Author: Balkon3

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: ПОИНАКВА ПЕРЦЕПЦИЈА – ПОДЕЛЕНИОТ ГРАД

    ДА ТИ НАЦРТАМ: ПОИНАКВА ПЕРЦЕПЦИЈА – ПОДЕЛЕНИОТ ГРАД

    Ова е приказна од секојдневието. Ја напишавме со причина.

    Во еден град живееле многу луѓе. Тие не биле исти. Поточно, воопшто не биле еднакви. На прв поглед имало две групи. На едната страна биле луѓето што имале се што ќе посакаат, а на другата луѓето што го имале тоа што им треба, но не го добивале тоа што го сакаат.

    Посебните луѓе живееле во високите згради во центарот или во големите куќи на ридот. Обичните луѓе живееле во квартовите околу нив. Секој ден тие можеле да гледаат како живеат посебните и колку повеќе нешта им се овозможени.

    Гледале како на посебните им е дозволен влез во секој ресторан, кафуле или ноќен клуб, како вратите широко им се отвораат уште пред да се приближат до местото. Гледале како тие можат да отпатуваат во секоја држава. Не само што не морале да размислуваат за трошоците, туку немале проблеми ниту со визите или со други документи. Гледале и како тие можат да учат во секое училиште или факултет, дури и ако не се целосно подготвени за тоа.

    Но само гледале. Тоа било далеку од нив. Во ноќниот клуб за нив се кревала раката на вратарот, кој ретко ги пуштал внатре. За да отпатуваат некаде требало да пополнат многу документи, да платат многу пари, без да знаат дали ќе бидат вратени од амбасадата или од границата. За да се запишат на факултет или да добијат работа, морале да се борат со петмина кандидати за едно место.

    На обичните ова воопшто не им било пријатно. Пред нив постои свет кој можеле само да го гледаат. Им требало многу труд и мака за да бидат дел од него, и тоа само на кратко. Се чувствувале исклучено.

    За сето тоа време, некои стоеле отстрана и ги набљудувале обичните луѓе. Секој ден можеле да гледаат колку повеќе нешта им се овозможени на нив. Нешта што им биле недостапни на овие набљудувачи.

    Гледале како обичните можеле да одат во продавница и да си го купат тоа што им треба. Гледале и со која леснотија тие влегувале во која било институција за да ги земат своите лични документи или други документи што им требале. Гледале како обичните, додека се деца, можеле да одат во кое било училиште и да посетуваат настава.

    Но само гледале. Тоа било далеку од нив. Тие не се чувствувале, туку биле исклучени. Продавниците освен што биле непристапни за нив, тие залудно би влегле внатре зашто не можеле да заработуваат и не можеле да го купат ниту тоа што им треба. Понекогаш и личните документи им биле недостапни поради бирократски пречки, а без документите можеле да бидат само невидливи, фантоми. За нив имало едно училиште и немале друг избор.

    Тука не завршува приказната, бидејќи ова е секојдневие. Тоа се менува, но тешко и бавно. Животот на луѓето од различните социјално ранливи категории е полн со толку многу предизвици што на обичниот човек му се тешко замисливи. Без разлика за кои категории станува збор – лицата со попреченост, лицата во социјален ризик, луѓето без документи, без дом, со мала или без никаква системска заштита.

    Тие мораат да вложат многу труд и мака за да го добијат она што повеќето други го земаат здраво за готово. Но тие не се стигнале самите таму каде што се – во најзафрлените ќошиња на градот. Постепено биле потиснати таму во борбата да се добие што повеќе, во која не можеле да учествуваат.

    Затоа е одговорност на сите е да не гледаат само на едната страна, туку да го свртат погледот и кон другата. Да направат колку што можат за да ги вклучат исклучените, не само со директна помош, туку и со подобрување на системот. Бидејќи и на маргините има потенцијали кои ако се остварат, ќе биде подобро за сите.

    Катерина Спасовска Трпковска

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: ПОИНАКВА ПЕРЦЕПЦИЈА – ЧУДНИТЕ ЕТИКЕТИ

    ДА ТИ НАЦРТАМ: ПОИНАКВА ПЕРЦЕПЦИЈА – ЧУДНИТЕ ЕТИКЕТИ

    Ова е приказна без смисла. Ја измисливме со причина.

    Луѓето во една земја развиле невообичаена навика. Почнале да се распознаваат меѓу себе единствено според нештата што ги прават различни од другите. Според нешто на нив што е несекојдневно, необично, чудно. Нешто што може да се залепи како етикета.

    Па така Гого почнале да го викаат Гого со големиот нос, Нана станала Нана со бушавата коса, а тука биле и Тио со кривите очила, Бобо со дебелите прсти, Ниа со долгиот врат и другите. Сите различни и сите препознаени само по разликите.

    Оваа навика толку многу се проширила што по некое време дури и личните имиња станале непотребни. Луѓето кога разговарале едни за други зборувале за тој со ретката брада, таа со долгиот мал прст, тој со накривеното лево уво. Дури и ако немало некоја физичка особеност што можела да се види, се наоѓала некоја поинаква. Па во дружината се придружиле и таа што гласно зборува, тој што нема смисла за хумор, таа што е постојано нерасположена, тој што оди многу брзо, и многу други.

    По неколку години, отпаднале и заменките. Сега во земјата ги имало само густите веѓи, долгите раце, длабокиот глас, брзозборецот, сериозниот. Се станало многу чудно. Како луѓето да ги снемало и да останале само нивните различности. Нивните карактеристики што ги правеле поинакви од другите како да станале целиот нивни идентитет. Но бидејќи се се одвивало постепено, луѓето воопшто не обрнувале внимание на тоа. Им било нормално. Не ни забележиле колку голема станала промената.

    Толку многу се нормализирало препознавањето на луѓето според нивните разлики, што институциите дури почнале да им издаваат лични документи со такви називи. Лична карта за краткото стапало, пасош за белата коса, здравствена книшка за смешниот. Луѓето ги земале своите документи и се препознавале во нив, а ги препознавале и другите.

    Еден ден својата лична карта ја чекал човекот со жолти мустаќи. Седел во чекалницата и на разгласот слушнал – „жолти мустаќи на шалтер број 7, ве молам“. Станал и малку се збунил. Зарем тоа е тој? Зарем тоа е се што е тој? Одеднаш извикал – „јас не сум само моите мустаќи, јас сум комплетна личност“! Одеднаш настанала штама. Сите го погледнале. Како да отворил нов хоризонт. Прво им бил чуден, но потоа виделе дека бил во право.

    Кратко време потоа чудната навика ја снемало. Повторно се се вратило по старо. Личните имиња се вратиле во употреба, а луѓето се гледале едни други како комплетни личности. Не само како носители на некоја невообичаена карактеристика.

    Тука завршува измислениот дел од приказната.  Вака изгледа секојдневието на голем број луѓе со попреченост, кај кои прво ја гледаме попреченоста, а потоа човекот. Вака изгледаат лицата кај кои прво се препознаваат пречките во развојот или други специфични состојби, секоја со свој медицински назив. Сите тие се комплетни личности. Со свои имиња, со припадност кон семејството и пошироката заедница, со свои желби, интереси, размислувања, со сите карактеристики што ја дефинираат секоја личност.

    Зарем заслужиле да бидат гледани како поинакви само затоа што имаат некоја карактеристика различна од другите? Секако дека не заслужиле. Затоа нивните состојби треба да се гледаат само како состојби, а не како нешто што ја дефинира целата личност.

    Катерина Спасовска Трпковска

  • Балкон3 ве носи во Пула на Dimensions Festival 2019!

    Балкон3 ве носи во Пула на Dimensions Festival 2019!

    Balkon3.com ве носи на еден од најатрактивните фестивали на електронска музика во Европа – Dimensions Festival 2019! Прекрасна плажа, грандиозна тврдина и одлична музика се комбинација од соништата за крајот на летото.

    Се што треба да направите за да добиете две карти за овој фестивал кој се одржува од 29 август до 1 септември на една неверојатна локација во близината на Пула, Хрватска, е да одговорите на двете прашања и одговорите да ги пратите на: info@localhost/balkon3-multisite

    1. Во која тврдина се одржува Dimensions?
    2. Кое по ред е годинешното издание на Dimensions?

    На еден среќен добитник ќе му доделиме две блок-карти за сите четири дена од фестивалот за да може со уште еден партнер или пријател да ужива на Истарското крајбрежје.

    Праќајте ги вашите одговори со име и презиме на info@localhost/balkon3-multisite и чекајте ја објавата на 15 август. Среќно!

  • NESCAFÉ 3in1 ГИ УНАПРЕДИ УСЛОВИТЕ ЗА РАБОТА ВО БИБЛИOТЕКАТА НА ФИЛОЗОФСКИОТ ФАКУЛТЕТ ВО СКОПЈЕ

    NESCAFÉ 3in1 ГИ УНАПРЕДИ УСЛОВИТЕ ЗА РАБОТА ВО БИБЛИOТЕКАТА НА ФИЛОЗОФСКИОТ ФАКУЛТЕТ ВО СКОПЈЕ

    Библиотеката на Филозофскиот факултет во Скопје е опремена со нови компјутери, мебел и друга модерна опрема која ја донираше компанијата Nestlé која во рамки на кампањата NESCAFÉ 3in1 „Start Smart“ во текот на претходните месеци собираше средства за овој важен проект. За оваа цел, Nestlé во текот на кампањата која почна во февруари одвојуваше средства од продажбата на секој NESCAFÉ 3in1 и NESCAFÉ 2in1 производ, а новата опрема е на располагање за користење на сите заинтересирани студенти.

    „Nestlé е свесна дека подобрувањето на квалитетот на живот и создавањето усоешни заедници почнува со образованието и затоа вложуваме големи напори да помогнеме во развојот на студентите во целиот регион“, истакна Ивана Лес, регионална бренд менаџерка на NESCAFÉ 3in1, по повод врачувањето на компјутерите на билиотеката. Сметаме дека приватниот сектор треба да им помогне мна младите луѓе кои трагаат по нови вештини и образование. Оваа акција е само една од бројните кои Nestlé ги спроведува со цел да ги унапреди условите во релевантните институции“, додаде таа.

    Компјутерите, масите и столчињата се поставени во библиотеката на факултетот, а во план е, во насока со трендовите ма дигитализација, наскоро со помош на нив да се овозможи пристап до дигитализираната литература на библиотеката, за таа да биде уште подостапна за корисниците. Од библиотеката велат дека условите за учење, истражување, благодарение на оваа акција значително ќе се подобрат, а студентите и професорите ќе добијат ново катче за натамошен професионален развој.

    Студентите кои ја користат библиотеката се многу задоволни со новата опрема која ни стана остапна благодарение на компанијата Nestlé и брендот NESCAFÉ 3in1“, вели деканот на Филозофскиот факултет проф. др. Ратко Дуев.Благодарни сме што компанијата ја препозна важноста да се помогне во развојот на образованието и сигурни сме дека овој потег ќе го унапреди квалитетот на школувањето на многу млади луѓе и генерации што доаѓаат“, заклучува Дуев.

    Студентните и другите корисници на библиотеката, новите компјутери можат да ги користат за истражување, пишување трудови и други секојдневни обврски во текот на студирањето. Исто така, модернизираниот библиотекарски простор е погоден и за заеднички активности, организирање презентации, едукација и други студентски собирања.

  • Да ти нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – Очите и лицето на општината

    Да ти нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – Очите и лицето на општината

    Локалната самоуправа е најнепосредната власт до граѓаните.

    Но што ако таа стане уште полокална?

    Во Кавадарци е воведен проектот „Мој општинар“.

    Општината е поделена на реони и секој си има матичен општински службеник.

     

    Ласко Кузманов има своја територија. Има улици што треба да ги помине, места што треба да ги посети и луѓе со кои треба да разговара. И една јасна задача.

    Приближување на самите граѓани до општна и до решавање на самите проблеми кои ги имаат граѓаните.

    Тој е еден од кавадаречките општинари чие работно место е отворениот простор. Заедно со колегите од локалниот проект „Мој општинар“ се задолжени да бидат очите и ушите на општината пред граѓаните, и обратно.

    Ова се луѓето што не чекаат решенија, туку ги бараат. Не креваат раце, туку ги засукуваат ракавите. Познати им се и пречките, и неуспесите, и тешките услови. Се борат со бирократски лавиринти, недоречени закони, партиски притисоци, приватни интереси. И не се откажуваат. Тие се носителите на промени.

    Сите локални власти одат на терен, повеќе или помалку. Кавадарци не е исклучок. Разликата е што тука тоа не се прави по потреба, туку системски.

    Општината е поделена на десет реони. Ги покриваат осум општинари. Секој е задолжен за еден, или за најмногу два реона. Тие треба секој ден да направат обиколка и да проверат – дали е чисто, дали тревата е искосена, дали зеленилото е уредено, дали има оштетени клупи или лулашки, дали треба да се бојадисаат пешачките премини, дали работат уличните светилки, дали стојат сообраќајните знаци. За се што не се гледа со голо око, треба да разговараат со граѓаните – за инфраструктурата, за имотно-правните односи, за нивните права и обврски.

    Мобилните телефони и мејл адресите на општинарите се објавени, и тие се постојано достапни.

    Иако јасно им се исцртани границите на реоните, за да ги исполнат задачите мораат да работат како тим.

    И никој не може да се ослободи од товарот и да рече „не е до него“.

    „Ние самите како колеги си ги поделуваме обврските меѓусебно, значи кога некој од колегите значи не е во моментот на работа или отсутен е сами меѓу себе си помагаме без разлика кој на кој терен сме дали терен број 9 или терен број 1 на територијата на општината“.

    Дали проектот е успешен се гледа од тоа што не може да се види: ѓубре, оштетувања и запуштени простори. Но како може извршувањето на основните функции на локалната власт да се смета за некаков успех? Само ако во државата неисполнувањето на овие должности е многу почесто, а исполнувањето е по исклучок. Во Кавадарци едноставно сфатиле дека кога е потребно да се повеќе труд, се вложува повеќе труд.

     Мој општинар многу е посветена и на животната средина, значи зачувување и унапредување на животната средина. Значи за 2019 година имаме предвидено околу 30 илјади метри квадратни подигање и обнова на нови зелени површини и нивно хортикултурно уредување“.

    Мој општинар не служи само за чистење улици, туку и за непосредна демократија. Она што се нарекува „учество на граѓаните во креирањето политики“ тука се спроведува преку матичните општинари. Тие собираат информации за се што треба да се направи, и ги преточуваат во општински документи.

    Самата комунална програма што ја донесовме за изградба во 2019 за Општина Кавадарци ја донесе токму проектот Мој општинар заедно во соработка со самите граѓани, на лице место, на терен од каде беа извлечени сите најнеопходни барања за да се остварат нивните барања и остварувања за да можат да живеат поубаво, почисто во оваа наша Општина Кавадарци“.

    Се е убаво и чисто во Кавадарци. Се додека круговите на Мој Воздух не станат црвени,  а околината сива

    Општинарите знаат дека ова е многу поголем предизвик од одржувањето на хигиената.

    „Кавадарци нема зелен катастер, има една невладина организација која што за скоро време треба да го заврши и зелениот катастер. Се надеваме и дека како Мој општинар веќе разговараме и со градоначалникот и со колегите да спроведеме катастер на загадувачи, исто така направивме план и програма за заштита на амбиенталниот воздух. Сакам да го направиме тој стратешки документ, а потоа да влијаеме и за негова реализација“.

    Теренските општинари претходно биле административни работници. За подобра и поубава општина требало да станат од столчињата.

    Сега со овој проект сме повеќе од времето надвор од канцеларија и за мене лично верувам и за другите колеги е подобро“.

    Самите се задоволни кога успешно ќе ја завршат работата.

    Направивме едно зеленило на 12 деца тоа е едно излетничко место близу Кавадарци, кое уште од мали нозе ние како деца пораснавме таму, тоа беше едно излетничко место кое уште од мали бевме таму, а сега се обнови, се прошири се направи баш, баш убаво“.

    Но кога сте лицето на општината пред граѓаните, ваша задача е да ги примите и критиките и незадоволствата.

    Најмногу се соочуваме со имотно-правни проблеми и најмногу се соочуваме со проблеми од типот на земјиште, експропријација, нетрпеливост на граѓаните, самите проекти, самото озеленување е процес кој трае два до три месеци затоа што станува збор за поголеми површини, а треба да се има многу фази за подигнување на самото зеленило, пример од чистење на самото место, до местење систем капка по капка за наводнување, до посејување и до партерно уредување на самиот простор. Проблемот е тоа што некогаш луѓето се нетрпеливи да се среди сето тоа“.

    „Има и непријатен дел од нашата работа затоа што ние сме постојано на терен, треба да ги пријавуваме и самите дивоградби, треба да одиме на дефекти кога се навлегува на приватен имот“.

    Општинарите не можат да поправат онолку колку што несовесните граѓани можат да растурат.

    Но ако тие се навикнат просторот да им биде уреден, и самите ќе се грижат за него.

    Затоа и општинарите велат – работата на теренот ќе вреди само ако се работи и на свеста.

    Катерина Спасовска Трпковска

  • Да ти нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – Чуварот на минатото

    Да ти нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – Чуварот на минатото

    Заштитата на културното наследство е една од проблематичните области во земјава.

    Нема ниту доволно пари, ниту соодветни услови.

    Личното залагање на поединци спасува многу предмети да не бидат загубени.

    И многу приказни од минатото да не бидат заборавени.

    Кога кустосот не може да отиде во музеј, музејот ќе дојде кај кустосот. Ова е животната приказна на Драган Величковски од Крива Паланка. Како дипломиран етнолог, не знаел што да прави во град што нема установа за таков кадар. Одговорот го нашол далеку од Паланка, далеку и од Скопје, во малото место Самоков, на семинар со професор од Словенија.

    Кога ме праша од каде си, од таму, па има ли Музеј таму во Крива Паланка, јас му кажав нема, па еве ти работа да основаш Музеј и да си добиеш вработување на некој начин“.

    Музејот во Крива Паланка е еден од само два градски музеи во целата земја, кои не се основани од државата, туку од локалната самоуправа. И покрај многуте предизвици, работи успешно повеќе од една деценија.

    Ова се луѓето што не чекаат решенија, туку ги бараат. Не креваат раце, туку ги засукуваат ракавите. Познати им се и пречките, и неуспесите, и тешките услови. Се борат со бирократски лавиринти, недоречени закони, партиски притисоци, приватни интереси. И не се откажуваат. Тие се носителите на промени.

    Ретко кој има можност да го оживее своето детство. Уште повеќе – тоа да му биде професионален ангажман.

    Драган вложил дел од старите семејни предмети во музејот. Тоа го направиле и други паланчани.

    „Јас израснав во градот Крива Паланка и тогаш се раснеше повеќе со повозрасните, односно се раснеше со баби и дедовци и во тие градски куќи јас на некој начин го мирисав сето тоа што значи дух и традиција на градот. И бидејќи во мојата генерација тоа веќе изумираше на некој начин сакав да го претставам на идните генерации, на моите деца, на нашите внуци. Поголем дел од градската поставка која што е тука ставена е впрочем една реплика на тој градски живот што јас сум го видел со моите детски очи, сите тие детали, финеси кои ги гледате тука, од варосувањето на просториите, до деталите на мебел , до деталите на мусандрите и на другите мебелни форми“.

    Основањето локален музеј е сложен процес. Прво треба да се убедат градоначалникот и советот да ја поддржат иницијативата и да донесат одлука. Потоа да се најде зграда која ќе има изложбен простор, депоа и други услови. Следно – да се направи збирка од експонати која што ќе биде одобрена и валоризирана од Министерството. Треба да се најдат и стручни лица што ќе можат да одговорат на задачите. И секако – требаат пари за се што е нацртано да стане реалност.

    Но ако општината ги донела актите, а донаторите ги дале парите, работата на Драган била лесна, нели? Само за тие што не биле во неговата кожа.

    „Бараше жртвување на целото приватно време, на целото слободно време, пишување на огромен дел број на апликации до различни донатори кои што во најголем дел беа неуспешни на некој начин, односно не бевме препознаени од страна на донаторите, можеби во тој првичен период и немавме искуство, па правевме грешки најчесто. Меѓутоа ете подоцна дел од тие апликации беа успешни, можеби 10 проценти од нив беа успешни, но имавме среќа што тие поголемите беа успешни“.

    Го заокруживме тој концепт кој ние на некој начин  го запишавме, го сонувавме, меѓутоа многу тешко беше да го оствариме бидејќи пред се се работи за финансиски срдства и се работи за поддршка од повеќе релевантни органи“.

    Националните установи се редовно финансирани од државата, а другите мора да се борат за проекти. За директорот, законите се дискриминаторски во овој дел. Сепак, тие полека успеваат да привлечат и домашно финансирање.

    Порано Паланка била полна со староградски куќи. Малку од нив останале денес.

    Со посебна изложба на скици и цртежи, музејот ја оживува исчезнатата архитектура.

    Ова се мошне значајни цртежи… престојувале во Крива Паланка и Кривопаланечко“.

    Да се биде директор на музејот во Крива Паланка не значи само да се седи на фотелјата во канцеларијата и да се кројат политики. Тоа значи и да се отвори сувенирницата кога ќе дојдат посетители, да им се покажат поставките, а кога е потребно, и да се засукаат ракавите.

    Ние сме или јас сум човек кој што сака да бидам детално вклучен во тие изведбени работи особено кога се монтираат поставките, така што заедно со моите соработници, а јас како лидер учествував во поставувањето на сите овие детали кои што ги гледате тука особено во тој градежен, монтерски и презентационен дел. Значи сите овие фотографии, телевизори, одредени амбиенти се поставени од наши раце и не се срамиме од работа, секојпат работиме максимално до крај, во рамките на своите сили и токму затоа ова така сите поставки и целиот Музеј изгледа концепциски добар, но и детално добар, добро разработен и презентиран, токму затоа што ние се ангажираме лично“.

    Ова е реплика од актот за основање на Крива Паланка напишан на камена плоча. Тоа е еден од ретките градови во земјава што си ја знае точната година на основање.

    Во 1633 година Бајрам Паша тука ја подигнал тврдината Егри Дере. Денес од неа е останат само еден ѕид.

    Сардисан од приватни и од државни имоти.

    „И покрај тоа што е прогласен за споменик на културата сепак гледате дека од многу страни е девастиран при што многу тешко е пристапен, а дури и многу тешко може да се изврши некаква негова поголема популаризација и презентација заради тоа што е недостапен од објекти“.

    Но за Драган Величковски, ништо не е недостижно кога е во прашање зачувувањето на кривопаланечката историја.

    Катерина Спасовска Трпковска

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – ДОМАЌИН ВО ЖИВОТИНСКОТО ЦАРСТВО

    ДА ТИ НАЦРТАМ: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – ДОМАЌИН ВО ЖИВОТИНСКОТО ЦАРСТВО

    Многумина посакуваат државно вработување. Но ретко кој го замислува вака.

    Само луѓето што го следат својот сон. Можат максимално да се вложат во секоја работа.

    Нема кој не го знае Војо Иванов. Или – Војо со животните. Човекот кој на најзабавен начин им го доближуваше природниот свет на луѓето, сега има нова мисија. Да го направи човечкиот свет попријатен за животните.

    Вие можете да бидете конекција помеѓу животното и публиката, да ја припитомите по дивата публика во овој случај, ама и во другиот дивата природа да ја доближите кон публикава, да направите една флуид, една конекција, да бидете месинџер помеѓу јазикот на животните и публиката која не знае можеби  толку да го толкува ова“.

    Во современите зоолошки градини има еден принцип. Жителите се главни, и мора да им се пружат најдобрите можни услови.

    Ова се луѓето што не чекаат решенија, туку ги бараат. Не креваат раце, туку ги засукуваат ракавите. Познати им се и пречките, и неуспесите, и тешките услови. Се борат со бирократски лавиринти, недоречени закони, партиски притисоци, приватни интереси. И не се откажуваат. Тие се носителите на промени.

    „Ова не е само приказна за животните. Ниту за љубителите на животни. Сегашната приказна за Војо Иванов е пример како некој што станал добар во својата работа се вклучува во јавниот сектор и пробува да ги подобри работите таму. Да ги претвори зборовите во дела. Војо бил предизвикан и одговорил на предизвикот“.

    После едно мое телевизиско интервју во кое што бев ајде да речам провоциран и прашан токму на темата што сметам за Зоолошката дека е подобро и дали нов директор кој што доаѓа од тотално друга бранша и профил е паметно нешто за Зоолошката веројатно тоа го иницираше и тој да направи промена од системот во кој што веројатно Зоолошката беше заглавена, а тоа е да ме вклучи и мене бидејќи често пати со претходните директори сум имал соработка но никогаш не била таа докрај завршена бидејќи секогаш сум оној што секогаш за нешто мрчи и се расправа“.

    После ете добри 20 години прв пат сум внатре за да пробаме заеднички пак ќе речам со луѓето од внатре да пробаме да пробаме да смениме некои системи и навики во кој што верувам дека голем дел од луѓето овде се заглавени“

    Од лани Војо работи за скопската зоолошка градина. Како животно што ќе се најде во непозната средина, така и тој морал да се соочи со многу необични појави од другата страна на оградата.

    Секојдневно наидувате на бариери, на некакви блокатори, па зошто тоа, па кој си ти, па тука 90 години така, 20 сум јас овде, зошто баш сега тоа е така“.

    Но како човек што доаѓа од приватниот сектор, и како активист, знае дека секој има одговорност кон некого. Трговецот кон купувачите, големата компанија кон клиентите, а јавната установа кон граѓаните.

    „Во моментов ние располагаме со Јавно претпријатие, ЈП Зоолошка градина Скопје. Ние одговараме кон јавноста, парите кои што ги добиваме се од граѓаните. Затоа многу често велам тие треба да бидат тие кои што ќе бараат од нас. Тие ќе треба да си го побаарат гласот нели, тие треба да бидат многу попроактивни од она кое што го имавме. Среќа некако во последниве години со социјалните мрежи се повеќе луѓе се ослободија за да го кренат својот глас, за да го кажат“.

    Порано зоолошките се правеле од бетон, за полесно да се чистат. Старата бетонска градина во Скопје беше пред затворање поради лошите услови.

    Наместо тоа, целосно се реновираше според новите стандарди – да личи на природна средина.

    Денес таа е кандидат за членство во ЕАЗА – Европската асоцијација на зоо-градини и аквариуми.

    Но уште многу услови треба да се исполнат, а деталите се многу поважни од големата слика.

    Ние имаме живеалиште за шимпанза, во нашата близнина сега кај што снимаме , и последниот пат еве менторот од ЕАЗА конкретно за шимпанза замерката му беше дека недостасуваат доволно, нема доволно дрвени греди внатре. Исега живеалиште кое чини реална сума на илјадници евра тој наоѓа замерка нели дрвени греди. Зошто? Заради тоа што нема животното доволно место за да се движи нели  и вели на тој начин ќе му овозможите многу подобар простор“.

    Дури и кога работите однадвор изгледаат убаво, идилично, внатре секогаш има нешта што треба да се подобрат.

    Сега веќе треба да имаме конкретна стратегија каде и што со органскиот отпад, енорганскиот отпад од посетителите, голем дел од објектите немаа енергетска ефикасност, мали детали треба да се изменат, направат за да заштедат енергија. Иако е Јавна установа, нели во текнува државно е нема нека гори. Не не може да гори“.

    Скопската зоолошка се простира на 13 хектари. Во неа живеат околу 400 животни од над 70 различни видови. Во најдобрите денови во неа доаѓаат и по 15.000 посетители. Тоа е како по еден човек на секои осум квадрати. Потребен е голем ангажман за тоа да не се претвори во хаос и во големо вознемирување за животните.

    А најмногу работа има онаму каде што не се гледа – во позадина. Во организацијата, навиките, процедурите и меѓусебните односи. Тоа е главната задача на Војо – да создаде домашна атмосфера во домот на животните.

    Ако влезето во Зоолошката и ако сте постојан посетител мислам дека и нема да приметите некоја голема разлика, веројатно физички работите се сите на истото место. Е сега мислам дека во моментов имаме една состојба каде ние пробуваме да креираме малку љубов внатре за да можеме таа љубов понатаму да ја дадеме и на животните.

    Вие сте тие што правите ден, ноќ, оф, он, вие сте тие што носите храна, нешто што во природата не постои нели. Вие сте еден вид леилузионист за животното во овој случај, а во исто време треба да, ако сте во Македонија, треба да се справувате и со публика, да објасните на нејзе, да пробате да ја едуцирате, да ја опоменете, при тоа да влијаете едукативно на децата, да се грижите за хигиената, но и за добросостојбата на животните и не е едноставна работа, ќе речам, но веројатно тоа е најголемата замерка која во моментов ја добиваме“.

    Зоолошката е дел од градот, дел од заедницата

    Затоа секој треба да помага, да волонтира во неа

    Војо Иванов работи со средните училишта да ги поттикне учениците да се вклучат

    Вели – секој што барем еднаш помогнал, ја чувствува градината како своја.

    Катерина Спасовска  Трпковска

  • Да ти нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – АКЦИЈАШИ ХЕРОИ

    Да ти нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – АКЦИЈАШИ ХЕРОИ

    Нечистотијата во земјава станува легендарна, а борбата со неа митска.

    Како Сизиф, кој постојано го туркал каменот нагоре, и тој постојано се тркалал назад.

    Има граѓани на двете страни од тој мит.

    Некои го собираат и го изнесуваат ѓубрето, други ги полнат дивите депонии.

    Кога некој ќе види колку е тешко да се чисти, веќе нема да му текне да прави ѓубре. Затоа најдобриот начин да се зајакне свеста за околината е акцијата.

    Секој наш член, акцијаш или бар некој што учествувал бар еднаш, кога ќе му дојде во раце парче хартија, ќеса било каква да е ќе ја чува до првата канта, контејнер, корпа било што ќе ја фрли таму“.

    Кумановските акцијаши потекнуваат од времето на големите работни акции. Кога немало одмор додека траела обновата. Се одржале и и продолжуваат да работат и во времето на социјалните мрежи. Кога секој треба да го исполни својот „челинџ“.

    На најстарото дрво во паркот друштво му прават стотина фиданки засадени од акцијашите.

    Најмладиот член на Кумановски акцијаши е мојата внука која има само 20 месеци, така да генерациски си оди тоа. Татко ми беше активиста, јас сум, син ми, внуката сега исто“.

    Јусуф Љатифи, познат како Јуско, ги предводи кумановските акцијаши. Движењето во Куманово постои седум децении, а Јуско е со нив речиси пет.

    Јас сум активен од 1970 година, значи од својата 8 година, кога станав извидник и практично од таа своја 8 година вљубеник во животната средина, во природата, во шумите и еве во континуитет непрекинато 49 години сум активен и ако ме послужи здравјето ќе бидам се уште“.

    Нивната цел е да го поттикнат активното граѓанство. Наместо граѓаните да се жалат, да преземат акција и да ги решат проблемите. Пред се непосредните, како јавната хигиена. Тоа во никој случај не значи дека јавните претпријатија треба да не си ја вршат работата и да им ја препуштат на граѓаните.

    Ние не се мешаме во работата на Јавното претпријатие, таа си има програма и си работи по програмата. Нашата работа е иницирање и секако промовирање на доброволната волонтерска работа, а не преземање на обврски од Јавното претпријатие“.

    Трештаг предизвикот (#trashtag challenge) е светски тренд

    Луѓе собираат ѓубре расфрлано во природа и прават фотографии „пред“ и „потоа“

    Социјалните мрежи поттикнуваат голем број акции за чистење на јавните простори

    Искусните акцијаши велат – натерајте ги јавните претпријатија да соработуваат

    Ако немате соработка со локалната власт да ве поддржи во она што сакате да го направите сите тие активности преку социјални мрежи имаат некоја добра страна, меѓутоа не дефинирано до крај“.

    Секој македонски граѓанин создава по околу 400 килограми отпад годишно. Три четвртини од нив, или околу 300 килограми, собираат комуналните претпријатија. Една четвртина, или сто килограми по човек, завршуваат покрај патиштата, на ливадите, во реките, во природата. Повеќето легални депонии се само заградени ѓубришта. Камионите таму го растовараат ѓубрето, а потоа ветрот го разнесува. Резултат – земјата е целосно покриена со отпад. Оваа состојба може да се реши само со многу работа и со многу акции. За жал, Јуско забележал тие имаат и негативен ефект.

    На секој чекор депонии има, мали, големи, и ако ја исчистите таа депонија денес утре на тоа исто место ќе никне уште поголема депонија. Одат на она лоша мисла дека ете некој ќе дојде ќе го исчисти, можам да фрлам тука. Меѓутоа не е тоа така. Го исчистивме речното корито кај кејот каде што заедно со Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“  изнесовме 100 тона смет.  И што се случи? Наместо да ја сочуваме реката исчистена, за само три дена состојбата беше иста, значи пак има смет, пак се фрла. Е сега кој фрла? Сите!“

    Не може овакој! Одма да га исчистите!

    Акцијаштвото не служи само за чистење. Акцијашите пошумуваат, помагаат во изградба на јавни објекти, реагираат за спасување од катастрофи.Има работна бригада од четириесетина луѓе. Одат на акции во странство и пречекуваат акцијаши од други земји. Помагале по поплавата во Краљево, а потоа заедно со краљевските акцијаши помагале по поплавата во Скопје.

    Најголемиот проект во моментов им е обновата на спомен-костурницата, еден од најважните симболи на градот.

    Проектот е за целосна ревитализација, значи обнова на зеленилото комплетно од нискожбунести до дрвја, изградба на нови патеки за шетање и рекреација. На самото плато долу е предвидена овај амфитеатар за културни збиднувања, во долниот дел паркинг со спортски терени и да се обноват долните скали кои се чисто рекреативни и секако комплетната инфраструктура тука во смисла на вода, струја итн“.

    Но не секогаш граѓанските акции добиваат брз и ефикасен одговор од институциите.

    Проектот е направен меѓутоа чекаме погодно време кога надлежните екипи на Министерството за култура ќе извршат проценка и мерење на самото место и да ни прецизираат кои работи ние можеме самостојно да ги завршиме, а кои не“.

     Во 2016 имало 57 акции за чистење на паркот околу костурницата. Во 2017 имало 51, а во 2018 дури 72.

    Но коските на народните херои и на стотиците загинати партизани и натаму се опкружени со отпадоци.

    А некои посетители мислат дека наместо борците, тие треба да остават спомен на местото.

    Очигледно, на акцијашката работа не и се ближи крајот.

    Катерина Спасовска Трпковска

  • Да Ти Нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – Деинституционализаторот

    Да Ти Нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – Деинституционализаторот

    Деинституционализација. Тежок збор и уште потежок процес. Чекор кон подобар живот на најранливите групи.

    Еден студент во 1990-тите се вклучил во НВО за да им помага на овие групи.

    Дваесет години подоцна државата го ангажира како експерт за да ја помогне деинституционализацијата.

    Секој си го поставува прашањето во какво општество сака да живее и за кои вредности да се залага. Ретко кој го нашол одговорот правејќи планови за годишниот одмор. Владимир Лазовски планирал три месеци да се занимава со инклузија на исфрлените, за да го дополни буџетот за летување. Но планот се сменил.

    Се најдов во средина која што баш промовира една демократичност, инклузивност, толеранција и ми даде некаква потврда да си помислам ..аха, па добро е…еве има и други..ми дадоа чувство на припадност“.

    Искуството од МЦМС, Отворете ги прозорците и други организации сега го пренесува во тимот на Министерството за труд и социјална политика што работи на деинституционализацијата.

    Ова се луѓето што не чекаат решенија, туку ги бараат. Не креваат раце, туку ги засукуваат ракавите. Познати им се и пречките, и неуспесите, и тешките услови. Се борат со бирократски лавиринти, недоречени закони, партиски притисоци, приватни интереси. И не се откажуваат. Тие се носителите на промени.

    Што е најголемата маана на овој начин на згрижување. Изолираноста! Сегрегацијата од општеството. Установите , по дефиниција, тоа во теорија го имаме, значат изолација на луѓето за кои се грижите од заедницата, од средината во која што живееле.Тие не добиваат поддршка, во својата природна средина, во своето природно опркужување, туку напросто се преселени, преместени, во една, би рекол, прилично безлична установа“.

    Деинституционализација. Де – институцио – нализација.

    Теоретски – нешто што се решавало преку установа, да се реши на поинаков начин.

    Во пракса – преместување на луѓето згрижени во големи социјални установи во мали групни домови.

    Во средината каде што луѓето живеат. Во земјава има околу 2.400 луѓе во 16 институции.

    Треба да се распределат во групни домови, дневни центри и други непосредни установи да се распределат во домови од по 5-6 луѓе.

    Знаете, во установата луѓето немаат право на избор, немаат право да донесат основни одлуки во својот живот. Има редослед на кога треба да се стане, кога треба да се јаде, се знае менито за секој ден во неделата, многу често е ограничено и движењето надвор од установата“.

    Институциите имаат строги правила, дневен распоред, време за јадење, спиење, хигиена, без многу избор и слобода. И некој треба да живее така само затоа што е различен. Тоа е особено неповолно за децата. Затоа приоритет е да се преместат децата до три години, па другите деца, па возрасните, но плановите се прават паралелно. Малку треба за да се види голема позитивна промена.

    „Гледате еден поинаков сјај, поинаков израз на лицата, гледате деца! Кога се во институција, имам барем јас лично чувство дека пред да го видите детето, ја гледате попреченоста. Тоа е многу битна разлика“.

    Уште подобри се промените кај оние што одамна биле деинституционализирани. Пред 10 години околу 60 лица ја напуштиле Демир Капија и отишле во групни домови. И тогаш Влатко Лазовски бил дел од проектот. Се уште ги сретнува првите осуммина што ги преселил во Скопје.

    „И кога ќе ги видам колку на убаво се промениле, како просто функционираат и се движат во градот и дел од нив имаат некакви работни ангажмани, за жал не се вработени вака, ама, ми е многу, многу драго“.

    Корисник преселен пред 10 години го прашал Владимир: Дали се уште ја чуваш убавата кола?

    „Јас никогаш не сум имал убава кола, можеби била службена“

    „Не не, убавата кола што ме возеше кога си одев од Демир Капија“.

    „Колата беше лада од моите родители. И тогаш разбирам дека целиот тој чин веројатно, значењето на тој чин придонело да му се види колата убава или не знам“.

    Деинституционализацијата нема само убави приказни. Таа е голема промена и потенцијално голем стрес и за корисниците, и за вработените, но и за новата околина. Случајот со селото Тимјаник го покажа тоа. Тој е еден од многуте примери што на Лазовски му покажале дека општеството треба да ја надминесвојата попреченост за прифаќање на различностите.

    „Најголемата фрустрација на некој начин и најголемата мака во работата е кога се соочувам или ги гледам од прва рака предрасудите што ги имаме во општеството“.

    Мал групен дом во Неготино. Сместени се пет деца, кои добиваат 24-часовна грижа. Исто како во домашни услови. Имаат свое катче, свои предмети, свој живот.

    Луѓето од ранливите групи треба да добијат услови какви што заслужува секој човек. И тоа не е само хуманост или алтруизам, туку стандард кој ако се постави, ќе биде корисен за сите. Од една многу едноставна, но често заборавена причина.

    „Групите на оние кои се изоставени се менлива работа. И менлива… И во животот може да западнеме во некоја од тие групи кои се исклучени. Еве на пример, каков е односот на општеството кон постари, кон повозрасни лица“.

    Поради тоа, не треба да се променат само условите, туку и сфаќањата.

    Често вака во јавноста па и во приватни разговори може да чуете луѓе кои ќе речат – да, ние  сме многу солидарно општество, и ете донираме по телефони за вкави акции такви акции. Прашањето како се грижиме за ранливите групи луѓе, не е прашање на милосрдие. Ние како општество мораме тоа да го решиме системски. Тоа е прашање на права. Тоа е баш одговор на прашањето во какво општество живееме и во какво општество сакаме да живееме“.

    Деинституционализацијата е сложен процес.

    Бара многу труд и вложувања.

    Кога ќе се спроведе, треба да се одржува.

    Затоа борбата за правата на штитениците никогаш не може да запре.

    И не смее да ги исклучи оние што најдобро ја познаваат проблематиката.

    Катерина Спасовска Трпковска

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – НАСТАВНИКОТ ВО ВОЈНА ПРОТИВ ВОЈНИТЕ

    ДА ТИ НАЦРТАМ: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – НАСТАВНИКОТ ВО ВОЈНА ПРОТИВ ВОЈНИТЕ

    Во учебниците се учи за многу војни. Но недоволно се учи против војните. Еден наставник по англиски јазик сака да го смени тоа.

    Кога училницата е празна, учителот не престанува да работи.

    „Војната не е статистика, војната е страдање. Секоја друга претстава е илузија и верувам дека е измама на реалност“.

    Влатко Секулоски со споредба меѓу англиските и македонските учебници открива какви промени треба да се направат за напредок на целото општество.

    Кога се учи еден јазик, не се изучуваат само зборовите. Се учи еден цел начин на живот и на размислување. Концептите кои тие ги претставуваат на граѓани кои дејствуваат. За разлика од овие примери во учебниците кои се од македонски издавачи концептот на дејствувачки граѓанин целосно изостанува“.

    Наставникот не учи – активниот граѓанин е пред се индивидуалец. Пасивниот е дел од колектив.

    „Во британскиот учебник имате неколку индивидуи кои зборуваат за кого навиваат или која им е омилена храна, без разлика на нивното етничко потекло или бојата на кожата. Во македонскиот учебник, во Македонија живеат етникуми како Македонци, Албанци, Турци или Роми, а претставени се преку облеката која ја носеле нашите прабаби во 19 век“.

    Влатко Секулоски си поставил мисија. Бара примери во учебниците. Ги споредува едни со други. Собира аргументи за поинаква културна политика во образованието.

    Секулоски е од Прилеп, и предава англиски во училиште во Долнени. Еднаш присуствувал на часот по македонски, каде што ја работеле песната „Заплакало Мариово за Ѓорѓи Сугаре“.

    „Песната е народна и е пишувана под емоционален набој, тука не може ништо да се смени, но како денешниот автор, во кој контекст ја става таа песна? Во една прилика наставничката ги праша „што биле Параловци“, и децата како од хор извикаа „шпиони“. Значи дали може да се обработува таа песна без граѓанска перспектива? Дали може а да не праша авторот на учебникот дали е во ред едно цело село да се окарактеризира по карактеристиката на неколку луѓе“.

    Напишаното во учебниците за децата се пресликува и во животот на возрасните. Наставникот го покажува тоа со примери.  Пример број еден: објава за климатските промени – малку реакции. Објава за националните прашања – бројни реакции. Пример број два: освојувачите се лоши, освен ако се – наши.

    Неспорно е дека Александар е дел од културата на овие простори. Но дали на него може да гледаме како на позитивен лик знаејќи дека тој одел на туѓа територија, освојувал туѓи територии и од сиот тој процес загинале многу луѓе. За жал не можеме да најдеме писма од неговите војници како што има писма од војниците во Првата светска војна. Но сепак треба да се запрашаме во кој контекст го разгледуваме. За жал таквите, таквата дилема недостасува во учебниците“.

    Учебници со сеприсутна војна. Цареви, војсководци, војници. Мажи, мажи, мажи со оружје.

    „Тоа што овдека изостанува е животот на луѓето во тоа време, изостануваат ужасите на војната. Не, не, чекај нешто друго ни треба, посуштински. Има една перспектива одозгора, дека загинале толку и толку милиони цивили, но изостанува описот на страдањата на одредени индивидуи. На пример зошто немаме тука пример од дневникот на Ана Франк, или зошто немаме пример од писмата во рововите од Првата светска војна, кои најдобро би ни доловиле што значи самата војна?“

    Има ли друг начин? Има, го имаме и кај нас. Војна на ѕвездите? Не, мир во светот.

    Она што е интересно и добро кај овој споменик е што е апстрактен. Со тоа тој ја велича борбата за слобода без да го глорифицира насилството. Многу е важно кога ја пренесуваме историјата на идните генерации да го величаме мирот, а никако да не го величаме насилството“.

    Наставникот Секулоски продолжува да собира примери од училишните материјали.Планира во соработка со граѓански организации да бара промени во начинот на кој се прикажуваат или се толкуваат одредени појави во учебниците. Но кога учебникот ќе дојде пред наставниците, тие можат само да го предаваат напишаното. Процесот на подготовка на учебниците е далеку од нив.

    „Овие рамки се тесни за да можат да произведат еден квалитетен учебник. Мислам дека процесот на создавање учебници мора да биде многу повеќе отворен, да не мора да се чека конкурс и повик за да може одредена група автори да состави учебник“.

    Рационално гледање на историјата: Споменик на германски злосторства во Германија. Оспорен споменик на колонист во Холандија. Секулоски вели – едностраното гледање на минатото создава национализам. Дури и несвесно.

    Катерина Спасовска Трпковска