Author: Balkon3

  • Да ти нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – Образувачот на личноста

    Професор Ристо Чулев: Образувачот на личноста

    Тајната на успешното образование е часот да биде пријатно поминато време. А не само наметната обврска за учениците. За тоа се потребни системски подобрувања. Но и просветен кадар што ќе ја донесе промената. Кога образовниот модел вели – запамети го напишаното, повтори го и добиј оценка, останува на просветните работници да кажат – научи, разбери, надгради се. Целта на модерното образование е да се развијат нивните вештини и способности од типот на креативно мислење, критичко мислење, решавање проблеми.

    Луѓето како професорот Чулев имаат еден сон – образование во кое ученикот го има централното место. Образование чија цел е да создава личности. „Ова е мојот сон. Кога започнав да работам идеал ми беше да имам медијатека како професор. Сто и кусур филмови имав за воспитно-образовни цели и мав идеја да воведам видео лектира. Имам и други книги, наставни помагала. Сонот се уште не ми е остварен ама јас не се откажувам да го реализирам“. Една позната изрека за велосипедот вели – за да одржиш рамнотежа мораш постојано да се движиш напред. За професорот Чулев ова важи буквално додека да стигне во училиштето, и метафорички кога ќе влезе на настава. Како и велосипедот, и образованието не може да застане. Мора да оди напред, барајќи рамнотежа меѓу стекнатите знаења и животните потреби.

    „Цел ми е да создадам личност. Како го постигнувам тоа? Со тоа што им давам апсолутна слобода на говор, на мисла, на чувство и на тој начин значи. Проблемски постапуваме кон секој проблем и заедно разговараме за тој проблем. Откако ќе ги исцрпиме сите одговори донесуваме заклучоци.

    Ристо Чулев предава етика и филозофија во СУГС Георги Димитров во Скопје. Предмети кои му овозможуваат да го открива карактерот на учениците и да им пристапи непосредно. Тој смета дека таквиот пристап е можен кај сите предмети. Веќе изучил 17 генерации и е сигурен во тоа. Нивните лични потреби и интереси ги усогласувам со целите и задачите на наставните програми. И што? Секој одговор, секое точно знаење, секоја дефиниција, секоја идеја, секоја вредност мора да најде практична примена во нивниот живот о во нивното научно работење. Не знам дали е новитет тоа емоционално учење, емоционална писменост. Јас ги комбинирам сите овие теории за образование и за воспитание како едно, како подлога за современото, модерно образование. Просветните работници како Ристо Чулев ги креираат своите методи со кои отскокнуваат од стандардното предавање на дадениот материјал. Но тие не ги измислуваат од ништо. Се обидуваат во нив да ги вметнат придобивките од целиот историски развој на образованието и науката. Пребаруваат низ времето и низ просторот, барајќи знаења и методи што ќе им помогнат да го постигнат најдобриот баланс меѓу наставната програма и развојот на ученикот како личност.

    Така, работата на многу научници и школи нашла примена на часовите што ги одржува професорот Чулев. Гешталтова психолошка теорија, основана на Универзитетот во Берлин во 1893 година. Ги истражува закономерностите на стекнувањето знаење. Абрахам Маслов, американски психолог од 20 век. Познат како креаторот на хиерархијата на потребите. Лев Виготцки, советски психолог од првата половина на 20 век. Ја истражувал т.н. културно-историска психологија. „Метод со кој што постигнувам успеси е методот на Виготцки, се разбира преку игра. Што значи преку игра во воспитно-образовниот контекст . Значи нема точен или неточен одговор кога истражуваме некој проблем туку има само свесен или несвесен одговор. И она што е следно за надредено учење според Виготцки, трите круга на Виготцки. Едниот круг оно суштинскиот што знае самото дете, што може самото дете да постигне, вториот круг е колку резултати може да постигне со мене како ментор, како педагог, како професор и третиот круг е што не може да научи.

    Се што е дел од животот треба да биде и дел од образованието. Тоа е мотото според кое се води професорот Чулев кога ги развива своите идеи и практики за да постигне подобар ефект кај учениците. А дел од животот се и музиката, филмовите, книгите, како и практичните знаења и професионалните интереси. Градењето личности преку образованието мора да ги поврзе сите елементи. „Воведување на практично решавање на проблемите, емоционална писменост, видео лектири, потоа избор за професионална ориентација во четврта година ако има таков предмет значи сето знаење што децата го знаат ќе можат да го применат на најдобар можен начин, ќе ја освестат својата личност и ќе ги освестат своите чувства, значи они се носители на нивната најголема надеж, нивната иднина, нивниот живот. Како што самиот вели – квалитетното образование е второто име за среќа.

    Катерина Спасовска-Трпковска

  • Вонредно собрание Конфиденс

    Вонредно собрание Конфиденс

    Почитувани,

    Здружение за промоција и унапредување на културните вредности КОНФИДЕНС Скопје согласно член 15 од Статутот од 03.02.2019 година, преку застапникот на Здружението Чекеровски Дарко  го свикува вонредното собрание кое ќе  се одржи на ден 12.04.2019 година со почеток во 12,00 часот во седиштето на Здружението на ул.Сава Ковачевиќ бр.43/1-25, Скопје.

    За работа на Собранието се предлага следниот

    ДНЕВЕН РЕД:

    1. Промена на Застапник на Здружение за промоција и унапредување на културните вредности КОНФИДЕНС Скопје

    2. Ажурирање на Статутот

    3.Разно

    Согласно член 17 од Статутот на Здружението, поканата во електронска форма се доставува до основачите Дарко Чекеровски, Мери Чекеровска, Златко Шумковски, Мирко Трајановски, Горан Момировски и член за здружението Илиевски Никола и со објава на веб страната на Здружението, во прилог со Статутот на Здружение за промоција и унапредување на културните вредности КОНФИДЕНС Скопје од 03.02.2019 година.

    Ве замолуваме за ваше присуство и активно учество на Собранието.

      Со почит,

    Дарко Чекеровски

    070 327 230

  • ДА ТИ НАЦРТАМ: „ПОЛИТИЧКИ РАСИПАН ГРАМОФОН“

    ДА ТИ НАЦРТАМ: „ПОЛИТИЧКИ РАСИПАН ГРАМОФОН“

    Да бидеме на чисто: ниедна влада не може да ги исполни очекувањата на граѓаните. Особено во земја која или стоела во место, или се тркалала надолу. Таму луѓето не се задоволуваат ако се искачат за едно скалило погоре. Тоа нема ни да го почувствуваат како промена. Тие сакаат да прескокнат планини и да прелетаат долини. Тоа не е луда желба, туку толку се оддалечени од пристојниот живот.

    Што најлесно прелетува преку планини и долини? Балонот, секако. Затоа политичарите ги надувуваат своите ветувања толку многу, што тие потоа не можат да се исполнат, а граѓаните остануваат разочарани. Затоа политичкиот мандат често се сведува на менаџмент со разочарувањето, односно како да се убедат луѓето дека треба да бидат задоволни и со тоа што го добиле.

    Меѓу најчесто користените техники за менаџмент на разочарувањето е една логична замка што се вика лажна дихотомија. Звучи сложено, но е многу едноставно. Има два чекора. Првиот е да се убедат луѓето дека изборот им е сведен на само две можности од кои треба да одберат една. Вториот е да се убедат дека другата е полоша.

    Партијата што ја има власта ќе рече дека ја разбира разочараноста, но дека ако не ја водат тие државата, ќе дојдат другите, кои се многу полоши, па затоа луѓето треба да се помират со нивниот избор. Во првите две или три години од власта, оправдувањето може да биде дека другата партија толку многу ја уназадила државата, што не може да се очекува значително подобрување преку ноќ. Или преку 730 ноќи, колку што има во две години.

    Но тоа е поубавата верзија на приказната. Таа подразбира дека политичарите се трудат најдобро што можат да ги исполнат очекувањата од нив, но не успеваат, па затоа си бараат оправдување. Полошата верзија е кога тие математички прецизно пресметуваат колку биле лоши нивните противници и си поставуваат граница до каде може да го тестираат трпението на граѓаните.

    Ако на скалата на лошотилакот од 1 до 10 противникот ја има десетката, тие ќе си ја постават границата на 9,86 и ќе внимаваат да не ја преминат таа линија за секогаш да можат да кажат – другите се полоши. Така смислено се обидуваат да бидат помалото зло.

    Како завршува тоа? Незадоволни дека некој ги тера да се помират со помало зло, граѓаните одговараат на менаџментот на незадоволството со метод што се вика пукање на филмот. И отворено се спротивставуваат. Веќе не им е гајле дали другата партија е полоша, само сакаат да сменат нешто.

    Новата партија знае дека дошла на власт поради пукањето на филмот од другите, па така тие стануваат „подобрите“ или „помалото зло“, а другите стануваат „баба рога“ со која се плашат луѓето за да не бараат промени. Се додека и од нив не пукне филмот.

    Легендата вели дека некои политичари, кога ќе виделе дека веќе не им поминува филмот, барале помош од бајачка. Но бајачката се претворала во диџеј, а кристалната топка во грамофонска плоча што постојано ја вртела истата песна. Така се прави политички расипан грамофон.

  • ПОМОШ ЗА УСОВРШУВАЊЕ НА МЛАДИТЕ: ОДРЖАНА NESCAFÉ 3IN1 START SMART TALK ДИСКУСИЈА

    ПОМОШ ЗА УСОВРШУВАЊЕ НА МЛАДИТЕ: ОДРЖАНА NESCAFÉ 3IN1 START SMART TALK ДИСКУСИЈА

    На Филозофскиот факултет во Скопје се одржа панел дискусија за односот на дигитализацијата и социјализацијата, NESCAFÉ 3in1Start Smart Talk, со која е најавен и почетокот на кампањата NESCAFÉ 3in1 „Start smart”, во тек на која компанијата Nestlé ќе собира средства за опремување на библиотеката на овој факултет. Експерти, претставници на компанијата и студенти во оваа прилика разговараа на теми како менувањето на процесот на социјализација во дигиталното време, за добрите и лошите страни на дигитализацијата, но и за потребите на вложување на приватниот сектор во поддршка на образованието.

    Марија Дракулевска Чукалевска, раководител на Институтот за социологија на Филозофскиот факултет, истакна дека младите имаат нов начин на дружење, но дека активната социјализација и натаму е актуелна. „Кога зборуваме за нови технологии во образованието, нив треба да ги искористиме како канал за пренос на образовни елементи“, вели проф др Дракулевска Чукалевска, додавајќи дека кон тоа помагаат и акциите како оваа на NESCAFÉ 3in1 „Start smart”.

    Регионалната сениор бренд менаџерка на NESCAFÉ, Ивана Лес, нагласи дека приватниот сектор треба да помогне на младите луѓе кои се во потрага на вештини и едукација, а дека еден од начините за тоа е подобрување на условите во релевантните институции:

    Вложуваме големи напори да помогнеме во развојот на студентите во целиот регион. На овој начин, со подобрување на условите во установите, со донирање на опрема која на студентите им е потребна за усоврѓување, се трудиме да дадеме придонес како кон нивниот професионален развој, така и во дружењето и опуштањето, кое исто така е важно“, истакна Лес за време на панел дискусијата. Додаде дека Nestlé како меѓународна компанија има одговорност да помогне на младите да им се обезбеди адекватно образование.

     

  • Тврдината „Пунта Кристо“ се простува од Дименжнс

    Тврдината „Пунта Кристо“ се простува од Дименжнс

    Кога Австроунгарската империја ја изградила тврдината „Пунта Кристо“ пред 150 години, очекувањата биле дека најсилниот звук во неа ќе доаѓа од пукањето на топовите што ќе го бранат најважното воено пристаниште на Јадранот, градот Пула, од непријателите што ќе се обиделе да го освојат. Во изминативе седум години сосема различни и многу помирољубиви звуци се одбиваа од нејзините ѕидови и доаѓаа од озвучувањето на еден од најреномираните европски фестивали на електронската музика – „Дименжнс“.

    Но годинава и оваа армија ќе се повлече од стратешката позиција на ридот на 45 метри над морето. Утврдувањето за последен пат ќе биде домаќин на одбраното друштво љубители на електронската музика кои ќе дојдат на годинешното издание на „Дименжнс“.

    Уште една спектакуларна древна локација ќе биде местото каде на 28 август ќе стартува осмиот по ред „Дименжнс“ – прочуениот амфитеатар „Арена“ во Пула. Стара околу 2.000 години, „Арена“ е единствениот римски амфитеатар кај кој целосно е зачувана оригиналната архитектура, од 200 такви објекти во светот. Сосема соодветно на моментот, човекот кој ќе ја има честа да го отвори фестивалот ќе биде никој друг туку легендата на електронската музика, „Волшебникот“, Џеф Милс.

    Него ќе го придружува еден од највозбудливите тапанари на минатиот век, Тони Ален, водачот на бендот на култниот африкански пејач Фела Кути, кого самиот Кути и Брајан Ино го прогласија за татко на афробитот. Нова димензија на денс-музиката, пак, ќе и даде третиот изведувач на отворањето, Обџект, кој ќе презентира песни од својот последен албум.

    Меѓу неколкуте десетици изведувачи во четирите дена на фестивалот со свој сет ќе се појават и Нина Кравиц, Хании, Пола Темпл, Бен УФО, долгогодишниот резидент диџеј во култниот клуб „Фабрик“ во Лондон, Крег Ричардс, како и легендата на детроитската техно сцена, Октејв уан, кој ќе има настап во живо.

    Љубителите на хаус музиката ќе бидат воодушевени од имињата на Џајлс Питерсон, Омар-С, а за проштален настап од тврдината во Пула ќе пристигне хаус легендата од Чикаго, Лери Хрд ака Мр. Фингерс.На првичната листа на објавени имиња има уште многу техно, хаус, д’н’б, соул и диско изведувачи од целиот свет.

    Цената на влезницитеза концертот на отворањето изнесува 270 куни (околу 36 евра). Билетите се продаваат преку следниот линк.

    Цената на влезниците за сите четири дена на фестивалот е 400 куни (околу 55 евра), а нив како и сместување во кампот може да резервирате на следниот линк.

    Самоил Петрески

  • Новогодишната елка и Александар демек Велики

    Новогодишната елка и Александар демек Велики

    Пишува Влатко Секуловски

    Дојде Стара-Нова Година, односно Нова-Нова Година по јулијанскиот календар кој го користат некои православни цркви и време е за собирање на новогодишната елка. Сепак, украсувањето на елка во голем број европски земји и традиции е поврзано со Божик, дури и во самото име на поимот, но на македонски тоа се поврзува со нова година. Од кога, како и зошто елката на македонски е новогодишна? Дали тоа е некој случаен процес или е случај на идеолошка индоктринација? Ако претпоставиме дека е второто, како таа индоктринација би ја споредиле со александроманијата од пред неколку години.

    Не можам да најдам слики од дедовците и бабите како стојат до украсени елки, едноставно такво нешто не постоело, всушност не можам да најдам слики ни од детството на моите родители како стојат до украсена елка или пак како добиваат подароци од Дедо Мраз. Затоа пак од моето детство имам многу такви слики. Голем предизвик е да се открие кога точно и зошто почнале да се украсуваат елки во Македонија.

    Пред некој ден налетав на превод на волонтери на Фејсбук и се потсетив дека она што всушност на англиски е „божиќна елка“ на македонски се преведува како „новогодишна елка“. Потоа отидов до компјутерскиот преведувач на Гугл кој е синоним за буквален превод, но и таму е исто. Всушност и на германски е божиќно дрво, односно Weihnachtsbaum. Како и кога елката станала новогодишна? Недостатокот од време и волја за истражување на темата „новогодишна елка“ во понатамошниот текст ќе мора да го компензира со претпоставки и шпекулации.

     

    Украсувањето на елки се совпаѓа со времето на социјализмот во Југославија, па првиот сомнеж е паѓа на одредена културна политика водена од идеолошки побуди. Сепак не можам да најдам примери како во Југославија е украсена најголемата и најскапа елка за индоктринацијата да помине успешно. Ниту пак некој говор од „Другарот Тито“ како вели дека од сега па натаму нема да се украсува елка за Божик, туку треба да се украсува за нова година, а оние кои нема да се придржуваат се „предавници“. Она што е евидентно е дека можната кампања била суптилна и успешно прифатена, не познавам некој што не украсува елка за Божик, а не за нова година. Замислувам како можеби зад спикерот на вести стои елка или серија со познатите актери во која, неважно од тематиката на самата серија еден од актерите вели нешто како – колку убава „новогодишна“ елка имате!… Колку пари потрошени и кои начини се користени за индоктринација со „новогодишната“ елка можеби и не е запишано. Како таа југословенска, комунистичка културна политика би се споредила со македонската културна александроманија по успешност.

    Најпрво, дали имаше повеќе простор во нашето колективно сеќавање за Александар трети, верувам дека одговорот е – Да, тој несомнено бил дел од културата н овие простори. Култура која има остатоци во Пела-Грција, Искендерум-Турција, Александрија-Египет. Дали тоа значи дека државата може да заземе став за тоа дали тој бил позитивен или негативен лик во историјата имајќи предвид дека тој приграбувал туѓа територија со убивање. Иако монарх, Александар има место во учебник по Граѓанско образование во рубриката „Научи повеќе“[1]. Во учебник по Општество (слика подолу) пак стои – Тогаш Македонија се издигнала во моќна светска сила – „Господарка на светот“[2]. Тоа се тие двојни стандарди, кога ние освојуваме не е ропство, ропство е ако нас не освојуваат.

    Дали државата може да го одреди неговото значење во колективното сеќавање и да толерира говор на омраза кон оние што тоа не го прифаќаат?

    Друг момент што неизбежно мора да се спомне во овој контекст е секако најголемиот споменик од проектот Скопје 2014. Споменик кој вреди 8 милиони евра[3], од кои авторката Валентина Стефановска добила 1.5 милиони[4] евра хонорар. Да претпоставиме дека една плата на универзитетски професор е 1000 евра, за една година би бил 12.000 евра, за 40 години професорски работен стаж би биле пола милион евра. Отприлика 120 години работа на универзитетски професор колку 1 хонорар на Стефановска.  Дали ова мириса на корупција? Верувам дека има голема разлика да се изгради нешто чисто материјално како на пример мост или автопат и да се очекува аплауз за себе и за својата партија, а сосема друго е со големи материјални зафати да се дефинира или редефинира нематеријалното, поимот за „јас“ и „ние“.

    Што може да се заклучи ако се споредат овие два проекти за идеолошка индоктринација. Од една страна е југословенскиот со „новогодишната“ елка, суптилен и без видлив материјален влог. Најдобар доказ за професионалноста на сработеното е што е прифатен до ниво на народна традиција, трае речиси 30 години по падот на комунизмот и помина под радарот на Скопје 2014. Од друга страна начинот на кој Александар III беше внесен на голема врата во колективниот дискурс е наметлив, со огромен споменик; едностран, дозволено е претставување само во позитивно светло; коруптивен, со смешно високи суми за хонорар. Оттука не изненадува што наместо нишка на обединување тој е камен на сопнување и извор на поделби.

    [1] http://e-ucebnici.mon.gov.mk/pdf/Gragjansko_8_mak.pdf

    [2] http://e-ucebnici.mon.gov.mk/pdf/Opstestvo_5_mak.pdf

    [3] http://skopje2014.prizma.birn.eu.com/mk/Voin-na-konj

    [4] http://skopje2014.prizma.birn.eu.com/mk/rezultati/izv=035

  • Да ти нацртам: ДОЛЖНИЧКО ПРОФИТЕРСТВО

    Да ти нацртам: ДОЛЖНИЧКО ПРОФИТЕРСТВО

    Еден лист хартија во продавница чини 0,3 денари, на фотокопир 1 ипол денар, а кај извршител 30 денари. Поштарот за 360 денари ќе го однесе писмото до странство, а извршителот за истите пари ќе го пренесе од неговата канцеларија до некоја институција во истиот град.

    Од нашите тајни но многу сигурни извори дознаваме дека хартијата на извршителите не била со позлатени рабови, туку била истата како и во продавницата. Само била 100 пати поскапа зашто законот тоа го дозволувал. Истите извори, кои ве уверуваме дека се многу добри познавачи на проблематиката, ексклузивно за нас потврдија дека извршителитене користеле вселенски бродови за достава на писмата, туку обични превозни средства.

    Извршителите ги знаеме како луѓето што присилно го наплатуваат она што некој не го платил кон оној на кого му должи. Извршителите се потребни. Тие се неизбежна алатка во секое општество бидејќи секој долг треба да се плати. Долгот на еден е платата на другиот, па ако тој не ја добие, нема да може да си ги плати обврските. Така и тој ќе се задолжи, па ќе задолжи некој друг, и се така во еден круг што ја блокира економијата.

    За жал, голем дел од случаите што доаѓаат пред извршителите се за сметки за струја, вода или друго. Како на сиромашните присилно да им се наплати кога немале пари ни основното да го платат? Но, можеби вистинското прашање е како може толку многу долгови да се прават поради основните потреби на еден човек? За тоа треба да се погрижат институциите од социјалната политика. Најлоша пракса е кога социјалните проблеми се решаваат со непочитувањето на законот. Така, се повеќе луѓе ќе тврдат дека немаат пари да си ги платат обврските и никој нема да го проверува тоа. Бројот на сиромашните со морал ќе го надмине бројот на сиромашни со пари. Затоа е потребен систем што ќе ги заштити тие што им треба заштита и ќе ги казни оние што злоупотребуваат.

    Во градењето на тој систем има доста работа и за извршителите. Но, од друга страна, не смее да се создаде ситуација во која некои групи во општеството се могу среќни кога има што повеќе неплатени обврски. Големите трошоци за извршување, кои предизвикуваат тешки лични и семејни драми, создадоа таканаречено должничко профитерство. Слично како и военото профитерство, и ова е профитирање на немоќта на другите, но во име на законот и на правото.

    Министерството за правда подготви законски измени со кои трошоците за извршување ќе се скратат за четири до шест пати, а Собранието неодмна ги изгласа овие измени. Целта е – поправедна наплата за оној на кој му должат, со што помало оптоварување на оној што должи.

    Некои трошоци се намалуваат за 10 пати, како изготвувањето налози за извршување. Налогот за извршување на трансакциска сметка на физичко лице кое порано чинеше 20 евра, со новиот тарифник ќе биде 2 евра Листот хартија со новиот ценовник ќе чини еден и пол денар. А доставата на писмата 120 денари. Доколку во минатото, за неплатена сметка за струја од 11 илјади денари трошоците пред извршителот беа околу 5800 денари, со новите законски измени тиеќе изнесуваат околу 1700 денари.

    Има начин како да се избегнат и овие трошоци – навреме плаќајте си ги обврските. Зашто како што вели нашиот цар Ѓорѓи Колозов – од треската се бега, ама од борчот никако.

  • Дали човештвото создаде барем малку помирен и побезбеден свет?

    Дали човештвото создаде барем малку помирен и побезбеден свет?

    Пишува: Влатко Секулоски

    Ако го прелистате учебникот по историја за IX одделение, дури и без да читате, само да ги најдете заедничките деноминатори на сликите ќе видите дека станува збор за слики на мажи во униформи или мажи со оружје. Доминира големата перспектива, а целосно изостанува животот на цивилното население. Сепак тоа што е најважно е дека меѓу првата и втората светска војна има само дваесетина години. Од втората до денеска има повеќе од седумдесет. Што се променило во меѓувреме, кои ставови и вредности го продолжуваат мирот? Дали доволно научивме за да го продолжиме мирот и понатаму?

    Оние што водат едно општество се секако државниците и интелектуалците

    Еден краток осврт на нивните ставови и размислувања може да ги појасни настаните.  Да ја земеме на пример изјавата на Кајзерот Вилхелм втори „ Ако наидете на непријателот, уништете го. Милост не смее да има. Заробеници не треба да се земаат. Ако некој ви падне в раце, со него е завршено. Пред илјада години, хуните под водство на кралот Атила стекнале слава која сè уште се користи во легенди и традиции“. Оттука не е чудно што неговата војска во белгискиот град Динант убила 600 мажи, жени и деца. Но, со такви мисли не бил само кајзерот, 93 истакнати германски научници, професори и уметници го потпишале тогаш познатиот „Манифест на деведесет и тројцата“ на 4 октомври 1914 со којшто безрезервно ги поддржале воените акции на својата земја. Се разбира дека не сите во општеството се согласувале со ваквите ставови, сепак доволно загрижувачки тоа што не било срамно да се изнесуваат такви ставови.

    Од другата страна на почетокот на војната доминираат слични ставови. Истакнатиот писател од тоа време, Рудјард Киплинг, на пример во поемата „За сè што имаме и што сме“ вели „Станете и прифатете ја војната / хуните се пред портата!“ Поемата излегла во голем број весници и списанија во голем тираж. Друг истакнат интелектуалец е Роберт Бриџис, поет лауреат кој во поемата „Разбуди се Англијо!“ вели „До убавина преку крв.“, подоцна Бриџис од издавачите барал да престанат да ја објавуваат, што пак го покажува отрезнувањето од ужасите на војната. Она што мислам дека најмногу недостасува во учебниците по историја се т.н. писма од рововите. Тие се историски документи од прво лице и многу добро опишуваат што значи војната. Всушност не верувам дека човек може да каже дека ја познава историјата или дека може да зборува за војна без да има прочитано барем едно од писмата од рововите.

    Што е сменето денеска, 100 години по крајот на војната?

    Верувам дека посета на Берлин најдобро може да одговори на прашањето. Берлин на пример има меморијал посветен на жртвите на холокаустот, голем плац со црни призми кој не дава одговори, туку наменет е да го долови чувството на ужас од војната. Меморијал од кој не може да излезете без мал милион прашања во главата – вистинска уметност. Меморијал кој има доволно храброст да каже да признае „ние згрешивме, ние бевме лошите“. За жал многу земји во Европа таквата храброст изостанува и речиси сите тие земји имаат проблеми со популистички национализам. Сепак тоа што не може да се негира е дека денеска јавното поддржување на војната и омразата, како и повиците на убиства и уништување како погоре наведеното на кајзерот Вилхелм втори се неприфатливи во јавниот дискурс, одлика се на мали групи националистички и верски радикали и целосно неприфатливи за интелектуалците и државниците.

    Поминаа повеќе од 100 години откако германските и англиските интелектуалци повикуваа на војна во 1914. Опасности сè уште има, но можеме да кажеме дека во меѓувреме човештвото создаде барем малку помирен и побезбеден свет, а колективната совест узреа барем во некои земји. Далеку од тоа дека треба да бидеме задоволни со денешниот свет, но знаеме дека мирот е избор кој се прави, се создава исто како и добра торта и ако мирот е тоа што го сакаме мора да ги собереме потребните состојки и да се придржуваме до рецептот.

  • Највисокото државно признание „11 Октомври“ за Лазаров, Арсовски, Михајловски и Ставридис

    Највисокото државно признание „11 Октомври“ за Лазаров, Арсовски, Михајловски и Ставридис

    Ристо Лазаров, Петар Арсовски, Драги Михајловски и Александар Ставридис се годинашни добитници на највисокото државно признание за животно дело, наградата „11 Октомври“.

    Награда 11 Октомври, за животно дело во областа на културата и уметноста оваа година, како што објави Службен весник, оваа година оди во рацете на Ристо Лазаров, писател и новинар, со преку 80 напишани и преведени книги, кај Драги Михајловски, преведувач и писател и актерот Петар Арсовски. За животно дело од областа на здравството, наградата ја доби Александар Ставридис, хирург уролог.

    Д.Ч.

  • На паркингот позади Томче Софка изгребана колата на висок функционер на меѓународна фондација

    На паркинкот кај салата Партизан, позади познатиот скопски ресторан Томче Софка, денеска беше серизно оштетен автомобил на висок претставник на позната меѓународна фондација со седиште во Скопје.

    Причините за овој вандалски чин се непознати, но се шпекулира дека во позадина на овој случај е намерата да се дефокусира јавноста од актуелните случувања во Република Северна Македонија.

    „Развојот на настаните и информациите добиени по апсењето на одредени лица во изминатите денови наведуваат дека клопчето на криминалот полека се одмотува, а маглата околу случајот се расчистува. Според првичните информации може да соопштиме дека високи функционери од меѓународни организации се вклучени во прекуграничен шверц со цигари, но најверојатно и во други сомнителни активности како што е избегнување на данокот да почастат кога ќе се стекнат со ново возило на еден или друг начин“, изјави Сами Дрилер, виш инспектор од НТШ при МВР. „Ова е спротивно на одредбите на граѓанските обичаи кога ново возило се залева со добра голтка“, додава Буши.

    Оштетениот А.Е. вели дека досега се нема замерено со никого и не знае од кого може да е испратена оваа порака, но додава дека после овој чин ќе се повика на повисоки, духовни, авторитети за заштита на автомобилот. Наредната недела на свечена церемонија, во присуство на свештеник од православната црква, автомобилот ќе биде осветен, информира оштетениот А.Е.