Author: Balkon3

  • Сонцето сè уште силно свети…Егејот и медитеранот се сè уште примамливи

    Егејот и медитеранот продолжуваат да не привлекуваат со своето синило и сонце кое ги загрева последните денови на октомври…

    Море, песок, сонце… Откако започна школската година и туристите заминаа после летната забава, приморските места го вратија својот мир. Ако барате одмор, есенска мрзливост после сета летна врева и гужва, свртете се повторно кон егејот и медитеранот… Ослободете се од сите работи што ве мачат и соберете енергија за зимата.

    Изгрејсонце во Чирали

    Еве неколку предлози…Кушадаси, во областа Ајдин. Градот и околината привлекуваат внимание во текот на летните месеци но и подоцна, во есен.

    Крајбрежјето на Кушадаси

    Најпривлечно место за локалните и странски туристи се куќата на Богородица, која се смета за едно од најсветите христијански места на светот, и остатоците од древниот град Ефес кој датира од хеленистичкиот период. Ефес се наоѓа до Селџук, во близина на Кушадаси. Илјадници туристи го посетуваат овој регион секоја година.

    Ѕидот на желбите крај куќата на Богородица во која живела по смртта на Исус

    Ако по некоја случајност поминувате низ овие краишта ви препорачувам да го посетите Ширинџе, гратче распослано на падините на планината. Тоа е грчки град со 1800 семејства, кој во 19 от век бил познат по производството на смокви. Но, во денешно време, жителите главно се занимаваат со одгледување грозје и маслинки. Гратчето поседува многу заштитени историски градби и е едно од најубавите места за кратки екскурзии.

    Пазарот во Ширинџе
    на пазар во Ширинџе

    Бреговите на егејското море и медитеранот, во есен, преминуваат од жешко, спарно време во нежно ветренце. Ова е Анталија, популарна дестинација на средоземното море која опфаќа историски наоѓалишта, море, сонце, храна, пијалоци и алтернативен спортски туризам. Моја попатна станица беше Олимп во областа Чирали, кој се наоѓа на приближно еден час патување од аеродромот во Анталија.

    Вила Лука Хотел во Чирали
    Вила Лука Хотел во Чирали

    Чирали е село кое е 3-4 километри оддалечено од древниот град Олимп основан во вториот век пред нашата ера. Се протега на 3,2 километри морски брег а во часовите кога планините ја фрлаат својата сенка во водите на егејот човек може да ја почувствува вечноста.

    Плажа под вечните планини на Чирали

    Грчките митови раскажуваат интересни приказни за Олимп, како што е приказната за изворите на гас познати како “Јанарташ” (пламтечки камен). Ви пренесуваме една од нив …Белерофонт, јавајќи го Пегас, крилестиот коњ, на ова место го убил змејот кој исфрлал оган. Друга легенда вели дека олимпискиот оган е за првпат донесен оттука и затоа се вика “незгасливиот олимписки оган”. Кога ќе се спојат интересни приказни и пламен кој излегува од камени длабочини добивате привлечна туристичка дестинација во текот на целата година.

    Карета Карета желчина што туку родени

    Што велите за Caretta Carettа? Овие слатки желки го прават Чирали познат во целиот свет, особено кај љубителите на природата. Желките се ставени под заштита како загрозен вид и излегуваат на копно со една единствена цел – да ги положат своите јајца. Може да ги сретнете вдолж целиот медитерански брег но Чирали е особено привлечно место за мрестење.

    Јајца од Чирали Карета желка под надзор на стручни лица

    Турската Асоцијација за Заштита на Природата спроведува програми за заштита и мониторинг на овој вид желки од 1994. На плажите се поставени заштитни кафези и чувари и тука можете да ги видите малите желчиња како се раѓаат и го поздравуваат животот.

    Изгрејсонце Чирали

    Едно утро, пред изгрејсонце, и јас бев сведок на раѓањето на нов живот. Ги набљудував малите желчиња како се извлекуваат од лушпите и итаат кон морето со несигурни чекори. Додека сонцето се креваше на хоризонтот малите Caretta Carettа желки го поздравуваа животот, измамувајќи широки насмевки од мене и од луѓето собрани во нивна чест.

    Изгрејсонце во Чирали

    Мине Ергур

  • Крем пита со јаболка

    Есен е. Низ пазарите се шири мирис на јаболка. Вистинско време да го подготвите рецептот кој ви го препорачува Балкон 3. Ние пред неколку дена имавме можност да уживаме во прекрасниот вкус на крем питата со јаболка. Одличен десерт, кој не е премногу благ и слободно можете да го конзумирате во поголеми количини. Најдобро оди со турско кафе. Совршена комбинација за заблажување по неделниот ручек. Уживајте!

    Потребни состојки:

    (За тестото)

    – 1 кг. јаболка

    – 100 гр. путер

    5 јајца

    – 5 лажици брашно

    – 1 пециво

    – цимет

    (За кремот)

    – 3 кесички пудинг од ванила

    – 1 л. млеко

    – 20 лажици шеќер

    – ½ кесичка желатин

    – 2 кесички ванилин шеќер

    – 500 мл. слатка павлака

    Подготовка:

    Јаболката се лупат и се сецкаат на тенки парчиња. Путерот се сече на тенки листови и со него се обложува тавата, во која потоа се ставаат јаболката. Се печат петнаесетина минути на температура од 220 степени. Јајцата се матат со шеќер, се додава брашното измешано со пециво и целата смеса се прелива врз јаболката. Потоа се пече уште десетина минути. Кога кората ќе се олади, се превртува на другата страна и се посипува со малку шеќер и цимет. Во меѓувреме го подготвувате и кремот. На млекото му додавата шеќер и го оставате да врие. Претходно од него одземате десет лажици, во кои се растворува прашакот за пудинг и две лажици шеќер. Растворот се додава во зовриеното млеко со постојано мешање и се остава да се вари неколку минути. На крај се додаваат растопениот желатин и изматената павлака. На здравје!!!

    Овој десерт за екипата на Балкон 3 го подготви Фани Гошевска Живковиќ.

  • Фетије – град на волшебната природа и тиркизната боја

    Фетије – град на волшебната природа и тиркизната боја

    Ако градовите и морињата се споменуваат по боите, на Фетије ќе му доликува тиркизната боја. Не е лесно да се прошета Фетије за неколку дена. Има алтернативи кои одговараат на сите вкусови. Историја, култура, плажи, спортови на вода, најдобри места за параглајдерство во Турција, највпечатливи историски локалитети, најдобри заливи…

    Што ќе речете ако ви кажам дека во Фетије има и зимски спортови? На 80 километри од центарот на градот, на врвот на Ерен планина (2677 м.) пејсажот е импресивен. Ова е многу погодно место за скијање. Добро, дали знете дека секоја година во Фетије се одржува турнир во борење? Сакав само да наведам за тие што се заинтересирани.

    Не ги заборавив ниту фанатиците за еколошки туризам. Мугла е многу богата во поглед на монументалните дрвја. Да ви ја кажам добрата вест дека 12 од нив се ноѓаат во границите на Фетије. Паламида, Чинар и другите различни видови дрвја, и покрај што се стари 1000 години сеуште со голема гордост ги поздравуваат посетителите.

    Поради неподносливата летна горештина, населението на Фетије мигрира на висорамнините. Качувањето по висорамнините во последните години стана туристичка актвиност. Џип сафари возењата се доста популарни. Висорамнината Секи е најпозната. Најпопуларно место за љубителите на „трекингот“ е Лукиа. Почнувајќи од селото  Оваџик кое се наоѓа на планината Бабадаг на секои 100 метра има знаци, следејќи ги нив можете слободно да пешачите. Фетије има бесконечно многу алтернативи.

    Ако веслањето за вас претставува приоритет вие сте на вистинската адреса. Морето е мирно, чисто и е покриено со борови шуми. Во локалитетот Карагозлер има натпревари од меѓународен квалитет. Ако веќе сте заминале во најубавите заливи на Турција, редно е да не се вратите без да нуркате, нели? Бреговите на Фетије и Гочек заедно со флората и фауната ги привлекуваат љубителите на нуркањето.

    Бродовите обично тргнуваат наутро помеѓу 9:00 и 10:00 часот. До 17:00 се останува на море. Најпопуларните места за нуркање се заливот Далјан, пештерата Афкуле, гребенот Баракуда и Саријарлар. Природното чудо, плажата Патара со 18-километарското крајбрежје, финиот песок и плиткото море е место кое мора да се посети. Поради постојаниот ветар исто така е погодна и за сурфање.

    Плажата е заштитена поради тоа што е место каде што морските желки ги несат јајцата. На влезот на плажата, кај паркот има неколку ресторани. Се е добро, но каков е вашиот однос со калта? Изненадени сте нели? Во границата меѓу Анталија и Мугла, во рекичката Ешен се организираат кану тури. Турата започнува во 11:00 часот и трае шест и пол часа, а во текот на турата има пауза за бањање во кал. Единствениот начин да се ослободите од калта е себеси да се препуштите на ладната вода на рекичката Ешен.

    Ако се задржиме на историските споменици треба да се спомене дека за време на Византија, Хантос било седиште на епископијата, тука се останати делови од прекрасниот споменик Нереид, во текот на 1841-1842 година поголемиот дел од споменикот со бродови е однесен во Англија. На далечина од 40 километри од Фетије се наоѓа античкиот град Тлос.

    Ако веќе сте уморни од топлината на Фетије, еден ден направете нешто различно. Влезетe во еден тесен и висок кањон, каде што не може да влезе ниту сончевата топлина. Одете по ледената вода и стигнете до Сакликент (скриениот град). Рекичката без разлика дали е зима или лето тече „лудо“, не е можно да се движите по течението. Затоа над рекичката, на ѕидот на кањонот се поставени дрвени скелиња.

    Скелињата се едниствениот пат по кој ќе можете да напредувате и да стигнете до изворот на рекичката. Бидејќи на дното на рекичката има чакал и камења, не заборавајте да земете обувки. Кањонот е долг 18 км, понекогаш се стеснува, понекогаш патот е нерамен и тежок за одење. Тешко е да се оди до крај. Најдобро е да пешачите неколку стотини метри и да се вратите назад. Ако на враќање веќе сте уморни, препуштете се на течението на студените води на кањонот, но не излегувајте од скелето туку од самиот поток.

    Едно од највпечатливите места во Фетије е Долината на пеперутките. Карпите и долината на боровите дрвја се затворени за каков било вид на конструкција. По одреден напор, откако ќе се искачите, ќе видите како карпите и дрвјата се обвиткани со „шал“ од милијарди пеперутки. За да стигнете до таа долина прво е потребно да одите во Олудениз (мртво море). Од таму ќе изнајмите чамец и ќе стигнете до песочната плажа на долината. На дното на морето нема воопшто мов. Покриено е со бел песок.

    Да се одмарате во Олудениз, земјата на соништата, не значи само да лежите на плажата туку многу повеќе. Олудениз, чудото на придодата можете да го гледата и од височина од 1969 метри, полека спуштајќи се со параглајдер од Бабадаг. Ако сакате шопинг ќе ја посетите чаршијата Паспатур. Во вторниците можете да ги посетите и еднодневните пазари. Не заборавајте да појдете и во Кајакој и Сејдилер, познатите места за ткаење теписи и ќилими. Кога ќе огладнете посетите ги рестораните покрај Паспатур чаршијата кои нудат различни домашни јадења, ќебапи, пиде. Морски специјалитети можете да најдете во рестораните покрај крајбрежјето.

    Гулшах Џенгиз

  • Кога сонот станува јаве

    Балкон 3 на концертот на Dead Can Dance во Солун.

    Може ли човек да даде објективен и реален опис на било каков уметнички настан или настап, а при тоа самиот да е повеќе од 20 години огромен обожавател на музичкото творештво на артистите за кои станува збор? Може ли барем за момент да заборави колку е среќен што конечно има можност во живо да ги следи Dead Can Dance, чија музика целосно го освоила уште од првата нивна песна која ја слушнал, и да престане да се прашува зошто Brendan Perry и Lisa Gerrard мораа да направат 16-годишна пауза во заедничкото работење, по албумот Spiritchaser.

    Шеснаесет години во кои секако не престанаа да создаваат музика, дали во вид на самостојни албуми, соработка со други артисти или правење музика за играни или документарни филмови.

    Жерард и Пери оваа година го издадоа својот деветти албум, кој по долгогодишната пауза можеше да се нарече единствено Анастазис (на грчки: воскресение). Насловот е совршен избор, и затоа што овој албум одново ни ја демонстрира моќта, убавината и фасцинантната природа на уникатниот звук и визија на Dead Can Dance.

    Бендот започна и голема светска турнеја во рамките на која дојдоа блиску, премногу блиску за големиот број нивни обожаватели од Македонија. Од 19-ти до 23-ти септември одржаа три концерти во Истанбул, Солун и Атина. Повеќе од 4000 луѓе го исполнија на 21-ви септември театарот на земјата во Солун, меѓу нив веројатно и 100-тина гости од Македонија, но и голем број од Бугарија и Србија.

    Фантастичната локација и акустичноста на театарот на земјата беше комплетирана со совршеното озвучување. Фразите од типот: надвор од овој свет, совршена изведба, неспоредливо доживување и слично, на прв поглед можеби наликуваат на крајна пристрасност и неоправдано претерување. Сепак, Брендан Пери и Лиза Жерард заедно со музичарите кои се дел од нивните концертни настапи, во таа ветровита ноќ во Солун, покажаа како истите тие фрази стануваат единствен начин да се опише емотивната катарза и екстаза која ја будат кај публиката со изведбата на само дел од својот импресивен репертоар.

    Централно место на концертот имаа секако осумте песни од најновиот албум, Анастазис. Албум за кој самиот Пери вели дека неговиот центар е во музичката разновидност на Блискиот Исток и Медитеранот, од Северна Африка до Грција и Турција.

    „Го сакам источното влијание кое е резултат од позиционираноста помеѓу Истокот и Западот, калеидоскопскиот мозаик на тие споени култури, додека колку подалеку одите на запад, се повеќе сте соочени со моно-културни општества“, вели Пери.

    Топлиот воздух од Медитеранот го почувствувавме и во двете преработки кои Dead Can Dance ги изведуваат на оваа турнеја, а не се дел од Анастазис. Станува збор за арапската љубовна песна „Лама Бада“ и песната која, сосема разбирливо, предизвика ерупција од воодушевување во публиката, фасцинантната „Име Презакиас“, испеана во 30-тите години од минатиот век од кралицата на грчката фолк музика Ребетико, Роза Ешкенази. Имавме привилегија да слушнеме и неколку од песните кои сочинуваат дел од импозантниот опус на Жерард и Пери: Rakim, The host of Seraphim, Nierika, The ubiquitous Mr. Lovegrove, Sanvean и Dreams made flesh. Веројатно секој нивни обожавател може да направи и листа од песни кои не беа изведени. Кога само концертот би можел да трае четири часа…

    На крај ни останува да се надеваме дека нема повторно да поминат 16 години до новиот албум на Dead Can Dance и можеби следната турнеја ќе имаме можност овие извонредни артисти да ги пречекаме и во Македонија.

    Никола Илиевски

  • Нашата цел е да го направиме светот побезбедно и посигурно место за сите

    Интервју со Робин Лернер, заменик – помошник секретар во Министерството за образование и култура на САД.

    Г-ѓо Лернер, повеќе од 300.000 странски државјани влегуваат во САД преку Програмата за размена на студенти (J-1 visa). Очигледно Соединетите Американски Држави се многу посветени на идејата за размена на студенти. Зошто е тоа така?

    – Во последните 50 години Програмата за патување и работа во лето е една од најпопуларните можности за странските студенти да ги посетат САД и да научат нешто за нашата земја. Истовремено, програмата претставува најдобар можен начин, непосредно да влијаеме на создавање на позитивно мислење и ставови на младите од целиот свет во однос на САД. Програмата за патување и работа е глобална и универзална програма која ги поврзува луѓето од Америка со млади луѓе од целиот свет. Само во последнава деценија еден милион студенти ја посетија нашата земја, создадоа врски со државјани на САД и работеа со цел да ги покријат трошоците за патувањето. Тие се вратиле во својата држава, дипломирале и започнале кариера во одредена професија. Ангажирањето на толкав голем број луѓе помага да создадеме безбеден и просперитетен XXI век, бидејќи многумина имаат непосредно искуство со луѓето од Соединетите Држави и ние со нив.

    Тоа е добра мешавина на патување, култура и едукација. Кај нас ќе сретнете многу дипломирани млади луѓе кои ги искористиле можностите кои оваа програма ги нуди. Кој може да се пријави, колку долго трае и кои се бенефитите од оваа програма?

    – Потребно е да го познаваат англискиот јазик, да се студенти во редовна студиска програма на акредитирани образовни институции во својата земја. Исто така, потребно е да имаат успешно завршен најмалку еден семестар од студиите. Програмата нуди престој најмногу до 4 месеци во текот на долгиот распуст помеѓу академските години. Студентите имаат голема корист од програмата – го подобруваат познавањето на англискиот јазик, склопуваат пријателства со американци и се здобиваат со драгоцени искуства. Добиваат можност и да ја шират својата култура и да им ја приближат на своите американски домаќини.

    Учествував во Меѓународната Програма за Лидерство (International Visitor Leadership Program) и тоа беше исклучително искуство. Многу познати лидери во светот ја посетувале истата, на пример Премиерот Груевски, хрватскиот претседател и премиер, претседателот на Турција, поранешниот премиер на Велика Британија Тони Блер и други. Очигледно е дека програмата дава резултати, па кажете ни нешто повеќе околу тоа.

    – Програмата за патување и работа подразбира учесниците сами да обезбедат средства за трошоците, додека Меѓународната Програма за Лидерство се финансирана со грантови од Стејт Департментот. Тоа е главна грант програма која овозможува краткотрајна размена за професионален развој. Има за цел да изгради взаемно разбирање помеѓу САД и другите држави преку внимателно испланирани краткотрајни посети на САД. Учесниците во програмата се актуелни и идни лидери во власта, политиката, медиумите, образованието, културата, бизнисот и други клучни области. Годишно преку 5000 посетители од целиот свет доаѓаат во Америка. Секоја година учесниците се избираат и номинираат од страна на официјалните лица на американските амбасади ширум светот.

    Која е визијата, мисијата на сите овие програми?

    – Со зближување на луѓето од цел свет со американскиот народ, заедница и култура, ние всушност ги надминуваме нашите разлики и градиме долготрајно партнерство и взаемно разбирање. Дипломатијата „човек на човек“ е основа на американските меѓународни односи, а крајната цел е да создадеме  побезбеден свет за сите нас.

    Дали образованието треба да биде основа каде различните земји, култури се среќаваат и доаѓаат до подобро меѓусебно разбирање низ глобално учење?

    – Како што кажавте самиот, образованието е одлична платформа за програми за размена. Нашата  J-1  програма за размена го надградува образованието стекнато во школските клупи, а работата е можност за културна размена. J-1  програмите вклучуваат можности за научни истражувачи, луѓе дојдени на обука, доктори, професори во средни училишта и куќни помошнички.

    Кое е вашето лично видување на обрзованието?

    – Образованието е многу важно и може да се добие на различни начини, вклучувајќи студирање, патување и учење во работниот процес. Сите овие се форми на едукација и јас сум многу среќна што работам на програми на размена кои ги поддржуваат овие активности.

    Ја пронајдов оваа мисла на интернет. Познатиот режисер Милош Форман има изјавено: „Секој човек има два дома, местото каде пораснал и Америка.“ Можеме ли сè уште да тврдиме дека Америка е најлесната и најприфатлива земја за луѓето од различни култури и дојденци.

    – Америка е многу отворена и разновидна земја и тоа нема да се промени. Моето запознавање со оваа разновидност започна кога моето семејство за првпат прифати средношколец на размена. Тој го научи моето семејство на многу работи, но и тој замина на крајот од школската година како поинаков човек. Сум живеела во многу земји оттогаш и секогаш се чувствувам горда кога некој ќе рече „Дали си Американка? Ги сакам Американците.“ Ние сакаме да пречекуваме посетители, тоа е она што нè прави да бидеме голема држава и прави луѓето да се чувствуваат како дома. (Д.Ч.)

     

  • Од Балкон за Балкон 3 (фото конкурс на Балкон 3)

    Почитувани читатели,

    Летото помина, но сигурни сме дека во вашите фото-архиви ќе останат стотици или можеби и илјадници фотографии, кои ќе ве потсетуваат на него. Обично најпопуларни се оние, познати како „фотографии со поглед“, кои може да се најдат на речиси сечиј фејсбук профил. Токму затоа Балкон 3 одлучи да организира фото конкурс, на кој можат да учествуваат сите наши читатели. Не е потребно фотографијата да биде професионална. Слободно испратете мотиви и сцени кои сте ги „уловиле“ со вашиот фото апарат, телефон, таблет…

    Сепак за да учествувате на нашиот конкурс, има и неколку правила: фотографијата мора да е направена од балкон, тераса, веранда, чардак…, треба да има летен мотив и да е направена во Македонија, Турција или Грција.

    Фотографиите можете да ги постирате на нашата Фејсбук страница: http://www.facebook.com/pages/Balkon3/200547633362441?ref=hl или да ги испратите на info@localhost/balkon3-multisite со назнака „за фото конкурс“. Под фотографијата напишете го името на авторот и местото каде што е направена.

    Авторот на фотографијата која ќе добие најголем број „лајкови“ до затворањето на конкурсот, како награда ќе ја добие книгата Pablo Picasso (Confidential Concepts), која ја обезбедува издавачката куќа „Икона“.

  • Туфахија – ги воодушевува и најпробирливите!

    Кој не пробал туфахија, омилениот десерт во босанската кујна, мора во најскоро време да проба за да не испушти еден од најубавите десерти, со вкус да се растопиш од милина кога ќе пробаш. Балкон3 тоа нема да го дозволи и затоа ви претставуваме одличен рецепт за да направите туфахија во домашни услови, а дека по неговата примена во практика добивате еден од највкусните производи гарантира потписникот на овој рецепт.

    За пет туфахии е потребно:

    Пет јаболки делишес

    300 грама шеќер

    500 мл вода

    250 грама слатка павлака

    100 грама ореви

    50 грама бадеми

    1 (еден) ванилин шеќер

    малку лимонов сок

    Подготовка:

    Во еден сад ставаме половина литар вода, 300 грама шеќер и малку ванилин шеќер и ги ставаме да на рингла да зовријат и да се сварат додека се добие компактна маса.

    Во јаболките ја длабиме средината со семките, потоа ги лупиме и ги ставаме во садот со водата и шеќерот во кој ги вариме десет до 15 минути. После тоа, јаболките ги ладиме околу половина час.

    За тоа време ја правиме смесата за полнење на јаболките, односно со слатката павлака ги мешаме мелените ореви и бадеми додека не добиеме компактна смеса. Во неа ставаме и малку лимонов сок.

    Потоа изладените јаболки ги полниме со смесата, а на врвот ги украсуваме со остатокот на филот и слатката павлака, а може да се стави и цреша или парче лимон на врвот. Потоа ги ставаме една по една во посебен помал но длабок сад, во кој на дното истураме околу два прста од водата во која се вареа јаболките за дополнително да впијат од сокот.

    Прекрасните туфахии потоа се подготвени за послужување. За оние кои сметаат дека е енергетска бомба гарантираме дека тоа барем нема да го почувствуваат при јадењето, а за помалку калории, може да се стави и помалку шеќер. Уживајте:)

    (М.Ч.)

  • Аланија – место каде што сонцето се насмевнува

    Аланија – место каде што сонцето се насмевнува

    Аланија се потпира на уникатните висорамнини на планината Торос. Има прекрасни плажи со сино знаме и истовремено ги задоволува желбите не тие што се заинтересирани за историјата. Тие пак што ја сакаат природата се восхитиваат на убавините. Жителите на Аланија својот роден крај го нарекуваат „Место каде што сонцето се насмевнува“. Аланија денес веќе е Град кандидат за листата на светско наследство на УНЕСКО. Јас лично ја имав таа среќа да живеам една година во тој рај.

    Аланија живее 24 часа. Преку ден море, сонце, песок, уживање во шопинг, диско од ноќ до зори, или поточно кажано, ако сакате неограничена забава на шанк, вие сте на вистинското место. Сместувањето никогаш нема да ви претставува проблем. Од самиот влез на Аланија, па се до излезот од градот има безброј хотели, апартмани и хостели за сечиј буџет.

    Средовечните туристи кои не сакаат големи гужви и пеколно сонце, за одмор во Аланја претежно ги избираат месеците, мај, јуни, семтември и октомври. И кога е сончево, во градот ненадејно може да врне дожд. Во тој момент немојте да помислите дека одморот ви е упропастен. Мештаните и редовните гости знаат дека за еден час повторно ќе изгрее сонце.

    Аланија е едно од ретките туристички места кое нуди шестмесечно уживање во морето, а 300 дена ви овозможува да ја чуствувате топлината на сонцето. Аланија е идеално место за џип и сафари ентузијасти. Сепак ако сакате море, сонце и песок, тука е Клеопатра, најпопуларната плажа во Аланија.

    Според една легенда, за време на патувањето по Медитеранот, кралицата на Египет, Клеопатра токму во Аланија влегла во море. Карактеристика на заливот Клеопатра е во тоа што има чиста и плитка вода. Секако не смее да се заборави и плажата Инџекум (ситен песок), каде песокот со златно – жолта боја не се лепи на телото. Морето не е длабоко, плажата е особено идеална за деца кои учат да пливаат. Реката Алара која се наоѓа во градот е место за љубителите на рафтингот.

    Да не ги заборавиме музеите. Во градот има четири музеи. Највредно дело е статуата на Херакле, која се наоѓа во Археолошкиот музеј. За Аланија може да се каже дека е и град на пештерите. Без разлика дали сте или не сте заинтересирани за нив, ќе бидете воодушевени од таинствениот свет на копнените и морските пештери. Пештерата Дамлаташ е позната по волшебната убавина на сталактитите и воздухот кој добро им делува на тие што страдаат од астма. Покрај тоа на планината Џабал-и Реис, 12 километри источно од Аланија, на надморска висина од 1649 метри се ноаѓа и пештерата Дим, втора по големина во Турција. Пиратската пештера е позната по легендата дека има таен пат кој излегува на Калето во Аланија и до не се оди само со кајче. Фосфорната пештера, која во текот на ноќта сјае од одразот на зраците не месечината, е морска пештера која дефинитивно треба да биде на вашата листа за посети.

    Покрај тоа, тука мораме да го споменеме и неверојатниот панорамски поглед од Калето во Аланија, кое се наоѓа на полустров и е изградено во 1221 година од страна на Селџукскиот султан, Алајдин Кејкубат. Таму растат 16 ендемични растенија. На патот кон калето и пристаништето има кафулиња и ресторани. Калето е отворено за сообраќај. Пеш можете да стигнете за еден час, но на температури од 35-40 степени тоа не е воопшто лесна мисија, но вреди, за да можете да ги видите убавините по должината на патот.

    Симболот на градот, Кизилкуле (Црвена кула) се наоѓа на пристаништето. Осумаголниот објект е изграден во 13 век од страна на Селџуците. За време на изградбата после одредена висина било многу тешко да се подигаат камените блокови, затоа горниот дел е направен од црвени тули, од тука доаѓа и името Црвена кула. Во 1979 година првиот кат е претворена во Етнографски музеј.

    Аланија е единствен град во Турција каде што има велосипедски автомати (за изнајмување велосипеди). Бананата која расте во Аланија е позната низ целата земја. Од влезот до излезот на Аланија можете да ги видите стаклените градини. Имам добра вест и за љубителите на шопингот. Во центарот на градот има златари, бутици, продавници за чевли и ташни, продавници за кожа кои нудат неограничен број на модели, дуќани за подароци и ќилими. Руските туристи се најчестите посетители на продавниците за кожа.

    Оние кои не можат да го поднесат пеколното време, спас можат да побараат во кањонот Сападере. Се наоѓа на 40 километри од Аланија, а е долг 750 метри. На самиот влез има водопад кој се влева во природен базен.

    Немојте да ја напуштите оваа природна убавина пред да ја посетите воденицата во селото, работилницата за ткаење на свила и секако пред да го пробате вкусот на пастрмката. Во хотелите и рестораните е мошне лесно да се најдат вкусни јадења од интернационалната кујна. Се разбира препорачувам да ги пробате уникатните домашни вкусови на Аланија.

    Градот има пристап од воздух, копно и море. Аеродромите во Анталија и Газипаша се отворени. Во центарот на градот има пристаниште за големи бродови и за јахти.

    Околу 15.000 странци преферираат да живеат во Аланија во текот на целата година и поради тоа во градот покрај на турски јазик, активно се говори и на англиски, германски и други јазици. Аланија, градот со илјадници години стара историја, со мешавина на култури од Медитеранот и Анадолија, со својата архитектура ги привлекува своите гости, а секако тука е и сонцето кое се несмевнува.

    Гулшах Џенгиз

  • Различни култури и звуци на иста сцена

    На први септември на плоштадот Македонија во Скопје, голем број балкански земји, преку музика ќе ја промовираат својата култура, сите заедно на иста сцена. Уметниците од земјите учеснички на концертот ќе учествуваат со најубавите мелодии од својата традиционална музика. Одличните традиционални песни ќе бидат придржувани од симфониски оркестар. Организатор на Балканскиот фестивал е Турската Државна Телевизија ТРТ.

    http://www.youtube.com/watch?v=-dIn8Ww5_5Y&feature=player_detailpage

    Најпознатите музички ѕвезди на Балканот, првпат пеејќи во дуети ќе ги фасцинираат љубителите на народната музика. На фестивалот ќе учествуваат: Есма Реџепова и Исмаил Лумановски (Македонија), Ханка Палдум (Босна и Херцеговина), Георги Христов и Теодосиј Спасов (Бугарија), Ирма Либахова (Албанија), Христо Пападопулос (Грција), Мирко Свендо (Хрватска), Шкурте Фејза (Косово) и Сузан Кардеш, Шукрије Туткун и Серкан Чагри (Турција).

    Есма Реџепова
    Сузан Кардеш

    Фестивалот ќе го преставува заедничкиот глас на Балканските земји, ќе биде вечер каде ќе се состанат различностите и сличностите. Јазик на фестивалот ќе биде јазикот на пријателството.

  • Три грчки плажи меѓу десетте најубави во Европа

    Плажите Егремни на островот Лефкада, Навагио на Закинтос и Елафониси на Крит се на листата десет најубави плажи во Европа, според читателите на еден од најпопуларните турситички портали во светот, Tripadvisor (http://www.tripadvisor.co.uk/InfoCenter-a_ctr.breathtakingbeachesEUR).

    Егремни е прекрасна плажа лоцирана на јужниот дел на јонскиот остров Лефкада и е оддалечена околу 30 километри од главниот град Лефкас. Долгата бела песочна плажа, над која се издигнуваат карпести гребени, и кристално чистата тиркизна морска вода измамуваат воздишките и од најпребирливите туристи. Сепак, не е лесно да се ужива во убавините на Егремни. Паркингот е лоциран на надморска виосчина од околу 150 метри, а за да се стигне до плажата треба да се спуштат точно 347 скалила. Доколку ја посетите плажата Егремни, убаво одморете и освежете се во морето и во некој од баровите, затоа што оние кои веќе биле, велат дека качувањето нагоре е многу понапорно од спуштањето по скалилата 🙂

    Навагио или плажата на насуканиот брод е најпрепознатливото и нафотографирано место на јонскиот остров Закинтос. Голема заслуга за овие епитети имаат остатоците од бродот, кој како буквално да излегува од песокот. Приказната, која датира од 1983 година, вели дека станува збор за брод на кој се шверцувале цигари. Шверцерите обидувајќи се да избегаат од грчката морнарица го насукале бродот меѓу карпите на островот Закинтос. До рајските убавини на плажата, позната и како „заливот на шверцерите“, може да се дојде единствено со бротчињата кои на секој 30 минути тргнуваат од малото пристаниште Порто Вроми.

    Елафониси е всушност мало островче, поврзано со Крит со плиток гребен, кој може лесно да се помине кога морето е мирно. Елафониси или „островот на еленот“ има прекрасна плажа со розев корален песок и чиста сина вода. Ова возбудливо место долго време беше диво и напуштено, но од година во година е се попопуларно меѓу туристите. До Елафониси може да се дојде со автомобил од селото Вати или со бротчињата кои поаѓаат од селото Палеохора.

    На листата на Tripadvisor на десет европски плажи кои оставаат без здив се најдоа уште по две плажи од Шпанија и Италија, како и по една плажа од Хрватска, Турција и Португалија.