Author: Balkon3

  • Балкон 3 на Д Фестивал 2012 (фото галерија)

    На брегот на Дојранското Езеро синоќа се одржа второто издание на Д Фестивал. Топлото време и познатите дојрански комарци не беа пречка за неколку илјадната публика да ужива во концертот. Фестивалот го отворија домашните рок легенди Зијан, кои уште еднаш докажаа дека се мајстори за живи свирки и потсетија на хитовите како Пушти коси, Елизабет, Деца бевме. Потоа на сцената се качија членовите на грчкиот состав Baildsa, кои иако се првпат во Македонија, со својот енергичен настап предизвикаа вистинска еуфорија во публиката. Ваквата атмосфера продолжи и за време на настапот на белграѓаните С.А.Р.С., кои и се добро познати на македонската публика. За крај посетителите има можност да уживаат во сетот на британската музичарка Sonique, која го заврши настапот со хитовите Sky и It feels so good.

    Балон 3 низ куса фото галерија ви ја пренсеува атмосферата од фестивалот.

    [nggallery id=2]

    фото: Александар Семенпеев

  • Ресен, како мал Париз

    Јаболкото е препознатливиот белег на Ресен, но уште едно обележје го прави Ресен посебен. Тоа е сарајот на Ахмед Нијази Бег. Ова е приказна за еден неостварен сон, за еден обид во малото гратче на југот од Македонија да се донесе дел од Париз, колку и да звучи тоа неверојатно.

    Ресен во минатото се наоѓал покрај патот Виа Игнација и поради тоа имал богата чаршија и дури 15 анови, а Ресенчани пак се горди на своите архитектонски и историски знаменитости, но и на своите сограѓани. Кога ќе пристигнете во Ресен, ресенчани ќе ви посочат неколку работи кои не смеете да не ги посетите: чаршијата, керамичката колонија, манастирот Св. Ѓорѓи (12 век) во Курбиново, но и сарајот на Нијази Бег.

    Сарајот во Ресен секогаш ќе потсетува на еден од најпознатите нивни сограѓани – Ахмед Нијази бег. Многу го сакал Ресен и поради тоа го добил прекарот „ресенли“. Служел во турската армија, каде што добил чин полковник. Подоцна бил еден од најактивните меѓу младотурците во Македонија.

    Ахмед Нијази бег

    Ахмед Нијази бег сакал Ресен да го направи „мал Париз“, сакал да изгради мостови, слични на париските мостови на Сена. Неговата куќа се наоѓала веднаш спроти сарајот и сакал да направи мост преку улицата за да може полесно да стигнува до сарајот. Веќе постоечката чаршија сакал да ја урне и да направи нова со улици кои ќе наликуваат на париските. Воден од овој сон, сакал да ги урне и дуќаните кои биле таму, но ресенските трговци не го прифатиле предлогот на Нијази бег и тој во 1910 година, налутен запалил 30 дуќани на ресенските еснафи. Подоцна им платил за штетата, но не успеал во идејата да го направи Ресен „мал Париз“, бидејќи во 1912 година Турците масовно заминуваат од градот.

    Како Ахмед почнал да го сонува овој сон? За се е виновна една разгледница (фотографија) од некој дворец во Париз, која ќе ја смени засекогаш историјата на Ресен. Нијази Бег ја добива оваа фотографија и според неа, во 1904-та година започнува изградбата на ресенскиот сарај. До сега не е потврдено кој објект од Париз бил на фотографијата. На прв поглед сарајот наликува на дворецот во Версај, други го споредуваат со резиденцијата на парискиот градоначалник (некогашен Hotel de ville de Paris).

    Нијази Бег го градел овој сарај за себе, но никогаш не дочекал да го види готов. Во 1912 година, периодот кога привршувала изградбата на сарајот, тој бил убиен во Валона, Албанија.

    Денес, ако патот ве носи во Ресен, не заборавајте да го посетите сарајот на Нијази Бег. Таму е сместена галеријата на дела од Ресенската керамичка колонија, која е една од десетте керамички колонии во светот под закрила на УНЕСКО. Колонијата наредната година го слави својот 40-ти јубилеј. Во сарајот е поставена и постојана поставка на дела од македонската сликарка Кераца Висулчева, која оставила аманет дел од нејзините дела по нејзината смрт да бидат изложени токму во ресенскиот сарај.

    Јордан Дуков

  • ЛАХМАЏУН

    Во буквален превод овој позната турски специјалитет значи “тесто со месо.” Познат е и под изразот турска пица. Иако според многумина највкусен лахмаџун може да се проба во Истанбул, вие не мора да патувате до таму. Засукајте ракави и испробајте ја вашата кулинарска способност и направте  лахмаџун со домашни услови. Ги имате сите детали, потребно е малку волја и умешност. Аfiyet olsun!

    Состојки за подготовка на тестото

    5 шолји брашно

    1 сув квасец

    1 лажичка шеќер

    1 + ½ шолја топла вода

    малку маслиново масло

    Во мал сад измешајте го квасецот, шеќерот и водата. Добро измешајте ги состојките. Покријте го садот со проѕирна фолија. Нека одстои на собна температура 20 минути.

    Во поголем сад измешајте го брашното со остатокот од водата и додадете го растопениот квасец. Измесете тесто, кое треба биде меко. По потреба додадете вода или брашно. Тестото обликувајте го во топка и намачкајте го со масло. Покријте го со фолија и оставете да нарасне. За еден час, откако доволно ќе нарасне поделете го на 10 до 12 парчиња. Расукајте ги да бидат со дебелина до 0,5 сантиметри. Во меѓувреме направете го преливот.

    Состојки за подготовка на преливот

    1 килограм мелено месо(говедско или јагнешко)

    лук

    кромид

    магданос

    сол

    неколку домати

    маслиново масло

    малку лимонов сок

    На маслиново масло прво запржете го исечканиот лук и кромид. Потоа додадете го меленото месо и ситно исечканите домати заедно со зачините и лимоновиот сок. Подготвената смеса распоредете ја на претходно расуканото тесто. Печете на 180 степени се додека рабовите не добијат златна боја. (З.З.)

  • ЉУБОВ БЕЗ ГРАНИЦИ, ГРЧКО-ТУРСКА МОДЕРНА БАЈКА

    Грчко-турска љубовна приказна која започна пред точно шест години. Медиумите од двете земји врската помеѓу познатата грчка новинарка Fani Grammatikogianni и претседателот на фудбалскиот клуб Галатасарај, Унал Ајсал ја нарекуваат модерна бајка.

    Убавата и позната грчка новинарка Fani Grammatikogianni го освои срцето на еден од најмоќните луѓе во Турција, претседателот на најпопуларниот турски клуб на сите времиња, Галатасарај. Бајката започнува токму во Грција. При една посета на Атина, Ајсал во ресторан ја среќава Фани и како тоа обично бидува, се случува љубов на прв поглед. Угледниот бизнисмен се обидува да се доближи до убавата Гркиња и после неколку обиди успева да ја убеди да излезат заедно. И оттогаш до сега, се е како во приказна, секако понежна од фудбалот и пореална од телевизијата. „Во неколку зборови, Фани успеа да го освои замокот“, пишуваат грчките весници.

    По овој настан парот Фани – Ајсал животот го минува во прекрасната Женева, на грчки терен во Атина и во Истанбул, Турција. Унал Ајсал не е само претседател на најеминентниот турски фудбалски клуб, туку во исто време е и лидер во енергетскиот сектор. Неговата компанијата Unit International е една од најголемите на Блискиот Исток, а покрај Турција, активен е и во Бугарија и Италија. Фани пак, со години работела во голем број грчки ТВ куќи.
    Деновиве, двојката со 50-метарската луксузна јахта ги обиколува грчките острови, каде веројатно Фани на Ајсал му раскажува за старата грчка култура и убавината на земјата.

  • Битола очекува гостите од Грција да се вратат на Широк сокак

    Со години наназад, грчките државјани масовно доаѓаат во Битола, купуваат облека и чевли, ги користат услугите на фризерите, стоматолозите, гинеколозите, па дури и ги поправаат своите автомобили. Шнајдерките во Битола имаа полни раце работа за да ги дотераат грчките муштерики. Но, во последните месеци, грчката финансиска криза предизвика последици и врз кревката економија во Битола, пограничен град, оддадлечен само петнаесетина километри од соседна Грција. Гости од Грција има се помалку. Тоа се одразува на целокупното пулсирање на градот, затоа што овие посетители во изминатата деценија еконосмки го закрепнаа градот под Пелистер и придонесоа за враќање на имиџот на отворен космополитски град.

    Најпогодени се продавачите на пазарот, каде Грците купуваа зеленчук, овошје, месо и други производи. Сега тезгаџиите велат дека прометот им е преполовен.

    -Слаба е посетеноста од Грци. И оние кои доаѓаат, сега внимаваат на цените, се ценкаат, купуваат домати и краставици на парче домати. Порано една тезга правеше промет и по 3000 денари дневно (50 евра) само од грчките државјани, но сега нема, одиме надолу, велат пазарџиите.

    И во Старата битолска чаршија, каде гостите од Грција купуваа облека и чевли, се чувствува истото. Спуштени се кепенците на четириестина дуќани, а и оние кои сеуште работат, велат, ако состојбата не се промени, наскоро и тие ќе затворат.

    И жителите во пограничните села, посебно во Кравари, кое е на магистралниот пат кон граничниот премин, се надеваат дека сегашната состојба ќе се подобри и повторно ќе се вратат пријателите и гостите од Грција. Тие овде, на пат кон дома, навраќаа кај домаќините, кои по нарачка им подготвуваа домашни зелници, кифли, колачи, а во сезоната на зимници им ги подготвуваа ајварот и туршијата.

    – Денеска дојдовме во Битола да пазариме малку во вашите маркети. Поевтино е тука кај вас, но не можеме да доаѓаме како некогаш. Кризата се одрази и на домашниот буџет. Ќе купиме најосновни работи, ќе ручаме во некој ресторан, ќе прошетаме по Широк Сокак, на заминување ќе туриме бензин и си одиме дома, велат грчките гости од една помала група, која ја затекнавме на Широк Сокак.

    Грците со подлабок џеб, сеуште се редовни гости во битолските казина, но намален е бројот на оние кои ги бараат услугите во стоматолошките ординации низ Битола, а за да ги привлечат и полесно да ги најдат грчките пациенти, на домашните стоматолози, имињата на ординациите им се напишани и на грчки јазик.

    – Доаѓаа голем број пациенти од Лутраки, Кожани, Костур, Лерин. Сега бројот е преполовен. Велат дека сеуште им се евтини стоматолошките услуги кај нас и им се исплати да ги користат, но заради неизвесноста, не сакаат да ја трошат заштедата, вели Валентина Трајковска, забен техничар од Битола.

    Но, од оваа ситуација и од економската криза погодени се и голем број битолчани кои својот леб го заработуваа таму, преку границата, во блиските грчки градови и села. Повеќе медицински сестри работеа како негувателки на стари лица во Грција, некои работеа во угостителски објекти, други пак аргатуваа по нивите или заработуваа како овчари. Од Битола, на гурбет во северниот дел на Грција одеа и молери, ѕидари и други мајстори. Но, сега велат дека дневницата е многу намалена, така што не им се исплати да ја минуваат границата.

    Сепак, грчките бизниси во текстилната индустрија се најголемата надеж за битолското стопанство. Во Битола има 12 поголеми текстилни фабрики со грчки капитал, кои заедно со некои угостителски и трговски бизниси, вработуваат околу 4000 битолчани. Грчките бизнисмени велат дека со своите бизниси остануваат во Македонија.

    – Имаме 550 вработени и тој број планираме да го зголемиме. Исто така секторот што фирмата го има во сферата на угостителството, функционира одлично, се созадва простор за нова работа и воопшто не се размислува за отстапување од овие планови, вели Дарко Степанулевски, менаџер во фирмата со грчки капитал “Родон” во Битола.

    Во очекување Грците да се вратат на Широк Сокак, во Битола и натаму најбарани курсеви за странски јазици се токму оние за изучување на грчкиот јазик. Угостителите и трговците при вработување персонал, бараат кандидатите да го познаваат грчкиот јазик, а работа во грчките текстилни компании во Битола полесно наоѓаат оние кои зборуваат грчки. Најинтересно е кога во обид што подобро да се разберат во рестораните и продавницте, вработените зборуваат грчки, а гостите од Грција, македонски. Едните за да заработат, а другите да поминат што поевтино.

    Емилија Мисирлиевска

  • Скапоцениот камен од Македонија

    Не секоја земја може да се пофали дека има свој, национален скапоцен камен. Кина е позната по кинескиот жад, Австралија по австралискиот опал, Чешката Република по чешкиот гранат, Колумбија – по колумбискиот смарагд, балтичките земји – по познатиот балтички килибар, САД – по тиркизот. Ова е приказна за македонскиот рубин – скапоцениот камен од Македонија.

    Долго време, со години, во себе си го поставувавме прашањето: дали и другите забележуваат колку е во Прилеп и Прилепско често необичното име Рубин, Рубинчо? Можеби ни денес не сме баш сигурни дали е тоа впечаток, нешто што само нам ни изгледа така, но, овојпат имаме теорија. Ова е приказна за восхитувачкиот свет на кристалите, за скапоцените камења од Македонија, за македонскиот рубин.

    Со Деко се знаевме одамна, уште од времето кога го препознававме само како музичар, еден од најинтересните во македонскиот рокенрол, пред да замине во Италија, во 1991, кога на прагот тропаше војната во поранешна Југославија. Го препознававме како клавијатурист, гитарист и еден од богатите креативни извори на култните македонски бендови ‘Бадмингтонс’, ‘Клержо’ – македонски Реј Манзарек, Џон Лорд и Дејв Гринфилд. Музичар со дух што не мирува, кој знаеше да не’ инспирира, да ја смирува нашата младешка бунтовност и да ја насочува кон нешто креативно, конструктивно. Доволно беше само да ги гледаме настапите на неговите бендови и, ако имаме среќа, некогаш да поразговараме со него, кога ќе го сретневме во местата каде што излегувавме.

    Поминаа години. Знаевме дека Деко е во Италија, во Трст, но, не знаевме што работи, дали ќе имаме прилика повторно да се видиме. И, се случи. Бргу се рашири гласот дека Деко е во Скопје. Набргу го чувме на радио. Разбравме дека сето време бил во Трст и дека се занимава со нешто што никогаш порано не помислил – ја открил моќта на кристалите. Веќе беше јасно: Деко е дома – како што си ветил кога пристигнал во Трст. Оттогаш, почнавме почесто да го гледаме по медиумите и некако срамежливо и ненаметливо почнавме да го препознаваме по една друга приказна –  големиот вљубеник во „камчињата“ и човекот кој го откри и прв изрежа македонски рубин. Го препознаваат соседите, кои веќе биле возрасни за да одат на неговите концерти; го препознаваат нашите колеги кои никогаш не слушнале за „Клержо“, го препознава таксистот, кога случајно ќе го сретнеме во соседната лента од колоната возила застанати пред семафор. „Многу ми е интересно да го слушам кога зборува за камчињата, за кристалите“, ни рече еден, неодамна.

    Одиме на договорената средба, во дуќанчето со камчиња, во маалото кај Грчката амбасада. Ќе имаме ексклузивна прилика да видиме како се реже македонски рубин. Приказната почнува во Трст, во 1991 година, кога Деко – Дејан Шкартов, замина во Италија, натоварен во воз со велосипед, ранец и синтисајзер, барајќи подобра иднина, оставајќи ја зад себе Југославија, која штотуку беше почнала да се распаѓа. Војна на прагот. Време кога луѓето од неговата возраст беа носени на нечии туѓи фронтови, вовлекувани во туѓи војни. Решил да си ја проба среќата во Трст, кај тетка му. Поминале месеци, почнал да работи по нешто – да пазарува за болни пензионери.. – откако видел дека дошол во земја каде што не е созреан моментот за неговата музика. Набргу ќе прочита напис во весник. Во Бразил се бараат земјоделски инженери, токму како него –  високообразован овоштар. Набргу тропнал на вратата на Примо Ровис, славен кафе-магнат од Трст, почесниот конзул на Бразил.

    „Имавме куса средба. Зборувавме за војната во Југославија, кој сум, од каде сум. И самиот бил дете на војна, се доселил во Трст во времето на Втората светска војна. Рече дека идејата за Бразил не е толку добра како што изгледа на прв поглед. И негови роднини заминувале од Бразил. Не вети ништо, но, зема мој контакт“, ни раскажа Деко, додека ги гледавме првите зафати со машината врз камчето необработен рубин.

    Не поминало многу време. Повик од секретарката на г. Ровис. Да дојде на разговор. Имало некаква работа – требало да се уредува дворот на куќата на семејството Ровис. Ангажманот бил прилика да се запознаат подобро и, неколку пати му бил продолжуван. Во очите на семејството Ровис, Дејан е се’ повеќе бил работлив, благороден човек, на кој можат да се потпрат за многу работи. Токму тогаш ќе се случи пресврт.

    „Одеднаш, г. Ровис реши да го продаде бизнисот со кафе и да почне нешто ново. Нарача два контејнера со скапоцени камења, кои требаше да ги средиме, камче по камче. Така се роди љубовта кон кристалите“, се сеќава Деко.

    Во годините што ги поминал таму, работејќи како човек што се грижи за колекцијата Arte di Dio, научил многу за природните својства и терапевтското дејство на кристалите. Но, уште од почетокот, кога дошол во Трст, бил решен да се врати во Македонија.

    „Некако не ме сфаќаа сериозно кога реков – си одам дома. Дојдов, во 2001 година и, го отворивме дуќанчево. Решив да го пренесам овде искуството што го стекнав таму со кристалите“, се сеќава.

    Како што минувало времето во дуќанот, луѓето што доаѓале се’ почесто почнале да му повторуваат една идеја, на која на почетокот гледал со недоврерба: во Македонија, кај Прилеп има рубини. Му се чинело дека луѓето шират неосновани гласини за нешто што личи на рубин. Но, муабетот се повторувал се’ повеќе. Еден ден решил. Ги употребил познанствата од Италија, набавил машини, побарал совети – и почнал.

    Пред очите го гледавме тоа што некогаш звучело невозможно. Стоиме во работилницата исполнета со разнобојни камчиња, кристали со фасцинантни форми, со ѕидови излепени со влезници од концерти и слики од тапани „Премиер“ по кои мечтае Влатко – пријател од некогашните бендови, со кого денес Деко реже камчиња. Пред нас се режеше македонски рубин. По неколку минути, во рацете имавме рубин со форма на срце.

    „Македонскиот рубин денес е препознатлив и би можел да биде елитен дипломатски подарок од Македонија. Македонија доби свој национален скапоцен камен, какви што се жадот за Кина, или опалот за Австралија. Нашата идеја е сево ова, што го работиме сега во оваа мала работилница, еден ден да се работи на отворено, како туристичка атракција, каква што е фабриката за дијаманти во Амстердам“, ни рече Деко.

    Како промоција на македонскиот рубин, подароци од розевиот камен од Македонија добиле неколку важни луѓе од светот, како Папата Бенедикт 16, големиот индиски јоги Paramhans Swami Maheshwarananda – Swamiji и холивудската актерка Daryl Hannah и најкусиот актер на светот Варвик Дејвис.

    Во литературата што ни беше достапна, рубинот е опишан како „метафизички камен на љубовта и мудроста“. Низ историјата важел за кралски скапоцен камен, кој го носеле кралевите, кралиците и свештениците. Според Katrina Raphaell, еден од најеминентните кристалотерапевди во последните 20 години, македонскиот рубин е скапоцен камен кој има моќно исцелителско дејство врз енергетскиот центар на срцето. На тоа упатуваат и учењата на древната индиска ayurvedic medicine, според кои the pink gemstones поволно влијаат врз енергетскиот центар на срцето и го го урамнотежуваат протокот на енергија во него.

    „Кога тој центар е во баланс, човекот може да чувствува и дава повеќе љубов. Урамнотеженоста во чакрата Анахата прави човекот да биде и да остане човечен. Дали можеби таквото влијание на македонскиот рубин прави токму така не’ доживуваат луѓето што ја посетуваат нашата земја – како гостопримливи, полиглоти и ненасилни?“, гласно размислуваше Деко, додека разговаравме седнати на скалите пред неговото дуќанче.

    Дали и другите забележуваат колку е во Прилеп и Прилепско често необичното име Рубин, Рубинчо? Можеби ни денес не сме баш сигурни, но, овојпат имаме теорија.

    Текст и фотографии: Васко Марковски

  • Почувствувајте го дамарот на Широк Сокак

    Има најмалку сто причини да ја посетите Битола, а по заминувањето ќе имате уште сто причини повторно да се вратите. Сите белосветски народи кои крстосувале низ Балканот, оставиле нешто тука: брат, челад, орнамент, адет. А градот секогаш отворен, ги прифаќал и ги вклопувал во својот амбиент. За Битола да ве дофати, треба да тргнете низ кривулестите градски сокаци, да го слушнете џагорот на старата чаршија, да го почувствувате дамарот на Широк Сокак. Ако Саат кулата со продорните отчукувања ве враќа во реалноста, тогаш Хераклеја Линкестис под нозете ќе ви го распостеле минатото.

    Старата битолска чаршија, беше душата на градот, место каде се се создаваше и се се продаваше. Ударот на чеканите, звукот на машините, сјајот на срмата и сребрените нишки кои блескаат низ излозите. Денес, железните кепенци кои сеуште постојат, не ги кријат занаетчиските дуќани, туку некои нови, современи продавници. На времето му пркосат само уште неколкумина стари звончари, шапкари, ковачи, метлари, свеќари, локумџии и леблебиџии.

    Ако патот го продолжите кон битолски Широк Сокак, погледот прво ќе ви запре на импозантната Јени Џамија. Длабоко во темелите – црква, а високо кон небото – џамија. Изградена е во 1558 година и е една од највпчатливите и највредни градби во Битола. Петстотини години стариот објект, впил илјадници молитви, колку муслимански, толку христијански. Во внатрешноста на објектот, под темелите на џамијата се наоѓаат остатоци од три христијански цркви. Денес овој простор е современа галерија.

    На само педесетина метри од Јени Џамија, е црквата Св. Димитрија, која однадвор има едноставна камена градба. Изградена е во 1830 година, а и покрај сите желби да биде висока велелепна градба, турските закони не го дозволувале тоа. Затоа вкопувањето во земја бил најдобриот начин да се постигне саканата цел, а да не се прекрши законот. Била изградена за само четири месеци, со доброволни прилози на битолчани. Иако однадвор едноставен, богатството на овој храм ќе се распостеле кога ќе зачекорите во неговата внатрешност. Влезот во црквата за странските туристи чини 50 денари.

    Саат кулата е најрепрезентативниот споменик кој се идентификува со Битола. Висока 33 метри, доминира во просторот и низ него ја разлева музиката што ги отчукува часовите. Ико не е пронајдена документација за оваа градба, се знае дека Саат кулата е изградена во периодот на турското владеење, а неодминлива е приказната дека за врзување на градежниот материјал, биле употребени 60.000 јајца, собрани од домаќинствата во Битола и битолско.

    Широк Сокак е најпознатата улица во Битола, но и најголемата гордост на битолчани. Започнувајќи од Саат кулата, по најдолгата пешачка зона на Балканот, од левата и десната страна, ќе ве фасцинира старата градска архитектура  на оваа амбиентална улица. На Широк Сокак се наоѓаат речиси сите конзулати на странските држави, кои ги има 12 на број. Ако дојдете во Битола и не седнете во некое од кафулињата на Широк Сокак, велат, исто е како да одите во Венеција, а да не се возите во гондола.

    На крајот на Широк Сокак и почетокот на градското шеталиште ќе ве дочека грандиозен објект, зградата каде е сместен битолскиот Завод и музеј, или позната како Стара касарна. Изгадена е во 1848 година, како Воена гимназија – Идадија. Во 1900-та година оваа гимназија прераснала во Воена академија – Харабие. Тука се школувал кадетот Мустафа Кемал Ататурк, таткото на модерна Турција. Во негова чест, денес во Завод и музеј се наоѓа Спомен собата на Кемал Ататурк. Но, овој објект е вистинска ризиница каде се чува највредното културно-историско богатство на регионот. Постојаната археолошка поставка со илјадници експонати, Градската соба, како и бројните повремени изложби од различни области им даваат можност на посетителите да го почувствуваат духот на минатото. Завод и музеј Битола е отворен за посетители секој ден од 8 до 16 часот. Влезот за домашните посетители е 50 денари, а за странските 100 денари.

    Мистичен, раскошен, бисер на антиката. Вака археолозите го нарекуваат  античкиот локалитете Херкалеја Линкестис, градот кој во четвртиот век п.н.е. го основал македонскиот владетел Филип Втори Македонски. Секој  објект, секој камен, секој постамент во Херкалеја е обвиен со своја мистичност од хеленистичкото време и римскиот период, каде наизменично се среќаваат градби од едно или друго време, се издигаат столбови и се протегаат мозаици. Локалитетот е отворен  за посетители од април до октомври од 9 до 18 часот, а од ноември  до март од 9 до 16 часот. Влезот за домашните туристи е 50 денари, а за странците 100 денари.

    Приказната за Битола и битолско не завршува тука. Ако ви здодеа градската врева, сега е вистинско време да прошетате по некое камено, потпелистерско село, да се упатите кон многубројните манастири во околината, да возите велосипед во моликовите шуми на Пелистер, да ве опие пелистерскиот воздух и да се насладите со пелистерската вода. Приказната довршете ја  сами.

    Емилија Мисирлиевска

  • Вулканите на Македонија

    Можеби многу од истите места сте ги посетиле или би можеле да ги посетите во некој друг контекст – многу од нив ќе ви ги препорачаат како нешто што мора да се види во Македонија – но, се’ добива некаква поинаква смисла кога ќе ги нанижете на конецот на една друга приказна, на пример – геолошката. Имавме прилика да бидеме сведоци на првата специјална геолошка тура низ Македонија и доживеавме едно такво искуство.

    Многу пати сме слушале и сме го почувствувале сулфурното испарување на вулканот во охридското село Косел, за кое некогаш популарното југословенско списание „Политикин Забавник“, во рубриката „Дали сте знаеле дека..“, беше напишало дека таму се наоѓа единствениот жив вулкан на Балканот. Многу пати сме ги виделе и загадочните „вулкански капи“ лево од патот од Куманово накај Крива Паланка. Сме слушале и за „Кристалната пештера“ во Дебар, за која велат дека била многу голема, целата од кристали – „непроценливо национално богатство на Македонија“. Сме слушале и сме ја виделе „камената свадба“ во Куклица кај Кратово и сме чуле дека Кратово е подигнато врз капата на дамнешен вулкан. Но, на малкумина ни паднало на памет дека сите тие места, колку и да ни личеле меѓусебно неповрзани, сепак, на некој начин се поврзани.

    Имавме прилика да не’ поканат на патување кое ни го покажа тоа. Дојде покана, од Љупчо Јузмески, туристички водич од Охрид, одликуван со наградата „Најдобар промотор на Македонија“ за 2011 година. Рече: „Имам нешто ексклузивно: ‘Вулканите на Македонија’, специјална тура за геолози од Полска“, четири дена..“. Лесно не’ кандиса. Стоиме на договореното место, на првата бензинска станица кон Струга од Ќафасан, граничниот премин од Албанија кон Македонија. Набргу пред нас се појави автобусот, бел, со натписи „PKS Kamienna Góra“. Влегуваме, се запознаваме со луѓето кои ја водат групата на патување по геолошките атракции низ балканските земји и – тргнуваме. Пред нас се четири дена.

    Прв ден. Штотуку ја одминавме Струга. Неколкучасовното непланирано задржување на граничните премини од Црна Гора до Македонија налага да се бара план „Б“. Веќе е доцна попладне, ќе се задржиме само на знаменитостите и амбиентот на Охрид.  Се возиме веќе петнаесетина минути, а веќе чувме неколку точки од презентацијата на Љупчо: за настанокот на Охридското Езеро, за значењето на попатните топоими, за пештерска црква  и ранохристијанската базилика кај „Свети Еразмо“, за војничкиот контролен пункт на патот Виа Игнација – патот по кој се приближувавме кон Охрид.

    Не случајно, веднаш зад влезот во градот, скршнуваме низ уличките на првите маала: пред нас се редеа куќи и улички, дрвја и храмови, како живи сведоштва за културолошкото шаренило на градот. Одиме кон Горна Порта, логичниот почеток – влезот во градот, горниот. Љубопитноста на погледите и педантност да не се пропушти моментот.

    Се движиме по една стандардна рута, но, имаме добра прилика да ја надградиме претставата што ја имаме секое од местата. Антички театар – место на кои настапиле врвни светски уметници, толку многу, што можеше да се издвојат барем три-четворица што имаат полско потекло. Самуилова тврдина – патување низ историјата на градот и на Македонија; најдобрата позиција за панорамски фотографии.

    Плаошник.. Панонска мисија, Велика Моравија, Свети Кирил и Методиј.. нешто што не’ прави блиски со Полјаците.. Светиклиментов универзитет, ранохристијански базилики, мозаици.. фотографирање, панорама на градот, „златен час“, зајдисонце.

    Веќе ни е јасно – гостите се папсани од патување. Отпаѓа идејата за  поглед кон градот од кајчиња, за пловење со брод до хотелот, во Свети Стефан. Продолжуваме кон Света Софија и Сараиште, кон куќата на Робевци и Плоштадот Свети Наум, кај пристаништето. Таму, на крајот на кејот, не’ чекаше автобусот.

    Втор ден. Утро. 9:00. Најчесто користениот топоним кога треба со некого да се најдете во Охрид , „ Минимаркет“. Љупчо е веќе таму, во секој миг треба да пристигне и Јордан Коцевски, асистент на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид. Јордан ќе го презентира вулканот во Косел. Пристигнуваат.

    „Dzień dobry!“.. Тргнуваме. До Косел имаме дваесетина минути возење, тамам колку да се прашаме какво било сместувањето, да го провериме планот за денот и да забележиме дека веќе сме сите посвежи, одморени, и љубопитни. Мирисот на расипани јајца – на сулфур, најави дека сме блиску. Од патот кој го дели селото на половина, до вулканот има пет минути одење.

    Тогаш се случи првото изненадување. Ни пријде човек кого го препознавме од претходниот ден. Кажа дека од името на гостите, би сакал да му врачи еден подарок на новинарот кој ќе патува со нив. Беше навистина убав гест на пријателство: промотивни материјали на Националниот геолошки институт на Полска, календар на геолошкиот саем што секоја година го приредуваат во градот Кјелце, од кој доаѓаат повеќето од нив, и неколку камчиња шаркаст кремен, камен со кој изобилува Полска. За Косел сме слушале и сме читале многу, но ова одење беше прилика да се почувствува една непозната радост – прашањата од луѓе чија струка е тоа што го гледаат и љубопитноста со која земаа камчиња за спомен.

    Миг за подарок од полските геолози за Љупчо. Следна етапа: Заливот на коските – со „Музејот на вода“ и римскиот каструм и Свети Наум – манастирот и подводните „гејзери“ од кои извира Езерото.

    Реакциите беа очигледни. „Музејот на вода“ ги маѓепса – со патувањето низ времето, и анимирањето на Љупчо кој преку игра им го долови животот на дамнешните земјаци.

    Во Свети Наум, сакаа да зачуваат што повеќе од спомените – и од манастирот, и од „прекрасниот пејзаж“ кај изворите. Апаратите не престанаа. До следното утро: „ Czas wolny.“. Слободно попладне и фудбал: Полска-Грција.

    Трет ден. Утрото најавува жестоки температури. Фудбалот завршил нерешено, 1-1, но, македонското пиво се погодило. Тргнуваме накај Дебар. Возбудата е обострана – денеска ќе ја видиме „Кристалната пештера“. Љупчо почнува со приказната за загревање – Струга. Само што ја одминавме – го имаше неговиот брилијантен момент. Штотуку навлеговме во долината на Црн Дрим, почна приказната за јагулата, час на македонски, час по некој збор на полски, испреплетена со приказната за печалбарството, својствено за крајот низ којшто поминувавме. „Струга.. старо име: Енхалон – јагула..“. (Дозволете ми да се изразам во прво лице): Сум слушал дека е вешт во тоа што го работи, но ова беше врвен „storytelling“. Полската вотка, со која повремено не’ нудеа новите пријатели, само ги подотвори чакрите! Стекнав уште еден херој!

    10:45. Ѕвони телефонот на Љупчо. Беше лесно да се свати дека е „Рефик“, човекот што ќе не’ води во пештерата, да провери – германски педантно, работи во германска фирма, „Кнауф“ – дали е се’ в ред, дали ќе бидеме точно во 11:00 на договореното место. Речено – сторено.

    Веднаш зад Рајчица, не’ чекаше Рефик Имами, рударски инженер, раководител на јамата „Кристална пештера“.                 Возбудата беше очигледна уште кога се приближивме кај масата со шлемовите, кај портирницата. И гостите веќе отприлика знаеа  што да очекуваат. „Среќно!“

    Го следиме снопот светлина со кој г. Рефик ги осветлува нештата што сака да ни ги покаже. Секој со својата љубопитност. „Чистината на кристалот е 99,99 отсто.. тоа е поради термоминералните води со кои изобилува дебарскиот крај..“.. тваква чистота на кристалот имало само во Мексико.. нема потреба од потпорни греди и ѕидови.. до толку кристалите биле испреплетени меѓусебно.. просторот изобилува со калциум сулфат.. веќе не ископуваат од „кристалната палата“, гипс вадат од површински копови во околината..

    Kомпанијата „Кнауф“ има интересни визии за местото.. би сакале просторот да го претворат во ексклузивна концертна сала. На места го почувствувавме истиот мирис како мирисот кај вулканот во Косел. Се сетивме на еден разговор со еден повозрасен жител на Косел.. од повозрасните слушал дека кога реагира вулканот во Косел, реагирале и бањите во Дебар – засилено мирисало на сулфур  и тука, и таму.

    Излегуваме со насмевки. Камчиња од пештерата за нашите возачи, Андржеј и Дарек. Одиме накај Дебарски бањи – најлековитите термоминерални води во Европа, трети во светот – како што ќе дознаеме подоцна. Оттаму – во „Свети Јован – Бигорски“ – воодушевени од иконостасот.

    До Скопје – пеколни горештини. Скопје. Миг да се „фати кривина“ – „Се гледаме во ресторанот, на македонската вечер“. По неколку часа пауза, повторно сме во истото друштво. Го разгледале Скопје, се сместиле во хотелот, масите во „Македонска куќа“ се наместени со македонски јадења. Набргу следува изненадувањето – презентација на скапоцениот камен од Македонија – македонскиот рубин – и прилика да го запознаат Деан Шкартов – Деко, човекот кој го откри и прв го изрежа. Задоволство на масите, љубопитност околу витрината со рубини и весели Полјаци како играат македонско оро! Уште еднаш, положивме!

    Четврти ден, последен. Тргнуваме накај Костоперска карпа, една од  вулканските капи на патот од Куманово накај Кратово и Крива Паланка. Кај Младо Нагоричане ќе не’ чека Стевче Доневски, основач на Центарот за карпеста уметност во Кратово, собирач и презентер на културно-историски факти и преданија за Кратово и околината. Глетката од карпата е величествена. Карпата – уште еден предизвик за геолозите. Одиме накај Куклица, да ги видиме „скаменетите сватови“, а оттаму накај Кратово, градот изграден врз некогашен вулкан, кој и ден-денес на три места испушта гасови. Прашања, прашања, прашања. Се’ што видовме беше предизвик и загатка за геолозите. А крајот беше спектакуларен.

    Пречек со гајда, презентација на Кратово во сенката на 650 години старите кратовски борови и финале со кратовско домашно вино и ракија, во подрумот на Стевче.

    Ја користиме последната прилика да прашаме за впечатоците. Со какво искуство ќе замине од Македонија, го прашавме Јан Ковалски, геолог, чија специјалист е рударството, човекот од кого го примивме подарокот во Косел.

    „Мислам дека Македонија е многу убава земја. Има многу интересни нешта кои може да се посетат и да се видат, но мислам дека е потребна инфраструктура за сето тоа да им се приближи на туристите, да се подобри сигнализацијата на тоа што може да се види. Мислам дека е добро да се направи семинар или симпозиум и Институтот од Кјелце со радост би помогнал. Сево ова вреди да се види и ќе им го препорачам и на други геолози да го видат“, ни рече Ковалски.

    До местото на нашата разделба, Куманово – побаравме оценка за турата од Андржеј Сјекјерски, сопственикот на туристичката агенција.

    „Поголемиот дел од луѓето со кои патувавме, патуваат со нашата агенција веќе30 години. Од многуте патувања, знам што е тоа што ги интересира и решив да им предложам една геолошка тура низ балканските земји. Се обратив на еден мој соработник од Црна Гора, тој го организираше делот за Црна Гора и Хрватска и тој не’ поврза со Љупчо. Според нивните реакции додека патувавме, гледам дека од Македонија се задоволни и оваа тура ќе ја понудам и на другите геолошки заедници во Полска. Се надевам дека наскоро повторно ќе бидеме во Македонија“.

    Запираме кај автобуската станица во Куманово. Од автобусот одеднаш екна песна – весела, на полски. Зборовите не ни беа целосно јасни, но пораката беше лесно да се насети: „До видување, пријатели!“. Последниот гест беше на Дарек: лименка полско пиво, „ Tyskie“. What a wonderful world!

    Текст и фотографии: Васко Марковски

    Спонзорирано од ФОТО-ТРАНСАКТА, бул. К.Ј.Питу 19-5/56, 1000 Скопје,

    тел. 02 / 2462 859, 070 / 80 85 87, e-mail: fototransakta@t-home.mk

  • Време е за џез во Истанбул

    Време е за џез во Истанбул. Од 3-ти до 19-ти јули градот на Босфорот ќе пулсира во ритамот на џезот. На 20 локации ќе се одржат педесетина концерти, на кои ќе настапт 300 музичари од целиот свет.

    Ѕвезди на годинешниот Истанбул џез фестивал ќе бидат еден од најдобрите пијанисти во светот Кит Џарет, кој ќе настапи во придружба на Гери Пикок на бас-гитара и Џек деЏонет на тапани, потоа кралицата на неосоулот Ерика Баду и англискиот пејач и поет Морисеј. Еден од концертите кој се очекува да привлече најголемо внимание е “Проектот Истанбул“ на Маркус Милер и пријателите, на кој заедно ќе музицираат истакнати турски музичари и познати светски џезери. Наградата за животно дело годинава ќе му биде доделена на Нешет Руаџан, пред се заради промовирање на турската џез музика.

    Истанбул џез фестивал се одржува по 19-ти пат, а организатор е Фондацијата за култура и уметност Истанбул, која во текот на годината организира голем број културни настани во најголемиот град во Турција. Џез фестивалот секој година привлекува по 50.000 посетители, а во изминатите изданија публиката имала можност да ги чуе легендарните џез музичари Алди Меола, Херби Хенкок, Чик Корија, но и музички имиња како Ерик Клептон, Стинг, Ник Кејв и Елвис Костело.

    Билети за концертите на Истанбул џез фестивал може да се набават на интернет сајтот: www.biletix.com, а доколку сакате да дознаете нешто повеќе за фестивалот одете на: http://caz.iksv.org/en.

     

  • Пеливаните од Едрене се борат 650 години

    На почетокот на месец јули, градот Едрене во Турција го преплавуваат странци носени од желбата да станат сведоци на историјата. Градот кој едно време бил главен во Отоманската Империја и во денешно време има настан кој привлекува внимание.  Почнувајќи од 1362 година, во овој мал град на северозападот на земјата се одржува традиционалниот турнир за пеливанско борење.

    Настанот е од големо значење за локалното население, бидејќи токму ова натпреварување се смета за најстар спортски турнир во светот кој се одржува секоја година од основањето, без престан.

    ” Борење во масло ” е името кое го носи овој спорт во западните земји. ” Pehlivan ” – борач е коренот на името пеливанство во Турција, па оттаму и кај нас. За да се биде вистински пеливан, не е доволно само да се биде добар борец. Предуслов е кандидатот да е ценета личност во заедницата од која доаѓа. Да се докажал како чесен човек, со високи морални вредности и скромност. Одредено време да помине како ученик, чирак кај големиот мајстор на спортот во тој регион. Дури потоа  може да се каже дека е достоен да оди по “ патот на пеливаните “.

    Самите борби се вистински спектакл. Поради маслиновото масло со кое пред почетокот на борбата целосно се премачкуваат, ривалите имаат голем проблем да го фатат противникот. Оттука доаѓа и тактиката “ раце на панталони “. Притоа, борецот го држи противникот за кратките панталони, се обидува да го измести од рамнотежа и турне, по што следи церемонијален победнички танц.

    Организаторите на турнирот во Едирне сепак како почетна година за турнирот ја сметаат 1362. Легендата вели дека војниците на Отоманската Империја кои патувале низ тој крај организале турнир помеѓу себе со цел да се разонодат. Во финалето се пласирале двајцата најсилни воини, кои својата борба ја започнале на пладне. Кога паднал мрак, војниците повеќе не можеле да ја гледаат борбата па отишле да спијат. Кога осамнало утрото, ги пронашле двајцата пеливани мртви, се уште испреплетени во борба до последниот миг. Ги закопале под блиската смоква, но цутот на пеливанското борење допрва доаѓал. Набргу ги зафаќа повеќето азиски земји, а и денес се одржуваат традиционални турнири во Албанија, Бугарија, Кипар, Иран, но еден од најзначајните секако е оној во Амстердам. Од 1999 допинг контролата е составен дел и од овој спорт.

    Постои иницијатива од неколку сојузи пеливанството да стане дел од олимписките игри, а барањето се темели на фактот што обичното борење е “ потомок “ на овој спорт, па оттаму е логично и пеливанстото да биде дел од олимписките дисциплини. Времето ќе покаже дали тоа ќе се оствари, но овој спорт и без тоа ги плени љубителите на боречките спортови, а сигурно така ќе биде и годинава во Едирне.

    ” TrawelShop Turkey ” и оваа година организира превоз и сместување за сите заинтересирани. Нивната понуда вклучува авионски превоз, хотелско сместување, превоз до локацијата на турнирот и назад, рент а кар, дневни тури до Истанбул и останато. Цените се разликуваат во зависност од аранжманот кој ќе го изберете.  ” On the go Tours ” исто така има интересна понуда. За сума од 249 долари добивате приватен лет од главниот град до Едрене и назад, туристички водич, ручек во градот и карта за влез на борбите. Речиси секоја туристичка агенција од Турција во својата програма вклучува и аранжман кој се однесува на турнирот. На вас е само да размислите која најмногу ви одговара, да донесете одлука и да се препуштите на уживањето кое со себе го носи патот во Турција и присуството на најстариот спортски турнир во светот.

    А.Н.