Author: Balkon3

  • ДЕВОЈКИНА КУЛА – БОСФОРСКИОТ БИСЕР

    ДЕВОЈКИНА КУЛА – БОСФОРСКИОТ БИСЕР

    Историската Девојкина кула, или Леандрова кула е еден од симболите на Истанбул и претставува олицетворение на тајните на водата – љубовта и митот. Како едно од најромантичните и најмистериозните места во Истанбул, малата кула била изградена на карпа на влезот на Босфорот. Кулата ја има задржано оригиналната фасада и сега служи како ресторан и платформа за разгледување.

    Кога ќе се вратите од Истанбул, пријателите сигурно ќе ве прашаат „Што виде во Истанбул, каде прошета?“ Секако дека вашата приказна треба да почне со Девојкината кула, најромантичното и најмистериозното место во Истанбул, особено ако некој пред тоа ви ги раскажал легендите за кулата…

    Болката на адмиралот

    Една од најраните легенди за кулата припаѓа на Византиското време. Според оваа легенда, кралството на Атина за да го заштити Истанбул од можниот напад на македонскиот крал Филип, под командата на адмиралот Харес испраќа 40 бродови. Во тоа време починала Дамалис, сопругата на Харес. Харес многу ја сакал сопруга, така што ја закопал во гроб, направен на една од тие карпи…

    Љубовта на Леандрос

    Според една друга легенда, некој млад човек по име Леандрос во кулата сретнал некоја девојка и се заљубил во неа. Тој за да се сретне со девојката, секоја вечер пливал од спротивниот брег до кулата. Девојката за да му го осветли патот на својот сакан, врз карпите палела оган. Една бурна ноќ, огнот на младата девојка згаснува. Леандрос не можел да го најде патот до карпите и се удавил во ладните и темни води на Босфорот. Девојката не можела да ја преболи смртта на својот љубовник и си го одземала животот.

    Змијата и смртта

    Уште една друга легенда од Византискиот период има трагичен крај, исто како и грчката античка приказна. Бајачките му рекле на кралот дека неговата ќерка ќе умре од каснување на змија. Кралот за да ја спаси својата ќерка, изградил куќа на карпите во близината на кулата, и таму ја затворил својата ќерка. Но, еден млад офицер се заљубил во царевата ќерка. Еден ден офицерот, подготвил букет за да и го подари на младата принцеза. Змијата се сокрила во букетот, ја каснала несреќната принцеза и таа умрела.

    Еден „стар“ пријател

    Кога ќе се издвојат легендите, и кога ќе се земат во предвид доказите и конкретните информации може да се каже дека Девојкината кула, изградена од човечка рака, датира од XII век. Според евиденцијата, византискиот император Мануел Комненос, во делот на Босфорот која што гледа на страната на Мраморното Море изградил две одбранбени кули. Едната кула е денешната Девојкина кула, а другата кула се наоѓа на брегот Сарајбурну. Според информациите, помеѓу двете кули се протегал ланец за да се пресретнат шверцерите кои патувале по морето.

    Последното голема реновирање на кулата во Османлискиот период е извршено во времето на Махмут II во периодот 1832-1833 година. Со тоа реновирање кулата ја добива сегашната форма. Тоа е документирано и со натписот. Внатрешниот дел на кулата во 1943 година е опкружен со бетон. Кулата во 1959 година ја презема војската и одреден период се користела како радарска станица.

    Новата кула

    Долги години Девојкината кула останала сама во средината на морето. Потоа кулата била обновена од страна на приватен бизнисмен и долго време била дадена под ќирија. Екипата која работела на реставрацијата истражувала по универзитетските архиви, библиотеки, архивски документи, гравури, стари фотографии, усмени и писмени искази. Сите информации до кои стигнале ги оцениле поединечно и ги земале предвид при реставрацијата. Во текот на процесот на реставрацијата биле откопани историски наоди кои претходно не биле ниту предвидени. По долго време луѓето првпат стапнале на кулата и имале прилика одблиску да ја видат и да ја допрат.

    Уживајте во Девојкината кула

    По завршувањето на реставрацијата кулата почнала да работи како ресторан. Девојкината кула освен понеделник, може да ја посетите секој ден од 12:00 до 19:00 часот. Во периодот од 20:00 до 01:00 часот служи како ресторан. До кулата можете да стигнете со моторни бродчиња од Салаџак, Кабаташ и Ортакој.

    Хусамедин Гина

  • СЕФЕРИХИСАР – ТИВОК ГРАД (Cittaslow)

    Сакате да летувате во Турција, но истовремено сакате тивко и мирно место. Балкон 3 ви нуди прекрасна алтернатива. Повелете во Сеферихисар.

    10:00 часот наутро. Место Истанбул.

    Патуваме за Сеферихисар, главниот град на „тивките“ градови во Турција. Од Истанбул до Сеферихисар во текот на летото само две фирми имаат директна линија. Во текот на зимата се патува преку Измир. За тие што мислат да патуваат со автобус патот е следниот. Од Ескихисар до Јалова се стигнува со ферибот, потоа следува автобуската станица во Бурса, пауза за ручек во Сусурлук, посета на Акхисар, земјата на маслинките, а во 18:30 стигнувате на автобуската станица во Измир. Од Измир до Сеферихисар, пејсажот е страствен, патиштата се празни.

    Конечно во 19:20 пристигнувате во Сеферихисар. Туристите најчесто ја посетуваат областа од мај до септември. Покрај тоа, Сеферихисар е место каде што се снимале и голем број од популарните телевизиски сериии.

    Следното утро започнуваме да го истражуваме градот. Првата дестинација ни е калето „Сигачик“. На самиот влез покрај синото море се наоѓа калето Сигачик кое датира од времето на Сулејман Величествениот. Исто така, тука може да се забележат пристаништето за јахти, рибните ресторани, една огромна фигура на Полжав (тивок град) и бистата на Ататурк.

    За ентузијастите кои сакаат да ја видат подводната убавина, да нуркаат и за тие што сакаат да ловат риби со копје се организираат патувања до другите заливи.

    Еден ден во текот на неделата, во Сигачик се поставува пазар каде што се продаваат локалните занаетчиски производи. Задоволство е да се видат жените кои учествуваат во трговијата на активен начин. Од тука продолжувам кон улиците на Калето.

    Во калето влегуваме преку една голема дрвена врата. Веднаш на влезот се среќавате со тесните улички, едноспратни и двоспратните куќи изградени од ќерпич наредени една до друга.

    Можеби е од топлото време, но во местото можам да забележам само неколку бабички кои со тажни и осамени очи гледаат надвор од ниските прозорци, или пак наведнати бабички, кои се обидуваат да чистат пред вратата на ќуката… Се прашувам, каде се децата? И колку е прифатливо сами да ја водат борбата за живот, без никаква помош. Sе приближувам до една бабичка и ја поздравувам. Кого барате ми вели бабичката со сини очи. Се чуствува заморот од годините, според мојата претпоставка, бабата е некаде на околу 80-годишна возраст.

    Не слуша добро, буквално се довикуваме меѓу себе. И велам дека сум турист и дека сум дојдена од Истанбул за да го прошетам местото. Бабичката ми вели, добро си направила ќерко… „Во калето има два главни патишта, ќерко. Било од кој пат да одиш, на крајот е излезот од калето, а пред тебе ќе се појави морето. Ако излезеш од вратата и се искачиш нагоре по скалите ќе го видиш прекрасниот пејсаж на Сигачик.“

    И се заблагодарив на бабата за објаснувањето, но срцето не ми дозволуваше да си заминам. Како да копнеев за муабет со бабичката. Иако тешко се движеше ме придружи два – три чекори, не можев да оддолеам и ја прашав. „Бабичке, сама ли живееш тука? Немаш ли никого?“ Наидов на една тажна приказна. Бабичката по потекло била од Измир, мајката ја изгубила на многу рана возраст, починала на 40-години. Шест месеци подоцна татко и се оженил со друга жена, а нејзе на само 15- годишна возраст ја омажил за некој човек на возраст од 30 години, кој никогаш пред тоа не го видела. Таа во Сеферихисар дошла како „дете невеста“. Од бракот има син и ќерка, синот живее во Истанбул, ќерка и во Измир, а мажот и починал.

    Би сакала да седнам и да ја слушам со денови, но има доста места што треба да се посетат. Се збогувавме, а јас продолжив за да ја посетам историската џамија во Сигачик.

    На ред е античкиот град Теос. Таму можете да одите со такси или пак со свој автомобил, потребни ви се 15-20 минути. За жал во античкиот град веќе не можете да најдете историски споменици, голем број на статуи од лав и змија се украдени изминатите години. Сепак последните години ископувањата добиле интензитет и затоа веруваме дека еден ден повторно ќе можеме да ги видиме античките дела. Теос е едно од најстарите населени места во регионот, еден од 12-те јонски градови во областа, која прва го прифатила христијанството, и активен религиозен центар, каде што истовремено живееле пет светци.

    Старите куќи и бетонските згради кои се наоѓаат во центарот, му даваат живот на градот. Во центарот како симбол на „Тивок град“, има статуа на полжав. Како да ве поздравува и како да вели„Добродојдовте во мирниот свет“.

    Старата зграда на општината е пренаменета во селски пазар. Просторите се поделени на производителите, без надоместок. Влегувам внатре, има изложба на слики и ќерамички дела. Делата се со возбудлива убавина. За моја среќа тој ден беше пазарен ден. Производите се свежи и органски, не можам да оддолеам и ги полнам торбите.

    Следниот ден имав можност да се сретнам со успешниот и полн со визија, градоначалникот Тунч Сојер. Неговата најголема инвестиција е добивањето на етикатата за „Тивок Град“. Сеферихисар е првиот град од Турција кој е зачленет во таа меѓународна заедница. Моментално во Турција има десет града со етикетета „Тивок град“.

    Остатокот од денот го поминав на хотелската плажа, дуваше тивко ветренце, ги слушав звуците на брановите, уживав во топлото егејско сонце. Навечер во 22 часот, од централниот автобуски терминал започна моето патување за враќање назад во Истанбул.

    Ако еден ден патот ве однесе на Егејот, немојте да пропуштите да го посетите убавото гратче Сеферихисар. Госпопримството, природни убавини, прекрсаното море, златните плажи, сонцето, ветрот, историските убавини и популарните топли извори ве очекуваат.

    Гулшах Џенгиз

  • Петто издание на графичката работилница „Софија“

    Петто издание на графичката работилница „Софија“

    Годинава од 23-ти август до 3-ти септември во Богданци, традиционално по петти пат ќе се одржи меѓународната графичка работилница „Софија“, единствена од ваков вид во Македонија и на Балканот. На неа учество ќе земат 14 млади автори од Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина и Словенија.

    Од Печатница „Софија“, која е организатор на работилницата, велат дека целта е на младите и талентирани автори да им се овозможи размена на искуства и услови за  реализација на нивните дела, бидејќи поради условите во кои се работи, графиката како техника е помалку застапена во целиот регион. Ментор на годинешнава работилница ќе биде реномираниот професор Радован Јандриќ од Ликовната академија во Нови Сад.

    Завршните дела ќе бидат изложени во галерискиот простор на Печатница „Софија“ во Богданци, а по завршувањето на работилницата се предвидени изложби во повеќе градови низ Македонија, како и во други земји на Балканот. Графичката работилница „Софија“ првпат се одржа во 2008 година. До сега низ неа продефилираа над 60 млади уметници од целиот регион.

    Повеќе за графичката работилница можете да дознаете на: www.graphicartsofija.org

     

  • САД и Македонија во војна за најголемиот грав на светот

    Cook beans not war!

    Прашањето кој ќе свари повеќе грав , дали штипско Сарчиево или Пинсон во Алабама повеќе не е прашање само на спортски дух со цел да се биде подобар во натпреварот за правење на монструозниот котел во кој ќе се крчкаат неверојатни неколку тони грав. Ова е прашање на гордост и национално достоинство кое, според доброинформирани извори може да се пренесе и на државно ниво.

    Од каде оваа желба за грав? Старите жители на Сарчиево со кои разговаравме велат дека традицијата на правење добар грав трае со векови и веруваат дека токму гравот им ја дава нивната препознатлива остроумност, мудрост во донесување на секојдневните одлуки, долгото паметење, но и совршениот дигестивен систем.

    Казанот во Саричево во кој беше сварен гравот за Гинис

    Се почна пред многу години кога Сарчиевци и жителите на Пинсон Алабама, дознаа едни за други од Гинис. Од година в година борбата се разгоруваше, но скромните ресурси овозможуваа и скромна победа, со едвај неколку стотици килограми грав повеќе во казанот.

    Годинава жителите на Сарчиево ги засукаа ракавите, заштедија на други ресурси, лозјата останаа непрскани, нивите неизорани, а локалниот бизнисмен Д.С. великодушно помогна со сопствени средства за да му се зададе одлучувачки удар на противникот од кој нема да може со години да помисли на нов котел со грав. И така, добрите Сарчиевци, познати по својата упорност направија 5,5 тони грав, за речиси две илјади килограми повеќе од претходниот рекорд.

    Се чекаше ред за да се проба историскиот грав

    Молк во светот откако се прошири оваа вест. Засрамени веднеа глави дури и Мексиканците познати по своите безброј специјалитети од грав.

    Нацијата беше во исчекување дали претставникот на Гинис, господин Ловен Лангсдорф ќе го признае рекордот. Злобниците побараа да се докаже квалитетот на гравот, кој велат подеднакво е важен како и количината.

    Oчевидци велат дека тогаш се случи чудо пред кое и боговите замолчеа, а не пак Гинис.

    Огромен облак од метан се крена над Сарчиево, Штип и дел од источна Македонија, заканувајќи се по животот на се што лета… Поверодостоен доказ за квалитетот, признат според сите конвенции на Гинис не познава современата наука…

    За жал, екипата на Балкон3 не собра храброст да ја провери оваа информација, па ви раскажува она што други го кажуваа, но со голема сигурност ви тврдиме дека во околните села со денови не спиеле вознемирени од силните  грмотевици кои доаѓале од правец на Сарчиево…  5.5 тони грав…

    Д.Ч.

  • Кефалонија – бисерот на Јонското Море

    Објективот на Балкон 3 ве води на фото прошетка низ еден од најубавите грчки острови, бисерот на Јонското Море – Кефалонија. Најголемиот и најзелениот јонски остров изобилува со прекрасни песочни плажи скриени зад џиновски карпести предели. Најпозната, а во исто време и најфотографирана е песочната плажа Миртос, која залужено го добила епитетот „парче рај“ (“piece of heaven”).

    Огромно значење за промовирањето на Кефалонија како туристичка дестинација има плажата Антисамос, на која се снимени голем дел од сцените на холивудскиот хит „Мандолината на капетанот Корели“. Во близина на Антисамос се наоѓаат и пештерите Мелисани и Дрогарати, кои се вистинско чудо на природата.

    Најпопуларни туристички места на Кефалонија се главниот град Аргостоли, како и Ласи, Фискардо, Порос, Ликсури… Сепак за оние кои сакаат да ги избегнат гласните и полни плажи, островот нуди голем број мали заливи каде можат во мир и тишина да уживаат во сонцето и водите на Јонското Море. Вие за сега уживајте во нашата фото галерија од Кефалонија J

    [nggallery id=3]

    фото: Александар Семенпеев

  • Исчезнуваат старите обичаи на муслиманскиот Мубарек Бајрам

    Од вчера сите верници од исламска вероисповед ширум светот го слават најголемиот верски празник Рамазан Бајрам. По едномесечниот пост, во кој целиот исламски свет се воздржа од храна и пијалоци од зора до зајдисонце, вчера со утринскиот Бајрам – намаз започнаа да го слави Рамазан Бајрам. Овој голем муслимански празник се слави три дена.

    Меѓутоа, денес за разлика од порано, кога се споменува Бајрам веднаш на ум ни доаѓа прашањето: Каде се тие стари бајрами, тие стари обичаи? Тие стари обичаи за кои нашите дедовци и татковци постојано ни велеа дека им недостасуваат, стари обичаи на тие поинакви бајрами… Што имало во тие стари бајрами, а што толку многу ни недостасува? Да, токму тие стари бајрами…

    Има многу обичаи кои порано се практикувале, а денеска полека се губат. Порано се правеле разновидни слатки, а традиционално слатко за време на Бајрам е баклавата. Секој член на семејството ги посетувал соседите и роднините. Пред секоја врата стоела по некоја баба со насмевка на лицето, која ги чекала децата да дојдат за да и го честитаат празникот, а таа на сите им давала по некое бонбонче. Децата со голема радост им ги бакнувале рацете на постарите, а за возврат добивале паричка или бонбонче. За разлика од порано, тоа повеќе го нема. Децата се поретко ги има по улиците, се помалку се радуваат на овој празник. Бајрам за секое дете значеше будење рано наутро, облекување нови алишта и одење кај соседите и најбиските за честитање на празникот.

    Многу добро се сеќаваме на заборавената бајрамска возбуда, која ја имаше во нашите семејства. Порано секој на секому му подаруваше почит, слатка насмевка, љубов… се смируваа сите кои биле налутени еден на друг. Веќе ништо од тоа не е останато.

    Се повеќе ни недостасуваат старите бајрами. Но, тука се поставува прашањето дали бајрамите ги изгубија своите убавини или пак ние ги запоставивме нашите радости за бајрамот? Денес бајрамите не се слават како што налагаат обичаите. Понекогаш човек се двоуми дали е Бајрам или не.

    На сите муслимани им посакуваме овој Рамазан Бајрам да им мине во празнично и пријатно расположение во кругот на најблиските. Ramazan Bajram mubarek olsun!!!

    Нихал Бејадин

  • Баклава – традиционален неодолив вкус

    Баклава – традиционален неодолив вкус

    Сигурно нема некој од нас што не пробал баклава, неодоливиот вкус, традиционален за празниците, посебно за најголемиот муслимански празник Бајрам. Не можете да одолеете на прекрасаниот мирис на маслото, шербетот, ф’стаците, оревот и крцкавото тенко тесто. Баклавата ден денес продолжува да ја држи својата лидерска позиција помеѓу слатките работи. Можеби во денешно време традиционалните обичаи за Бајрам се забораваат, но навиката за јадење баклава продолжува.

    Балкон 3 оваа недела за своите читатели нуди еден специјален рецепт, од прославената турска фирма Гулиоглу. Имено се работи за традиција која започнала во далечната 1800 година, во градот Газиантеп, од Хаџи Мехмед Гулу, познат како Гуллу Челеби.

    Потребни состојки:

    За тестото:

    1 чаша растително масло
    1 чаша млеко
    3 јајца
    половина чаша (за турски чај) оцет
    малку сол
    6 чаши брашно
    1 пакетче скроб
    400 грама ореви
    половина пакетче маргарин
    250 грама масло

    За шербетот:

    1.5 литри плус една чаша вода
    1.5 кг. шеќер

    Подготовка:

    Прво се подготвува тестото од горенаведените состојки и се остава да отстои половина час. Подготвеното тесто се дели на четири дела. Од секој дел се одвојуваат по 15 теста во големина на орев. Во тестото со големина на орев се додава скробот и со помош на оклагија (сукало) се развлекува тестото. Откако ќе се развлечат сите 15 теста, корите се ставаат во тепсија, претходно подмачкана со масло, и се редат една врз друга. Потоа се додава претходно измелениот орев. Истата постапката се повторува и за останатите кори. Откако ќе завршат сите кори, се сечат во коцки/баклави. Потоа се прелива полека со претходно растопено масло. Рерната треба да биде добро зегреана на 220 степени и кога ќе се стави баклавата, температурата треба да се намали на 100-150 степени и да се пече 2-3 часа. Така направената баклава треба да постои барем еден ден за да може шербетот добро да се упие.

    Кога баклавата ќе ја добие златножолтата боја се подготвува шербетот од 1.5 кг шеќер и 1.5 литри и плус една чаша вода. Откако ќе поврие еден час, со топлиот шербет ги преливаме корите.

    Баклавата оди добро со кафе и сок 🙂

    На здравје..

    http://www.gulluoglu.com/

  • Туризмот ги зближува луѓето во регионот

    Интервју со Аркан Керим, Генералтурист

    Веќе со години раководите со една од најпознатите туристички агенции во Македонија Генералтурист. Кои дестинациии ги нудите како најатрактивни?

    Генерално гледано ние нудиме аранжмани за сите дестинации но препознатливи сме за Турција и Египет со нашите чартер аранжмани кои години наназад ги организираме од јуни до септември. Догодина  славиме 10 години од постоењето на Генералтурист како приватна агенција и ќе имаме бројни изненадувања за нашите клиенти во текот на целата година.

    Каде сакаат најмногу македонските туристи да летуваат? Што најмногу ги интересира во понудата?

    Македонските туристи статистички најмногу летуваат во Грција, Турција и Албанија. За жал во последниве години најбитна е цената на аранжманот за разлика од квалитетот на аранжманот. Економската ситуација си го прави своето. Првично се гледа на цената па потоа на се друго.

     

    Интересна ли е Македонија за странските туристи и што најмногу сакаат да видат кај нас?

    Македонија се повеќе станува интересна дестинација за странските туристи и тоа е позитивен тренд кој од година во година рапидно расте.Секако тука се значајни за споменување мерките на владата за промоција и субвенционирање на доаѓањето на странските гости во Македонија. Стана мода меѓу туристичките работници да работат на привлекување и носење странски гости во Македонија и тоа е за поздравување.

    Од неодамна организирате и туристички тури од Турција кон Македонија. Каков е интересот на турските туристи.

    Се почна случајно и полека доби масовни размери. Огромен интерес има и масовна посета на турските туристи.секоја година се поголема ке биде бројката на туристи од Турција во Македонија и на Балканот.

    Грција е секако една од најпривлечните дестинации. Работите ли во Грција со грчки туристи?

    Грција е одлична дестинација и заедно со нашите партнери од Мели турс работиме на привлекување грчки туристи во Македонија. За жал политичките односи некогаш ни пореметуваат големи операции на пример за Божиќ имаме голем број на Туристи во Маврово и некоја изјава од некој политичар предизвикува домино ефект за се откажат резервациите во последен момент. Се надеваме дека во иднина нема да се случуваат вакви работи во интерес на еснафот и на туристите и во Македонија и во Грција.

    Како гледате на развојот на туризмот во иднина на овие простори. Турција Грција, Македонија..број еден број два, три?

    Оваа година Грција како туристичка дестинација соочена со ланската лоша сезона  презема одлични мерки и на крај ке има успешна сезона за разлика од Турција која има многу лоша сезона поради лошата проценка и мислењето дека 2011 ке се повтори сама по себе. Затоа пак за до година ке има многу промени во турскиот туризам за да не се случи годинашново сценарио. Македонија е на добар пат да оди напред и тоа се случува и ке продолжи во иднина.

     

    Збор два за Аркан Керим, од одамна во туристичкиот бизнис, има ли време за приватен живот, кои се вашите приоритети и интереси?

    Од свои 19 години сум во туризмот ја сакам работата која ја работам,скоро 10 години ја менаџирам една од поуспешните агенции  во Македонија со свои претставништва  во Истанбул и Дубровник. Во однос на ова за жал трпи приватниот живот одвреме навреме бидејки обврските и патувањата си го прават своето.Во сите сегменти на туристичкото работење сме присутни меѓутоа мој личен приоритет е хотелскиот бизнис и се надевам дека мојата голема цел еден ден да имам бутик хотел во Скопје ке ми се оствари во иднина и целокупниот труд во изминатите години нема да биде залуден. Сатисфакција за моето работење  е исто така и наградите кои ги добивам како менаџер на Генералтурист минатата година бевме прогласени за најдобра агенција во инкоминг туризмот во Македонија од Министерството за Економија,исто така годинава  во Мадрид добивме награда за најуспешна агенција во инкомингот во Југоситочна Европа така да ова е исто така голема сатисфакција за вложениот труд.

    ИНФО:

    Булевар Климент Охридски 60

    1000 Скопје,

    тел: ++389 2 32 17 410

    info@generaltourist.mk

  • Љубовната приказна на Ататурк и Елени – туристичка атракција

     

    Приказната  од крајот на 19 век, за неостварената љубов помеѓу убавата  битолчанка Елени Каринте и младиот Мустафа Кемал Ататурк, кои многумина ги нарекуваат балканските Ромео и Јулија,  денес станува незаобиколна  туристичка атракција во Битола. Турските туристи минуваат илјадници километри, да ја посетата спомен-собата во битолскиот Музеј, да се фотографираат под балконот на Каринте, каде е исплетена можеби најголемата љубовна сага на овие простори, но  и да го  читаат писмото што таа му го напишала на Ататурк.

    Писмото на Елени до Ататурк

    “Некаде и некогаш,

    Поминаа толку години, а јас ете, секој ден чекам абер од тебе. Ако некогаш го добиеш писмово, сети се, види ги солзите на хартијата. Годините си врват, овде сешто се зборува за тебе, нешто се случува. Ако ги читаш овие редови додека љубиш некоја друга жена, искини го писмово и прашај ја неа дали верува дека некоја си Елени Каринте од Битола го поарчила цел живот за еден човек со кого била само еден ден. Ако ја љубиш неа, како што јас те љубам тебе, не и кажувај ништо, нека биде среќна, ако си и ти среќен. Ако пак, уште ја паметиш девојката од балконот  и не љубиш друга, знај те чекам и  ќе те чекам цел живот. Знам дека ќе се вратиш, дека не си заборавил…”

    Писмото на Елени

    Ова е дел од писмото за кое се верува дека  пред повеќе од еден век му го напишала битолчанката Елени Каринте на младиот Мустафа Кемал, кој  учел во воената гимназија во Битола. Спомен собата во чест на големиот турски реформатор се наоѓа во битолскиот Завод и музеј, објект  во кој било сместено училиштето каде се школувал младиот кадет. Фотографии, скици од битки, библиотека,  биста,  восочна фигура- одаја која ги збрала сите тајни од животот на големиот реформатор.

    Музејот на Ататурк во Битола
    Музејот на Ататурк

    Централно место зазема писмото од Елени Каринте, а приказната за балканските Ромео и Јулија, тој муслиман, таа христијанка,  нивната  голема љубов, предвреме  осудена на пропаст  заради религиските и општествените стеги,  денес, еден век подоцна, е главен адут за привлекување турски туристи. Со воздишки го читаат  писмото, се фотографираат пред куќата на Каринте на битолски Широк Сокак, додека балконот ја раскажува  тажната љубовна приказна…

    Куќата на Елени Каринте на Широк сокак

    Легенда или вистина…

    Младиот кадет Мустафа во 1896 година, доаѓа од Солун да учи во воената  гимназија во Битола.  Честопати шетал по Широк Сокак, а едно попладне пред Велигден во 1897 година, на балконот од куќата на богатиот трговец Ефтим Каринте, која и денес постои на аголот од улицата, веднаш наспроти хотелот Епинал, ја забелжал убавата Елени, негова врсничка. И девојката не останала рамнодушна, па крадешкум, таму од балконот  и таа фрлила  поглед на стројниот Ататурк, висок, со убав стас и сини очи. И така Мустафа декој ден минувал пред куќата,  а   Елени го чекала на балконот. Меѓу нив се распламтила силна, но забранета љубов. Девојката за да биде со него, побегнала преку визбите на куќата. Заедно заминале надвор од Битола, но таткото на Елени, Ефтим, ги фатил, ја затворил девојката  дома, а потоа,  купил куќа во Лерин. Насила ја однел таму, со намера да ја омажи за друг човек.

    Куќата на Елени

    “Има цела година откако ме грабна од тебе, ме заклучи дома и не ме пушти  цел месец. Не плачев, знаев дека џабе му се сите катанци и затвори. Човекот со кој тој сакаше да се венчам, го видов само еднаш и ме праша дали можам да го љубам. А јас му реков “Не, јас си го љубам првотот либе”. И повеќе не го видов. Татко ми никогаш не ми прости, а и јас нему. Вечно ќе те сака и чека твојата Елени Каринте”.

    Стара фотографија од куќата на земејството Каринте

    Девојката никогаш не се омажила,  доживеала длабока старост, а  до крајот на животот, неколку пати во годината примала чекови од странство. Починала во Лерин на 80 години.

    Мустафа  Кемал подоцна стана прв претседател на Турција,  творец на модерната турска држава, поради што го добил името Ататурк, татко на нацијата. Се оженил со Латифе Ханам, но бракот траел само две години. Ататур и Каринте не се сретнале никогаш повеќе.

    Слика на Атататурк вомузејтот во Битола
    Фотографии во Музејот во Битола

    Љубовната сага за балканските Ромео и Јулија, во Битола се пренесува од генерација на генерација. Некои велат, дека  оригиналот на писмото од Каринте,  се наоѓа во историски архив. Други пак, велат  дека станува збор за легенда. Сепак,  меѓу битолчани,  и денес живее оваа  љубов.

    Биста на Ататурк

    -Оваа љубов е вистински магнет за турските туристи. Минуваат илјадници километри од Турција до Битола, со желба да го прочитаат писмотот во спомен-собата, да ја видат куќата на Широк Сокак и да се фотографираат под  балконот од каде Елени првпат го здогледала Мустафа. Додека туристите се воодушевени, високите воени и државни делагации кои доаѓаат да ја посетат спомен-собата, не прашуваат ништо за оваа љубовна приказна. За оваа љубов нема ниту збор во биографијата на Ататурк, не е  пронајден ниту еден пишан документ кој  би ја потврдил приказната. Дури од научните кругови во Турција, било сугерирано, овде, кај нас да не се обрнува толкаво внимание на таа приказна, затоа што нема други документи, освен писмотот за кое кај нас се верува дека Елени го напишала до Ататурк- вели Шенол Мемиш, претседател на македонско-турското  здружение од Битола ” Мустафа Кемал Ататурк”.

    Широк сокак во Битола

    Оваа љубовна приказна   е инспирација за филсмките и театарски работници.  Во 2006 година беше снимен  краток документрно-игран телевизиски  филм,  неодмана направен е музичко-театарски  перформанс, а, исто така најновиот филм на Александар Поповски “Балканот не е мртов”,  чија премиера се највува на годинешниот фестивал ”Браќа Манаки”, ја раскажува приказната за љубовта меѓу Ататурк и Каринте.

    Емилија Мисирлиевска

  • Таинствениот жител на Охридското езеро – слатководниот рак

    Да, немојте да се чудите. Ова е помалку познат факт, но во Охридското Езеро, покрај познатите ендемски видови риба, живеат и два вида ракови, за кои јавноста знае многу малку. Овие прастари жители на Охридското Езеро пред 25 години беа на раб на исчезнување поради чума која беснеела во сите слатки води низ цела Европа.

     

    Професионалните нуркачи од Охрид велат дека до пред неколку години вистинска реткост било да се види рак во Охридското Езеро, но сега состојбата е многу подобрена.

    Најраспространет е Европскиот слатководен рак Astakus astakus,  кој може да се сретне насекаде во Охридското Езеро. Овој рак преферира меко дно со малку песок. Тој копа тунели на дното и претежно влезот му е под некој камен или карпа. Излегува и се храни ноќе.

    Помалку познат е Potamon fluviatile или таканаречен крив рак. Претежно  се среќава покрај каменитиот дел и во карпести предели на мали длабочини. Во Охридското Езеро слатководниот крив рак го има на македонската страна во струшкиот дел, додека на албанската страна од езерото има големи колонии.

    Во минатото слатководниот рак од Охридското Езеро се користел во исхраната и од него се подготвувале вкусни специјалитети. Денес тој е загрозен вид заштитен со закон и не смеее да се ловаи во комерцијални цели.

    Двата автохтони видови рак што живеат во Охридското Езеро, деновиве беа презентирани на централниот плоштад во Охрид. Тие беа вистинска атракција за минувачите и туристите кои имаа можност одблиску да се запознаат со слатководниот рак, за кој многумина не знаеа дека живее во најголемото македонско езеро.

    Горан Момироски