, комуникацијата е на најнормално, најобилно ниво. Јас додека не го запознав лично ми изгледаше така строг, човек со леден поглед, . Но на огроен број од фотографиите ќе го видите насмеан. Релацијата, разговорот со него, не остава впечаток на некој што има толкава политичка моќ, знаење умеење, што понекогаш може да се употреби да ви всади страв. Ние знаеме мал милион луѓе од нашето опкружување кои кога ќе добијат некоја позиција, ги менуваат веднаш и гестикулациите и ставовите и односот со нас. Кај тој човек не можете да го видите тоа. Знае да разговара со сите, ај да кажеме да се симне на ниво на друштвото и соговорникот, да биде дел од тоа, а не да се поставува поинаку и да остави впечаток на арогантен политичар како оние кои ние сме навикнале да ги гледаме иако се маргинални по важност или влијание.

    А, што човек е Ленин?

    Хахаха. Ленин, најобичен човек дебармаалец, роден растен тука, Скопјанец од дедо прадедо. Еден син и три ќерки. Човек кој професионално се занимава во делот на сообраќајот со превоз, едуциран на два факултети,едниот на виша геодезија, градежен кај што сум ги почнал студиите , а потоа дипломиран инженер за патен транспорт. Мора нешто да работиме, за да заработиме за да може да возиме мотор. Иако од моторџиството немам никаква финансиска придобивка, јас најмногу таму ги трошам парите. Се трудам да обезбедам и средства за клубот и кога тоа ќе успее јас сум пресреќен. Таму се наоѓам себеси како личност, како човек кој направил и е дел од едно пошироко семејство. И затоа се нафатив и на позицијата претседател на мотоциклистичката федерација на Македонија, која исто така е волонтерска. Во 20 тина години на мотор и блаодарение на луѓето кои можеби препознаа некаква активност која треба да се вреднува оваа година ја добив и наградата 13 ноември за посебни заслуги за развојна спортот и негова афирмација, што ми беше многу драго.

    Д.Н.

  • ФОТО ИЗЛОЖБА НА ИЛИНА АРСОВА – УМЕТНИК, АЛПИНИСТ

    За одбележување на Интернационалниот ден на за елиминирање на насилството врз жената, во понеделникот во Музејот на град Скопје официјално беше отворена фото изложба на Илина Арсова, ликовен уметник, но истовремено и прва жена – алпинист во Македонија.

    Фотографиите се инспирација од места од целиот свет каде што има патувано Арсова, а нив ги има многу. Од планински врвови до Сао Томе и Принцип. На многу од овие места таа има и изложувано свои дела. На отворањето на изложбата присустуваа гости и пријатели од уметничкиот и спортскиот свет, а на изложбата говореше и Пол Волерс, aмбасадор на САД во Република Македонија. „Вечерва, ние сме опкружени со силни жени, со личности кои работеле напорно – често наспроти многу предизвици – и постигнале успех поради нивната одлучност и напори. Околу нас гледаме примери за успехот на една жена, фотографиите на Илина од некои од највисоките врвови во светот се силна манифестација на тоа што може човек да постигне ако има сила и издржливост“, рече Волерс.

    Гледајќи ги овие фотографии, и зборувајќи со силни и успешни жени како Илина, директорката Кондијанова и многу други овде, тешко е да се сфати како злото на насилството врз жените продолжува да опстојува до таков ужасен степен секаде во светот“, додаде амбасадорот на САД.

    Арсова ги има освоено речиси сите највисоки врвови од другите континенти во Светот. Како што вели „Прва Македонска жена на Монт Еверест“ е од големо значење не само за неа, туку и за сите Македонки и токму македонската жена и е најголемата инспирација за освојување на највисокиот врв во светот. Таа е меѓу 17 избрани надежни спортистки од Стејт департментот, програма која САД ја реализира со цел обединување на женските спортски лидери од разни делови на светот.


    Оваа програма ма за цел зајакнување на женските лидерски способности преку спортската активност. Проектот се спроведува на иницијатива на државната секретарка на САД, Хилари Клинтон. Илина на пролет ќе го освојува и највисокиот врв на светот Монт Еверест. Доколку успее во овој потфат, ќе биде првата жена Македонка која се искачила на врвот на светот.

  • Инвентивните млади луѓе ќе ги подобрат нашите општества

    Интервју на Балкон3 со Зинат Рахман

    Зинат Рахман е специјален советник на државниот секретар на САД Хилари Клинтон, за глобални младински прашања и директор на канцеларијата за глобални младински прашања. Во тоа својство, таа работи на координација и унапредување на напорите на државниот секретар Клинтон во поттикнувањето, ангажманот и промоцијата на глобалните прашања за младата популација.

    Г-ѓо Рахман, како специјален советник на државниот секретар Клинтон за пашања поврзани со младите,кажете ни кои програми и кампањи ги спроведувате во САД со цел да се постигне што поголема општествена интеграција на младите луѓе?

    – Државниот секретар Хилари Клинтон навистина верува во силата на младите луѓе, дека тие се носителите на промените, тие се позитивните катализатори за промени во општествата. Моја задача е да осигурам дека нашиот ангажман, работите кои ги правиме заедно со младите луѓе имаат навистина реално влијание во нивните животи во врска со прашањата кои се важни за нив. Во таа насока, моја задача е да им дадам простор да ги кренам гласовите на младината, во нашата билатерална и мултилатерална дипломатија, да разговараме за проблемите на младите, бидејќи тие создаваат повеќе од  половина од популацијата во светот. Над  50 проценти од светската популација е под 30 години.

    Во САД има млади луѓе од различни религии и од различно етничко потекло. Како се справувате со нивните потреби, што е заедничко за сите нив?

    – Во САД често велиме, а тоа го кажа и претседателот Обама минатата седмица за време на инаугуративниот говор, нашата различност е нашата сила. Ние сме нација на различности во секоја смисла на зборот. Имаме религиозна различност, етничка, културолошка, социоекономска различност. Така што, мислам дека прашањето е како го градите заедничкотоопштество, со почит на сите различности и со разбирање на заедничките цели. Што е она што можеме да го постигнеме заедно, а сотоа да ги подобриме нашите општества. Мислам дека дијалогот е важен, локалната акција, локалната заедница е од голема важност, како и почитување на нашите различности.

    Сметате ли дека слични програми можат да работат и на Балканот?

    – Да. Само што доаѓам од една школска програма, програма во средно училиште. Програма која ги учи младите луѓе на интеретнички дијалог. Тие тоа го користат во секојдневниот живот, а не само кога ги имаат овие средби и разговори. Нивното учество во оваа програма им овозможува да гледаат поинаку на различните од себе.

    Кој е вашиот општ впечаток за ситуацијата со младите луѓе овде на Балканот?

    – Ова е моја прва посета на Македонија, и за сега имам многу топли впечатоци. Мислам дека луѓето се многу искрени и пријателски настроени. Пред малку го посетив Американското катче во Тетово, на ручекот имаше околу 20-тина деца, од 13 до 16 години. И од она што го видов можам да кажам дека сум полна со надеж. Овие деца се навистина способни и полни со енергија. Сакаат да направат промени во нивната заедница, аборуваат англиски многу течно. Умеат да дебатираат, да разговараат за се, за правата на жените, за дијалог, и сакаат во сите овие дискусии да се вклучат и нивните врсници.

    Невработеноста е многу голем проблем во Македонија. Многу млади луѓе ја напуштаат земјата. Како да се подобри оваа состојба?

    – Мислам дека има многу предизвици со кои се соочуват младите луѓе во целиот свет, но овој проблем е број еден. Во светот има околу 75 милион и невработени лица. Ако го слушнавте Бан ки Мун минатата недела, тој рече дека ако не се справиме и не направиме нешто за решавање на овој проблем ќе имаме изгубена генерација. Јас мислам дека има многу работи кои треба да се направат на сите нивоа. Она на што сум фокусирана е претприемништвото. Мислам дека за да се биде иновативен, треба да се изнесат иновативни идеи, и со одредена помош да се направи тие идеи да станат реалност. Да се отпочне со претприемништво тоа е крајно придвижувачка и поттикнувачка работа. Тоа, во идеални услови, води до развој на малиот бизнис, кој пак треба да е главниот двигател на економскиот раст. Ние сме фокусирани на тоа. Мислам дека ако се фокусираме на партнерството, иновациите и поттикот, тие се трите делови на претприемништвото. Во различни региони од светот ние гледаме на кој начин да создадеме услови  во кои младите луѓе можат да ги развијат и остварат своите идеи. Понекогаш преку ментор кој бил таму порано и одлично ги познава условите, или преку промовирање на нивната работа, или преку обезбедување контакт со некој кој сака да ја финансира нивната идеја. Бидејќи се работи за иновативна програма. Така што, има доста работа во тоа поле, но јас мислам дека тоа е поле кое многу ветува.

    Постои гнев кај младите луѓе поради кризата. Ако погледнеме на ситуацијата во Грција и во некои други земји во Европа, нели сметате дека мерките на штедење само ќе ја влошат ситауцијата, кај младите, бидејќи на крајот тие ќе бидат најпогодените од тие мерки?

    – Ова е многу важно прашање. Мислам дека живееме во свет на различни јата, различни групи, фаза која претходно ни била непозната. Тоа зборува колку многу сме меѓусебно поврзани, многу повеќе од порано. И мислам дека ако гледате на традиционалните начини на успех во животот, тоа некогаш било да се најде работа во владата или во државната администрација, да се има кариера од  30 години, да се обезбедат услови за пензија, да се живее со семејството во ист град… Тоа веќе не е така. Не е така во САД, ниту во Европа, и веројатно нема да биде случај ниту во Македонија. Така што, оваа генерација на новиот милениум, милениумската генерација или генерација на јата, таа се менува, нејзе и треба промена цело време, да биде иновативна да биде успешна и јас мислам дека ние се уште не знаеме кои се тие патишта на успехот, бидејќи токму тие треба да ги создадат, а тоа пак креира одредена несигурност. И затоа, сметам дека ја имаме таа нелагодност околу ситуацијата која се менува и недовербата во властите, и различноста од условите и вредности кои важеле за нивните родители, но не важат сега за нив. Но се надевам дека ќе се надмине овој тежок период, и тие ќе најдат начин, да бидат водечка сила во иновациите токму поради способноста да ја користат новата технологија. Бидејќи сакаат да ја сменат актуелната состојба, бидејќи статус кво позицијата не оди во нивни прилог.

    Можеме ли да направиме споредба на проблемите со кои се соочуваат младите во САД, Европа, Азија? Кои се главните предизвици во специфичните региони?

    – Од пред половина година сум на оваа позиција. Патував во Латинска Америка, работев со младината на Блискиот Исток и во Европа. И во секое место има разлики, но има и сличности меѓу генерацијата. Ако се фокусирате на сличностите ќе видите дека тие се технички добро потковани како групи, и честопати се служат со исти културни референци насекаде во светот, комуницираат едни со други на истиот начин, можеби не од една земја со друга, но комуницираат преку употреба на друштвените медиуми, употреба на нивни кодови, кратенки, и сите се иновативни, имаат идеи. Без разлика дали се од место во кое можат да ги развиваат идеите, или пак се судираат со доста предизвици, јас гледам искра во нив како носители на промените во заедниците. Мислам дека различноста меѓу луѓето, најголемата разлика меѓу луѓето не е поради разлилните региони, туку разликата помеѓу луѓето кои се поттикнати, храбри да направат промени и луѓето кои не веруваат дека можат да го сторат тоа.  А, јас само што се сретнав со 20 деца во Американското катче во Тетово кои веруваат дека можат да направат промени во нивните заедници.

    Ако има добар рецепт за подобра вклученост на младите луѓе кој би бил тој?

    – Мора да им дадеме место на масата, да ги поттикнеме, да им покажеме дека нивните идеи се важни, значат нешто. Не сакам да поедноставувам, има многу предизвици, но ова е прво за почеток. Нашата амбасада во Скопје има младински совет, и ние младинските совети ги сфаќаме многу сериозно, од нив доаѓаат многу идеи и јас овде дојдов да ја поздравам работата што тие ја вршат во Македонија.

    Кои се предизвиците на 21 век за младите?

    – Мислам дека тоа е предизвикот од недостаток на економски можности. Сметам дека државите како мултинационални организации мораат да се фокусираат на создавање работни места и можности за младите луѓе. На светот има преголем број млади луѓе чии таленти се потрошени залудно бидејќи немаат пристап до образование или вработување.

  • Помалку сапуница, повеќе филм

    Почнува „Синедејс“. Фестивалот на европски филм годинава си постави потешка и поодговорна мисија од кога било до сега – да им се спротистави на сапунските серии, кои ги опседнаа телевизиските екрани.Со 40 гала премиери, 10 филмови на млади европски автори, балкански и македонски остварувања, „Синедејс“ во наредните 11 дена ќе се обиде да ја исплакне „сапуницата“ од нашите очи и мозоци. Задачата не е ни малку лесна, но на своја страна ги има Вуди Ален, Бернардо Бертолучи, Ласе Халстром, Том Тиквер, Михаил Ханеке, Дејвид Кроненберг…

    – По четиридецениската безмилосна војна против сеопштиот кич, шунд, паланечката малограѓанштина, хипокризијата, ниските вредности, дребното профитерство, срозените морални нормативи, политиканството и останатите контракултурни, нехигиенски и несогледливо штетни општествени појави и дејанија, без никакво двоумење и сомнеж, се одлучивме да ја исплакнеме сапуницата од себе и да ви ги донесеме најдобрите филмови, вели Златко Стевковски, директор на Младинскиот културен центар – Скопје, кој е организатор на фестивалот.

    Од 15-ти до 25-ти ноември во кината „Милениум“ и „Фросина“ и во Кинотека на Македонија ќе бидат прикажани вкупно 107 филмови од 19 земји. Публиката ќе има можност да ги види победниците на реномираните филмски фестивали во Кан, Венеција, Берлин, Санденс, Лондон, Ротердам, Сан Себастијан, Сараево, Сиднеј. Фестивалот ќе го отвори филмот „Шангај Џипси“ на словенечкиот режисер Марко Набершник, во кој настапуваат македонските актери Висар Вишка и Сенко Велинов. Меѓу попопуларните наслови се: „Уметникот“ на Мајкл Хазанавициус, „За Рим со љубов“ на Вуди Ален, „Магичниот Мајк“ на Стивен Содерберг, контроверзниот српски филм „Клип“ на Маја Милош итн. Цената за сите проекции е 100 денари. Програмата на „Синедејс“ опфаќа и ревија на италијански филм, музички документарци, кратки филмови, концерти, работилници, предавања… Затоа сменете го каналот, купете пуканки и право во кино на „Синедејс“.

  • ВРЕМЕ, МОМЕНТИ ОД ТУРЦИЈА

    Time in Turkey (Време во Турција). Изложбата на фотографија (16 Ноември – 9 Декември 2012) што ќе се одржи во Гази (Технополис), доаѓа во Атина после посетата на 11 турски градови, меѓу кои и Истанбул, Анкара, Измир, но и Лондон.  Дваесет и пет фотографи од целиот свет, го презентираат нивниот поглед за Турција, земјата која припаѓа на Исток и посакува да стане дел од Европскиот Запад.

    Photo: Bruno Barbey
    Photo: Claudine Douri
    Photo: Nikos Economopoulos

    Тие се:  Jane Evelyn Atwood (US), Bruno Barbey (MA), Samuel Bollendorff (FR), Eric Bouvet  (FR), Kathryn Cook (US), Claudine Doury (FR), Carolyn Drake (US), Никос Икономопулос (GR), Rena Effendi (AZ), George Georgiou (CY), Harry Gruyaert (BE), Guillaume Herbaut (FR), Ed Kashi (US), Massimo Mastrorillo (IT), Steve McCurry (US), Davide Monteleone (IT), Christopher Morris (US), Paolo Pellegrin (IT), Anders Petersen (SE), Reza (AZ), Anthony Suau (US), Gaël Turine (BE), Michel Vanden Eeckhoudt (BE), Ami Vitale (US), Vanessa Winship (GB)  и преку нивните слики ја «опишуваат» современата Турција.

    Мултикултура, Мир, Соработка, Уметност, ги засилуваат релациите на луѓето и на народите. И патувањето со фотографиите на 25те фотографи, ни дава можност да ја замислиме, но и да ја научиме современата историја на Турција.

    Photo: George Georgiou
    Photo: Rena Effendi
    Photo: Anders Petersen

    Видете на:  http://www.timeinturkey.org/

    Томас Цацис

  • Зошто е кул да си стар?

    Европа старее! Според податоците на ЕУРОСТАТ, просечната возраст на жителите во Европската Унија е 39,8 години, а се очекува до 2060 година просекот да биде 42,7 години. Животниот век на луѓето е продолжен, па така во 2010 година 16 отсто од населението на ЕУ било на возраст над 65 години. Европската Унија ја прогласи 2012 за година на активно стареење и солидарност на генерациите. Во рамките на одбележувањето Делегацијата на ЕУ во Македонија организираше конкурс на кој средношколците од земјава пишуваа есеи на тема „Зошто е кул да си стар?“. Балкон 3 го објавува победничкиот есеј на Наташа Толевска, ученичка во СУГС „Георги Димитров“.

    Cool!

    Колку е убаво човек да е кул.

    Сталожен, смирен, опуштен; ништо да не може да те исфрли од рамнотежа; да живееш по свои норми… Мислев дека тоа е тешко, речиси претешко.

    Сè додека едно другарче од училиштето, пред почетокот на заедничкиот родителски состанок, не ми потшепна дека имам кул-татко!

    Мојот татко е COOL!

    А стар е. Педесетина години носи на своите плешки.

    Можеби грешам?! Не за годините, туку за она… стар!

    Мојот татко не го интересира што велат другите кога секое попладне оди да џогира покрај Вардар. Како некогашен ракометар, џогира за свој ќеф. Убаво му е. А и здраво е.

    Некогаш му правам друштво во трчањето. Првиот пат кога започнав да му правам друштво во трчањето, му реков дека сум побрза од него. И му ја летнав со ножињата по кејот. Ама по пет минути душманско трчање морав да седнам. Задишана, испотена, колената ми се тресеа… А тој?! Клај, клај… Ме стигна и, без да ми обрне внимание, надуено помина покрај мене. Види го старецов?! – си реков во себе. Станав и со трчање го стигнав. Посрамена, ама решена да му доправам друштво до крајот на неговиот ритуал. Тој за момент застана, ме погледна во моите ситни игриви очиња, лесно ме повлече по кадрите и без да трепне, направи метафизички заклучок: Нате, живеј бавно за да живееш брзо. Аууу, ама мисла! Изгледа предците ни се од Кина. Фамилијата на Конфучие! Се чувствував како зајачето што се тркаше со желката во народната приказна.

    Тогаш сфатив дека стареењето е предуслов за мудроста. Стареењето, иако велат дека е неповратен процес, кај мудрите луѓе е значаен повратен процес. Колку што старее мојот татко, толку од него секој ден добивам по една лекција за живеењето. Мојот кул-татко е мојот најдобар пријател, другар, сопатник низ животот. Биолошкото стареење го замени со духовна младост. Колку постар – толку помудар.

    Сакам да бидам прва во класот. Сите петки да ми бидат – од А до Ш, т.е. од математика до физичко. Зошто да не? Ама имам тројка по математика. Не ми оди некако. А кому му оди математиката, па мене да ми оди?! Тука е тато, па ќе ми помогне. И… Ни три, ни четири… му ја објаснив ситуацијата, можноста од појава на пубертетски стрес, пад на мојот статус во класот, можни девијантни појави во мојата психа… А тој ни со око да трепне. И плус ми вели: Ќерко! Злато на тате. Никогаш немој да учиш за да бидеш прва во класот. Учи за знаење. За себе. Утре, кога ќе се вработиш, никој нема да те праша која си била во класот, туку ќе бара да покажеш умешност во работењето. Ќе бара да знаеш успешно да работиш, за да може да ти овозможи редовен личен доход. Затоа: биди свој човек и не барај да ти помогнам во она во коешто треба самата да си помогнеш.

    Многу ме нервира мојот татко. Кул-татко? Како да не! Да не ми е татко, ми доаѓа да го истепам. Ама срамота, кај се чуло и видело татко да се тепа! А тој секогаш ме тепа во поим. Но пак ја сфатив неговата мудрост. Од тој ден учам онака како што џогира мојот татко – со полно темпо. Учењето ми стана задоволство. Резултатите си дојдоа сами по себе. Сега сум со сите петки во дневникот. Ама никогаш не изустив дека сум најдобра во класот. Им се радувам и на убавите оценки на моите другарки, а на послабите од нас редовно им помагам. Се случи нешто многу интересно. Наместо да се зајадувам со другарките, сега се јавија меѓусебни симпатии и нови другарувања. Така училиштето ми стана втор дом. Го сакам. А сѐ повеќе го засакувам мојот стар татко. Стар?! Реков стар татко?! Срам да ми е: мојот татко не е стар. Тој е искусен човек. Мудар. Годините не ја намалија неговата вредност, туку напротив – тој станува сѐ посилна потпора во мојот живот. Се гордеам со мојот кул-татко. Староста знае да биде COOL.

    Сега не се плашам како ќе се облечам за излегување, за на роденден, журка… Според мојот кул-татко, човек треба да се облекува според можностите и пригодите, но облеката не го прави човекот. Моето однесување може да ја надополни мојата личност и да се прифатам себеси онаква каква што сум. Тоа што се трудам да бидам COOL не значи дека сум совршена. Совршенството на човекот из’ртува од неговата внатрешност.

    Деновиве со мојот татко одам на дополнителни часови по англиски јазик. Го убедив дека не е доцна да биде вистински европски човек. Всушност, Европа ни тропа на вратата, па мора да ја дочекаме подготвени. Ја убедив и мајка ми, заедно со мојот кул-татко, да почне да оди на курсот по танцување. Беше тешко, ама успеав. Хи-хи-хи… Сега тато и мама, во дневната, гушнати, играат по тактот на песната на Енрике Иглесиас. Мојот кул-татко некако ми е зацрвенет во образите. Ја гушка мама и ѝ шепоти нешто на увце…

    Баш е кул да се биде кул-семејство.

    НАТАША ТОЛЕВСКА

    СУГС “Георги Димитров” II-6

  • Каде ни отиде крајот?

    Недела наутро. Тивко радиото пее, низ џамовите влегуваат последните убави зраци сонце за годинава, а боите? Ех боите се друга приказна, од жолта на липите на Ѓуро Ѓаковиќ, до црвена на костените на Наум Наумовски, или дури и златна на дрворедите на Ленинова и Орце Николов. Да, јас и мојот крај, сами наутро в недела. Ова е единствениот ден, од седумте кои ни се зададени, во кој можам, како некогаш да уживам во мојот крај. Велам крај, а не маало а? Премногу го почитувам овој дел од мое Скопје, наше Скопје, ама не и нивно Скопје за едноставно само да го крстам маало, зашто Буњаковец и Дебар Маало се многу повеќе од само маала. Тоа се приказни за растењето во крај каде од два до пет дури ни возила не ја рушеа попладневната дремка, каде секоја приквечерина ќе се собереа постарите на легендарната клупа да си прикажат, каде секој септември гореа казаните за ракија, каде секој октомври мирисаше на тазе печени ајварски пиперки, каде клуч на врата беше чудна работа, каде се живееше во центар на градот, ама пак не толку во центар.

    Пак сум сам со крајот, па нели недела е. Убаво си се присетувам, зашто само тоа и остана, само сеќавања измешани со чувства и мириси и ликови и случки од едно друго време, кое сега изгледа како дамнешно, кое полека избледува за наскоро можеби и ич да го нема. Ми текнува на Томче кројачот и неговата работилница од привремен карактер, која за 40 години стана дел од карактерот на крајот. Дури и името и беше такво како што се чувствуваме – Шампион, па нели и бевме шампиони на истекот на 80- тите, а Вардар ни беше тука само право преку Илинденска. А чичко Томче налицкан, стегнат само ќе не поздравеше на крајот на денот, кога ќе си го поднаместеше шеширот и ќе си заминеше, за утредента пак да ја повтори рутината. А кога си го гледам ликот со шеширот, се ми се чини дека в раце ја држам смоквата украдена од дворот карши од, како што го викавме, лошиот Егеец, кој не знам зошто се лутеше за смоквите кои и така му скапуваа. Па кругот, или за нас Кругче, еј што трки со точаци сме удирале таму. Толку кругови правевме што дури и ќе ни завртеше во главите.

    А паркот, Градски нели, ама каков Градски тој беше наш, личен, од сабајле до вечер таму да се било, дали со точаци, дали пешки, само да ги отриеме сите скришни местенца, за утре да се фалиме дека го знаеме подобро од другите. Од паркот си се префрливме на истражување на крајот, па од кај Стоп, кучето кое везден не лаеше, знаејќи ги нашите намери, близу стара Идадија, кога ќе се качевме на гаражата, па оттаму по секое шупиче, кујниче, низ дворови, преку плотови, крај насмеани лица, намуртени комшии, ќе излезевме на другиот крај од нашиот крај. Што повеќе не караа, толку посреќни бевме од мисијата. Мирисите беа незаменливи – зимница за наесен, анамските раце и липите за пролет – знак дека крајот на школото доаѓа, а летото беше резервирано за црешата одзади во дворот. Ама тоа не беа цреши, абе чиниш сите сокови од природата се збрале на едно исто место. Каде подобро да ти почне распустот од качување на цреша и поглед на црвените керамиди на комшиските куќарки.

    А пак ликовите, ама не ликови туку легенди, кои познати по добар, ама и по лош муабет, или барем така ни кажуваа. Што повеќе сакате од луѓе познати по прекарите, за кои по толку лисја паднати и снегови навеани, дури и малку тешко си припомнувам. Еве на пример, Киро Бугаринот и неговите веѓи – натстрешници, кои секогаш биле извор на страв кај мене, а мислам и кај другите помлади генерации, или пак на пример т.н. Секси Лазе. Зошто Секси ич не ми стана јасно, имаше неколку верзии – непотврдени, секако лафови за низ крајот, ама експлицитноста на тие муабети не ми дозволува да Ви ги пренесам. Ха, ха, ха или пак вицовите и подметнувањата на постарите, кои ние помалите само ги гледавме, а и до крај не ги разбиравме. На пример, кога маалските мангупи убедиле друг маалец, инаку машинист по струка, дека тој мора секоја недела да си ги продувува свеќичките на ладата, за дострелот на советската автомобилска индустрија, да не му се распие. Ај малку им беше тоа, па дури и го натераа, дека секој ден треба да го менува воздухот во гумите. Уште ми е врежана сликата како човекот, едно добри три дена, ги издувуваше и ги пумпаше четирите гуми на ладичето. Се смилостија и му кажаа дека се било за мајтап. Имаше ли реакции од насамарениот? – Малку, ништо страшно, дружбата си продолжи.

    Знаеш, како што повеќе ги редам зборовите на хартија, така повеќе сликите ми се редат в глава, како стар филм, пуштен на уште постар кинематограф, излижан, пожолтен, некаде дури и скинат, ама квалитетен со приказна. Исто како што беа добро изработени кунг-фу филмови што секоја сабота си ги гледавме со немерно уживање во кино Карпош. Да, да, сегашното кафуле, постои на темелите на старото кино и добро е што барем некому му текна да го удостои скопскиот Одеон. Мерак, надвор зима, ама онаква скопска, со снег и мраз, а внатре исто така ладно, нема греење, ама си се сластиме со Шаолиновите монаси, надсихронизирани со лош англиски, на по нашки, бајат „прожектор“ со влакна од операторот закачени на страниците. А овие тепаат ли тепаат. Ништо живо не остана. Нормално, се пратеа и светските трендови и кога некоја година подоцна глобални икони станаа јапонските средновековни убијци во црно, ние си го гледавме „Амерички нинџа“. Дали поради влијанието на поранешната држава, или поради фактот што титловите беа почесто на тогашниот српско-хрватски, „амерички“ ни беше поприфатливо од „американски“. Кога вака читам, што сум наредил, ќе си помислам дека тоа беа безгрижни денови. Знаеш што, па навистина и беа. Тоа беше период на златните години на ју-економијата. Или така нам ни изгледаа. Видовме дека имало други чоколади освен оние на „Краш“ и на „Европа“. Мислам дека тогаш првпат некој виде и киви на пазарите. Сите мисела дека се работи за некој нов вид на т.н. „влакнести компири“. Тоа беа златни денови и за крајот, иако не знаевме дека дека и тие се при крај. Мирот си остана и наспроти немирната транзиција. Се уште, барем на почетокот од два до пет попладне, слабо по старите улици се движеа возила, Идадија уште единствена, обединета си ги чадеше ќебапчињата и ребрата, невознемирена од каква било конкуренција, во Шампион работеше „сингерицата“ ,во „Слобда – Чачак“ си се сервисираа правосмукалки и машини за перење, на Вардар добро му одеше во новиот амбиент, старите и понатаму дробеа на „клупата“, уште се чукаше и штрафеше по разни фиќовци и стојадини кај комшијата, црешата убаво си раѓаше зад куќата, а смоквите и понатаму беа скапани. Дури можевме да седиме, а некој и првата цигара да ја запали, пред се уште за нас познатата зграда на ЦК. И после немало демократска промена. Како не бе. Имаше промени, ама какви? Тектонски и тоа набргу, многу набргу. Некому му текна дека крајот е убав, погоден, подложен за разубавување. Ама не за корективна, туку за пластична хирургија за промена на личен опис, а и попис. Ќе си урнам едно куќаре, а може и две, за да направам зградуле. Не големо, малечко, со едно триесетина станчиња. А бе знаеш, за семејството, за најблиските, за синчето, за ќеркичката. Не само што оваа идеја помина кај еден, двајца, туку бе тренд стана. Едно, две и оп зградиче, едно две и оп блокче. Ново, демек поубаво. Зошто стари куќичиња од цигла, кога може зградиште од бетонче и стакло.

    Нов простор, отвора и нови можности за вселување и тука доаѓаме до делот на промена на пописот. Од старомаалци, се претворивме процентуално не во новомаалци, туку во новодојденци, доселеници од секаде, а и од никаде. Чуден мерак, се што ќе влезе во престолнината, сака во стариот центар. Чудно, можеби сите претходно си живееле во центар во своите градови. Потоа се појави и вториот феномен – под зградичето, не гранапче, не колонијалче, туку кафуле, ама не едно, туку милион. Шупиче-кафуленце, ама не „На здравје“. Како може да има здравје од неподнослива бучава, од автомобили како на сто метри со пречки, од кои не можеш дома да си влезеш, од самобендисани пејачи-дрекачи, од гости кои терминот „култура“ го ставиле во категорија апстракција или несуптилно го заборавиле дома. Е, тоа е новиот изглед на стариот ми крај. Ја нема веќе клупата, исто како и Шампион – привременото објектче со постојан карактер кое исчезна во темелите на едно чудовиште, а со него и звукот на „сингерицата“. Томче и шеширот останаа само во мислите. Ја снема и „Слобода – Чачак“ заедно со правосмукалките и машините за перење. Не го слушам Бугаринот, а не ги гледам ниту веѓите-натстрешници. Го нема и Секси. Црешата е исечена. Не додржаа ни смоквите да скапаат. Ја откорнаа смоквата. Не се штрафи веќе на фиќовци и стојадини. Ги заменија поршеа, бемвиња, јагуари, мечки и други животни, квалитетни, кои не треба да се заштрафуваат. Тие се менуваат со нови. Кој има ќе плати, нели?

    Фалат и шаолин филмовите, а уште повеќе Карпош киното. Тоа меѓу првите замина во историјата. Што убава зграда – касарна никна таму. Мерак. Се случија и поделби, големи, значајни. Од една добивме две Идадии, две за подобро да се справат со конкурентите кои ги има колку ти душа сака. „По три меани на метар квадратен“ – се смеат маалците, врста која за жал е на работ на исчезнување, и велат „Рај за алкохоличарите“ кои со промените како повеќе да ги има. И на Вардар не му одеше најдобро, да не кажам ич, а и Градски ни го земаа, а ни го испорачаа Филип Втори – важно име за постарата историја на паркот и на крајот, нели? Пишувајќи ги редовиве на ум ми дојде легендарната реченица на Гери Олдман од „Состојба на убавина“ кога вели: „Ти се верува ли колку го сменија маалото што дури од Пеколна кујна ни го преименуваа во Клинтон“. Што друго останува освен на ваков, неделен ден со последните зраци на сонцето, некој да се присетува за времињата минати, незаборавни, мили, ама неповратни.

    Населувањето во тоа што денеска е познато како Дебар маало и Буњаковец почнало во 20-тите години од 20-от век, на тогашната периферија на старо Скопје. Според достапните информации, земјиштето на територијата на сегашен Буњаковец било сопственост на поединци, Варон и Буњак, на претпријатија или банки. Жителите и на едното и на другото маало, во најголем дел се доселеници од дебарскиот крај од каде заминуваат поради сиромаштија. Карактеристично за нив е што биле добри еснафи, црта вградена како во нивната работа, така и во нивниот живот. Со текот на времето и ширењето на Скопје двете маала се инкорпорираат како дел од стариот град и важеа за, и покрај промените по земјотресот, едни од најсочуваните примероци на предвоено Скопје, кои ја преживеа и 63-та и транзицијата, но за жал не и ,,неоколонијализмот,, кој од почетокот на 2000-тата го зафати главниот град.

    Владимир Мирчевски